Connect with us

Интервјуа

Очекувања на НАРОДНА БАНКА за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обративме до банките во Република С. Македонија со цел објавување на нивните очекувања од аспект на предизвиците за банките во периодот што следи.

Изминатиов период на Банкарство.мк беа објавени бројни интервјуа и беа пренесени нивните ставови и очекувања за случувањата во банкарскиот сектор оваа година.

За крај, ексклузивно ви ги пренесуваме ставовите на Народната банка, преку интервју со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во коешто разговараме за остварувањата во изминатата кризна 2020 година, како и за очекувањата и плановите за 2021 година.

Банкарство: Дали може да направите кратка ретроспектива на изминатата 2020 година. Кои работи ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и Вашата институција и кои поуки ги извлековте од изминатата 2020 година?

Анита Ангеловска-Бежоска: Изминатата година беше година на драматичен пресврт во сите области на живеењето. Со појавата на пандемијата и воведувањето на мерките за заштита на здравјето на луѓето и за спречување на нејзиното ширење, започна досега невиден процес на затворање на економиите. Уште на самиот почеток беше јасно дека последиците врз економската активност од ваквите мерки ќе бидат големи. Со тоа и сите ние, вклучително и носителите на политиките, бевме исправени пред огромен предизвик. За нас како централна банка, клучно беше да обезбедиме поддршка на економијата, а истовремено да го одржиме континуитетот на стабилност на девизниот курс на денарот и на финансиската стабилност.

Всушност ова е прва криза во која Народната банка веднаш изреагира со олабавување на монетарната политика, што придонесе за одржување поволни финансиски услови, односно за натамошно намалување на цената на финансирање на приватниот, но и на јавниот сектор. Во претходни кризни ситуации, поради поголеми притисоци на девизниот пазар, помало ниво на девизни резерви и поголеми ранливости во економијата, Народната банка морала да реагира со затегнување на монетарната политика, што довело и до пораст на цената на финансирање и позначително забавување на кредитната активност. На пример, во 2009 година кредитната активност се намали за околу 29 процентни поени, а каматните стапки се зголемија. За разлика од тогаш, сега кредитната активност воопшто не забави, туку умерено забрза, а кај каматните стапки на кредитите продолжи трендот на намалување и тие се на историски најниско ниво. Исто така, преку регулаторните мерки стимулиравме привремено одложување на отплатата на кредитите од страна на корисниците, што е значително намалување на нивниот финансиски товар во услови на криза. Да не заборавиме дека сите овие мерки беа преземани уште на почетокот на кризата, кога дојде до големо затегнување на финансиските услови и пристапот до меѓународниот пазар на капитал, а обемот на поддршка од меѓународните финансиски институции за нашата економија беше неизвесен.

Токму и заради ваквата неизвесност, како и релативно високата евроизација на нашата економија, како централна банка покренавме регионална иницијатива којашто беше поддржана од сите централни банки во регионот на Западен Балкан и со која се обезбеди репо-линија со Европската централна банка за позајмување ликвидност во евра. Ова е првпат ЕЦБ да ни обезбедува пристап до нивни инструменти и претставува голем исчекор за нас. Позитивниот одговор на ЕЦБ на нашето барање од една страна е препознавање на здравите основи на економијата и капацитетот на централната банка за водење соодветни политики, а од друга страна секако е битна алатка за обезбедување девизна ликвидност на брз и едноставен начин, доколку тоа е неопходно.

Општо земено, од временска дистанца од речиси една година, мислам дека како централна банка соодветно одговоривме на акутниот бран на пандемијата и придонесовме за намалување на економските штети од неа, што впрочем е забележано и во извештаите на сите релевантни меѓународни финансиски институции.

Банкарство: Кои поуки ги извлековте од изминатата 2020 година?

Анита Ангеловска-Бежоска: Мислам дека тоа се лекции коишто веќе ги знаеме, а пандемијата само го истакна нивното значење. Прво, без разлика на тоа колку се поволни условите во коишто функционираме, како институции секогаш треба да сме подготвени за управување со кризи. Затоа е важно во добри времиња да водиме здрави политики преку кои ќе го зајакнеме просторот за реакција, кога е потребно да се обезбеди поддршка за економијата. Просторот најдобро се гради преку структурни реформи со кои се зголемува потенцијалот на економијата и се намалува ранливоста на приватниот и на јавниот сектор. Сето ова позитивно се одразува врз девизниот потенцијал на економијата, којшто е клучен за водење порелаксирани политики во текот на кризните периоди. Второ, на ниеден предизвик не може соодветно да се одговори без изградени, стручни и посветени тимови. Затоа е клучно постојаното инвестирање во човечките ресурси. Трето, кризите често се катализатори на одредени процеси. Оваа криза го стави на „брза лента“ процесот на дигитализација на економиите и на целото општество, на што треба секако и ние соодветно да се приспособуваме.

Банкарство: Минатата година, и покрај отпочнувањето на пандемијата, Народната банка продолжи со спроведувањето низа проекти. Особен интерес привлекоа вашите проекти во сферата на финтек. До каде се активностите во оваа сфера коишто ги презема Народната банка?

Анита Ангеловска-Бежоска: Ценам дека е битно што и покрај пандемијата и секојдневните предизвици со коишто се соочувавме на повеќе полиња, како централна банка и во 2020 година продолживме да работиме на нашите развојни проекти. Особено ме радува што во текот на годината имаше голем интерес за Портата за иновации – платформа за комуникација со финтек-секторот, што ја воспоставивме кон крајот на 2019 година. Основната цел на овој проект е да се поддржи и да се поттикне развојот на иновациите во областа на финансиските услуги и производи и драго ми е што преку него може да комуницираме со сите компании коишто развиваат или применуваат иновации во финансиската сфера и притоа користат нови технологии за сите прашања и дилеми коишто се поврзани со регулативата што го засега финтек-секторот, како и за сите предлози во оваа сфера. Секое прашање и секој предлог пристигнат преку Портата за иновации одделно се разгледува од тим на експерти од Народната банка.

Оттука, со поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), минатата година ја спроведовме и Анкетата за развој на финтек-секторот во земјата. Резултатите од Анкетата веќе ги објавивме и тие главно укажуваат на високо ниво на свесност и подготвеност на секторот за финансиски услуги за трансформација. Физибилити-студијата, којашто содржи подетални информации за резултатите од Анкетата, ќе послужи како основа за подетални дискусии со финансиските институции, регулаторите и други заинтересирани страни заради преземање натамошни активности за поддршка на развојот на иновативни финансиски услуги. Една од клучните активности за оваа цел ќе биде изработката на национална Стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот, којашто е планирано да се случи во текот на оваа година.

Истовремено, заради следење на новините во областа на дигитализацијата, претставници на Народната банка се вклучија во работата на Иновациската мрежа (англ. Innovation Hub) на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), каде што се разгледуваат клучни прашања за иднината на финансискиот свет, како издавањето дигитални валути на централните банки (англ. CDBC – central bank digital currencies), токенизацијата при зеленото финансирање, следењето на развојот на глобалните „стабилни монети“ (англ. stabelcoins), односно приватно издадени крипто-средства чијашто вредност е поврзана со валути издадени од централни банки, како и запознавање со технологиите коишто влијаат врз процесот на финансиското посредување (англ. big-tech), но и технологиите коишто му овозможуваат поддршка на регулаторниот и супревизорски процес (англ. Regtech, Suptech).

Банкарство: Но, спроведовте и низа други проекти, во други сфери. Кои од нив би ги издвоиле?

Анита Ангеловска-Бежоска: Не би било едноставно да се издвојат само неколку, затоа ќе се обидам да направам резиме на некои од позначајните проекти коишто истовремено придонесуваат и за натамошно унапредување на нашите институционални капацитети.

Имено, кон крајот на годината за првпат објавивме податоци за статистиката на финансиските сметки, како една од најкомплексните статистики. На овој начин продолжуваме со исполнувањето на сите барања и обврските коишто ги презедовме од пред две години кога станавме 18-тата земја во светот којашто го исполнува највисокиот статистички стандард на ММФ ‒ СДДС плус. Ме радува што минатата година статистичките податоци коишто ги изготвува Народната банка активно се користеа преку новиот статистичкиот веб-портал „НБСтат“, којшто влезе во продукција во самата завршница на 2019 година. Преку него, дури и во специфичните околности што ги наметна пандемијата, на корисниците им овозможивме брз и едноставен пристап до голем број статистички податоци на централната банка. Кон крајот на годината организиравме и работилница за земјите од Југоисточна Европа посветена на предизвиците за статистиката коишто ги наметна пандемијата на Ковид-19.

Воедно, минатата година, активно работевме на законски прописи со коишто се зајакнува регулаторната рамка за финансиската стабилност, како што е на пример Предлог-законот за финансиска стабилност. Исто така, работевме и на првата Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, а акцент ставивме и на промоција на конкуренцијата и заштитата на потрошувачите, преку склучен меморандум за соработка со Комисијата за заштита на конкуренцијата, насочен кон унапредување на размената на податоци и информации поврзани со конкуренцијата во банкарскиот сектор, како и меморандум за соработка со Организацијата на потрошувачите на Македонија.

Меѓу другото, во текот на 2020 година, продолжија и нашите напори за побрзо приближување кон европското семејство на централни банки. Па така, склучивме Договор за соработка со ЕЦБ во сферата на заштитата на банкнотите во евра од фалсификување. Со ова се оствари уште еден чекор во исполнувањето на препораките од извештајот на Европската комисија и се потврди нашата стратегиска определба за чекорење по патот кон Европскиот систем на централни банки. Во контекстот на оваа стратегиска определба, особено беше значајно што во текот на минатата година продолжи и твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки“, финансиран од ЕУ.

Банкарство: Какви се Вашите очекувања, кои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2021 година во нашата земја?

Анита Ангеловска-Бежоска: Минатата година, банкарскиот систем во целина, и во тешките услови на пандемија, обезбеди солиден кредитен раст, финансиран преку солиден раст на депозитите, а притоа сите показатели преку кои се следат ризиците се задржаа на солидно ниво. Оттаму, би рекла дека банкарскиот систем даде значителна поддршка за ублажување на негативните ефекти од кризата, а она што е особено значајно е дека има капацитет да го поддржува закрепнувањето на економијата и оваа година. Согласно со последните проекции, се очекува дека стапката на кредитен раст ќе изнесува околу 6% на годишно ниво. Растот на кредитната активност би бил поддржан од натамошниот раст на депозитите, при очекувања за постепено стабилизирање на состојбите во домашната економија до крајот на годинава. Впрочем, како и досега, од системот се очекува дека ќе им одговори на потребите на населението и на корпоративниот сектор за банкарски услуги и дека успешно ќе се справи со предизвиците од кризата.

Сепак, поаѓајќи од фактот дека неизвесноста во однос на здравствената состојба и влијанијата врз реалниот сектор сѐ уште постои, потребна е внимателност во однос на натамошно прелевање на неповолните ефекти од реалниот во банкарскиот систем. Искуствата со претходни епизоди на кризи во домашната економија укажуваат на можно остварување на кредитниот ризик и раст на нефункционалните кредити со негативни ефекти врз капиталната позиција, а следствено и на обемот на кредитната поддршка. Ова ја нагласува потребата од натамошно претпазливо однесување на банките, како и натамошно градење на капиталните позиции.

Исто така, се очекува дека банките и во следниот период ќе ѝ се посветат на дигитализацијата, особено ако се земе предвид влијанието на кризата врз платежните навики на граѓаните во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање. Растот на бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во првите три квартали на минатата година неколкукратно ги надминува остварувањата од претходните години, при што особен раст се забележува кај употребата на мобилните апликации (годишен раст од 69,3%), со позитивни трендови и кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата (годишен раст од 15,6%). Раст забележаа и плаќањата со платежни картички, особено на местата за продажба на интернет. Се очекува дека банкарскиот сектор ќе им одговори на ваквите трендови преку натамошен развој на електронското и мобилното банкарство и воведување иновативни дигитални производи.

Банкарство: А во сферата на банкарската регулатива?

Анита Ангеловска-Бежоска: Имајќи ги предвид новините во банкарската регулатива коишто се воведоа во претходните две години, оваа година се очекува поголема посветеност на банките во спроведувањето на новата регулатива за управување со ликвидносниот ризик, со која се воведе нова стапка за утврдување и следење на ликвидносниот ризик, т.н. стапка на покриеност со ликвидност. Станува збор за меѓународен стандард чијашто примена овозможува натамошно усогласување на домашната банкарска регулатива со Базелската спогодба и со соодветната европска регулатива (регулатива на ЕУ бр. 575/2013). Во овој контекст треба да се има предвид и новото барање коешто почна да се применува минатата година според кое банките се должни да воспостават и да применуваат процес за утврдување на интерната ликвидност.

Во текот на оваа година, се очекува дека со Министерството за финансии ќе го заокружиме Законот за платежните услуги и платните системи. Новините коишто ќе се воведат со овој закон би поттикнале и соодветни активности од страна на банките, не само заради приспособување кон новите законски барања, туку и како одговор на „новата“ конкуренција којашто би се појавила на пазарот на платежни услуги. Истовремено, Народната банка во координација со Националниот совет за платни системи ќе работи на развивање ревидирана стратегија за развој на платниот систем на земјата.

Банкарство: Што можеме да очекуваме од Народната банка во 2021 година?

Анита Ангеловска-Бежоска: Кон крајот на минатата година, Советот на Народната банка ја донесе Програмата за работа на Народната банка за 2021 година. Во програмата се вградени серија активности и проекти со чие остварување се обезбедува поддршка во остварување на нашите стратегиски цели.

