Интервјуа
Очекувања на менаџментот на ШПАРКАСЕ БАНКА МАКЕДОНИЈА за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

На почетокот на тековната 2021 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Д-р Глигор Бишев, Претседател на Управен одбор и генерален извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.
Банкарство: Дали може да направите кратка ретроспектива на изминатата 2020 година. Кои работи ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и Вашата институција и кои поуки ги извлековте од изминатата 2020 година?
Д-р Глигор Бишев: Гледано од економски, општествен и социјален аспект, 2020 година секако ќе остане запаметена како исклучителна година која ни донесе многу промени и предизвици. КОВИД-19 пандемијата го промени, но истовремено и го обедини светот со мерките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот и ја втурна светската економија во најголемата рецесија по онаа последната од 1929/1933 година. Промените кои настанаа како последица на глобалната пандемија предизвикаа јаз во движењето на финансиските пазари и реалната економија, која оствари рецесија со двоjно дно. Истовремено, цените на финансиските средства остварија рапиден пораст по достигнувањето на најниско ниво на 23 март 2020. Во изминатата година беа забележани историски најниски каматни стапки и историски најголемо задолжување на приватниот и јавниот сектор; продолжи трговската војна помеѓу САД и Кина; дигитализацијата стана приоритет во сите сфери од општеството, економијата и во секојдневието на населението; за голем број на професии работењето од дома стана нова реалност.
Во вакви услови, македонската економија се покажа како флексибилна и брзо прилагодлива. Северна Македонија ги следеше трендовите онолку колку што тоа го дозволуваше структурата на нејзината економија, во која 95 проценти од компаниите се микро и мали компании што вработуваат до 20 вработени. И покрај средно ниво на технолошка развиеност, ниско ниво на автоматизираност на технолошките процеси, постојаната борба за привлекување на нови странски инвестиции, особено во економските зони пред се преку арбитражата на цената на работната сила и даночните стапки, сепак економската контракција беше помала споредено со голем број на економии со подобра економска структура.
Централната банка и носителите на економските политики носеа брзи одлуки и мерки за олабавување на монетарната политика, намалување на каматните стапки, одложување на враќањето на кредитите на населението и компаниите. Мерките од фискалната политика имаа за цел да ја одржуваат домашната потрошувачка, преку трансфер на помош за ранливите категории, помош за компаниите кои забележаа значително намалување во приходите, нова кредитна поддршка на МСП и гарантни шеми. Шпаркасе Банка беше една од деветте банки преку кои се издаваше „Домашна платежна картичка“, како дел од третиот сет на мерки на Владата на Република Северна Македонија, за поддршка на одредени групи на граѓани и ревитализација на домашната економија. Преку купување на само домашни производи и услуги беа помогнати ранливите категории, граѓаните со ниски примања погодени од кризата, невработените лица, граѓаните кои се вработени, но имаат близу минимална плата. Во проектот беа опфатени и младите студенти, како и лекарите и здравствените работници кои беа и се уште се во првата линија во борбата против коронавирусот.
Шпаркасе Банка Македонија во целост го акомодираше своето работење за да одговори на сите предизвици кои ги донесе здравствената криза. Приоритетно ги презедовме сите потребни активности за да ги зголемиме безбедносните и здравствените стандарди, како за своите вработени, така и за клиентите на Банката. При секоја донесена мерка за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот, согласно протоколите кои беа усвоени од страна на Владата на Република Северна Македонија, се грижевме да обезбедиме одржување на потребно растојание во просториите на Банката, задолжителното носење на заштитна опрема, достапноста на средствата за дезинфекција, но истовремено и постојана едукација и апелирање до клиентите за намалени посети во експозитурите и нивно насочување за користење на дигиталните услуги на Банката. Вработените во експозитурите покажаа висока професионалност во услови на светска пандемија и го одржаа континуитетот во работењето на деловната мрежа. Вработените во позадинските функции брзо се адаптираа технолошки и организациски за примена на принципот „Работа од дома“, што придонесе да развиеме нова деловна култура и повисоки стандарди за одговорно однесување.
Глобалната пандемија придонесе Банката со забрзано темпо да го прилагоди своето работење и опслужување на клиентите преку засилена дигитализација и користење на електронските канали како главни канали за извршување на потребните банкарски операции. Со цел да го олесни начинот на комуникација со нашите вработени, Банката воведе нов канал за директна комуникација со своите нови и постојни клиенти преку официјален Viber Chat асистент „Sparky“, на едноставен начин преку „четување“ да ги добијат потребните информации за производите и услугите што им се потребни, да поднесат онлајн барање, да закажат онлајн состанок или, пак, да постават прашање. Согласно препораките за намалена употреба на готовина при плаќањата и намалени посети во експозитурите на Банката, промоцијата на дигиталните банкарски услуги беше застапена во текот на целата 2020 година. За таа цел беа воведени промотивните периоди за бесплатно користење на услугите за вршење на електронски плаќања преку NetBanking и мобилната апликација S-Banking, како и достапноста на широката мрежа од 120 банкомати на Шпаркасе групацијата низ државата.
Иако, целокупното кредитното работење се одвиваше во високо неизвесни услови, Банката ја продолжи кредитната поддршка на населението и компаниите. Вкупните кредити во 2020 година Шпаркасе банка ги зголеми за 9 проценти, од кои корпоративните кредити остварија пораст од 6,9 проценти (во споредба со 1 процент во банкарскиот сектор), додека кредитирањето на население оствари пораст од 12,1 проценти (во споредба со 8 проценти во банкарскиот сектор). На тој начин го поддржавме реструктурирањето на македонската економија во бизниси коишто немаат негативно влијание од корона кризата и кои се очекува да го вратат динамизмот и зголемување на вработеноста во Република Северна Македонија.
Со два јавни повици кои беа објавени во април и септември 2020 година, се одложи враќањето на кредитите на населението на околу 7.000 кредитни партии во вкупен износ од 75,8 мил евра, со што Банката даде придонес во одржувањето на животниот стандард на населението. Имено, тоа беше и прудентна мерка која беше донесена во период кога намалените приходи на населението беа од привремен карактер или како резултат на намалувањето на работните места во одредени индустрии и трговски гранки. Со разрешувањето на здравствената криза сметаме дека приходите на населението ќе се вратат во нормала и ќе продолжат со редовна отплата на кредитните обврски. Во сегментот на корпоративни клиенти исто така беа донесени мерки за поддршка на отплатата на кредитите, поточно кај 95 компании или во вкупен износ од 21,2 милиони евра, при што роковите на отплата беа прилагодени согласно новите проекции за очекувани приходи на тие компании. И во овој случај се смета дека компаниите се здрави, долгорочно одржливи, а падот на приходите е исто така од привремен карактер.
Посебно се гордееме на одржувањето на исклучително висока здравост и стабилност на Банката, со сведување на лошите пласмани на 1,9% од вкупните кредити на крајот на 2020 година и истите се на ниво на просекот на банките од Европската Унија. Адекватноста на капиталот ја одржавме на високо ниво од 16,9% и резервациите во однос на лошите кредити од 200 проценти. И покрај фокусираноста да се одржи здравоста и стабилноста на Банката преку издвојување на високи резервации, се оствари и адекватно ниво на профитабилност, испорачувајќи поврат на капиталот од 6,0 проценти и намалување на трошоците во однос на вкупните приходи на ниво од 59,5 проценти.
Паралелно, во деловните активности на Банката се одвиваше и процесот на интеграција со Охридска банка АД Скопје, која започна најпрво со целосно интегрирање на мрежата на ПОС терминали и банкомати, се дизајнираше нов изглед на филијала според најновите групациски стандарди и истата беше завршена и презентирана со новата реалокација во Битола. Процесот на интеграција ќе се забрза во првите месеци од 2021 година, а до средината на оваа година истата треба целосно да се финализира.
Шпаркасе Банка и во услови на пандемија продолжи да ја дава својата поддршка кон пошироката заедница, преку реализација на донации за здравствениот сектор, менторска и финансиска поддршка за стартап компаниите, проектите за заштита на животната средина и финансиска едукација на клиентите за надминување на предизвиците кои ги донесе корона кризата.
Новото време ни донесе многу поуки за нас банкарите, а особено пандемијата покажа дека бизнисот, управувањето со финансиите, начинот на живеење и начинот на работа треба брзо да се трансформираат и да се прилагодуваат на новите стандарди. Шпаркасе Банка Македонија тоа успешно го правеше во изминатите години, а особено во 2020 година. А во голема мера тоа го направија и голем дел од бизнисите и граѓаните на Република Северна Македонија. Најголемите предности на една мала економија се флексибилноста, динамизмот и градење на консензус. Верувам дека и во идниот период тоа ќе биде карактеристика и на Шпаркасе Банка Македонија и на македонската економија.
Банкарство: Какви се Вашите очекувања, кои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2021 година во нашата земја?
Д-р Глигор Бишев: Прво, верувам дека веста којашто ќе ги израдува корисниците на кредитите е дека и во 2021 каматните стапки ќе останат ниски, но тоа нема да ги израдува многу штедачите. При тоа, оние штедачи кои што ќе сакаат да остварат повисок принос ќе мора да штедат и во останати облици на имот – обврзници, акции, животно осигурување, индекси, што ќе бара и спознавање на потребите и соодветно советување на клиентите. Шпаркасе Банка Македонија инвестираше и во инфраструктура и во обука на кадарот да одговори на овие нови потреби на клиентите. Втората карактеристика на новите трендови во банкарството е што секоја фирма и секој поединец ќе мора посебно да се третира, во смисла да се осознаваат неговите потреби и услугите да се профилираат согласно тие потреби, да се има непречен пристап до банкарски услуги, до вработените преку сите канали за комуникација, како преку филијалите, така и преку дигиталните канали. Веруваме дека клиентите се повеќе ќе ги преферираат дигиталните канали, а во филијалите ќе доаѓаат само кога ќе им биде потребен стратешки совет и да се запознаат со нивниот банкар, да знаат со кого тие комуницираат, бидејќи сепак банкарството значи доверба која бара и повремени физички контакти и средби.
Банките ќе мора добро да ги познаваат клиентите, но и обратно. Затоа ќе мора да се инвестира во технологии за анализа на однесувањето, преференции на клиентите и нивните навики, начинот на трошење на средствата и врз основа на оваа анализа Банката инстантно да ги задоволува финансиските потреби и да овозможи исклучително корисничко искуство при користењето на било какви финансиски услуги. Банкарството мора да претставува задоволство за клиентот. Се разбира, критериумите за оценување на кредитната способност и одржливост на редовните отплати ќе останат вткаени во банкарството, но не само преку користење на квантитативни податоци од Банката, туку и преку следење на голем број квалитативни податоци за однесувањето на клиентите.
Банкарство: Што можеме да очекуваме од Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје во 2021 година?
Д-р Глигор Бишев: Дефинитивно, Шпаркасе Банка Македонија да стане еден од најголемите финансиски супермаркети во Република Северна Македонија, којашто ќе ги има сите банкарски производи, осигурителни производи, лизинг, инвестиционо банкарство, брокерство и извонредна услуга.
Веруваме дека интеграцијата со Охридска банка ќе биде завршена во вториот квартал од 2021 година. Таа ќе овозможи Банката да ја оптимизира својата мрежа на филијали, банкомати, ПОС терминали, дигитални канали, а секако ќе ја продолжиме поддршката на економијата особено во проектното финансирање на новите технологии, на компаниите во економските зони и на тој начин ќе ја поддржиме трансформацијата на бизнисите кон високо доходовни, бизниси кои го зголемуваат животниот стандард, бизниси коишто бараат современи банкарски услуги. Веруваме дека заедно со знаењето и поддршката која што ја добиваме од нашата групација – Штаермеркише Шпаркасе, можеме да ги испорачаме сите банкарски услуги на највисоко ниво и дека ќе бидеме првиот избор на македонските бизниси и граѓани.
Шпаркасе Банка Македонија ќе го зацврсти својот имиџ на општествено одговорна банка во Северна Македонија и преку промоција на нови иновативни проекти ќе продолжи да ја покажува својата грижа кон заедницата во која делува и поддршката на социјално ранливите категории на граѓани кои имаат потреба од поддршка.
Интервјуа
Интервју | Д-р КАТЕРИНА БОШЕВСКА: Професионалното управување со побарувањата игра клучна улога за секоја економија

Банките и компаниите треба да продолжат да го доверуваат управувањето со побарувањата на надворешен партнер како што е ЕОЅ, бидејќи преку услугите за наплата и откуп на побарувања се дава значителна поддршка за компаниите и за економскиот систем. Преку оваа поддршка, тие ја враќаат ликвидноста, а истовремено помагаат граѓаните да се интегрираат повторно во системот овојпат ослободени од нивните задолжувања.
Покрај услугите за наплата и откуп на побарувања, компанијата ЕОЅ нуди услуги за меѓународна наплата на побарувањата исто така се’ повеќе наоѓаат своја успешна примена. Компаниите се свесни дека управувањето со побарувањата е една комплексна област, а особено кога нивните задоцнети и заостанати побарувања се наоѓаат кај субјекти кои се наоѓаат во странство. Мрежата на компании и партнери на ЕОЅ во 180 земји околу светот и експертизата на нивните вработени овозможува решавање на 99% од предметите без започнување на правна постапка, што значи помалку трошоци и побрзо разрешување на проблемот за компаниите. (more…)
Интервјуа
Чадиковски за АЕТМ: Комерцијална банка докажа дека е пионер во воведувањето напредни и клучни дигитални решенија

Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја, вели во интервју за АЕТМ, Киро Чадиковски, Директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка. (more…)
Интервјуа
Очекувања 2023 година | САНЕЛ КУСТУРИЦА, ШПАРКАСЕ БАНКА АД СКОПЈЕ

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)
- Анализипред 2 months
АНАЛИЗА ШТЕДНИ ВЛОГОВИ: Во која банка е најповолно да ги орочите средствата на една година?
- Банкипред 1 month
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Домашни банкипред 2 months
ФАНТАСТИЧНО ПОЛУГОДИЕ ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – оствари добивка од 32,5 милиони евра за шест месеци во 2023 година
- Банкипред 1 month
УНИБанка вработува Раководител и Референт на фронт офис во експозитура во Скопје
- Платежни картичкипред 2 months
Масовен проблем со платежни картички, пос уреди и банкомати во Македонија
- Банкипред 3 weeks
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Домашни банкипред 2 months
Стопанска банка Скопје преку високо пазарно учество до профит од над 27 милиони евра за 6 месеци
- Банкипред 1 month
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје