Connect with us

Интервјуа

Очекувања на г-дин Антонио Аргир [НЛБ Банка] за случувањата во банкарскиот сектор во 2018 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2018 година, се обраќаме до членовите на Управните одбори на Банките во Македонија, со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на г-дин Антонио Аргир како претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка.

Банкарство: Дали очекувате позначајни промени на кредитата политика на Банките, од аспект на движењето на каматните стапки во банкарскиот сектор и како сето тоа ќе влијае на побарувачката на кредити во Македонија? 

Антонио Аргир: Пред се очекувам 2018 година да биде политички постабилна, како предуслов на економски план да биде пооптимистична и охрабрувачка во однос на бизнис иницијативите. Политички неизвесниот амбиент во изминатите три години влијаеше компаниите од различни сектори да се воздржат од поголеми инвестиции. Со стабилизација на состојбите, се отвораат можности за поголема инвестициска активност

Исклучително важно ќе биде да се реализираат планираните капитални вложувања, особено во инфраструктурните проекти, што ќе придонесе за зголемена економска активност на краток рок и економски развој на долг рок општо на економијата, но и во поединечни региони на земјата.

Во 2018 очекувам поголеми инвестиции кај извозните претпријатија, промени и развој на нивните бизнис модели, а со тоа и раст во нивното работење, во исто време сè поголемо ориентирање кон извозни аранжмани и кај оние компании кои досега беа свртени исклучиво кон домашниот пазар без разлика на нивната дејност.

Во услови на умерени кредитни ризици и висока ликвидност кај банките, сè поприсутна е заострена конкуренција помеѓу банките во делот на каматните стапки и висината на провизиите, особено кога се работи за квалитетни компании и проекти, што влијае на дополнително намалување на овие трошоци за компаниите, затоа и очекувам каматните стапки за правните лица на краток рок можеби и цела 2018 година благо да паѓаат.

Во 2018 година, не очекувам значителни промени во движењата на каматните стапки кај кредитите на физички лица. Кај населението, побарувачката на кредити е на повисоко ниво во споредба со состојбите кај компаниите, веќе подолг период. При тоа, каматните стапки се на оптимално ниво во однос на околностите во кои се одвива работењето и не се забележува потреба или сигнали за нивно значително поместување.

Банкарство: Во која насока ќе се движат каматните стапки кај депозитите за физичките лица во тековната година, дали очекувате зголемување на депозитното портфолио или можеби клиентите ќе се одлучат своите слободни средства да ги насочат кон една од алтернативите (животно осигурување, инвестирање во берза, итн.)? 

Антонио Аргир: Кај депозитното портфолио каматните стапки исто така подолг период се на релативно пониско ниво и со оглед на високата ликвидност на банкарскиот сектор во наредниот период очекувам нивно задржување на постојното ниво, но и можна корекција кај депозитните продукти со повисоки каматни стапки.

Од тој аспект, алтернативните начини на инвестиции добиваат на атрактивност пред се од аспект на приносите кои може да се реализираат од различните вложувања, примарно во животно осигурување, дополнително пензиско осигурување, инвестиции во хартии од вредност или во недвижности како традиционален чувар на вредноста на парите.

Зголемување на депозитното портфолио секако ни претстои како резултат на природен прираст кој потекнува од редовните приходи на населението и економската активност, воопшто.

Банкарство: Fin Tech иновациите се повеќе се застапени во банкарскиот сектор. Дали банките во Македонија ќе бидат во чекор со светските трендови и какви иновации можеме да очекуваме во банкарскиот сектор во 2018 година? 

Антонио Аргир: Новите светски трендови се веќе тука, Македонија не е исклучок и истите ќе бидат се поприсутни.

Банките во Македонија генерално ги следат светските трендови во делот на новите технологии и начини на банкарско работење. Инвестираат во дигитализација и воведување на нови современи начини на Банкарско работење. Оваа година очекувам поголем број на нови современи услуги, нови функционалности на постојните електронски сервиси, како и појава на нови нестандардни канали за продажба на банкарски продукти и услуги.

НЛБ Банка, како и до сега ќе продолжи да инвестира во зголемувањето на дигитализацијата и дополнителен развој на современите начини на банкарство, како и на промотивни и едукативни активности со цел зголемување на користењето на електронските сервиси. Ќе продолжиме со интензивен развој на можностите и развој на услугите достапни на НЛБ мПроклик за правни лица и НЛБ мКлик мобилната апликација за физички лица која на овогодинешната манифестација „Сајт на годината“ е наградена во категоријата најдобра мобилна апликација во Македонија и е единствена наградена мобилна апликација од областа на финансиите.

Понатаму, континуирано работиме и на збогатување на самоуслужните сервиси на банкоматите на НЛБ Банка, кои покрај Cash In услугата за депонирање на средства на сметка и уплата на дневен пазар во исто време се со развиена услуга за повеќе сервиси, почнувајќи од плаќање на обврските по основ на картички и кредити, плаќање на сметки за струја и телекомуникации и дополна на припејд телефони, зголемување на лимитите на кредитните картички, како и продажен канал за продуктите на Банката.

НЛБ Банка ја има најголемата мрежа на Cash In банкомати во земјата која оваа година дополнително ќе се зголеми, а истовремено континуирано ја обновува, осовременува и проширува мрежата на експозитури на Банката.

На тој начин инвестираме паралелно и во дигиталните сервиси и во деловната мрежа, а со тоа како Банка со значајно пазарно учество, на своите клиенти им даваме избор, да се одлучат за новиите и современи или за традиционалните начини на работење со Банката.

Банкарство: Што да очекуваме од НЛБ Банка во 2018 година? 

Антонио Аргир: Во 2018 година, фокусот на Банката ќе биде насочен кон унапредување на продажбата преку сите продажни канали, развој на инстант платформи и дигитални сервиси, развој на диференцирана понуда за сегментите микро, мали и средни претпријатија и физички лица.

Наш фокус ќе бидат развојните инвестициони проекти на нашите клиенти за кои ние како банка имаме човечки и финансиски капацитети и знаење, и сме подготвени да понудиме поволни кредити и банкарски услуги на компаниите за реализација на нивните развојни активности и поддршка на бизнис аранжманите, како во делот на набавките така и во делот на продажбата.

Кај физичките лица ќе продолжиме со развој на дигиталните продукти, дигитализација на каричното работње, а воедно ќе продолжиме да бидеме лидери во кредитната понуда за физички лица.

Што се однесува до понудата за правни лица, со цел задоволување на барањата и потребите на нашите клиенти, во НЛБ Банка сме посветени на континуиран развој на продуктното портфолио со нови иновативни продукти и услуги со атрактивни услови.

За 2018 година стандардната понуда на Банката ја надополнивме со: понуда на стандардизирани пакети на продукти и услуги за компаниите кои се нето извозници, како и поддршка на компаниите со финансиски инструменти во делот на ланецот на набавки и продажби (supply chain financing), со цел овозможување на подобра ликвидност и дисперзија на ризикот.

Остануваме посветени и на поддршка на агросегментот, како една од стратешките гранки во земјата, а особено оние кои се извозно ориентирани. Во рамки на НЛБ Групата воведовме новина наречена NLB Pay – стандардизирани плаќања за правните лица, односно во рамките на НЛБ Групацијата воведовме платен промет со странство (во сите земји членки: Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Словенија, Србија и Црна Гора), со брзина на домашен платен промет, како и намалување и стандардизирање на трошоците за трансакциите.

Продолжуваме како партнер во деловните односи со компаниите и освен современи услуги и финансиска подршка, во соработка со нефинансиски институции, на компаниите клиенти им  обезбедуваме советодавни услуги и поддршка во различни сегменити од нивното работење, со цел полесно и побрзо справување со промените кои ги носат современите економски текови како и искористување на можностите и бенефитите во делот на know how, стимулации,  донации и сл. кои ги нудат разни кредитни линии, развојни институции и фондови…

Дополнително ќе работиме на збогатување на понудата за небанкарски сервиси, односно проширување на понудата со осигурителни продукти за физички и правни лица, т.е. одржување и развој на концептот на onе stop shop за финансиски услуги.

Како општествено и социјално одговорна Банка директно, но и преку мотивирање на вработените и нивно активно ангажирање во 2017 година реализиравме 67 проекти, од кои 15 социјално одговорни проекти за клиентите и потенцијалите клиенти, 15 за вработените и 37 проекти за општеството и средината (култура, спорт, хуманост, екологија, уметност и др.). Хуманоста е највредната одлика на навистна големите институции и во таа насока во 2018 година продолжуваме со амбиција да реализираме уште повеќе. Продолжуваме да ги поддржуваме пријателите од Специјална Олимпијада Македонија, да го поддржуваме ракометниот клуб Вардар во идните успеси, да организираме изложби во НЛБ Галеријата во која годинава согласно планот имаме 10 изложби и 3 културни настани и како и до сега посветено да се приклучиме во реализација на други општествено одговорни проекти и бројни хуманитарни акции во кои донираме и волонтираме.

Интервјуа

Интервју со г-дин Бернд Ахац, член на Управниот одбор на Винер Лајф

Објавено

на

Г-динот Бернд Ахац, Член на Управниот одбор на Винер Лајф, со својот одличен менаџерски потенцијал и долгогодишното искуство во финансиите, успеа да внесе австриски шмек во компанијата која беше основана во 2010 година и за само неколку години од неа да создаде една од најдобрите и најпрепознатливи компании за животно осигурување во Р.Македонија, која во својата палета нуди широк спектар на производи кои што се достапни и прифатливи за секој граѓанин.

Своето образование г-дин Ахац го има стекнато на Универзитетот Алпен Адриа Клагенфурт во Австрија, каде се стекнал со титулата доктор на науки од областа на трговијата. Својата професионална кариера ја започна во 2000 година во Австрија како финансиски аналитичар во компанијата Флекстроникс, од областа на ЕМС (electronic manufacturing services) за Централна и Источна Европа (CEE). Стигнува до позицијата финансиски директор на Корпоративниот Центар за управување со ликвидност во регионот на Централна и Источна Европа, пред да одлучи да ја напушти компанијата.

Во 2005 година г-дин Ахац беше еден од одговорните менаџери за стартување банкарски и лизинг бизнис во Црна Гора за Хипо Алпе Адриа Груп.

На крајот на 2008 година, заедно со глобалната финансиска криза г-дин Ахац е прераспределен на позицијата CEO, а подоцна и CFO на Хипо Алпе Адриа Лизинг ООД во Софија, Бугарија.

Во мај 2010 година Ахац е дел од управниот одбор на  Хипо Алпе Адриа Лизинг Тов (ДОО) во Киев, а подоцна во 2011 како CFO e член на Хипо Алпе Адриа Лизинг ДООЕЛ.

Во 2012 година, трите земји беа ставени под капата на регионалниот менаџмент или кластер менаџмент HETA, каде г-дин Ахац ја извршуваше функцијата COO, заедно со претходно наведените работни позиции во соодветните локални компании.

Во последниот квартал од 2013 година, г-дин Ахац својот потенцијал го посветува на ВИНЕР ЛАЈФ VIG во Македонија и стапи на функцијата, како член на Управниот одбор, на позицијата која ја извршува и денес.

Поразговаравме со г-динот Ахац за енормниот раст на Винер Лајф на македонскиот пазар во изминатиот период. Особено акцент се стави на банкоосигурувањето, кое е се поактуелно во последниов период.

Банкарство: Во 2010 година беше основана осигурителната компанија Винер Лајф. Од тогаш па се до денес, компанијата бележи континуиран раст, како во пазарното учество, така и во оcигурителните производи и услуги кои ги нуди. Што ве разликува како компанија од конкуренцијата?

Бернд Ахац: Верувам дека прашањето што го поставивте е всушност клучното прашање кое секоја компанија мора да си го постави и да отпочне со работа со полна пареа. Нашата стратегија од самиот почеток беше да ги задоволиме клиентите со докажани услуги на највисоко ниво во индустријата. Не се водевме по актуелните понуди во земјата, туку можностите во меѓународната индустрија. Со други зборови, погледнавме во нашата групација за да ги идентификуваме производите и услугите кои добро функционираат и резултираа со високо задоволство кај корисниците. Направивме прилагодувања за да постигнеме совпаѓање со локалните потреби и соодветно ги имплементиравме производите.

Она што го научивме е дека во осигурителната индустрија, особено во индустријата за животно осигурување, каде што осигурувањето е многу лична работа, не само што се важни покриеноста и бројките,  туку и начинот на кој услугата може да се понуди. Почнувајќи од првата точка на продажбата, па се до плаќањето по доспевање или настанувањето на осигурен случај, целиот процес и ланец на услуги е важен.

На овој начин, бевме првата компанија која го понуди производот Лајф Инвест (Unit Linked) во Македонија. Овој производ, дизајниран по најсовремените стандарди, а сепак базиран на локален македонски фонд управуван од WVP , а од друга страна поседувајќи интернационални удели во портфолиото, беше одлично прифатен од страна на нашите клиенти.

Да заклучиме, нашата стратегија е да бидеме првиот двигател на пазарот и да ја отвориме вратата за меѓународните стандарди.

Банкарство: Во последно време се поактуелно е банкоосигурувањето. Вие како компанија, влеговте во стратешко партнерство со Шпаркасе Банка Македонија. Секој кој ќе подигне потрошувачки кредит од банката “С-план”, ќе добие животно осигурување сo штедна компонента. Ова е прв ваков производ на пазарот. Може ли накратко да ни ги објасните какви се бенефициите за клиентите од овој пакет?

Бернд Ахац: Банкоосигурувањето е еден од столбовите на нашата стратегија. На ова поле, всушност бевме предвреме на пазарот, бидејќи пазарот на почетокот се уште не беше подготвен. Сега производите на банкоосигурувањето се еден од најголемите двигатели на раст во осигурувањето на живот. Ние нудиме покриеност за потрошувачки и хипотекарни кредити. Се разбира, покрај тоа, целиот спектар на нашите производи може да се најде и во Шпаркасе банка, како што е 3Д класично животно осигурување, дополнително животно осигурување, семеен премиум како и останатите наши производи.

Се чини како логично правило за мене, дека секој пат во животот – без разлика дали со деловни или приватни напори – носење на одлука значи да се измери потенцијалниот ризик наспроти очекуваните придобивки. Општо земено, кога земаме заем во банка за да ги покриеме нашите приватни средства, како станови, автомобили и други добра за широка потрошувачка кои ни се потребни или ги посакуваме, отплатата на истите треба да се обезбеди. Ова е прашање кое не сакаме да го базираме на шпекулации, дали ќе може да се врати кредитот или не. Значи, мерките за спротиставување на секој ризик поврзан со него, имаат смисла.

Главно зборуваме за осигурување од ризик на прво место. Заедно со тоа, никој не сака да биде оптеретен со голем дел од бирократијата при купување на осигурување. Банкарските и осигурителни производи се нудат во one stop shop решение. Клиентот го прави целиот договор во банка. Ова е она што го прави банкарското осигурување толку погодно за клиентите.

Банкарство: Објаснете ни како корисникот всушност успева да заштеди пари со самата исплата на кредитот.

Бернд Ахац: Во право сте, С-план е првиот производ на македонскиот пазар, каде што заедно со покривањето на преостанатиот износ на кредитот, корисниците воедно заштедуваат пари. Ние сме исклучително горди на тоа, бидејќи тоа е прв пат на пазарот, еден производ да биде со двојна корист за клиентот! Во исто време ќе добиете покриеност на ризик и заштеда, прилагодено со Шпаркасе банка, нашиот сигурен партнер за соработка!

Основната идеја е да се комбинира ризико осигурување во случај на смрт со опаѓачка осигурена сума со мешовито осигурување на живот. Најдовме точка, каде комбинацијата на ризико осигурување во случај на смрт со опаѓачка осигурена сума и мешовито осигурување на живот со фиксна осигурена сума, се вкрстуваат во производ, каде што акумулираната заштеда за времетраењето на кредитот од банка покрива, во зависност од времетраењето и возраста на клиентот,  повеќе од реалната премија за осигурувањето на ризик.

Исто така, тука би сакал уште еднаш да истакнам една важна точка во врска со банкоосигурувањето. Банкоосигурувањето е најпријателски настроено кон клиентот, бидејќи целиот административен товар кој е на клиентот е преземен од страна на експертот во банката, било да е тоа консултација или е со користење на софтверски решенија кои водат кон фактот дека клиентите не треба два пати да одговараат на исто прашање. Едно место и договорот е склучен.

Како што може да видите,  технички производот не е лесно да се објасни со неколку зборови, но резултатот е. Тоа е најевтиниот начин да се купи животно осигурување со покриеност на ризик и заштеда во исто време!

Банкарство: Која е важноста еден граѓанин да има животно осигурување?

Бернд Ахац: За ова прашање како одговор би сакал да ја споделам мојата лична гледна точка. Животното осигурување покрива неколку работи за мене. Како прво, ме ослободува од оставање на товар на моите сакани во случај да ме нема. Јас имам осигурување кое ќе истече кога ќе наполнам 65 години. Во исто време, гледајќи во мојата иднина како пензионер, ме ослободува од прашањето и стравот како ќе изгледа мојот финансиски живот по мојот работен век. За мене можам да кажам дека сум мошне активна и спортска личност, каде што, да бидеме реални, животното осигурување со дополнително осигурување во случај на траен инвалидитет ќе отстрани некои мои грижи, што би се случило во случај на инвалидитет, барем од финансиска гледна точка.

Последно, но не и најмалку важно, животното осигурување, особено мешовитото животно осигурување е важно, бидејќи ви дава повеќе опции во животот. Ако нешто се случи, вие сте покриени, ако ништо не се случи, ќе добиете пари исплатени на крајот за да уживате!

Банкарство: Се школувате во Австрија, долго сте живееле во Украина и Бугарија и сега сте во Македонија. Која е разликата во перцепцијата на луѓето за животното осигурување во сите овие држави?

Бернд Ахац: Повеќе би сакал да зборувам за сличностите на перцепцијата на луѓето од споменатите земји. Верувам дека доживуваме промена од малку “фаталистички” став кон неизвесностите што ги има иднината за сите нас, до пооснована и рационална одлука за тоа како да се справиме со потенцијалните ризици. Во последните неколку години полесно е  отворено да зборуваме не само за пријатните настани кои може да ни се случат, како и да најдеме начин  како да се справиме со нив. Ова се случува затоа што сега имаме повеќе алатки за заштита со кои можеме да ги искористиме. Животното осигурување е една од мерките што е се повеќе и повеќе прифатена во сите земји што ги спомнавте, за да се избегне потенцијалното влијание врз нашиот живот и животот на нашите семејства.

Доколку се направи споредба со Австрија, може да видите дека со текот на годините, животното осигурување со учество од 34% во 2017 година го има освоено првото место од сите категории на осигурување. Оваа бројка треба да се земе  предвид наспроти позадината на економскиот развој на пазарите, но тоа дава индикација за потенцијалот на животното осигурување во текот на годините. Овој позитивен развој во Македонија може да се забележи врз основ на импресивните стапки на раст на животно осигурување, каде што банкарското осигурување стана значаен двигател.

Банкарство: Винер Лајф е ориентирана кон иновации и максимално задоволство на клиентите. Што да очекуваме од Вас како компанија во периодот што претстои?

Бернд Ахац: Да ги слушаме нашите клиенти и нивните потреби и ако ја работиме нашата работа правилно, дури и да ги предвидиме нивните идните предизвици на оваа многу брза планета и да ги формулираме вистинските одговори.

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со Дарко Дедиќ: Заштеда, заштита и инвестиција со производот Лајф Инвест (Unit Linked) на Винер Лајф кој отсега нуди уште поповолни услови

Објавено

на

Со своето речиси 20 годишно искуство во финансиите, г-динот Дарко Дедиќ, Претседател на Управниот одбор на Винер Лајф, успеа од компанијата да создаде претпознатлив бренд со производи кои што се достапни и прифатливи за секој граѓанин на Македонија.

Поразговаравме со г-динот Дедиќ за растот на Винер Лајф на македонскиот пазар во изминатиот период. Особено акцент се стави на производот Лајф Инвест (Unit Linked) со кој се овозможува заштеда, заштита и инвестиција за секој осигуреник, а од 01.06.2018 година производот е доусовршен со што станува уште поповолен за осигурениците. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со Христина Џамбазовска Анастасов: Внимателно го градиме нашиот тим и вложуваме во развојот на квалитетен млад кадар во Македонија

Објавено

на

Водечката компанија за животно осигурување во Република Македонија, Кроациа Осигурување – Живот АД Скопје, неодамна започна Проект за едукација на млади лица кои се на самите почетоци на својата кариера.

Проектот „Вештини за успех“, реализиран во соработка со една од водечките компании за развој на човечки ресурси DEKRA Arbeit Group, има за цел да понуди висококвалитетна обука за унапредување на комуникациските вештини, развој на вештини за водење преговори, како и стекнување на практично знаење за функционирањето на финансискиот пазар. Директорот на Сектор за деловни операции во Кроациа Осигурување – Живот, Христина Џамбазовска Анастасов ги детектира ефектите на проектот, состојбите на пазарот на труд во Македонија, како и стратегијата за едукација и мотивација на вработените во оваа компанија. (more…)

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250
[ccpw id="39761"]

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange