Connect with us
P2_P_MK_1600x400

НБРМ

Преддоговорни информации кај потрошувачкиот кредит: преглед на понудените кредитни услови

Објавено

на

Како и во секој договор, и во договорот за потрошувачки кредит се содржани одредби за правата и обврските на договорните страни ‒ банката и должникот. Со цел да се посвети поголемо внимание на договорните обврски од двете договорни страни, законодавецот или регулаторот зависно од видот на правниот пропис, најчесто пропишува задолжителна листа со вообичаени преддоговорни информации коишто банката е должна да му ги даде на должникот уште пред склучувањето на договорот. Овие преддоговорни информации треба да овозможат подобро согледување на идните обврски и осврт на сите битни прашања за кредитот. Преку изработка на посебен формулар со преддоговорни информации и негово доставување до клиентот се овозможува подобра информираност при носењето на одлуката за склучување договор за кредит, што претставува една од најчесто користените светски практики во доменот на финансиската едукација.

Во регулаторната рамка на нашата земја од оваа област, преддоговорните информации се предвидени единствено за потрошувачките кредити. Станува збор за неколку клучни групи информации, поаѓајќи од податоци и информации за кредитниот производ, коишто вклучуваат услови за користење на кредитот, износ и валута во која е изразен кредитот (доколку е можно кај девизните кредити и девизниот курс којшто ќе се примени при исплата на средствата и наплата на ратите од кредитот). Крајниот рок за отплата и видот на обезбедувањето за кредитот (доколку се бара), се исто така задолжителен дел од оваа група информации. За клиентот и за идното отплаќање на кредитните обврски е посебно корисна пресметката на отплатите (амортизацискиот план) и динамиката на ратите на отплата, во која се дадени главницата и каматите. На овој начин, клиентот однапред ќе има увид во своите обврски и следствено треба да се организира за нивна навремена отплата, преку соодветно планирање на трошењето на идните приходи.

Посебен сегмент од преддоговорните информации е посветен на трошоците за кредитот. Во овој дел, треба да бидат наведени видот и висината на каматната стапка којашто ќе се примени (изразена во % на годишна основа), односно сите каматни стапки, доколку се применуваат повеќе каматни стапки во различни периоди од времетраењето на договорот за кредит, како и другите трошоци коишто се плаќаат за одобрување на кредитот и произлегуваат од договорот за кредит. Клиентот треба да обрне посебно внимание на видот на каматната стапка којашто ќе се применува, а којашто може да биде фиксна или променлива (варијабилна). Променливата каматна стапка се состои од независен пазарен индекс или референтна стапка и каматна маргина. Променливата каматна стапка може да се менува во зависност од движењето на пазарниот индекс или референтната каматна стапка, коишто треба да бидат наведени од страна на банката, заедно со периодите, условите и постапката за промена. Во нашата земја, банките како основа за одредување на висината на договорните каматни стапки за кредитите во домашна валута најчесто ја користат каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар (аукциите на благајнички записи) на Народната банка (референтна стапка) или т.н. национална референтна стапка којашто претставува каматна стапка на денарските депозити без валутна клаузула, на кои потоа им се додава каматната маргина. Каматната маргина се разликува по одделни банки, а може да биде различна и за различни клиенти согласно со нивната кредитна способност. За кредитите определени или изразени во странска валута, банките најчесто како референтна стапка применуваат неколкумесечна стапка на ЕУРИБОР (најчесто 6-месечен ЕУРИБОР – пазарна меѓубанкарска каматна стапка во еврозоната). При промени во наведените каматни стапки, банките, соодветно, во рамките на претходно утврдени временски интервали би ја промениле променливата каматна стапка на кредитот. Промената на каматната стапка е секако значајна информација којашто клиентот треба да ја знае однапред (движењето на референтната каматна стапка може да услови зголемување или намалување на каматната стапка на кредитот), при што треба да се наведе и дали банката ќе го информира клиентот за промената на каматната стапка или промените би се правеле по автоматизам, соодветно на движењето на референтните каматни стапки. Доколку постои друг пристап при утврдување променлива каматна стапка, исто така банката е должна да го наведе. Ова треба да се направи особено во случај на примена на т.н. прилагодлива каматна стапка каде што банките еднострано одлучуваат за промена на каматната стапка, иако банките постепено го намалуваат користењето на овој пристап, по препорака на Народната банка.

Во рамки на преддоговорните информации банката е должна да го информира клиентот и за вкупните трошоци за кредитот, што значи не само главницата и каматата, туку и за дополнителните трошоци при одобрување на кредитот, коишто се дел од стапката на вкупни трошоци (СВТ). СВТ претставува дисконтна стапка изразена на годишно ниво како однос на вкупните трошоци на кредитот и вкупниот износ на кредитот (изразена со две децимали). Доколку се предвидени во договорот за потрошувачки кредит, во оваа стапка можат да се вклучат следниве видови трошоци: провизија за обработка на барање за кредит, провизија за одобрување кредит и за администрирање на кредитот, провизија за чување на инструментот за обезбедување, провизии и надоместоци поврзани со задолжителни дополнителни услуги поврзани со потрошувачкиот кредит и сл. Во пресметката на СВТ не се вклучуваат трошоците поврзани со неисполнување или доцнење со исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит, трошоците за осигурување или гарантирање на кредитот коишто не претставуваат задолжителни дополнителни услуги (од нив не зависи одобрување на кредитот), нотарските трошоци и сл. Доколку има дополнителни трошоци коишто не ѝ се познати на банката, таа е сепак должна да го запознае клиентот за видот на трошоците, без наведување на износот.

Стапката на вкупните трошоци за потрошувачките кредити коишто ги одобруваат банките во практиката е неколку процентни поени над договорната каматна стапка утврдена во договорот за кредит. Треба да се има предвид дека покрај банките, и финансиските друштва основани согласно со посебен закон може да одобруваат потрошувачки кредити. СВТ за потрошувачките кредити од банките и финансиските друштва не може да го надмине петкратниот износ од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец.

На крајот, банката е должна да му укаже на клиентот за должноста за навремено плаќање на обврските, како предуслов да не западне во долгови, заедно со дополнителна информација за каматната стапка којашто ќе ја наплаќа при евентуално доцнење со отплатите.

Зошто се важни преддоговорните информации при одобрување кредит? 

Преддоговорните информации треба да обезбедат увид во договорните обврски коишто му претстојат на клиентот со склучување на договорот за кредит. Воедно, тие овозможуваат клиентот да има целосна претстава за идниот долг, со сите негови составни елементи. По разгледувањето на сите овие информации, клиентот е во можност да донесе финална, издржана одлука околу кредитното задолжување. Преку внимателно разгледување на преддоговорните информации, клиентот има можност подобро да ја разбере целата пресметка, да ги согледа вкупните обврски врз основа на кредитот и следствено да ги вклучи во својот финансиски план заради нивна навремена отплата.  

Извор: НБРСМ

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на тркалезна маса со Тао Жанг од ММФ

Објавено

на

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на тркалезна маса со Тао Жанг, заменикот на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, којашто се одржа во неделата, во Дубровник, Хрватска. Настанот беше организиран во рамки на втората заедничка конференција на Хрватската народна банка и ММФ, насловена „Демографијата, вработувањето и растот: Управување со иднината во Централна, Источна и Југоисточна Европа“, на којашто учествуваа гувернери на централни банки и министри за финансии од регионот, претставници на Светската банка, Европската комисија, Банката за меѓународни порамнувања и на други меѓународни институции, како и угледни експерти од универзитетите во Оксфорд, Лондон и Тарту. Дводневното конференциско издание беше посветено на пазарот на трудот и демографските предизвици, иднината на работната сила и политиките коишто се потребни за одржлив економски раст и достигнување на нивоата на доход во развиените земји од Западна Европа. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Конкурс за доделување годишна награда на Народната банка на Република Северна Македонија за 2020 година

Објавено

на

Заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри, Народната банка на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Народната банка) доделува Годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на Годишната конференција и на Годишното генерално собрание на БИС

Објавено

на

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на Годишната конференција и на Годишното генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), коишто минатата недела се одржаа во Швајцарија. Двата настани се исклучително важни за развојот на меѓународната соработка во сферата на монетарната политика и финансиската стабилност и за унапредување на комуникацијата меѓу централните банки за клучните прашања коишто го засегаат централнобанкарското работење на глобално ниво. (more…)

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange