Connect with us

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на ТТК БАНКА АД СКОПЈЕ за случувањата во банкарскиот сектор во 2022 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2022 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Проф. д-р Драгољуб Арсовски, Претседател на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје.

Банкарство: Дали може да направите кратка ретроспектива на изминатата 2021 година. Кои работи ја одбележаа годината, дали можете да ја оцените годината како успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

д-р Драгољуб Арсовски: За ТТК Банка, 2021 година беше година на реализација на деловна стратегија на претпазливост во којашто стабилноста и сигурноста беа приоритетните цели во нашето работење. Цела година бевме активни во следењето на макроекономскиот амбиент во кој работевме, со особено внимание на случувањата поврзани со здравствената криза за која, за жал, сè уште не можеме да зборуваме за смирување, потоа на случувањата поврзани со политичкиот и изборниот циклус и нивното влијание врз домашниот економски амбиент и на крајот на проблемот со порастот на цените на сите енергенси, особено во последниот квартал од годината, како увозен инпут што врши притисок на профитабилноста на деловните субјекти. Во ваков, би рекол, специфичен економско-социјален амбиент, преку приспособливата стратегија на работење и преку посебна интерна посветеност, на крајот успеавме да креиравме позитивен финансиски резултат темелен на здрави основи и стабилен раст.

Од самиот почеток на пандемијата се трудевме да дадеме максимална поддршка на клиентите за полесно соочување со актуелните околности и особено кога се работи за компаниите со цел да го одржат континуитетот во нивното работење.

Добро приспособената понуда на производи и услуги и брзината на извршување на услугите во деловната мрежа значајно придонесоа да го зголемиме бројот на лојални и задоволни клиенти и обемот на работење. Ставивме силен акцент на понатамошниот развој и на унапредувањето на квалитетот на услугите преку електронското и мобилното банкарство.

Оваа година ја дополнивме нашата понуда и со втор картичен бренд, бесконтактна MasterCard картичка, којашто е одлично прифатена од клиентите. Започнавме активности за интензивно проширување на мрежата на банкомати коишто продолжуваат и во текот на следната година. Со ова, на нашите клиенти им овозможуваме подостапно секојдневно банкарско искуство и полесно управување со финансиите.

Брзо и навремено ги препознавме и проактивно управувавме со позначајните ризици предизвикани од пандемијата. Бевме фокусирани на ефикасно решавање на пласманите погодени од пандемијата и, со добро дефинирана стратегија, и покрај сложениот економски амбиент во државата, успеавме да го задржиме уделот на ненаплатливи кредити на ниско ниво, што придонесе за дополнително зајакнување на квалитетот на портфолиото.

Остварената вредност на адекватноста на капиталот, значително над проценетото минимално ниво, е основа на нашиот капацитет за обезбедување силна кредитна поддршка во следниот период.

Банкарство: Какви се Вашите очекувања, кои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2022 година во нашата земја?

д-р Драгољуб Арсовски: Еден од главните приоритети останува постојаното вложување во дигитална трансформација и развојот на нови, понапредни и модерни решенија, проширување на портфолиото на дигитални производи во насока на креирање подобро корисничко искуство.

Едноставноста, квалитетот, брзината, безбедноста, персонализираниот пристап и подобрувањето на искуството се најзначајните одредници за идните активности.

Потенцијалот за подобрување на бизнисот ќе произлезе од примената на најсовремени мерки за подобрување на ефикасноста, коишто се карактеризираат со строго управување со трошоците, автоматизација на процесите, оптимизација на мрежата на филијали, градење капацитети и ефикасно управување.

ТТК Банка успешно ги афирмира нејзините високо развиени платформи за електронско и мобилно банкарство и го одржува позитивниот тренд на раст на бројот на корисници и на бројот на реализирани налози.

Покрај основните функции за моментален увид во состојбата на сметките, можноста да вршат плаќања од кое било место и во кое било време без да доаѓаат во банката, корисниците на ТТК Банка веќе имаат можност и да орочуваат средства без доаѓање во банка, да аплицираат за кредит, да блокираат картичка, да управуваат со лимитите на картичките за АТМ, за ПОС терминал, за плаќање на интернет и сл. Продолжуваме да ја нудиме оваа услуга без фиксни трошоци и со најниски надоместоци како и досега. Услугата гарантира максимална заштита и безбедност преку користење дигитален сертификат кој во ТТК Банка се издава без надоместок.

ТТК Банка ќе продолжи да ги надградува нејзините дигитални способности и да развива соодветна комбинација на физичко и онлајн присуство, што треба да обезбеди понапредно корисничко искуство на сите канали. Ќе се стремиме да ги исполниме сите барања на пазарот, развивајќи нови, иновативни и креативни решенија, коишто ќе ја зајакнат нашата позиција во квалитетот на услугите што ги обезбедуваме, како и довербата на клиентите.

Во сè уште актуелните пандемиски услови, важно ни е максимално да го заштитиме здравјето на клиентите и на вработените организирајќи го секојдневното деловно работење со сите превентивни мерки. Особено важно во следниот период останува поддршката за обезбедување финансиска стабилност во сè уште актуелни пандемиски услови со приспособени производи и, доколку е потребно, и потенцијални олеснувања во однос на отплатата на долгот за одредени категории корисници.

Банкарство: Во која насока очекувате да се движат каматните стапки на кредитните производи во периодот што следи?

д-р Драгољуб Арсовски: Подолг временски период банкарскиот сектор применува ниски каматни стапки на своите пласмани, приспособени на барањата и профитабилноста на финансираните проекти. Во актуелните економски услови и продолжени ефекти на пандемијата, се очекува да се задржи ниското ниво на каматни стапки и во следниот период и истото тоа е во насока на остварување на мерките на економско закрепнување.

ТТК Банка ги следи случувањата во македонската економија и го приспособува нејзиното работење на пазарните услови и каматните стапки на нашите производи логично го следат овој тренд. Кредитните производи за физички лица се со исклучително поволни каматни стапки и таа понуда ќе продолжи и во следниот период. Во делот на работење со правните лица, продолжуваме со активна кредитна поддршка со поволни, конкурентни и приспособени услови, со цел да придонесеме за одржливост и јакнење на бизнисите и за минимизирање на влијанијата на кризата.

Целокупниот потенцијал на деловниот однос со клиентот има големо влијание врз условите на кредитирање, додека каматниот интерес е сѐ помалку пресуден. Банката континуирано вложува во унапредување и иновирање на понудата на производи и услуги и ја потврдува довербата на клиентите.

Банкарство: Што можеме да очекуваме од ТТК Банка АД Скопје во 2022 година?

д-р Драгољуб Арсовски: Во 2022 година, ТТК Банка ќе продолжи да дејствува проактивно, фокусирајќи се кон квалитетот на активата, управувањето со ризикот и контролата на трошоците, како и кон стабилното и профитабилно оперативно работење.

Наш императив останува континуирано подобрување на конкурентноста на производите и квалитетот на услугата, а во согласност со потребите и пазарните услови. Банката и во следниот период со нејзиниот активен и конструктивен пристап ќе креира вредност, преку најдобри можни решенија за поддршка и просперитет на нејзините клиенти, на акционерите и на заедницата.

Стабилните текови на приходи, натамошното зајакнување на работењето, подобрениот квалитет на средствата и подобреното управување со ризикот ќе дадат најголем придонес за одржливиот раст на бизнисот и за зајакнувањето на профитабилноста во следната година.

Располагаме со висока капитална и ликвидносна позиција, здрави основи за континуиран одржлив раст што нѐ прави подготвени за соочување со потенцијалните ризици, но и за искористување на можностите.

Интервјуа

Штериева за МИА: Банките се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки

Објавено

на

Банките се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки имајќи предвид дека драстичното и брзо зголемување може да влијае на способноста на кредитокорисниците за сервисирање на обврските, вели во интервју за МИА претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју ПАЛЧЕВСКИ: Пантелеон ГС има сериозна намера да остави значаен белег на домашниот пазар преку креирање на нови вредности

Објавено

на

Пантелеон ГС е домашна компанија која што нуди аутсорсинг услуги на американскиот пазар, односно комплетна алокација на деловни процеси и вработени.

(more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ: Македонија во изминатите 25 години “преживеа” 10 шокови, но ниту еднаш не го промени девизниот курс

Објавено

на

Маја Кадиевска Војновиќ е финансиски експерт и поранешен вицегувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. (more…)

Продолжи со читање

Популарно