Покрај одржувањето на ценовната стабилност, преку стратегијата на стабилен курс на домашната валута и на финансиската стабилност, како наши клучни стратегиски цели, оваа година ќе продолжиме и со спроведувањето повеќе развојни проекти. Меѓу другото, особено ќе се фокусираме на поддршката на развојот на финтек-секторот, на што нѐ упатуваат резултатите од спроведената анкета со поддршка од ЕФСЕ. Најголемиот дел од испитаниците сметаат дека: финтек-секторот може да обезбеди поголем пристап до поширока палета на финансиски услуги, пред сѐ за потрошувачите и малите бизниси; има потенцијал за зголемување на финансиската инклузија, а преку тоа и економскиот раст; а може да придонесе и за усогласување на финансискиот систем со најдобрите меѓународни практики. Ова е дополнителен показател дека е особено важно да продолжиме засилено со вложувањето во оваа сфера и за таа цел ќе се работи на изготвување Стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот.

Друга значајна област на која ќе ѝ дадеме посебно значење во следниот период е финансиската едукација и финансиската инклузија. Имено, во изминатите години, преку повеќе од активностите што ги презедовме, дополнително се препозна потребата и значењето на уште поголеми, постојани вложувања во оваа сфера. Познато е дека ова се процеси коишто се клучни за поголемо ползување на предностите на финансиските услуги, но и за соодветно управување со ризиците од страна на граѓаните. Последната анкета на ОЕЦД за регионот на ЈИЕ од 2019 година јасно укажува на позитивни поместувања од аспект на финансиската писменост во целиот регион, вклучително и кај нас, но истовремено ја нагласува и потребата од натамошни напори на регулаторите во ова сфера. Нивото на финансиската писменост на возрасното население кај нас изнесува 56% од максимумот, што е блиску до просекот во Југоисточна Европа од 57%, но е пониско од постигнатите резултати на земјите од ЕУ и ОЕЦД, од 64% и 65%, соодветно. Затоа, како што е предвидено во Програмата, оваа година ќе бидат остварени и повеќе проекти во оваа област. Во овој контекст, активно ќе се работи на изготвување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.

По донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, оваа година ќе се спроведуваат и проекти за измени или донесување соодветна подзаконска регулатива во доменот на платежните услуги и платните системи што е во надлежност на Народната банка. Како што во повеќе наврати имаме посочено, се очекува дека со новата правна рамка во платежната сфера, којашто ќе биде во значителен обем усогласена со онаа на Европската Унија, ќе се засилат конкуренцијата и иновативноста преку отворање на пазарот за нови даватели на платежни услуги и оператори на платните системи, понатаму ќе се зголеми транспарентноста во давањето платежни услуги и ќе се засили заштитата на потрошувачите.

Банкарство: Неодамна беше соопштено дека на јануарскиот состанок на Банката за меѓународни порамнувања се разговарало и за „зелените финансии“, а Народната банка веќе ги вгради зелените финансии и во својот Стратегиски план. Што да очекуваме на ова поле?

Анита Ангеловска-Бежоска: Климатските промени, како една од најголемите глобални закани, добиваат сѐ поголемо значење и во активностите на централните банки, како општествено одговорни институции. Во последните години, централните банки сѐ повеќе разговараат за влијанието на климатските промени врз финансиската стабилност и монетарната политика. Токму од оваа причина, кон крајот на минатата година го дополнивме нашиот Стратегиски план со вклучување активности за следење и управување со ризиците од климатските промени, како и анализа на влијанието на ризиците коишто произлегуваат од климатските промени врз банкарскиот систем.

Предвидовме започнување со активности со кои ќе се овозможи поддршка на „зелените финансии“ во рамките на остварувањето на нашите основни цели. Исто така, се предвиде и поттикнување и развој на истражувачката активност во областа на „зелените финансии“, како сфера којашто треба да се вгради во приоритетите на секоја општествено одговорна институција, а заради придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за граѓаните.

Интервјуа

ИНТЕРВЈУ Фатмир Бесими: Корона-кризата завршува дури и според песимистичкото сценарио

Објавено

на

Согласно основното сценарио очекуваме раст на економијата од 4,1% за годинава. Секако, постојат и ризици. Тие главно се поврзани со здравствената криза, односно пролонгирањето на пандемијата од коронавирусот. Тоа би резултирало со ограничувачки мерки, реперкусии врз глобалните синџири на снабдување и надворешната побарувачка, влошени очекувања на деловните субјекти и домаќинствата, намален прилив на инвестиции и парични дознаки од странство. Во услови на материјализација на ризиците поврзани со меѓународното окружување, односно преполовување на растот на надворешната побарувачка, закрепнувањето на домашната економија ќе биде значајно забавено, но сепак годината би ја завршиле со позитивна стапка на економски раст. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Бајрами: Народната Банка е професионална институција, зад сите одлуки стои цел тим

Објавено

на

Народната банка во наредниот период ќе продолжи со олабавената монетарна политика, преку одржување соодветно, високо ниво на девизни резерви и задржување на стабилниот девизен курс на денарот. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на НЛБ БАНКА АД СКОПЈЕ за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање



Популарно