Connect with us

НБРМ

НБРМ: Каматната стапка на благајничките записи останува на непроменето ниво од 3,25%

Објавено

на

На 11 јули 2017 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

 На седницата на Комитетот, постојната монетарна поставеност беше оценета како соодветна на тековните услови во економијата. Комитетот оцени дека најголем дел од показателите битни за монетарната политика се поволни и не отстапуваат од очекувањата, но сепак постојат пунктови каде што е потребна одредена внимателност. Притоа, особено битни се движењата на девизниот пазар коишто се стабилни, со вообичаени сезонски движења и без присутни притисоци, а показателите за девизните резерви остануваат на адекватно ниво. Во вакви услови, а при присуство на одредена неизвесност и ризици, каматната стапка на благајничките записи беше задржана на непроменето ниво од 3,25%. 

 

На седницата беше извршено редовно преиспитување на трендовите кај ликвидноста на банките, во контекст на одлуките околу понудениот износ и висината на каматната стапка на основниот инструмент, благајничките записи. Притоа, беше констатирано дека од почетокот на март (кога заради значителен пораст на вишокот на денарски ликвидни средства на банките, износот на благајнички записи беше зголемен од 25.000 на 30.000 милиони денари) заклучно со крајот на првата декада од јуни, ликвидносниот потенцијал на банките забележа намалување, а се очекува ова движење да продолжи и во претстојниот период на задолжителна резерва. Имајќи го предвид падот кај ликвидноста на банките, на седницата на Комитетот беше одлучено да се изврши соодветно намалување на износот на благајнички записи. Во таа смисла, на седницата на Комитетот беше одлучено на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 12 јули, понудата да изнесува 27.500 милиони денари, односно да биде пониска за 2.500 милиони денари во однос на достасаниот износ.

 

Во однос на конкретните економски показатели, по стагнацијата на економската активност во првото тримесечје, високофреквентните показатели за вториот квартал упатуваат на подобрување на состојбата на економијата. Оваа констатација е поддржана од растот на индустриското производство, по неговото намалување во првото тримесечје, забавувањето на падот на градежната активност, како и забрзувањето на растот во трговијата. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за второто тримесечје се ограничени, така што тешко може да се формира прецизна оцена во поглед на динамиката на активноста во овој квартал. Во однос на проектираната патека до крајот на годината, пониските остварувања во првото тримесечје создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5% за цела 2017 година. 

 

Јунските податоци за инфлацијата укажуваат на умерено забрзување на годишната стапка на инфлација на 1,5%, при што просечниот годишен раст на цените во првата половина изнесува 0,9%. Овие остварувања се резултат првенствено на базичната инфлација, и во помал дел, на цените на енергијата. Цените на храната и понатаму имаат негативен придонес кон просечната промена на цените, кој сепак постепено се намалува. Остварувањата кај инфлацијата главно се во склад со проекцијата, а очекувањата за влезните претпоставки за увозните цени на примарните производи главно се надолни, но сепак исклучително променливи. Во вакви околности, ризиците околу проекцијата на просечната инфлација за 2017 (1,3%) се оценуваат како урамнотежени.

 

Во однос на надворешниот сектор, податоците за девизните резерви во второто тримесечје покажуваат пад во однос на крајот на првиот квартал, кој беше очекуван, а општата оцена за идните движења не упатува на поголеми отстапувања од очекуваните. Притоа, сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на расположливите податоци за надворешниот сектор за второто тримесечје, нивниот број е мал, а засега покажуваат поповолни движења од очекуваните. Оваа констатација пред сѐ се однесува на менувачкиот пазар заклучно со втората декада на јуни, додека податоците за надворешната трговија за периодот април – мај укажуват на трговско салдо коешто е во согласност со проекциите. Сепак, ограничениот број податоци и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни заклучоци во однос на очекувањата за показателите од надворешниот сектор за целото тримесечје.

 

Во јуни, во услови на натамошна реализација на субвенциите за земјоделството, трансакциите на државата овозможија пораст на ликвидните средства на банките, чијшто ефект во најголем дел беше неутрализиран со зголемената побарувачка за денарска готовина на населението. Девизниот пазар се карактеризираше со релативно висока побарувачка на девизи од страна на клиентите на банките, заради сезонски повисоката побарувачка на девизна ликвидност на компаниите заради редовно работење, отплатите на дивиденди на правните субјекти во доминантна странска сопственост и раздолжувањето на приватниот сектор кон странство. Банките првенствено ја задоволија зголемената побарувачка на девизи од сопствените средства, а преостанатиот дел од потребните средства беше обезбеден од Народната банка, којашто интервенираше со продажба на 36,4 милиони евра на банките поддржувачи. 

 

Во текот на месецот, банките активно тргуваа и на пазарите на пари, а вишокот средства на нивните сметки продолжија да го насочуваат кон расположливите депозити кај Народната банка.

 

Прелиминарните декадни податоци со јуни 2017 година покажуваат зголемување на вкупните депозити на месечна основа, наспроти нивното намалување во текот на претходните пет месеци. Месечниот раст во најголем дел се должи на зголемувањето на депозитите на домаќинствата, а умерен придонес кон месечниот раст имаа и корпоративните депозити. Нивото на вкупните депозити е под проекциите за второто тримесечје, но овој јаз постепено се стеснуваше во текот на кварталот. Кредитната активност и во јуни продолжи да расте со солидно темпо, при раст на кредитната поддршка и на корпоративниот сектор и на населението. Нивото на кредитите на крајот на јуни е над очекуваното. 

 

Во јуни, на последниот состанок на ФЕД, беше донесена одлука за затегнување на монетарната политика во согласност со очекувањата и беа дадени детали во врска со планот за нормализирање на билансот на ФЕД. Сепак, најголемо влијание на меѓународните финансиски пазари предизвика говорот на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, на Форумот на ЕЦБ за централното банкарство во Португалија, во кој беше изразен оптимизам околу закрепнувањето на економијата на еврозоната. Исто така, и други поголеми централни банки имаа порестриктивен тон. Во такви услови, беше забележана апрецијација на еврото и раст на приносите на државните хартии од вредност во еврозоната, како и во САД. 

 

Сумирано, на седницата беше заклучено дека постојните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици, укажуваат дека засега постојната монетарна поставеност е соодветна. Екстерната позиција, гледана преку остварувањата кај девизните резерви, е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здравите економски фундаменти. На ваква констатација упатуваат и податоците за кредитните текови, а воедно и остварувањата кај штедењето во јуни даваат поволни сигнали и постепено приближување кон проекциите. 

 

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски индикатори и случувањата во домашната економија, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.

 

НБРМ

Народната банка го објави Поимникот на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење

Објавено

на

Во рамки на активностите за финансиска едукација, Народната банка изработи Поимник на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење. Со Поимникот е објаснето значењето на околу стотина стручни термини, на едноставен јазик, разбирлив за широката јавност. Поимникот, е достапен на следнава врска: https://www.nbrm.mk/poimnik.nspx (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Народната банка ја задржа основната каматна стапка непроменета, на нивото од 2,50%

Објавено

на

На 9 август  2022 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Народна банка: Фиксниот курс на денарот е механизам за макроекономска дисциплина и стабилни очекувања

Објавено

на

Фиксниот курс на денарот дава стабилност на граѓаните, фирмите и компаниите во отплатата на нивните кредити врзани за еврото, а исто така влијае да се избегнат високи ценовни флуктуации како резултат на увозните цени, наведува Народната банка во објава на „Фејсбук”. (more…)

Продолжи со читање


Популарно

НБРМ

НБРМ: Каматната стапка на благајничките записи се задржува на нивото од 3,25%

Објавено

на

На 11 aприл 2017 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше одлучено дека во услови на сѐ уште присутни ризици од домашните политички случувања, каматната стапка на благајничките записи се задржува на нивото од 3,25%. Со оглед на стабилизирањето на потенцијалната ликвидност на банките, се одлучи на аукцијата којашто се одржа на 12 април, понудата на благајнички записи да биде на ниво на достасаниот износ и да изнесува 30.000 милиони денари. 

 

Во однос на економската активност, објавените податоци за растот на БДП за 2016 година од 2,4% беа во согласност со проекцијата на НБРМ од 2,3%. За првиот квартал од годината се очекува задржување на позитивната динамика на раст на БДП, но бројот на вискофреквентни показатели е ограничен (дел од клучните показатели се достапни само за јануари). Воедно, некои од нив бележат движења во различни насоки, поради што се зголемува неизвесноста околу оцената за состојбата во економијата во првиот квартал од годината. 

 

Мартовските податоци за движењето на цените во домашната економија покажуваат годишен раст на инфлацијата од 0,6%, што е малку послаб раст на цените од очекувањата. Од друга страна, направени се нагорни корекции на очекуваното движење за 2017 година кај влезните претпоставки за увозните цени, што претставува  нагорен ризик во однос на проекцијата на инфлацијата во 2017 година, како последица на фактори на страната на понудата. 

 

Очекувањата на економските субјекти и натаму се релативно стабилни, а оцените за стабилноста на економските основи сѐ уште се позитивни. И покрај падот на девизните резерви во првиот квартал, на девизниот пазар се задржани поволните движења, при што во првите три месеца од годината, збирно, НБРМ интервенира со мал нето-откуп на девизи. Девизните резерви и понатаму се на адекватно ниво.

 

Во март, ликвидноста на банките продолжи да се зголемува, со поумерена динамика и главно под влијание на сезонски пониската побарувачка за готовина во економијата. Со оглед на постојаниот раст на ликвидните средства во изминатиот шестмесечен период, Народната банка во март повлече значителен дел од вишокот ликвидност преку основниот инструмент ‒ благајничките записи. Стерилизирањето на структурниот вишок средства преку благајничките записи придонесе за намалување на пласманите на банките во расположливите депозити кај Народната банка, со што нивната застапеност во однос на основниот инструмент се сведе околу историскиот просек од 25%. Заради надоместување на краткорочните потреби за ликвидност, банките во март имаа зголемена активност на пазарите на пари, каде што покрај со необезбедени депозити, се тргуваше и на секундарниот пазар на хартии од вредност, преку склучување дефинитивни и репо-трансакции.

 

Од аспект на банкарскиот систем, првичните податоци за март 2017 година покажуваат речиси непроменето штедење на населението во првиот квартал во однос на крајот на 2016 година. При умерен месечен раст во јануари и февруари, ваквите остварувања го одразуваат намалувањето на депозитите на населението во март. Од друга страна, депозитите на претпријатијата во март забележаа месечен раст, но недоволен за надоместување на намалувањето кај населението. Ваквите остварувања доведоа до забавување на годишниот раст на депозитите, но нивното ниво заради добрите остварувања на крајот на 2016 година е повисоко во однос на очекувањата за крајот на првиот квартал. Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со март покажуваат раст на кредитите на месечна и на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на секторот „население“. Сепак, последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција. 

 

Податоците за девизните резерви во март покажуваат пад во однос на крајот на 2016 година, во еден дел како резултат на фактори од привремен карактер. Сите показатели за адекватноста на девизните резерви укажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, за почетокот на годината се достапни податоци за менувачкиот пазар за првиот квартал, коишто упатуваат на малку пониски нето-приливи од приватните трансфери во однос на очекувањата. Воедно, и последните расположливи податоци за надворешната трговија за првите два месеца од 2017 година упатуваат на отстапување, односно на малку повисок трговски дефицит во однос на очекуваниот. Сепак, краткиот период и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни заклучоци во однос на очекувањата за целото тримесечје.

 

На седницата беше утврдено дека во март, банките во трансакциите со клиентите на девизниот пазар остварија нето-продажба на девизи, којашто главно е одраз на сезонски повисоката побарувачка за девизи од страна на фирмите. Банките ја надоместија побарувачката за девизи од сопствени извори, што услови неутрална позиција на Народната банка во интервенциите на девизниот пазар. Со остварувањата во март, во првиот квартал од годината интервенциите на Народната банка на девизниот пазар се однесуваат на умерен нето-откуп на девизи од банките поддржувачи во износ од 2,8 милиони евра, наспроти нето-продажбите од 17,2 милиона евра во истиот период 2016 година. Овие подобри остварувања се забележани и покрај повисоката нето-продажба на девизи за потребите на клиентите, главно фирми и нерезиденти, којашто целосно беше надоместена од добрата девизна ликвидност на банките.

 

На меѓународните финансиски пазари, во март преовладуваа очекувања за побрз излез од експанзивната политика на ЕЦБ, што беше проследено со раст на приносите на државните обврзници во еврозоната. По одржаните парламентарни избори во Холандија, беа помалку нагласени согледувањата за политички ризици во Европа, а вниманието на пазарните учесници се насочи кон претстојните претседателски избори во Франција. Во САД, беше донесена очекуваната одлука за зголемување на каматните стапки од страна на ФЕД, а се засилија и дискусиите за постепено намалување на ликвидносната поддршка преку програмите за квантитативно олеснување, со оглед на поволните економски изгледи за наредниот период.

 

На седницата беше заклучено дека оцените за стабилноста на економските основи и натаму се позитивни. Ризиците од домашните политички случувања и понатаму постојат и се изразени. Воедно, и ризиците од глобалното окружување се сѐ уште актуелни.

НБРМ

Народната банка го објави Поимникот на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење

Објавено

на

Во рамки на активностите за финансиска едукација, Народната банка изработи Поимник на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење. Со Поимникот е објаснето значењето на околу стотина стручни термини, на едноставен јазик, разбирлив за широката јавност. Поимникот, е достапен на следнава врска: https://www.nbrm.mk/poimnik.nspx (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Народната банка ја задржа основната каматна стапка непроменета, на нивото од 2,50%

Објавено

на

На 9 август  2022 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Народна банка: Фиксниот курс на денарот е механизам за макроекономска дисциплина и стабилни очекувања

Објавено

на

Фиксниот курс на денарот дава стабилност на граѓаните, фирмите и компаниите во отплатата на нивните кредити врзани за еврото, а исто така влијае да се избегнат високи ценовни флуктуации како резултат на увозните цени, наведува Народната банка во објава на „Фејсбук”. (more…)

Продолжи со читање

Популарно