Connect with us

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на НЛБ БАНКА АД СКОПЈЕ за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Антонио Аргир, Претседател на Управен одбор на НЛБ Банка АД Скопје.

Банкарство: Дали може да направите кратка ретроспектива на изминатата 2020 година. Кои работи ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и Вашата институција и кои поуки ги извлековте од изминатата 2020 година?

Антонио Аргир: Се поздравивме со 2020, би рекол, на соодветен начин. И покрај сите предизвици и комплексни ситуации задоволен сум од начинот на кој НЛБ Банка ги надмина и успеа да оствари успешни резултати. Ќе ја анализираме и дискутираме уште долго годината која ја одбележа Ковид пандемијата, но сега е важно да се извлечат добри поенти и поуки кои ќе ни послужат на мудар начин да се надоврземе на целиот труд коj гo вложивме изминатата година. Поради здравствената криза која му се случи на светот и нашата земја западна во економска криза од која постепено ќе закрепнуваме. Бевме сведоци на затворање на економијата и ограничено движење кое не натера за многу брзо време да се преструктуираме и да започнеме хибриден начин на работење, од дома и од канцеларија во зависност од можностите и потребите.

Она што осoбено ме радува е фактот дека како втора системски најзначајна Банка со силна позиција на пазарот, успешно се справивме со ситуацијата и го одржавме деловниот континуитет во нашето работење, при што без никаков прекин ги опслужувавме нашите клиенти преку експозитурите и дигиталните канали и ги поддржавме и заштитивме најранливите категории. Свесни за нашата значајна позиција во општеството и економијата НЛБ презеде повеќе активности со цел помош онаму каде беше најпотребно, па така преку одобрување на низа финансиски олеснувања за нашите клиенти физички и правни лица, донации во јавното здравство за поддршка во борбата против Ковид 19, пружање на целосна поддршка на јавните институции, како и одобрување на низа спонзорства, обезбедивме поддршка во вкупен износ од над 500.000 евра.

Во однос на клучните индикатори на работењето, НЛБ Банка оствари исклучително позитивни финансиски резултати. Остварениот поврат на капиталот РОЕ, заклучно со 31.12.2020 година по локална методологија, изнесува 14,9% на годишна основа, а повратот на активата за истиот период по локална методологија изнесува 1,9% на годишна основа. Учеството на оперативните трошоци во вкупните нето приходи изнесува 42,6% додека учеството на некаматните приходи во вкупните нето приходи изнесува 35,3%.

Зад овие позитивни резултати стои проактивниот пристап на нашaта Банка и континуираната безрезервна поддршка на кредитирањето на населението и стопанството во услови на непредвидливата COVID криза, добро развиениот клиентски пристап, богатата и структурирана продуктна понуда, развиената продажна мрежа и нашата 24 часовна достапност преку Контакт центарот и дигиталните канали кои овозможуваат брз и лесен пристап до сите банкарски услуги. Она што го сметам за наша силна страна е дека дури и во услови на отежнато работење и одложено плаќање на кредитните обврски, ние продолживме да бидеме поддршка за економијата и да ги кредитираме добрите проекти на населението и компаниите.

За НЛБ 2020 година ќе се памети и по 35 годишниот јубилеј на Банката и 20 години како дел од НЛБ Групацијата. 35-годишниот јубилеј, во услови на пандемија, го прославивме заедно со целата македонска јавност преку онлајн концерт специјално продуциран за овој повод. Кога дистанцата ги диктира правилата за прослава ѝ дозволивме на музиката, како моќно оружје, да нè сполоти со сите наши клиенти, соработници и воопшто целата македонска јавност, истовремено давајќи соодветна поддршка и на нашите музичари.

При крајот на 2020 пристигна уште една позитивна вест која претставува сериозно засилување на целата наша Групација, а тоа е проширувањето на НЛБ семејството со уште еден член – Комерцијална банка А.Д. Белград. Со успешното затворање на трансакцијата за купување на 83,23% обични акции од Комерцијална банка Белград беше направен последниот чекор во спроведување на стратегија на нашата Групација да станеме водечка финансиска институција во рамките на регионот на Југоисточна Европа. Со ова НЛБ Групацијата сега е една од најважните финансиски институции во регионот.

Доколку резимираме 2020 е година која поради бројните предизвици не научи дека еден без друг не можеме. Годинава ни покажа и колку ни недостига да ја одржуваме онаа наша блискост и колегијалност, заедно да го пиеме утринското кафе, да ги прославувамe успесите и да си бидеме меѓусебна поддршка кои всушност се и едни од главните двигатели за да уживате во работата, да бидете креативни и исполнети. Силно верувам дека набрзо ќе ни се вратат тие денови. Од друга страна нè научи дека невозможното стана возможно. Нè научи дека можеме да работиме од дома, да ја користиме технологијата многу попродуктивно и генерално ја забрза дигитализацијата, како во однос на услугите и нивното користење, така и во однос на интерните процеси.

Банкарство: Какви се Вашите очекувања, кои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2021 година во нашата земја?

Антонио Аргир: Со започнување на имунизацијата јасно е дека 2021 година ќе биде година на почетокот на закрепнување од кризата. Но, не можеме да очекуваме дека COVID кризата наеднаш ќе заврши со завршување на календарската година, процесот на заздравување на економијата ќе се случува постепено. Последиците и импликациите од штетата која ја нанесе кризата ќе ги чувствуваме и во текот на 2021 година, додека целосно закрепнување на економијата на ниво од крајот на 2019 година се очекува во текот на наредните две години.

Закрепнувањето ќе биде поткрепено со фискални политики на национално и ЕУ ниво, прилагодлива монетарна политика и постепено отворање на економиите. Економскиот раст во регионот на НЛБ Групацијата се очекува да биде околу 4,8% во 2021 година, додека во Република Северна Македонија се очекува раст на БДП од 4,5% во 2021 и 3,5% во 2022 година. Во услови на висока ликвидност и недостаток на инвестиции ќе има голем притисок на намалување на цените.

Оваа криза на светот му донесе и голем број придобивки кои очекувам и во 2021 да имаат свој забрзан развој. Едeн од главните позитивни аспекти е забрзаната дигитализација која и понатаму ќе продолжи со својот подем, преку развој на нови иновативни услуги особено во банкарството. Исто така, кризата беше поттик и мотив за одредени бизниси кои, би рекол, ја искористија ситуацијата и со ефикасно и брзо прилагодување успешно ги адаптираа бизнис моделите во согласност со настанатата криза. Од аспект на макроекономијата најголем предизвик очекувам да биде справување со зголемената задолженост на државата и обезбедување на доволно и редовни јавни приходи со цел реализација на буџетските активности на државата.

Враќањето на растот на економиите во регионот на НЛБ Групацијата треба да биде поткрепено со заживување на потрошувачката и капиталните трошења, како и постепено олеснување на ограничувањата поради Covid-19 низ целиот свет, потоа зголемена надворешната побарувачка и отворање на границите за патувања. Како и да е, долготрајната несигурност поради пандемијата и имплементација на процесот на вакцинирање, општо ги замаглува изгледите. Темпото на закрепнување на трговските партнери на ЕУ е уште еден важен фактор што се очекува да влијае на закрепнувањето на регионот на НЛБ Групацијата.

Нашата Банка е високо капитализирана и ќе биде еден од главните двигатели на економијата преку обезбедување на кредитен раст за населението и фирмите. Кредитната активност и понатаму ќе продолжи да биде важен двигател за економскиот раст и развој, при солиден раст на депозитната база како главен извор на финансирање.

Банкарство: Што можеме да очекуваме од НЛБ Банка АД Скопје во 2021 година?

Антонио Аргир: Со оглед на тоа дека 2021 година ќе биде година на заздравување на економијата, особено на секторите кои беa посилно погодени од истата, ние ќе бидеме силно посветени да ги поддржиме за излез од кризата. Како резултат на зголемена конкуренција во банкарскиот сектор, очекуваме притисок на каматните маргини и генерално на ценовната политика на различните продукти и услуги.

Нашиот фокус и понатаму ќе биде кредитирање на населението и претпријатијата. Ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите клиенти во проектите за рестартирање на бизнисите и реализација на инвестициони активности. Ќе работиме на поголема достапност и поедноставување на банкарските услуги и софистицирано и современо корисничко искуство скроено според потребите и барањата на клиентите.

Дигитализацијата, особено после 2020, и понатаму ќе го има главниот збор и ќе биде една од нашите стратешки определби. Во план е и понатаму да го прошируваме нашето портфолио со иновативни продукти и услуги во согласност со светските трендови, но истовремено ќе продолжиме да ги опслужуваме клиентите преку традиционалните канали.

Во однос на развојот на дигитални функционалности ќе бидеме посветени на обезбедување на нови иновативни продукти кои ќе овозможат поголема достапност на банкарските услуги и олеснета интеракција. Како такви ќе ги напоменам: кредитните картички преку мобилна банка, QR код плаќања, ширење на соработката со трговските партнети при одобрување на инстант кредити, унапредување на функционалностите на картичките и воведување на целосно дигитализирани картички, како и воведување на премиум картички. Она кон што ќе се фокусираме е целосно дигитално вматичување и отварање на сметка на нови клиенти. На овој начин онлајн интеракциите и трансакциите за клиентите стануваат многу поедностани побрзи и што е најважно побезбедни.

Корисничкото искуство и задоволството на нашите клиенти е појдовната точка и останува да биде во центарот на фокусот, со цел услугите да бидат на располагање во секое време до крајните корисници. Ќе работиме на персонализиран пристап кон клиентите, интуитивни услуги кои ги препознаваат нивните потребите и барања, дигитализирана продажба како и продажба на продукти преку самоуслужни канали, како што се банкоматите и мобилното банкарство.

Во 2021 Банката ќе продолжи да биде сериозен партнер и поддршка за сите сегменти од општественото живеење. Грижата за општото добро е еден од нашите највисоки приоритети во системот на вредности на НЛБ Банка и е составен дел од нашата стратегија, затоа посветуваме особено внимание на општествената одговорност и помагаме онаму каде е најпотребно. Поддржувајќи проекти во областа на културата, спортот, науката, образованието, животната средина, децата и младите, НЛБ Банка се стреми да придонесе за подобрување на целокупниот квалитет на животот на поединците, семејствата, институциите и организациите.

Интервјуа

Интервју | Д-р КАТЕРИНА БОШЕВСКА: Професионалното управување со побарувањата игра клучна улога за секоја економија

Објавено

на

Банките и компаниите треба да продолжат да го доверуваат управувањето со побарувањата на надворешен партнер како што е ЕОЅ, бидејќи преку услугите за наплата и откуп на побарувања се дава значителна поддршка за компаниите и за економскиот систем. Преку оваа поддршка, тие ја враќаат ликвидноста, а истовремено помагаат граѓаните да се интегрираат повторно во системот овојпат ослободени од нивните задолжувања.

Покрај услугите за наплата и откуп на побарувања, компанијата ЕОЅ нуди услуги за меѓународна наплата на побарувањата исто така се’ повеќе наоѓаат своја успешна примена. Компаниите се свесни дека управувањето со побарувањата е една комплексна област, а особено кога нивните задоцнети и заостанати побарувања се наоѓаат кај субјекти кои се наоѓаат во странство. Мрежата на компании и партнери на ЕОЅ во 180 земји околу светот и експертизата на нивните вработени овозможува решавање на 99% од предметите без започнување на правна постапка, што значи помалку трошоци и побрзо разрешување на проблемот за компаниите. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Чадиковски за АЕТМ: Комерцијална банка докажа дека е пионер во воведувањето напредни и клучни дигитални решенија

Објавено

на

Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја, вели во интервју за АЕТМ, Киро Чадиковски, Директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања 2023 година | САНЕЛ КУСТУРИЦА, ШПАРКАСЕ БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Популарно