Connect with us

Интервјуа

Очекувања на г-дин Билал Суџубаши [Халкбанк] за случувањата во банкарскиот сектор во 2018 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2018 година, се обраќаме до членовите на Управните одбори на Банките во Македонија, со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на г-дин Билал Суџубаши како претседател на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје.

Банкарство: Дали очекувате позначајни промени на кредитната политика на Банките од аспект на движењето на каматните стапки во банкарскиот сектор и како сето тоа ќе влијае врз побарувачката на кредити во Македонија?

Билал Суџубаши: Во 2017 година и во услови на намалени каматни стапки, македонскиот банкарски сектор се соочи со тренд на забавување на побарувачката на кредити, особено кај корпоративниот сектор. Во овие услови, Халкбанк успеа да го зголеми своето вкупно кредитно портфолио за 19,2%, додека, пак, пазарот порасна само 5,7%. Во кредитирање на корпоративниот сектор успеваме да оствариме пораст од 21,6%, додека, пак, во делот на население 17,8%. Во 2018 година не очекуваме големи промени во движењето на каматните стапки што би имало влијание врз побарувачката. Ние, како Халкбанк, и оваа година ќе продолжиме со активно кредитирање на корпоративниот сектор и на населението.

Банкарство: Во која насока ќе се движат каматните стапки кај депозитите за физичките лица во тековната година, дали очекувате зголемување на депозитното портфолио или можеби клиентите ќе се одлучат своите слободни средства да ги насочат кон една од алтернативите (животно осигурување, инвестирање во берза, итн.)?

Билал Суџубаши: Претходната година, Халкбанк имаше пораст на својата депозитна база за 85 милиoни евра, односно 23,80%, додека, пак, пазарот во Р. Македонија истата година забележа пораст од 5,40%. Депозитите на физички лица забележаа пораст од 18,40%, додека, пак, депозитите на правни лица пораснаа за 28,31% во однос на претходната година.

Оваа година, стратегијата на банката е да продолжи со стабилниот пораст на депозитната база, како за физички, така и за правни лица. Халкбанк ќе продолжи со својата јасна и силна стратегија насочена, пред сè, кон задоволувањето на барањата на клиентите, нудејќи атрактивни и флексибилни депозитни производи приспособени на пазарните услови и потреби.

Подобрувањето на економската клима во Р. Македонија и континуираното намалување на нивото на невработеност и оваа година ќе придонесе за зголемување на депозитната база во банкарскиот сектор. Со зголемувањето на стандардот на граѓаните, очекуван е и порастот на депозитната база, имајќи предвид дека банкарските депозити претставуваат најсигурен производ за вложување што нуди стабилен принос.

Халкбанк, започнувајќи од втората половина на 2017 година, воведе фиксни камати на депозитните продукти за физички лица. Имајќи предвид дека каматните стапки во моментов се историски на најниско ниво, пасивните каматни стапки оваа година се очекува да останат на иста висина како и минатата година, притоа следејќи ги пазарните услови и монетарната политика.

Банкарство: „Fin Tech“ иновациите сè повеќе се застапени во банкарскиот сектор.  Дали банките во Македонија ќе бидат во чекор со светските трендови и какви иновации можеме да очекуваме во банкарскиот сектор во 2018 година?

Билал Суџубаши: Точно е дека живееме во време кога дигитализацијата зазема сè поголем замав и има директни импликации во сите сфери на економијата. Технолошкиот развој имплицира нова конкуренција за банкарскиот сектор и потенцијално канализирање на крајните корисници кон нови посредници во извршувањето на трансакциите и порамнувањата, од каде што се очекуваат и поголема ефикасност и намалување на трошоците.

Според World Fintech Report 2017, бројот на „Fin Tech“ компаниите континуирано расте, меѓутоа довербата во банкарскиот сектор сè уште е голема од аспект на транспарентноста и безбедноста на податоците за клиентите. Сепак, банкарскиот сектор, покрај интензивирањето на инвестициите во дигиталните технологии, гледа потенцијал и во партнерски пристап со „Fin Tech“ компаниите, што би значело и позитивен напредок, како за банкарскиот, така и за „Fin Tech“ секторот и поширока лепеза безбедни, поквалитетни и поевтини услуги за корисниците.

