Connect with us
P2_P_MK_1600x400

НБРМ

Средба Ангеловска-Бежоска – Османи: Народната банка е посветена на евроинтегративните процеси

Објавено

на

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска оствари работна средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Средбата следеше по годинешниот Економски и финансиски дијалог меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан и Турција на кој беа усвоени заклучоците коишто содржат исклучиво позитивни оцени за поставеноста на монетарната политика кај нас и воопшто, за заложбите на Народната банка за исполнување на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи.

„Република Северна Македонија се наоѓа пред историскиот исчекор за започнување на преговорите за членство во ЕУ, што ќе претставува една од најголемите административно-општествени операции за трансформација на сите сегменти и аспекти на општественото живеење согласно со европските правила, стандарди и вредности“ – истакна Османи, посочувајќи на потребата од инклузивност и соработка во рамките на овие процеси, меѓу сите чинители на општеството.

На средбата беше нагласено дека Народната банка дава голем придонес во спроведувањето на националните реформски програми коишто се клучни за евроинтегрирањето на земјава и дека регулативата и практиките во централнобанкарското работење кај нас се одликуваат со голем степен на усогласеност со европските.

„Цврсто решени како централна банка да дадеме максимален придонес за приближувањето на нашата економија кон европското семејство, посветено и континуирано работиме и на натамошно усогласување на регулативата којашто е во наша надлежност со регулативата на ЕУ. Особено би ги потенцирала промените во законската регулатива во однос на банкарскиот систем, коишто ќе придонесат за натамошно зацврстување на финансиската стабилност, како и промените коишто се однесуваат на платежните услуги и платните системи. Постојано сме посветени и на усогласувањето на централнобанкарската статистика со европските барања.“ – посочи меѓу другото Ангеловска-Бежоска на средбата одржана заради размена на мислења и информации за натамошните етапи во евроинтегративните процеси во кои активно ќе биде вклучена и Народната банка.

„Народната банка, како независна институција во чија надлежност е монетарната политика, е една од клучните институции од кои се очекува да придонесат во создавањето на преговарачката структура и подготовката на државата за предизвиците на преговорите, особено во делот на економските поглавја“ – нагласи Османи, изразувајќи притоа задоволство од досегашната соработка меѓу двете институции, особено во рамките на текот на т.н. објаснувачки скрининг, во чии рамки досега веќе се отворија неколку поглавја од сферата на економијата.

Во процесот на пристапување кон ЕУ, централната банка активно учествува со свои претставници во националната преговарачка структура за пет поглавја од европското законодавство. На денешната средба беше нагласено дека во контекст на очекуваното забрзување на евроинтегративните процеси, Народната банка ќе продолжи со јакнењето на своите капацитети за да може и натаму да дава максимален придонес во чекорењето по европскиот пат на земјава. 

Во дискусијата на гувернерката и вицепремиерот одделно внимание им беше посветено и на проектите коишто ги финансира ЕУ и се поврзани со активностите за подготвеност на земјава за членство во Унијата. Народната банка, меѓу другото, веќе учествува и во двегодишната Регионална програма наменета за зајакнување на капацитетите на централните банки од шесте земји од Западен Балкан. Соговорниците истакнаа дека е особено важно што во септември годинава ќе започне да се спроведува и твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзино членство во ЕСЦБ“. Овој проект, за кој централната банка се пријави со поддршка од Секретаријатот за европски прашања и за кој ЕУ издвои 600.000 евра, треба да биде фокусиран на платните системи, банкарската супервизија, централнобанкарската статистика и истражувањето.

Кон завршницата на средбата, Ангеловска-Бежоска и Османи изразија задоволство од успехот на Република Северна Македонија, што го постигна влегувајќи  во втората фаза од спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Тоа создава исклучителен потенцијал за економското поврзување на земјава со земјите членки на Унијата, како важна основа во создавањето услови и потенцијали за полесен влез на странски директни инвестиции коишто доаѓаат од Унијата и воопшто, за унапредување на економската размена со ЕУ.

Во натамошниот период, соработката меѓу Народната банка и Секретаријатот за европски прашања ќе биде уште посилна, со цел што посоодветно да се одговори на дел од предизвиците за земјава во рамки на евроинтегративните процеси.

НБРМ

Состанок на Конституенцата: Со реформи до поправеден систем за сите

Објавено

на

На централниот дел од Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ) којшто се одржува денес во Скопје, се дискутира за една од најважните економски теми на денешницата: „Како до поправеден систем за сите?“ Настанот започна со поздравно обраќање на премиерот Зоран Заев, по што свои излагања имаа министерот за финансии, Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, како и директорите во ММФ и Групацијата на СБ задолжени за Конституенцата, Антони де Ланој и Кун Давидсе. Во текот на првиот дел од Состанокот, своја презентација одржа и потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Состанок на Конституенцата во Скопје: истакнати меѓународни експерти ќе дискутираат за клучни економски теми

Објавено

на

Годинава ја имаме честа да бидеме домаќини на Состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ) во којашто членува нашата земја, за првпат по 2003 година, кога нашата централна банка и нашето министерство за финансии ја имаа улогата на организатори на овој значаен настан. Овој состанок претставува значајна можност да ја потврдиме подготвеноста да бидеме носители на настани коишто се на високо експертско ниво. Средбите на Конституенцата претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки на Конституенцата разменуваат мислења за економските политики и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија. Ова беше истакнато денес на средбата со новинарите во Народната банка, организирана по повод одржувањето на Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и СБ од 21 до 23 јуни во Скопје. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на Конференција на ЕЦБ

Објавено

на

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на првата од двете панел-дискусии на 8. конференција на Европската централна банка (ЕЦБ) за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Оваа панел-дискусија следеше веднаш по поздравното обраќање на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги и излагањето на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард. Со неа претседаваше потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос и таа им беше посветена на предизвиците со кои се соочуваат земјите од ЦИЈЕ во контекст на глобалните трговски тензии. Се разгледуваа клучните прашања поврзани со промените на глобалниот трговски пејзаж коишто се резултат на зголемените протекционистички мерки и влијанијата коишто тие можат да ги имаат врз економиите на земјите од овој регион, кај кои во голема мера растот е предводен од извозот и често е поддржан од нивната вклученост во глобалните синџири на производство.

„Земјите од регионот на ЦИЈЕ се мали и отворени економии со висок степен на трговска и финансиска интеграција со остатокот од светот, а пред сѐ со Европската Унија, што упатува на можност за пренос на надворешни шокови, вклучително и трговски шокови во нив. Сепак, иако ризиците се присутни и може да се остварат, досега во регионот не се забележани позначајни ефекти од забавувањето на глобалната трговија.“ – нагласи меѓу другото Ангеловска-Бежоска во своето излагање.

Во рамките на дискусијата, акцентот беше ставен и на потребните промени во моделите на економски раст, заради намалување на подложноста на економиите на шокови во надворешното окружување, како што се поголемо фокусирање кон инвестициите за подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економиите, тежнеење кон раст движен од иновациите и раст што ќе се заснова на поголема регионална трговска интеграција, којашто е особено значајна за малите економии.

Одделно внимание им беше посветено и на каналите преку кои може да се пренесат неповолните надворешни случувања во домашната економија, при што гувенерката на нашата централна банка посочи дека не е во прашање само трговскиот канал којшто може да доведе до помал извоз, туку дека неповолните ефекти може да се почувствуваат и преку каналот на намалена доверба на инвеститорите, што може да доведе и до помали капитални приливи во регионот, како и преку затегнување на условите на финансиските пазари. 

На оваа панел-дискусија на Конференцијата на ЕЦБ, покрај Ангеловска-Бежоска учествуваа и гувернерот на словенечката централна банка, Боштјан Васле, директорката на Одделот за економски прашања на Европската инвестициска банка, Дебора Револтела и главниот економист на Европската банка за обнова и развој, Сергеј Гуриев, а воведно излагање имаше генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски работи при Европската комисија, Марко Бути. Тие заеднички констатираа дека треба да се продолжи со политики за задржување на макроекономската стабилност, но и со структурните политики коишто можат да го зголемат долгорочниот потенцијал за економски раст и да ја намалат ранливоста на економиите.

Втората панел-дискусија им беше посветена на одговорите на монетарната политика во ЦИЈЕ на финансиските шокови. Со неа претседаваше Беноа Кере од Извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа гувернери на неколку централни банки и претставници на ММФ и Светската банка. 

Меѓу говорниците на ова издание на значајната традиционална конференција на ЕЦБ, Ангеловска-Бежоска беше единствениот висок претставник на централна банка на земја којашто сѐ уште не е членка на Европската Унија (ЕУ). Поканата упатена до неа за активно учество на една од двете панел-дискусии е уште една потврда дека во европската централнобанкарска заедница се препознаени и се вреднувани активностите коишто нашата централна банка ги презема чекорејќи по патот кон Европскиот систем на централни банки.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го искористи своето учество на Конференцијата, којашто се одржа вчера во Франкфурт, и за одделни средби со високи претставници на ЕЦБ и со колеги од централни банки на земји од ЕУ.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange