Connect with us

Интервјуа

Очекувања на г-дин Драгољуб Арсовски [ТТК Банка] за случувањата во банкарскиот сектор во 2018 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2018 година, се обраќаме до членовите на Управните одбори на Банките во Македонија, со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на г-дин Драгољуб Арсовски како претседател на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје.

Банкарство: Дали очекувате позначајни промени на кредитната политика на Банките од аспект на движењето на каматните стапки во банкарскиот сектор и како сето тоа ќе влијае врз побарувачката на кредити во Македонија?

Драгољуб Арсовски: Макроекономските показатели укажуваат дека движењето на каматните стапки во 2018 година ќе биде во корист на крајните корисници, односно се очекува каматните стапки на денарските кредити оваа година да останат на приближно исто ниво од претходната година. Добра вест е дека во 2018 година не се очекува поскапување ниту на девизните/индексираните кредити врзани со стапката Еурибор кои во изминатиот период го достигнаа минимумот. Ефектот на мерките на Европската централна банка би можеле да влијаат на цената на кредитите и да се почувствуваат најрано во текот на 2019 година така што не се очекува пад на каматата на девизните/индексираните кредити туку нејзино задржување на слично ниво како и минатата година.

Нашата цел е да ја одржуваме и унапредуваме конкурентноста на понудата на нашите производи и услуги, преку континуирано прилагодување и подобрување на условите на производите во согласност со потребите на корисниците и пазарните услови. Затоа, продолжуваме со понудата на атрактивните потрошувачки кредити со фиксна каматна стапка почнувајќи од 5,5% годишно, хипотекарните кредити со фиксна каматна стапка за првите три години од 4,9% годишно, Супер станбениот кредит со фиксна каматна стапка во првите три години од 2,85% годишно. Кредитните производи континуирано се достапни и со други промотивни и атрактивни услови за различни сегменти на корисници.

Оваа година, активностите ни се насочени и кон одржување на пазарниот удел по различни сегменти од банкарското работење, преку паралелно обезбедување на поволна структура на изворите на финансирање, континуирана ефикасна наплата, одржување на оптимална и структурна ликвидност и одржување на бараната стапка на адекватност на Банката.  Крајна цел е обезбедување на планираната профитабилност на крајот на годината.

Банкарство: Во која насока ќе се движат каматните стапки кај депозитите за физичките лица во тековната година, дали очекувате зголемување на депозитното портфолио или можеби клиентите ќе се одлучат своите слободни средства да ги насочат кон една од алтернативите (животно осигурување, инвестирање во берза, итн.) ?

Драгољуб Арсовски: Во областа на депозитното работење и во 2018 година, Банката ќе продолжи со систематскиот пристап во спроведувањето на стратегијата на задржување на постојното депозитно портфолио во согласност со пазарните услови. Преку активно управување со условите на депозитните производи кои ТТК Банка актуелно ги нуди со фиксни каматни стапки со рочности до 36 месеци и понуда на промотивни депозити за физички и правни лица ќе настојува да одржи стабилна депозитна база. Во 2017 година, Банката оствари годишен пораст на депозитите од комитенти од 5,2% како резултат на порастoт на депозитите од население и финансиските институции.

Штедачите примарно избираат сигурен и стабилен принос. Одлуката на инвеститорите зависи пред се од личниот афинитет, од висината на средства со кои располгаат како и од тоа колкава добивка очекуваат. Клучно прашање е колку е инвеститорот подготвен да ризикува со оглед на фактот дека на финансискиот пазар важи правилото: колку е вложувањето поризично, толку добивката е поголема.

Банкарство: Fin Tech иновациите се повеќе се застапени во банкарскиот сектор. Дали банките во Македонија ќе бидат во чекор со светските трендови и какви иновации можеме да очекуваме во банкарскиот сектор во 2018 година?

Драгољуб Арсовски: Да се биде и да се делува како дигитална банкарска организација веќе не претставува прилика, туку нужност. Под влијание на дигиталните медиуми, големите технолошки промени, промената на потребите на корисниците, деловниот банкарски модел е изложен на значајно дигитално влијание што води кон потребата за постојано унапредување и иновација во производите, услугите, дистрибутивните и продажни канали, деловните модели и организациската култура.

Современите потреби и потенцијално загрозениот пазарен удел во иднина ќе биде освоен од дигитално ориентираните банки кои се брзи и иновативни и кои успешно ќе го трансформираат својот модел со модернизација на деловните операции и кои не зависат од сложениот и скапиот робустен информатички систем.

ТТК Банка е проактивна банка која е насочена кон зголемување на задоволството на корисниците од понудените производи, од квалитетот и брзината на услугата која можат да ја добијат. Нашиот тим работи активно на унапредување на производите и услугите со континуирани иновации и развој, истовремено соочувајќи се со предизвикот од пазарните конкуренти и континуираната еволуција на софтверот и информатичката технологија.

Во изминатите години ТТК Банка интензивно ги развиваше производите и услугите достапни преку електронското и мобилното банкарство (ТТК m-banking) кои промовираат подобрено и ново ниво на искуство без временски и просторни ограничувања. Корисниците на ТТК Банка имаат можност за моментален увид во состојбата на сметките, да вршат плаќања со поголема брзина и со пониски трошоци, да орочуваат средства без доаѓање во банката. Корисниците ја препознаваат предноста и практичноста и на електронските сервиси за информирање (смс и е-маил) кои овозможуваат најбрзо информирање преку СМС или е-маил за секоја промена и извршена трансакција што придонесува за поголема сигурност, безбедност и заштита при реализација на трансакции и истовремено до поголемо задоволство.

Во согласност со пазарните услови и потребата за понуда на иновативни технолошки напредни банкарски производи и услуги ТТК Банка неодамна понуди кредитен производ преку електронско банкарство – Инстант кредит кој е единствен на пазарот со целосно автоматизиран процес на анализа и одобрување. Активностите за развој и изработка на техничко решение за овој кредитен производ отвораат можности за понатамошен развој и користење на нови, современи канали за продажба како и зголемување на ефикасноста на процесите.

Банкарство: Што да очекуваме од ТТК Банка во 2018 година?

Драгољуб Арсовски: Во 2017 година ТТК Банка реализираше историски најуспешна финансиска година. И покрај ризиците во макроекономското окружување, кои беа присутни во текот на годината, силната конкуренција кај кредитните активности и услугите, способноста на Банката да ги прилагоди своите стратегиски и финансиски цели на макроекономското окружување доведе до зголемување на профитабилноста, оперативната ефикасност и кредитно депозитното работење.

Во 2017 година, Банката оствари годишен пораст на депозитите од комитенти за 5,2% како резултат на порастoт на депозитите од население и финансиските институции. Соодветно на растот на изворите на средства, вкупната актива на Банката забележа пораст од 4,2%. Притоа беше задржан високиот квалитет на кредитното портфолио со просечна резервираност од 2,1%. Годишната стапка на раст на нето-кредитите на комитентите во изминатата година изнесува 20,1%. Бруто кредитите од секторот домаќинства се зголемија за 21,9% додека бруто кредитите од секторот стопанство за 14,9%.

Постигнатиот успех, од една страна претставува привилегија за тимот на ТТК Банка, но од друга страна е обврска истиот да се повтори или дури и да се надмине.

За ТТК Банка, стабилноста е во знаењето и умеењето на тимот кој веќе долги години функционира во иста насока и добро знае со што може да се соочи, додека макроекономскиот анбиент во кој функционираме и работиме и тоа што може да не очекува е оној во кој треба да знаеме мудро да постапуваме и нестабилните процеси навреме да ги контролираме.

ТТК Банка своето работење го димензионира врз основа на реални и предвидливи очекувања. Банката во наредниот период ќе биде насочена кон обезбедување стабилно и профитабилно оперативно работење во насока на остварување на целите утврдени во деловната политика за 2018 година. Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде на ниво на планираниот раст на БДП, преку зголемување на уделот на работа со населението во вкупните активности на Банката и задржување на фокусот за работа со мали и средни претпријатија. Потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе биде основа на деловната стратегија, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминатно учество во вкупните извори на средства.

Во текот на 2018 година Банката ќе продолжи со преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити и подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и активности поврзани со продажба на преземениот имот, кои би влијаеле позитивно на финансискиот резултат на Банката.

Користејќи транспарентни и етички операции, Банката ги промовира и ги спроведува своите вредности: доверба, традиција, ентузијазам, искуство и знаење, тимски дух и професионализам. Искуството, посветеноста и отворената соработка со институциите и поединците од општеството придонесоа ТТК Банка да биде препознаена како општествено одговорна компанија. Преку спонзорства и донации ТТК Банка активно поддржува различни активности во областа на културата, спортот и образованието за што има добиено и многу значајни награди и признанија.

Интервјуа

Интервју со Никола Јошевски, директор на СН Финансии, првата Финтек компанија во Битола

Објавено

на

Поразговаравме со г-дин Никола Јошевски, директор на СН Финансии, Финтек компанија која неодамна ја прослави годишнината од своето постоење, во која се пријатно изненадени од македонските граѓани и од нивната подготвеност да ги користат финансиските услуги кои ги нуди СН Финансии комплетно онлајн. Разговаравме за тоа колку финансиските друштва се сериозен конкурент на банките, за скептицизмот на граѓаните кон новите работи, како и за новата димензија која ја нудат овие компании, дигиталната револуција и онлајн кредитирањето. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на г-ѓа Јованка Јолеска Поповска [ПроКредит Банка] за случувањата во банкарскиот сектор во 2018 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2018 година, се обраќаме до членовите на Управните одбори на Банките во Македонија, со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на г-дин Билал Суџубаши [Халкбанк] за случувањата во банкарскиот сектор во 2018 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2018 година, се обраќаме до членовите на Управните одбори на Банките во Македонија, со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките. (more…)

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange