Connect with us

НБРМ

НБРМ: Каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 2,75%

Објавено

на

На 11 септември 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка во август годинава, на оваа седница, Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75%. На седницата, исто така, беше одлучено понудата на благајнички записи, за аукцијата која ќе се одржи на 12 септември 2018 година, да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Општо земено, и на оваа седница, Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти, видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната база на банките.

Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Согласно со објавените проценети податоци, по слабиот раст во првиот квартал, во второто тримесечје, растот на БДП значително забрза на 3,1%, што сепак е нешто пониско остварување во споредба со проекцијата. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата и во овој квартал од годината.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари – август, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,5%, што претставува надолно отстапување во однос на априлската проекција. Во услови на послаби остварувања, но и нагорна ревизија на надворешните влезни претпоставки кај проекцијата на инфлацијата, се оценува дека ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2018 година се урамнотежени.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст во однос на крајот на претходната година, за што во голем дел придонесуваат и интервенциите со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Растот кај девизните резерви е нешто повисок од очекуваниот со априлската проекција, а анализата на показателите за адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се одржуваат во сигурната зона. Расположливите показатели од надворешниот сектор засега се ограничени. Податоците за надворешнотрговската размена за периодот јануари – јули, главно укажуваат на движења во согласност со априлската проекција, додека расположливите податоци за менувачкиот пазар покажуваат повисоки нето-приливи. Во однос на остварувањата во билансот на плаќања, податоците за второто тримесечје упатуваат на подобри остварувања и кај тековните и кај финансиските трансакции во однос на априлската проекција.

Прелиминарните монетарни податоци за август 2018 година покажуваат задржување на континуитетот на раст и на депозитите и на кредитите. Депозитната база и во август продолжи да расте со забрзана месечна динамика, за што најголем придонес имаат корпоративните депозити, при истовремено зголемено штедење и на домаќинствата. На кредитниот пазар, месечниот раст и натаму е воден од секторот „домаќинства“. На годишна основа, растот на депозитите и на кредитите во август го надминува проектираниот годишен раст за третиот квартал од годината.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, денарските ликвидни средства на банките и натаму се зголемуваат, пред се заради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи. Присуството на НБРМ на девизниот пазар за откуп на вишокот девизни средства во најголем дел е поврзано со континуирано солидните остварувања на девизниот пазар, каде што втор месец по ред банките во трансакциите со клиентите на нето-основа откупуваат девизи. Овие движења се одраз на релативно подобрата понуда на девизи од корпоративниот сектор, но и на сезонски повисоката понуда од менувачниците, карактеристична за овој период од годината. Пазарните движења, во комбинација со високата девизна ликвидност на банките, којашто имаше нагорен тренд под влијание на растот на девизните средства, доведоа до секојдневни интервенции на НБРМ со банките поддржувачки, при што од почетокот на оваа година заклучно со 11 септември 2018 година, се откупени 234,1 милион евра.

Поволната денарска ликвидносна позиција кај најголемиот дел од банките и во август придонесе за намалена активност на пазарите на пари, а банките пласираа дел од вишокот денарски средства во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ.

На меѓународните пазари, во август беше забележана засилена променливост, во услови на заострување на трговските односи на глобален план и депрецијација на валутите на одделни земји во развој. Следствено, при потрага на инвеститорите по безбедни инструменти, САД-доларот забележа умерен раст на вредноста, а приносите на државните обврзници во еврозоната и во САД се намалија. Исто така, на европските пазари се проширија распоните помеѓу приносите на државните обврзници на периферните економии и на јадрото на еврозоната, главно при загриженост за фискалната состојба на Италија. Во однос на поставеноста на монетарните политики на глобално влијателните централни банки, во записникот од јулскиот состанок на ФЕД – централната банка на САД, беше посочено на поволните изгледи за американската економија, така што пазарните учесници речиси во целост очекуваа зголемување на таргетот за распонот за каматните стапки на состанокот на ФЕД во септември. Според записникот од состанокот на Европската централна банка, одржан во јули, беше потврден ставот дека каматните стапки ќе останат на тековното ниво до летото 2019 година.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека од намалувањето на каматната стапка во август па досега, поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика не се забележани. Последните макроекономски показатели и оцени кај одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, коишто засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. На седницата беше заклучено дека и натаму постојат ризици и од домашното и од надворешното окружување, при што НБРМ и натаму внимателно ќе ги следи сите економски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.

НБРМ

НБРМ: Домаќин на семинар организиран од страна на Европскиот банкарски орган и Европската банка за обнова и развој на тема: „Справување со нефункционалните кредити во ЕУ: регулаторни и супервизорски активности“

Објавено

на

На 18. и 19. октомври 2018 година Народната банка на Република Македонија е домаќин на семинар организиран од страна на Европскиот банкарски орган и  Европската банка за обнова и развој на тема: „Справување со нефункционалните кредити во ЕУ: регулаторни и супервизорски активности“. Имајќи го предвид негативното влијание коешто го имаат нефункционалните кредити врз работењето на банките во меѓународни рамки, на семинарот ќе бидат презентирани најзначајните активности преземени во рамките на ЕУ за решавање на нефункционалните кредити, како од аспект на промените (предлозите за промени) во постојната банкарска регулатива, така и во поглед на супервизрските активности за справување со сеуште високиот износ на нефункционални кредити кај кредитните институции во ЕУ. Покрај ова, на семинарот ќе бидат презентирани и искуствата на неколку земји од регионот во решавањето на нефункционалните кредити. Преку размената на искуствата и согледувањата стекнати во процесот на решавање на нефункционалните кредити, ќе се овозможи натамошно зајакнување на овој процес во одделните земји, но и усогласен пристап во идните активности коишто треба да се преземат заради натамошно справување со проблемите предизвикани од поголемото присуство на нефункционални кредити.

На семинарот ќе присуствуваат претставници на регулаторните и супервизорските органи од Албанија, Словенија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Република Српска и Македонија.

На почетокот на семинарот, воведно обраќање имаше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска, која посочи на тоа дека и по десет години од почетокот на глобалната криза, проблемот на нефункционалните кредити се уште има големо значење во глобални рамки. Таа потенцираше дека правилното справување со овој проблем и развивањето на механизми за превенција се исклучително важни за непречено функционирање и раст на активноста на банките. Меѓудругото, таа се осврна и на македонското искуство, потенцирајќи го релативно пониското ниво на нефункционални пласмани во однос на регионот. Причините за тоа се отсуството на прекумерен кредитен раст во пред-кризниот период, малото потпирање на банките на надворешно финансирање и многу важно, прудентната регулаторна рамка.  И покрај фактот што овој проблем во Македонија не е изразен како во други земји, гувернерката ја нагласи свесноста за потребата од располагање на механизми за превенција. Токму од оваа причина во тек е и заокружувањето на “Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити”, како меѓуинституционална и систематизирана рамка за решавање и спречување на проблемот на нефунционални пласмани. 

Продолжи со читање

НБРМ

Учество на гувернерката на НБРМ на настан по повод европскиот ден на статистиката

Објавено

на

По повод европскиот ден на статистиката, денес на Економскиот факултет – Скопје, се одржа настан под мотото „Подобри податоци – подобар живот“. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Гувернерката на НБРМ оствари средби со високи претставници на ММФ и Светската банка

Објавено

на

Гувернернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), оствари средби со високи претставници на двете меѓународни институции, вклучувајќи средби со извршниот директор на ММФ, г. Ентони де Ланој, директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ, г. Пол Томсен, извршниот директор на СБ, г. Франк Хемскирк, потпретстедателот на Светската банка, г. Сирил Мулер, потпретседателите на ИФЦ, г-а Џорџина Бејкер и г. Вибке Шломер, менаџерски тимови од инвестициски фондови и банки, како и со други високи претставници. (more…)

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange