Connect with us

НБРМ

Советот на Народната банка донесе одлука со која натаму се усогласува банкарската регулатива со новините во европската регулатива

Објавено

на

Советот на Народната банка, на седница одржана на 27 февруари 2023 година, усвои нова Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик со која се врши натамошно усогласување со новите регулаторни барања коишто започнаа да се применуваат во Европската Унија, а придонесуваат за натамошно јакнење на стабилноста на банкарскиот систем. Со Одлуката се определува нов начин на утврдување на нефункционалните кредитни изложености и се зајакнуваат критериумите за следење и контрола на квалитетот на кредитното портфолио на банките. Исто така, се унапредуваат правилата за реструктурирање на кредитните изложености на банките кон клиенти кои се соочуваат со финансиски тешкотии.

Заради поголема транспарентност во работењето на банките и следење на нивната усогласеност од страна на Народната банка, Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик ги проширува информациите и податоците коишто треба да ги достават банките до Народната банка, за што треба да го прошират опфатот на системот за известување до централната банка. Така, новина во овој домен меѓу другото се и подетални информации за реструктурираните кредитни изложености, за следење на активностите на банките за намалување на нефункционалните кредитни изложености,  како и за одобрените зелени кредити.

Преку спроведувањето на Одлуката ќе се овозможи подетално следење на движењата во кредитното портфолио на банките и навремена оцена на потенцијални ризици за финансиската стабилност.

Имајќи ги предвид новините коишто се воведуваат со Одлуката, Народната банка предвиде таа да се применува од 1 јануари 2024 година, со што ќе се обезбеди времето потребно за соодветни промени во системите на банките и за приспособување на нивното работење кон овие нови барања. Во исто време, новините поврзани со ризиците поврзани со климатските промени ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2025 година.

На оваа седница беа усвоени и Правилата за работа на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Овие правила се дел од подзаконската регулатива којашто ја носи Народната банка заради усогласување со барањата од новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој стапи на сила на почетокот на оваа година. Новиот закон претставува значаен исчекор во усогласувањето на платежните услуги со европската регулатива и од него се очекуваат бројни предности за компаниите и граѓаните.

Досега Народната банка донесе 29 подзаконски акти. Оттука, со Правилата се проширува опфатот на учесниците во МИПС со нови субјекти коишто согласно Законот може да даваат платежни услуги и да учествуваат во платните системи, а се уредуваат и други прашања поврзани со извршувањето налози за пренос на парични средства и управувањето со ризиците.

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на започнувањето на втората фаза од проектот со ИНФЕ-ОЕЦД и МФ на Холандија: Преку финансиска едукација до ползување на придобивките од финтек-секторот

Објавено

на

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на покана на министерката за финансии на Холандија и ОЕЦД, учествуваше на настан посветен на финансиската едукација. Средбата истовремено го означи и почетокот на втората фаза на проектот финансиран од холандското министерство за финансии и ИНФЕ-ОЕЦД, насочен кон поддршка на финансиската писменост и инклузија во регионот на ЦЈЕ. Средбата ја отвори потпретседателката на Владата на Холандија и министерка за финансии, Сигрид Кааг, со обраќање кон присутните. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Митреска на настан на ЕБОР за младите претприемачи: Посилната вклученост на младите во бизнисот го зголемува потенцијалот на економијата

Објавено

на

„Народната банка особено ги цени, ги вреднува и ги поддржува иницијативите коишто ја поткрепуваат посилната вклученост на младите во целокупното општество. Спојувањето на финансиите и знаењето се важни за поттикнување на младите во бизнисот, искористувањето на нивниот потенцијал и потенцијалот на економијата во целина“,  истакна вицегувернерката на Народната банка, Aна Митреска на настан во организација на Европската банка за обнова и развој, на кој се презентираа наоди од процената на пазарот спроведена во рамките на програмата на ЕБОР „Младите во бизнисот“. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Главната економистка на Народната банка: Финансиската писменост е потреба во современиот динамичен финансиски систем

Објавено

на

„Со активностите предвидени во рамките на Деновите на финансиската писменост, Народната банка дава натамошен придонес исполнувајќи ја потребата за финансиска едукација во современиот динамичен финансиски систем. Сведоци сме на разновидна понуда на финансиски услуги, под различни услови, преку различни канали. Дигиталните финансиски услуги носат многу предности за корисниците, но наметнуваат потреба од дополнителни знаења и нѐ соочуваат со нови предизвици и ризици. Неопходно е постојано надградување на знаењата, не само во врска со тоа како да се користат финансиските услуги, туку и како да се заштитат правата на граѓаните како потрошувачи. Како што се менува финансискиот систем, така расте потребата од нови знаења за соодветно управување со личните финансии“, истакна главниот економист на Народната банка, Анета Крстевска при гостување во програмата на Македонското радио. Говорејќи за одбележувањето на Деновите на финансиската писменост, за што Народната банка предвиде онлајн предавања во следните три дена, Крстевска посочи: „Подигнувањето на нивото на финансиската писменост е една од стратегиските цели на Народната банка. Во рамките на овие денови, Народната банка, како општествено одговорна институција, нуди можност за стекнување и подобрување на знаењата на населението од оваа област.“

Во интервјуто, главната економистка на Народната банка посочи дека заложбите за подобрување на финансиската писменост се и одговор на потребите на населението, коешто во нашата земја, во согласност со спроведената анкета, остварува 56% од максимумот при оценувањето на трите компоненти коишто се составен дел од финансиската писменост: финансиско знаење, финансиско однесување и финансиски ставови. Овој показател е блиску до просекот за ЈИЕ (58%), но понизок во однос на напредните економии на ОЕЦД од 66%. Податоците се резултат на спроведената анкета на Меѓународната мрежа за финансиска едукација ИНФЕ при ОЕЦД во 2019 година со која се изврши мерење на финансиската писменост на населението во нашата земја во рамките на регионалниот проект за финансиска едукација поддржан од Министерството за финансии на Холандија и ИНФЕ-ОЕЦД.

Деновите на финансиската писменост се одбележуваат по седми пат. Годинава се предвидени обуки за повеќе теми коишто опфаќаат знаења за монетарната политика, за избор на кредит, за новините на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за структурата на финансискиот систем и движењата во банкарскиот систем. Презентациите се наменети за сите заинтересирани граѓани, слушатели со основно и со понапредно ниво на знаења. Оваа година се предвидени и две наменски предавања за средношколците, во пресрет на нивниот интерес за финансиска едукација, како дополнение на досегашната можност што ја имаат училиштата за поднесување барање за предавање. Учеството во обуките се обезбедува преку електронско пријавување на секое заинтересирано лице. Повеќе информации за предвидените обука може да најдете на следнава врска.

Продолжи со читање

Популарно