Connect with us

НБРМ

НБРМ: Усвоен Кварталниот извештаj

Објавено

на

Централна Банка

Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа редовна седница, на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај, при што повторно беше истакнато дека по олабавувањето на монетарнaта политика кон крајот на првото тримесечје, основната каматна стапка остана непромената на нивото од 3,00%. На девизниот пазар, и во текот на вториот квартал од годинава, движењата беа поволни, при што НБРМ и натаму интервенира со нето-откуп на девизи од банките поддржувачки. Девизните резерви и во второто тримесечје остварија раст и според сите показатели за адекватност, тие и натаму се одржуваат во сигурната зона. Поволни поместувања беа забележани и кај депозитната база на банките, којашто и во овој период забрзано расте.

При разгледување на Извештајот беше одбележано дека во однос на изворите на ризици, поголеми промени во споредба со априлските согледувања не беа констатирани. Сепак, ризиците од надворешното окружување, во текот на кварталот, беа оценети како малку понеповолни, а главно поради неизвесноста околу ефектите врз глобалниот економски раст од сѐ поголемиот трговски протекционизам и засилениот раст на цените на нафтата на светските берзи. Ризиците поврзани со домашното окружување беа оценети како помалку изразени во однос на претходниот период.

На седницата беше заклучено дека споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на априлскиот циклус проекции покажа извесни отстапувања. Ова, пред сè, се однесува на економската активност, со оглед на првичните податоци за БДП во првиот квартал на 2018 година. Но, истовремено беше потенцирано и дека иако расположливите податоци за вториот квартал не се многубројни и воедно се дивергентни, главно упатуваат на малку поповолна состојба во економијата во споредба со првиот квартал.

Во периодот април-јуни годинава, стапката на инфлација изнесуваше 1,5%, во просек, на годишна основа, во најголем дел како резултат на растот на базичната инфлација, но позитивен придонес имаа и прехранбената и енергетската компонента. Во Извештајот е забележано дека инфлацијата во второто тримесечје од годинава е под очекуваната за кварталот во рамки на априлската проекција, што заедно со нагорната ревизија на очекувањата за увозните цени упатува на врамнотежени ризици за проектираната инфлација за 2018 година.

Податоците од надворешниот сектор презентирани во Кварталниот извештај, гледано преку позицијата на билансот на плаќања, упатуваат на отсуство на нерамнотежи и на релативно поволна надворешна позиција на економијата. Во првото тримесечје, дефицитот во тековната сметка се задржа на релативно ниско ниво и изнесуваше околу 1,5% од БДП. Од друга страна, нето-приливите во рамки на финансиската сметка достигнаа околу 4% од БДП, што претставува поповолно остварување во однос на априлските очекувања. Овие поместувања во билансот на плаќања доведува до пораст на девизните резерви во првото тримесечје, којшто продолжи и во вториот квартал од годината, при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи од страна на НБРМ.

При разгледувањето на Извештајот, одделно беше истакнато дека во текот на вториот квартал на оваа година, кредитната активност на банкарскиот сектор оствари раст, при што поголем придонес кон растот на активноста на кредитниот пазар имаше секторот „домаќинства“. Сепак, истовремено, и кредитирањето на корпоративниот сектор беше исто така солидно и имаше висок придонес кон кварталната промена на активноста на кредитниот пазар. На годишна основа, кредитниот раст на крајот на вториот квартал од годинава достигна 6,3%.

Во однос на изворите на финансирање, забележан е забрзан раст и на депозитната база. Годишниот раст на вкупните депозити на крајот на јуни достигна 10,5%, што е исто така над последната проекција од 7,4%. Забрзувањето на растот кај депозитите во вториот квартал произлегува од депозитите на претпријатијата, со натамошен позитивен придонес на депозитите на домаќинствата. Се очекува дека позитивните трендови кај депозитната база на банките ќе продолжат и во следниот период, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст, којшто според априлската проекција, во следните две години би се движел помеѓу 6,5% и 7,7%.

На седницата беше заклучено дека и покрај тоа што последните макроекономски показатели и оцени во одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, тие засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. Се очекува дека домашната економија и натаму ќе биде поддржана од кредитната активност на банките, во отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција, којашто ќе овозможи одржување на девизните резерви во сигурната зона. Истовремено беше истакнато и дека НБРМ и натаму внимателно ќе ги следи состојбите и случувањата во домашната економија и особено во надворешното окружување, како извор на потенцијални ризици, заради навремено и соодветно приспособување на монетарната политика за успешно остварување на монетарните цели.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

НБРМ

НБРМ ja задржа каматната стапка на благајничките записи на 2,75%

Објавено

на

На 13 ноември 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и состојбите и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По олабавувањето на монетарната политика во август 2018 година, Комитетот на ноемвриската седница оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75%. На седницата, исто така, беше одлучено на аукцијата на 14 ноември понудата на благајнички записи да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите октомвриски макроекономски проекции, при што повторно ги потврди согледувањата дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата, видливо преку стабилните инфлациски остварувања и натамошните поволни движења на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата и натаму упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања. Воедно, ризиците за економијата од неизвесното домашно и надворешно окружување и понатаму се присутни.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по растот на економијата од 1,6% во првата половина на годината, високофреквентните показатели за економската активност расположливи досега, општо земено, упатуваат на заклучокот дека движењата се слични како во вториот квартал од годината. На ваквиот заклучок посочуваат податоците за растот на индустријата и трговијата, при сè уште негативни остварувања кај градежната активност.

Податоците за инфлацијата за октомври упатуваат на континуитет на досегашните движења, при што просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени во периодот јануари-октомври изнесува 1,5%, движена во најголем дел од базичната инфлација и цените на енергијата. Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а податоците расположливи досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања во најголем дел се одраз на растот на корпоративните депозити, а позитивен, но помал придонес има и штедењето на домаќинствата. Во октомври продолжи месечниот раст на кредитите, но со поумерено темпо, при што најголем дел од растот произлегува од кредитирањето на домаќинствата.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот се задржа поволната ликвидносна состојба во банкарскиот систем, пред сѐ заради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи во вкупен износ од 50,2 милиона евра во октомври. Присуството на НБРМ со откуп на вишокот девизни средства на девизниот пазар е поврзано со стабилната девизна ликвидност на банките, којашто и натаму е солидна и овозможува целосно задоволување на нето-продажбите на девизи за потребите на клиентите.

Дополнително влијание за зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот пазар имаше и приспособувањето на девизните позиции на банките во услови на зголемување на нивните инвестиции во финансиски инструменти со валутна компонента. Поволните движења на меѓубанкарскиот девизен пазар се одржуваат и на почетокот на ноември, така што НБРМ продолжи да интервенира со откуп на вишокот девизи. Со оглед на ваквите остварувања, кумулативниот откуп на девизи на НБРМ од почетокот на годината заклучно со 12 ноември изнесува 298,1 милион евра. 

Банките ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на октомври на пазарите на пари, а вишокот денарски средства го пласираа во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ. Со тоа, се овозможува флексибилно управување со средствата и нивна расположливост за брза мобилизација заради зголемена кредитна поддршка на економските субјекти.

Во октомври, на меѓународните финансиски пазари беа забележани променливи движења при зголемена одбивност за преземање ризик од страна на инвеститорите, во услови на неизвесен исход во однос на активностите поврзани со буџетската политика во Италија, како и умерено понеповолните макроекономски показатели за еврозоната. Покрај тоа, оцените за поумерен глобален раст во наредниот период од страна на Меѓународниот монетарен фонд, како и надолното приспособување на проекциите од страна на Европската комисија упатија на можно забавување на економската активност во еврозоната и во наредната година. Во такви околности, беше забележано намалување на светските берзи на акции, а при зголемена побарувачка за безбедни инструменти, цените на европските државни должнички хартии од вредност се зголемија. Очекувањата на инвеститорите за одржување на понудата на нафта на релативно високо ниво, и покрај санкциите на САД врз извозот на Иран, условија надолно движење на цената на нафтата којашто се сведе на најниското ниво во последните два месеци.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели генерално се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија и надворешното окружување во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Продолжи со читање

НБРМ

НБРМ во соработка со експерти на ЕЦБ и ЕСЦБ: работилница за управување со податоците за статистички потреби

Објавено

на

Народната банка на Република Македонија, во соработка со експерти од Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки, денес организира работилница на тема „Управување со податоците за статистички потреби на централните банки и доверливост на статистичките податоци“. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Излагање на гувернерката на НБРМ на претставувањето на најновиот Регионален економски преглед за Европа на ММФ

Објавено

на

На претставувањето на есенскиот Регионален економски преглед за Европа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) што се одржа вчера, во Копенхаген, Данска, излагање имаше и гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска. Таа и гувернерот на Централната банка на Данска, м-р Пер Калесен, изнесоа свои видувања и оценки за одделни области опфатени со Прегледот, откако за главните наоди и согледби претставени во него, најпрво говореше директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ, м-р Пол Томсен. (more…)

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange