Connect with us

НБРМ

НБРМ ja задржа каматната стапка на благајничките записи на 2,75%

Објавено

на

На 13 ноември 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и состојбите и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По олабавувањето на монетарната политика во август 2018 година, Комитетот на ноемвриската седница оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75%. На седницата, исто така, беше одлучено на аукцијата на 14 ноември понудата на благајнички записи да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите октомвриски макроекономски проекции, при што повторно ги потврди согледувањата дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата, видливо преку стабилните инфлациски остварувања и натамошните поволни движења на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата и натаму упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања. Воедно, ризиците за економијата од неизвесното домашно и надворешно окружување и понатаму се присутни.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по растот на економијата од 1,6% во првата половина на годината, високофреквентните показатели за економската активност расположливи досега, општо земено, упатуваат на заклучокот дека движењата се слични како во вториот квартал од годината. На ваквиот заклучок посочуваат податоците за растот на индустријата и трговијата, при сè уште негативни остварувања кај градежната активност.

Податоците за инфлацијата за октомври упатуваат на континуитет на досегашните движења, при што просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени во периодот јануари-октомври изнесува 1,5%, движена во најголем дел од базичната инфлација и цените на енергијата. Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а податоците расположливи досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања во најголем дел се одраз на растот на корпоративните депозити, а позитивен, но помал придонес има и штедењето на домаќинствата. Во октомври продолжи месечниот раст на кредитите, но со поумерено темпо, при што најголем дел од растот произлегува од кредитирањето на домаќинствата.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот се задржа поволната ликвидносна состојба во банкарскиот систем, пред сѐ заради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи во вкупен износ од 50,2 милиона евра во октомври. Присуството на НБРМ со откуп на вишокот девизни средства на девизниот пазар е поврзано со стабилната девизна ликвидност на банките, којашто и натаму е солидна и овозможува целосно задоволување на нето-продажбите на девизи за потребите на клиентите.

Дополнително влијание за зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот пазар имаше и приспособувањето на девизните позиции на банките во услови на зголемување на нивните инвестиции во финансиски инструменти со валутна компонента. Поволните движења на меѓубанкарскиот девизен пазар се одржуваат и на почетокот на ноември, така што НБРМ продолжи да интервенира со откуп на вишокот девизи. Со оглед на ваквите остварувања, кумулативниот откуп на девизи на НБРМ од почетокот на годината заклучно со 12 ноември изнесува 298,1 милион евра. 

Банките ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на октомври на пазарите на пари, а вишокот денарски средства го пласираа во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ. Со тоа, се овозможува флексибилно управување со средствата и нивна расположливост за брза мобилизација заради зголемена кредитна поддршка на економските субјекти.

Во октомври, на меѓународните финансиски пазари беа забележани променливи движења при зголемена одбивност за преземање ризик од страна на инвеститорите, во услови на неизвесен исход во однос на активностите поврзани со буџетската политика во Италија, како и умерено понеповолните макроекономски показатели за еврозоната. Покрај тоа, оцените за поумерен глобален раст во наредниот период од страна на Меѓународниот монетарен фонд, како и надолното приспособување на проекциите од страна на Европската комисија упатија на можно забавување на економската активност во еврозоната и во наредната година. Во такви околности, беше забележано намалување на светските берзи на акции, а при зголемена побарувачка за безбедни инструменти, цените на европските државни должнички хартии од вредност се зголемија. Очекувањата на инвеститорите за одржување на понудата на нафта на релативно високо ниво, и покрај санкциите на САД врз извозот на Иран, условија надолно движење на цената на нафтата којашто се сведе на најниското ниво во последните два месеци.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели генерално се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија и надворешното окружување во контекст на поставеноста на монетарната политика.

НБРМ

Што работи централната банка и што значи тоа за Вашиот секојдневен живот?

Објавено

на

Народната банка на Република Северна Македонија (Народната банка) е централна банка во нашата земја. Насекаде во светот, Централната банка според своите функции се разликува од деловните банки. Централната банка има посебни функции коишто се пропишани со закон (во нашата земја со Законот за Народната банка на Република Македонија). Централните банки со своите инструменти и мерки вообичаено делуваат кон деловните банки во земјата, а деловните банки се во директен контакт со приватниот сектор – населението и фирмите.

Што работи нашата централната банка?

► Народната банка ја одржува ценовната стабилност во земјата, што е нејзина основна задача, согласно со наведениот закон. Тоа значи дека Народната банка се грижи за одржување на инфлацијата на разумно ниво и без многу флуктуации. Стапката на инфлација е важна бидејќи ги одразува промените на цените во економијата. Висока инфлација значи висок раст на цените во економијата (и обратно), што директно се одразува врз условите за живеење. Инфлацијата е и значаен фактор за инвестициите, при што амбиентот што се одликува со ценовната стабилност е најповолен за поттикнување на инвестициите и економскиот раст.

Народната банка се грижи за одржување на ценовната стабилност, во рамки на својот делокруг на влијание, преку спроведување соодветна монетарна политика, преку примена на расположливите монетарни инструменти. Монетарните инструменти имаат соодветно влијание врз банките, а се очекува дека тие натаму соодветно ќе влијаат врз приватниот сектор – фирмите и населението. Основен инструмент на Народната банка се аукциите на благајничките записи, а нивната каматна стапка е основна стапка на Народната банка. Еднаш месечно Народната банка одлучува за висината на основната каматна стапка на редовните месечни седници на Комитетот за оперативна монетарна политика (КОМП). Двапати годишно (во мај и октомври) објавува макроекономски проекции, во кои го дава своето видување за идните движења во економијата, коишто се од особена важност за водењето на монетарната политика.

► Народната банка учествува во определувањето на режимот на девизен курс и ја утврдува и ја спроведува политиката на девизен курс. Од 1995 година наваму одржуваме стабилен девизен курс на денарот, од почетокот во однос на германската марка, а по формирањето на еврозоната, во однос на еврото. Гледано од аспект на монетарната политика, тоа значи примена на монетарна стратегија на таргетирање на девизниот курс, којашто во изминатиов период се покажа како исклучително успешна во однос на одржувањето на ценовната стабилност, како основна цел на монетарната политика. Имено, во мала и отворена економија, каде што учеството на стоки од увоз е значително, особено од еврозоната којашто е наш најзначаен трговски партнер, стабилниот девизен курс има важна улога за стабилизација на ценовните очекувања и одржување на ценовната стабилност.

► Дополнителна цел на Народната банка, согласно со наведениот закон, е да се грижи за одржување на финансиската стабилност. Народната банка е регулаторна институција за банкарскиот систем, што значи дека е надлежна за супервизија и надзор над работењето на деловните банки. Стабилниот банкарски систем е предуслов за стабилна и просперитетна економија.

► Народната банка има ексклузивно право да ги издава книжните и кованите пари во нашата земја (банкноти и монети). Македонскиот денар беше воведен со монетарното осамостојување, во април 1992 година, како законско средство за плаќања во нашата земја. На македонските банкноти е потпишан гувернерот на Народната банка.

► Народната банка обезбедува дел од инфраструктурата за спроведување на плаќањата во нашата земја и има значајна надзорна улога во македонскиот платен систем. Конкретно, Народната банка е оператор на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), преку кој се порамнуваат големите плаќања меѓу банките. Платниот систем е како „крвоток“ на економијата, преку кој се обезбедува проток на паричните средства.

► Народната банка управува со девизните резерви на земјата, водејќи сметка за одржување на ликвидноста на земјата во плаќањата кон странство.

► Народната банка е институција којашто е задолжена за прибирање и објавување податоци од областа на монетарната и екстерната статистика. Тука се вклучени податоците за: паричната маса, банкарските депозити и кредити, банкарските каматни стапки, платниот биланс, надворешниот долг и други.

► Народната банка извршува и други задачи, утврдени со закон.

Од ова, се гледа дека Народната банка извршува многу важни функции за економијата. За да се обезбеди дека централните банки ќе делуваат во интерес на граѓаните, тие вообичаено, ширум светот се независни институции. Независноста на Народната банка е гарантирана со Законот за Народната банка на Република Македонија. Народната банка редовно ги објаснува своите одлуки пред јавноста, статистичките податоци и резултатите од своите истражувања на својата интернет-страница (www.nbrm.mk), со цел да обезбеди транспарентно работење и зајакнување на својата општествена одговорност.

Следствено, зошто централната банка е важна за Вашиот секојдневен живот?

Централната банка ги изработува парите што ги имате во Вашиот паричник и се грижи за стабилноста на цените во економијата. Тоа значи дека таа се грижи да можете да купите одредена количина производи со одреден износ на пари, без големи промени гледано во подолг временски период. Централната банка се грижи за здрави и стабилни банки, коишто се главниот дел од финансискиот систем на нашата земја и каде што Вие ги држите Вашите сметки. Централната банка се грижи за платниот систем и овозможува непречено да се извршуваат Вашите плаќања во земјата и кон странство. Следствено, работењето на централната банка е важно за секого во земјата и придобивките од нејзиното работење се јавно добро, расположливо за сите граѓани.

Продолжи со читање

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на 7. средба на гувернерите од регионот

Објавено

на

Во изминативе години се забележува побрз раст на секторот финтек во Централна и Југоисточна Европа, иако тој значително заостанува зад оној во развиените економии. Финансиските иновации поттикнати од финтек-компаниите во основа водат до подобри и поконкурентни финансиски услуги, а истовремено поттикнуваат поголема конкуренција и иновирање кај традиционалните финансиски институции – банките“ – истакна гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска на 7. средба на гувернерите од регионот, којашто се одржа вчера во Савудрија, Хрватска. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

НБРМ донесе одлука за намалување на основната каматна стапка на ниво од 2,25%

Објавено

на

Централна Банка

На 12 март 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика. (more…)

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange