Connect with us

НБРМ

Отворена чудесната приказна за македонските банкноти: обележјата на македонските пари изложени во Музејот на НБ

Објавено

на

Златната маска од Горна порта и златните обетки со гулабици од Охридско, мермерното торзо на божицата Изида, тетовската Менада, монетите на Јустин II и многу други артефакти и нивни прикази, од денес и во следните шест месеци, ќе ја раскажуваат приказната за македонските банкноти во новоотворената, времена музејска поставка во Музејот на Народната банка.

На свеченото отворање на изложбата, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска посочи дека нашата државотворна приказна не ќе беше целосна без монетарното осамостојување.

„Парите не се само симбол на нашиот монетарен суверенитет, тие не говорат само за номиналната вредност којашто е испишана на нив, тие говорат за вредностите создавани во минатото, за нашата историја и култура. Уметничкото око и чувството на припадност и гордост на сите кои беа вклучени во процесот на изработка придонесоа нашите банкноти да ги носат на себе убавините од македонската почва. На основната вредност на парите ѝ е додадена зачуваната вредност на културното богатство, значењето на поднебјето и придонесот на нашите предци. Прославувајќи го овогодишниот јубилеј – 30 години од монетарното осамостојување, Народната банка имаше обврска да потсети на овие големи вредности од македонската почва, вредности од минатото коишто ни се пренесени и оставени нам и на идните генерации на чување и негување“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето излагање посочи дека книжните пари, коишто денеска се во употреба од 96-тата година, покрај високиот квалитет и бројните заштитни елементи, ги красат симболи од нашето непроценливо културно наследство.

„Од мермерното торзо на божицата Изида, паунот од крстилницата во Стоби, Ангелот од Курбиново, монета од времето на Јустинијан Втори, златната погребна маска од Требеништа, иконата Богородица Епискепсис, дел од фасадата на уникатната Света Софија во Охрид, фасадата на прекрасната Шарена џамија во Тетово и мермерниот под на Исак-беговата џамија во Битола, непроценливите винички теракотни икони, македонската невестинска носија од Прилепско како дел од нашето етнолошко богатство до цветот на македонскиот афион. Ќе сведочат еден ден за нас како што денеска во Народната банка се чуваат монетите од пајонските владетели, македонските кралски династии, до монетите на Отоманската Империја. Зашто парите се исто така сведоштво на историските епохи, но и на уметноста на цивилизациите. Затоа со сето срце го посакувам денот кога македонското културно богатство ќе биде испечатено на еврото“, посочува министерката Костадиновска-Стојчевска.

Академик Абдулменаф Беџети во своето обраќање посочи дека монетарното осамостојување претставува втор највисок и најважен чин на една самостојна држава, како и дека монетарниот систем како најважен економски потсистем е многу специфичен, комплексен и сензитивен не само од аспект на макроекономската стабилност.

„Секоја епоха има свои херои кои оставаат белег и создаваат историја. Во оваа прилика, би сакал  да го истакнам  и големиот придонес на тогашните носители на високи функции на најрелевантните институции поврзани со чинот на подготовка и реализација на монетарното осамостојување, почнувајќи од премиерот на експертската влада, академик Кљусев, министерот за финансии, Методија Тошевски, гувернерот на НБРМ, Борко Станоевски и особено академик Ксенте Богоев, кој покрај одличните теоретски знаења од областа на монетарните политики и проблеми имаше и одлично искуство како поранешен гувернер на Народната банка на Југославија во периодот од 1977 до 1981 година, како и многу други личности од академската заедница во тоа време (на пример, проф. Трпевски и др.). Денешната изложба, во документарна и архивска граѓа на артефакти во неколку микроцелини посветени на банкнотите, преставува културно-историско наследство со мултикултурна нарација, којашто прилично му одговара на нашето општество“, посочи академик Беџети.

Изложбата ќе биде достапна за посетителите следните шест месеци, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е бесплатен. Повеќе детали за посетите прочитајте на следнава врска: https://www.nbrm.mk/poseta-na-muzejot.nspx

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на започнувањето на втората фаза од проектот со ИНФЕ-ОЕЦД и МФ на Холандија: Преку финансиска едукација до ползување на придобивките од финтек-секторот

Објавено

на

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на покана на министерката за финансии на Холандија и ОЕЦД, учествуваше на настан посветен на финансиската едукација. Средбата истовремено го означи и почетокот на втората фаза на проектот финансиран од холандското министерство за финансии и ИНФЕ-ОЕЦД, насочен кон поддршка на финансиската писменост и инклузија во регионот на ЦЈЕ. Средбата ја отвори потпретседателката на Владата на Холандија и министерка за финансии, Сигрид Кааг, со обраќање кон присутните. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Митреска на настан на ЕБОР за младите претприемачи: Посилната вклученост на младите во бизнисот го зголемува потенцијалот на економијата

Објавено

на

„Народната банка особено ги цени, ги вреднува и ги поддржува иницијативите коишто ја поткрепуваат посилната вклученост на младите во целокупното општество. Спојувањето на финансиите и знаењето се важни за поттикнување на младите во бизнисот, искористувањето на нивниот потенцијал и потенцијалот на економијата во целина“,  истакна вицегувернерката на Народната банка, Aна Митреска на настан во организација на Европската банка за обнова и развој, на кој се презентираа наоди од процената на пазарот спроведена во рамките на програмата на ЕБОР „Младите во бизнисот“. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Главната економистка на Народната банка: Финансиската писменост е потреба во современиот динамичен финансиски систем

Објавено

на

„Со активностите предвидени во рамките на Деновите на финансиската писменост, Народната банка дава натамошен придонес исполнувајќи ја потребата за финансиска едукација во современиот динамичен финансиски систем. Сведоци сме на разновидна понуда на финансиски услуги, под различни услови, преку различни канали. Дигиталните финансиски услуги носат многу предности за корисниците, но наметнуваат потреба од дополнителни знаења и нѐ соочуваат со нови предизвици и ризици. Неопходно е постојано надградување на знаењата, не само во врска со тоа како да се користат финансиските услуги, туку и како да се заштитат правата на граѓаните како потрошувачи. Како што се менува финансискиот систем, така расте потребата од нови знаења за соодветно управување со личните финансии“, истакна главниот економист на Народната банка, Анета Крстевска при гостување во програмата на Македонското радио. Говорејќи за одбележувањето на Деновите на финансиската писменост, за што Народната банка предвиде онлајн предавања во следните три дена, Крстевска посочи: „Подигнувањето на нивото на финансиската писменост е една од стратегиските цели на Народната банка. Во рамките на овие денови, Народната банка, како општествено одговорна институција, нуди можност за стекнување и подобрување на знаењата на населението од оваа област.“

Во интервјуто, главната економистка на Народната банка посочи дека заложбите за подобрување на финансиската писменост се и одговор на потребите на населението, коешто во нашата земја, во согласност со спроведената анкета, остварува 56% од максимумот при оценувањето на трите компоненти коишто се составен дел од финансиската писменост: финансиско знаење, финансиско однесување и финансиски ставови. Овој показател е блиску до просекот за ЈИЕ (58%), но понизок во однос на напредните економии на ОЕЦД од 66%. Податоците се резултат на спроведената анкета на Меѓународната мрежа за финансиска едукација ИНФЕ при ОЕЦД во 2019 година со која се изврши мерење на финансиската писменост на населението во нашата земја во рамките на регионалниот проект за финансиска едукација поддржан од Министерството за финансии на Холандија и ИНФЕ-ОЕЦД.

Деновите на финансиската писменост се одбележуваат по седми пат. Годинава се предвидени обуки за повеќе теми коишто опфаќаат знаења за монетарната политика, за избор на кредит, за новините на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за структурата на финансискиот систем и движењата во банкарскиот систем. Презентациите се наменети за сите заинтересирани граѓани, слушатели со основно и со понапредно ниво на знаења. Оваа година се предвидени и две наменски предавања за средношколците, во пресрет на нивниот интерес за финансиска едукација, како дополнение на досегашната можност што ја имаат училиштата за поднесување барање за предавање. Учеството во обуките се обезбедува преку електронско пријавување на секое заинтересирано лице. Повеќе информации за предвидените обука може да најдете на следнава врска.

Продолжи со читање

Популарно