Во Република Македонија, свесноста кај населението за користењето на дигиталните трендови според Eurostat (електронско банкарство, мобилно банкарство) сè уште е на далеку скромно ниво (8% во 2017 година) во споредба со европските искуства (51% во 2017 година), а и трендот на раст бил скромен, меѓутоа банките континуирано ги нудеа овие производи, за што се очекува трендот на раст континуирано и поинтензивно да расте во иднина.

Во зголемувањето на свесноста, голема е улогата на комерцијалните банки, така што мислам дека воочлив е и фокусот на Халкбанк АД Скопје на технолошките промени во сите сфери направени уште од влегувањето на банката на македонскиот пазар, со посебен акцент во последните три години во електронското и мобилното банкарство. Халкбанк АД Скопје го продолжува ваквиот тренд, и во 2018 година ќе настапи со многу изненадувања што ќе го олеснат работењето на своите клиенти.

Значителен придонес во ваквите трендови ќе има и Народната банка со активното учество во подготвувањето на Законот за платежни услуги и системи и поврзаните подзаконски акти што ќе ги имплементираат директивите на Европската Унија (PSD и PSD2), кои, во иднина, ќе значат поттикнување на конкуренцијата и влез на други ентитети со иновативни решенија за плаќање, што ќе значи и намалување на цените на платежните услуги за корисниците.

Банкарство: Што да очекуваме од Халкбанк АД Скопје во 2018 година?

Билал Суџубаши: Како една од водечките банки во македонскиот банкарски систем, Халкбанк ќе продолжи да расте, и во 2018 година и да ја зацврстува својата позиција на пазарот. Главната цел на банката е квалитетна услуга и иновативни производи со цел подобрување на корисничкото искуство и задоволство на нашите клиенти, кои се во фокусот на нашето работење.

Во досегашното работење, Халкбанк АД Скопје инвестираше во широк спектар на услуги во насока на дигитализација на банкарското работење и најнова технологија, чиешто понатамошно развивање нема да сопре.

Со воведувањето иновативни услуги во делот на алтернативните канали на дистрибуција и со инвестирањето во бесконтактна технологија, мобилни апликации за електронско банкарство, воведувањето 3Д безбедносна платформа во онлајн плаќањата, одличната покриеност со нови банкомати и најмодерни ПОС-терминали, банката се покажа како вистински следбеник на трендовите во банкарското работење. Во 2018 година се очекуваат дополнителни подобрувања во овој тип услуги, со цел поедноставување на секојдневните банкарски трансакции, скратување на времето поминато во филијалите и осигурување на високо ниво на безбедност во трансакциите.

Во сегментот кредитирање на населението, ќе останеме банка што нуди широка палета кредитни производи со конкуренти каматни стапки, поволни услови и брзо процесирање на барањата и највисоко ниво на услуга и поддршка од страна на нашиот услужлив и обучен кадар. Дополнително, планираме збогатување на палетата кредитни производи со услуги поврзани со животно и неживотно осигурување што претставуваат дополнителна предност за нашите клиенти.

Паралелно, ќе продолжиме со кредитирање и финансирање на малите и средните претпријатија што се основата за растот и развојот на економијата во земјава, секако, со прудентна политика при пласирањето на средствата во стабилни, профитабилни и оддржливи проекти.

На крајот од 2017 година, Халкбанк беше присутна со 39 филијали во 20 градови низ Македонија, а во 2018 година ја продолжува својата стратегија на ширење на својата мрежа на филијали и банкомати низ земјата и на доближување на своите услуги до граѓаните, со цел лесна и поедноставна комуникација со своите постојни клиенти, како и можност за квалитетно опслужување нови клиенти.

За крај, во поглед на ширењето на брендот на Халкбанк и зацврстувањето на нашето присуство на пазарот како препознатлив бренд, бренд што создава доверба кај потрошувачите, добивме дополнителна потврда и со наградата Супербренд за 2017/2018 година, која претставува уште поголема мотивација да работиме во насока на здобивање со уште поголема доверба кај клиентите и одржување и зголемување на базата на задоволни и лојални клиенти.

Интервјуа

Интервју КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ: Македонија во изминатите 25 години “преживеа” 10 шокови, но ниту еднаш не го промени девизниот курс

Објавено

на

Маја Кадиевска Војновиќ е финансиски експерт и поранешен вицегувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на ШПАРКАСЕ БАНКА АД СКОПЈЕ за случувањата во банкарскиот сектор во 2022 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2022 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на СТОПАНСКА БАНКА АД-СКОПЈЕ за случувањата во банкарскиот сектор во 2022 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2022 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање


Популарно