Connect with us

НБРМ

Се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ

Објавено

на

На 14 март 2017 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По трите последователни намалувања на каматната стапка, како одраз на постојаното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и континуираното исцрпување на ефектите од политичката криза, на оваа седница на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да не се промени. Во услови на зголемена ликвидност во банкарскиот систем, на седницата се одлучи понудата на благајнички записи да се зголеми на 30.000 милиони денари, односно за 5.000 милиони денари повеќе од нивото на достасаните благајнички записи (25.000 милиони денари). Каматната стапка на благајничките записи изнесува 3,25%, колку што изнесуваше и на претходната аукција.

 

На девизниот пазар се задржани поволните движења, при што во првите два месеца од годината, збирно, НБРМ интервенира со нето-откуп на девизи. Девизните резерви и понатаму се на адекватно ниво. Поволните остварувања се во услови кога остварувањата и оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму се позитивни.

 

Во однос на економската активност, објавените проценети податоци за БДП за четвртиот квартал покажуваат раст на економијата, но малку посилен во однос на претходниот квартал (2,4% наспроти 2%, соодветно). Реалниот раст на БДП за целата 2016 година изнесува 2,4% и речиси и не отстапува од проекцијата на НБРМ од 2,3% за 2016 година.

 

Февруарските податоци за движењето на цените во домашната економија покажуваат годишен раст на инфлацијата од 0,2%, што е малку послаб раст на цените од очекувањата. 

 

Во февруари, петти месеци по ред, продолжи зголемувањето на ликвидноста во банкарскиот систем, што се должи на редовните трансакции на државата, како и на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар за нето-откуп на девизи. Во услови на солидна девизна ликвидност кон средината на месецот, на меѓубанкарскиот пазар се јави вишок понуда на девизи, што услови откуп на девизи на Народната банка во трансакциите со банките поддржувачи. 

 

Во околности на натамошен раст на вишокот на денарски ликвидни средства, банките повторно го зголемија износот на пласирани средства во расположливи депозити кај Народната банка. Нивната состојба достигна високо ниво, односно 43% од износот на средствата пласирани во основниот инструмент за монетарно регулирање. Растот на потенцијалната ликвидност на банките, којашто тековно е насочена кон расположливите депозити кај Народната банка, се одвива во околности на намалена кредитна побарувачка во последниот период, што е резултат на неизвесноста поврзана со политичката криза. 

 

Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со февруари покажуваат продолжување на растот на кредитите на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на секторот „население“. Последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција.

 

Податоците за девизните резерви во февруари, во однос на крајот на 2016 година, покажуваат пад, во голем дел како резултат на фактори од привремен карактер. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, за почетокот на годината се достапни податоци за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од февруари, коишто упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери што се блиски во однос на очекувањата. 

 

На меѓународните финансиски пазари се засилуваат пазарните очекувања за постепено нормализирање на монетарните услови од страна на глобално влијателните централни банки, како одговор на поизвесните нагорни ценовни придвижувања и солидните економски остварувања, како во САД, така и во евро-зоната. 

 

На седницата беше заклучено дека оцените за стабилноста на економските основи и натаму се позитивни. Ризиците од домашните политички случувања сѐ уште се присутни и изразени. Воедно, и ризиците од глобалното окружување се повторно актуелни.

 

 

 

 

 

НБРМ

Народната банка го објави Поимникот на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење

Објавено

на

Во рамки на активностите за финансиска едукација, Народната банка изработи Поимник на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење. Со Поимникот е објаснето значењето на околу стотина стручни термини, на едноставен јазик, разбирлив за широката јавност. Поимникот, е достапен на следнава врска: https://www.nbrm.mk/poimnik.nspx (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Народната банка ја задржа основната каматна стапка непроменета, на нивото од 2,50%

Објавено

на

На 9 август  2022 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Народна банка: Фиксниот курс на денарот е механизам за макроекономска дисциплина и стабилни очекувања

Објавено

на

Фиксниот курс на денарот дава стабилност на граѓаните, фирмите и компаниите во отплатата на нивните кредити врзани за еврото, а исто така влијае да се избегнат високи ценовни флуктуации како резултат на увозните цени, наведува Народната банка во објава на „Фејсбук”. (more…)

Продолжи со читање


Популарно