Connect with us

Домашни банки

Охридска банка АД Скопје оствари добивка од 351 милиони денари за 2017 година

Објавено

на

Билансот на состојба на Охридска банка АД Скопје на крајот од 2017 година изнесува 35.209 милиони денари, и е во линија со планираното ниво. Во споредба со крајот на 2016 година, вкупниот биланс е на пониско ниво за 612 милиони денари или 1,7 % , како резултат на оптимизирањето во делот на резидуални краткорочни обврски посебно во делот на странските кредитни линии и расположивите ликвидни средства со истовремен пораст на комерцијалните активности и пласманите на комитентите на Банката. Заради регулаторни барања обезбедени се дополнителни субординирани средства од Сосиете Женерал.

Депозитите на комитентите со учество од 75,7 % се доминантен извор на финансирање на активностите на Банката.
Депозитите од комитенти во анализираниот период бележат пораст за 159 милиони денари споредено со претходната година, при што планираниот износ за овој период е надминат за 10,8 %. Депозитите на правни лица бележат намалување за 3,1 % при што средствата на трансакциските сметки се на пониско ниво додека орочените депозити бележат пораст. На движењето на депозитите од правни лица значајно влијание имаат комерцијалниот и рочниот карактер на истите, односно се поврзани со комерцијалните потреби на клиентите и соодветно имаат поголеми промени во кратки рокови, како и приспособувањето на ценовната политика на Банката. Депозитите на физички лица бележат зголемување од 5,7 % при што депозитите по видување бележат пораст од 4,8 % додека орочените депозити пораст од 6,3 %.

Од аспект на рочната структура, најголемо учество имаат депозитите по видување, кои учествуваат со 43,7 %, следат долгорочно орочените со 25,8 %, краткорочно орочените со 23,6 % и ограничените со 6,9 %.
Во однос на валутната структура чисто денарските депозити со крајот на 2017 година, учествуваат со 49,6 % следат депозитите во евра со 39,0 %, депозитите во американски долари со 6,9 % и депозитите во други валути со 2,9 % и денарските депозити со евро-клаузула со 1,6 %.

Средствата од меѓународните финансиски институции имаат учество во вкупните обврски од 13,7 %, во кои се застапени кредитни линии од ЕИБ, ЕБРД, ЦЕБ, МБПР, ГГФ, ЕФСЕ и субординираните кредити од „Сосиете женерал“.

Во делот на средствата од меѓународните финансиски институции, покрај редовните отплати на достасаните рати, во текот на 2017 година како резултат на оптимизирањето во делот на резидуални краткорочни обврски и расположивите ликвидни средства, имаме предвремена отплата на дел од користените кредитни линии.

Поради промена во домашната регулатива кој произлегува од имплементација на Базелските капитални барања, во септември 2017 година обезбедени се дополнителни субординирани средства во износ од 15 милиони евра на 10 години од Сосиете Женерал.

Промените кај капиталот во основа се резултат на алокацијата на профитот од претходната година на Банката во нераспределена добивка, што е согласно планот на Банката за јакнење на капиталната основа на банката како подршка за пораст на комерцијалните активности на Банката.

На страната на активата, расположивите средства во најголем дел се алоцирани во комерцијални пласмани на клиенти што учествуваат со 73,4 % при што вкупните бруто кредити достигнаа ниво од од 27.592 милиони денари и на годишно ниво бележат пораст за 2.035 милиони денари, или за 7,9 % и се согласно планираниот износ. Од аспект на рочната структура 67,02 % од кредитите се долгорочни, 26,3 % се краткорочни, додека нефункционалните кредити учествуваат со 6,9 %. Во однос на валутната структура, денарските кредити со валутна клаузула учествуваат со 46,8 %, чисто денарските кредити со 38,8 %, додека девизните кредити со 14,4 %.

Нивото и структурата на ликвидните средства се одржуваат во согласност со ликвидносните потреби на Банката и комитентите со почитување на регулаторните и групациски барања во однос на валутната усогласеност на средствата и обврските, интерните акти, потребите за исполнување на просечното ниво на задолжителна резерва, како и со успешното менаџирање на поголемите одливи и плаќања на комитентите во текот на годината.

Кумулативниот реализиран финансиски резултат пред оданочувањето за периодот од 1.1 до 31.12.2017 г. изнесува 388 милиони денари и е резултат на порастот на нето приходите од камати и нето приходите од провизии, зголемувањето на нето приходите од курсни разлики, зголемувањето на другите приходи, но и повисокиот раст на исправката на вредноста на финансиските средства. Споредено со остварениот резултат за истиот период минатата година е за 20,5 % понизок, а во однос на планираниот понизок за 29 % поради значајното влијание на порастот на исправката на вредност на финансиските средства.

Нето-приходите од камати на крајот од 2017 година изнесуваат 1.182,3 милиони денари и во однос на претходната година е зголемен за 27,2 милиони денари, или за 2,4 % и се во согласност со планираното.
Каматните приходи се пониски од минатата година поради значително намалување на каматната стапка кај кредитите на правни лица и цикличниот карактер во движењето на овие пласмани, која во дел беше компензирана со зголемен обем, додека кај пласманите во хартии од вредност имаме значително намалување на каматната стапка поради што е намален и обемот. Приходите од камати од пласмани на кредити во население и покрај влијанието на пониска просечна каматна стапка, бележат континуиран и стабилен раст благодарение на стабилниот раст и зголемено ниво на овие пласмани.
Каматните трошоци забележуваат намалување за 12,6 % како резултат на прилагодување на каматните стапки на депозитите на клиентите согласно условите на пазарот, како и оптимизирање во делот на резидуални краткорочни обврски со расположивите ликвидни средства.

Нето-приходот од провизии и надоместоци, во износ од 280,7 милиони денари, е зголемен за 10,5 милиони денари, или за 3,9 %, во однос на минатата година со реализација на планот од 91,3 %. Приходите од провизии и надоместоци бележат посилен раст од 24,5 милиони денари и се поврзани со растот на комерцијалните активности на банката, додека зголемувањето на трошоците за провизии и надоместоци е за 14,0 милиони денари на кое поголемо влијание имаа активностите поврзани со картичното работење.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 125,5 милиони денари и се зголемени за 12,4 милиони денари или 11 % во споредба со истиот период од минатата година, со реализација над планот за соодветниот период од 14 %.

Другите приходи изнесуваат 65,2 милиони денари, во кои е вклучена реализираната капитална добивка од продажба на недвижност во Охрид, како и остварени приходи по основ продажба на побарувања.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето основа на крајот од 2017 година изнесува 490 милиони денари и е повисока споредено со истиот период минатата година поради повисоката исправка кај два поголеми клиенти кои во 2017 се соочија со тешкотиите во исполнувањето на обврските и беа превземени активности за наплата на побарувањата.

Вкупните оперативните трошоци во периодот јануари ‒ декември изнесуваат 775,7 милиони денари, се во линија со планираното, и споредено со претходната година, бележат зголемување од 48,7 милиони денари, или 6,7 % во услови на зголемен обем на активности и вкупно работење на Банката. Повисоки оперативни трошоци се забележани кај трошоците за вработени, амортизација, трошоци поврзани со картичното работење, телекомуникациски услуги и технологија, трошоци за кирии, и се поврзани со соодветниот зголемен обем на активности додека намалување има кај трошоците за маркетинг и комуникации, трошоците за осигурување на имот и вработени и намалување на премијата за осигурување на депозити поврзано со намалувањето на годишната стапка на премијата на осигурување во Ноември 2017.

Очекувања за следниот период

Стратегијата на ОБСГ за наредните години останува насочена кон постигнување одржлив и профитабилен раст со освојување дополнително пазарно учество во трите пазарни сегменти: индивидуални клиенти; МСП (Мали и средни претпријатија) и Големи корпоративни клиенти (Домашни и меѓународни компании). Секако кај секој од овие сегменти ќе се прави избор на клиентите коишто се сметаат за најквалитетни и најмалку ризични, клиенти правни лица кои имаат стабилен профитабилен раст и развој и индивидуални клиенти кои имаат стабилни приходи, вработени во добростоечки компании, клиенти вработени во јавната администрација. Дополнителен сегмент на кој што во наредниов период ќе се стави поголем фокус се дел од Општините и Јавните претпријатија во РМ, и тоа исклучиво тие што остваруваат позитивни финансиски резултати и имаат одржливи и општествено корисни проекти.

Фокусот ќе биде ставен на развивање долгорочни и стабилни односи со постојните и со новите корпоративни и индивидуални клиенти од дефинираните целни групи, каде Банката ќе биде препознаена како партнер, притоа користејќи што е можно поголем број на производи и услуги (пакет на производи). Главен приоритет на Банката во наредниот период ќе биде обезбедувањето врвна услуга. Во исто време, ќе се интензивираат напорите при „вкрстената продажба“ и зголемување на стапката на бројот на производи по клиент. Во оваа насока, веќе воспоставената успешна соработка меѓу корпоративниот и индивидуалниот сектор ќе се интензивира уште повеќе, со цел да се зголеми задоволството на клиентите, со истовремена корист на Банката од друга страна.

Покрај кредитните производи, целта е да се продадат што е можно поголем број останати производи и услуги, вклучувајќи ги и депозитите, каде што исто така е предвиден раст на депозитната база кај сите сегменти на клиенти. Притоа, фокусот е ставен на стабилноста и на безбедноста наспроти цената. Депозитната база е основен извор кој го обезбедува и кредитниот раст на банката. На страната на изворите за финансирање, кредитните линии од меѓународните финансиски институции остануваат значаен извор за подобрување на конкурентската предност на Банката.

Домашни банки

Халкбанк АД Скопје наградена од Commerzbank AG Frankfurt

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје е добитник на наградата “STP Excellence Award “ за 2017 од Commerzbank како признание за квалитет и брзина во процесирање на меѓународните плаќања. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

Комерцијална банка АД Скопје наградена од Commerzbank AG, Frankfurt

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје е добитник на наградата Commerzbank’s STP Excellence Award за 2017 година, како признание за брзината и квалитетот на меѓународните плаќања. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

ЕБОР ќе ги финансира домаќинствата со 4 милиони евра за зголемување на енергетската ефикасност

Објавено

на

Преку Програмата за поддршка на зелената економија (ГЕФФ) што ќе биде презентирана денес во хотелот Александар Палас, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) започнува со финансирање на домаќинствата за зголемување на нивната енергетска ефикасност. (more…)

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange