Connect with us

НБРМ

Народна банка: Поумерени ефекти од ковид кризата во четвртиот квартал од 2020 година, но високата неизвесност и понатаму е присутна

Објавено

на

Народната банка ја објави месечната информација за најновите мароекономски показатели – февруари 2021 година.

Најновите согледувања на ММФ од јануари за растот на светската економија се поповолни во споредба со октомвриските проекции како резултат на одобрувањето повеќе вакцини за употреба и почетокот на вакцинацијата во дел од развиените земји од декември 2020 година, поповолните оценки за втората половина на 2020 година и најавите за дополнителен фискален стимул во дел од развиените земји во следниот период. Притоа, во однос на ризиците од октомври, појавата на вториот бран на пандемијата е еден од надолните ризици којшто се оствари, додека постигнувањето договор за Брегзит во декември 2020 година претставува отстранување на еден значаен негативен ризик.

Сепак, високата неизвесност и понатаму постои, како и ризиците главно поврзани со развојот на пандемијата и изгледите за справување со неа. Нагорните ризици за глобалниот раст се поврзуваат со поуспешното управување со пандемијата и се однесуваат на побрзото производство и дистрибуција на вакцините, поголемата ефективност на терапиите за справување со вирусот, како и евентуално поголемиот фискален стимул од очекуваниот.

Од друга страна, како надолни ризици се вбројуваат повторното забрзано ширење на заразата, евентуалното воведување значително построги мерки за справување со вирусот од очекуваното, побавниот напредок во медицинскиот третман против вирусот, вклучително и побавната вакцинација. Исто така, со предвременото прекинување на политиките за поддршка на економијата може да дојде до неповолен ефект врз пазарот на труд и врз солвентноста на фирмите и да се намали долгорочниот раст, а со затегнувањето на условите за финансирање може да се зголеми ризикот од неможност за отплаќање на долгот кај дел од земјите.

Во однос на економските движења во еврозоната, првично објавените процени за БДП за четвртиот квартал покажуваат реален годишен пад на економијата од 5,1% (пад од 4,3% во третиот квартал), со што за цела година е остварен економски пад од 6,8%. Оцените од анкетните истражувања на домаќинствата и претпријатијата за јануари 2021 година упатуваат на натамошен тренд на годишен пад и во првиот квартал на 2021 година, во услови на продолжени рестриктивни мерки за спречување на ширењето на вториот бран на пандемијата. Германија, како наш најзначаен трговски партнер, според првичната процена, во последното тримесечје на 2020 година забележа реално годишно намалување на економската активност за 3,9%, слично како и во третиот квартал (пад од 4%), а за целата година падот изнесува 5%.

Анкетните истражувања за јануари упатуваат на послаба активност во однос на последниот квартал на 2020 година, пред сѐ заради услужниот сектор што се должи на натамошните рестрикции, додека оценките за индустријата и понатаму упатуваат на раст.

Стапката на невработеност во еврозоната во декември е стабилна и во четвртиот квартал изнесува 8,3% (8,6% во третиот квартал).
Годишната стапка на инфлација во еврозоната во јануари 2021 година забрза и изнесува 0,9% (-0,3% во декември 2020 година). Ваквата силна промена во динамиката е резултат на солидната стапка на базичната инфлација (од 1%), наспроти минималниот раст во декември, а во помал дел и на помалиот пад на цените на енергетската компонента во однос на декември 2020 година.

Проекциите за едномесечната каматна стапка ЕУРИБОР за периодот 2021-2022 година се ревидирани надолу, при непроменет пакет мерки за одржување на поволните финансиски услови на подолг рок на состанокот во јануари, но со пазарни очекувања за дополнителен стимул од страна на ЕЦБ.

Од аспект на одделните квантитативни показатели за надворешното окружување на македонската економија, оценките на странската ефективна побарувачка се ревидирани нагоре за 2020 и 2022 година, а надолу за 2021 година во однос на октомвриските проекции, додека остварувањето на странската ефективна инфлација во 2020 година е малку пониско во однос на оценките од октомври, а воедно е направена и надолна ревизија за наредниот двегодишен период. Најновите оценки за САД-доларот во однос на еврото упатуваат на депрецијација на САД-доларот во 2021 и 2022 година, но посилно во однос на проекциите од октомври.

Цените на примарните производи на светските берзи во 2020 година главно забележаа пад, со исклучок на растот на цената на пченицата и бакарот, а остварувањата се повисоки од октомвриските очекувања. Најновите проекции за цените на примарните производи на светските берзи упатуваат на синхронизирани движења, при што се очекува силен раст во 2021 година и пад во 2022 година, што претставува ревизија нагоре за 2021 година, а надолу за 2022 година во однос на октомвриските оценки. Сепак, движењата и оцените за цените на примарните производи се исклучително променливи и тековно се под нагласено влијание од случувањата поврзани со пандемијата, што создава поголема неизвесност околу нивната идна динамика и ефектите врз домашната економија, и на краток, и на подолг рок.

Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика во рамките на октомврискиот циклус проекции не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Во првите три квартали на 2020 година, во просек, економијата бележи реален пад од 5,9%, што е во согласност со очекувањата. Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија и поумерени негативни ефекти од здравствената криза во споредба со претходниот квартал, во услови на релативно брзо закрепнување на производството и извозот вклучени во глобалните синџири на снабдување, постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба, како и примена на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на ковид-19 и мерки за поддршка на економијата.

Така, податоците за овој период, во просек, покажуваат натамошно забавување на годишниот пад на индустријата (во декември беше забележан и годишен раст, за првпат од појавата на пандемијата) и на прометот во вкупната трговија, како и забрзување на растот во градежништвото, при натамошни неповолни движења кај прометот во угостителството.

Во однос на промените кај потрошувачките цени, остварената годишна стапка на инфлација во јануари 2021 година од 1,9% е во согласност со очекувањата според октомвриската проекција. Сепак, при ревизии главно во нагорна насока кај надворешните влезни претпоставки, сѐ уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, што е посебно изразено по појавата на вториот бран од пандемијата на ковид-19, мутациите на корона-вирусот и проблемите со производството и дистрибуцијата на вакцината.

Девизните резерви (приспособени за ценовните и курсните разлики и ценовните промени на хартиите од вредност) на крајот од 2020 година изнесуваa 3.359,9 милиони евра, што претставува годишен раст од 98,4 милиони евра. Гледано преку факторите на промена, растот во најголем дел произлегува од трансакциите за сметка на државата, поконкретно од задолжувањето на државата во странство, додека Народната банка интервенира на девизниот пазар со нето продажба на девизи. Останатите текови се позитивни, но со поумерени ефекти.

Податоците за надворешнотрговската размена за целата 2020 година укажуваат на стеснување на трговскиот дефицит, во услови на пад кај увозната и извозната компонента, во согласност со последните проекции. Истовремено, податоците за менувачкото работење заклучно со крајот на 2020 година се малку повисоки од проектираните за годината. Последните расположливи податоци за јануари 2021 година и понатаму укажуваат на соодветно ниво на девизните резерви.

Расположливите податоци за нето-откупот од менувачко работење, заклучно со крајот на јануари упатуваат на можност за остварување малку пониски нето-приливи од приватните трансфери од проектираните за првиот квартал од 2021 година. Сепак, податоците се расположливи за краток временски период и не се доволни за изведување попрецизни заклучоци.

Во однос на движењата во монетарниот сектор, финалните податоци за декември покажуваат месечен раст на вкупните депозити (од 2,9%) којшто е повисок во однос на растот во претходниот месец (1%), што делумно е резултат на влијанието на сезонските фактори, како и на исплатата на средства од четвртиот пакет економски мерки за справување со кризата од ковид-19. Притоа, за зголемувањето на вкупните депозити речиси еднаков придонес имаат депозитите на претпријатијата и домаќинствата, при негативен придонес на останатите сектори. Според валутната структура, зголемувањето на вкупните депозити во најголем дел е резултат на депозитите во домашна валута (во целост како резултат на растот на депозитните пари), при мал позитивен придонес и на депозитите во странска валута. На годишна основа, вкупните депозити во декември се повисоки за 5,7%, при проектиран годишен раст за крајот на четвртиот квартал од 2020 година од 4,4%, според октомвриската проекција.

Во однос на кредитниот пазар, вкупните кредити на приватниот сектор во декември остварија месечен раст од 1,1% (пад од 0,2 во претходниот месец). Растот на кредитната активност во декември речиси целосно произлегува од растот на кредитите одобрени на претпријатијата, при мал позитивен придонес и на кредитите одобрени на домаќинствата. Според валутната структура, месечниот раст на вкупните кредити речиси подеднакво е резултат на кредитите во домашна и во странска валута. На годишна основа, вкупните кредити во декември се повисоки за 4,7%, што е во рамките на проектираниот раст за четвртиот квартал од 2020 година (5,3%), согласно со октомвриската проекција.

Во Буџетот на Република Северна Македонија во 2020 година е остварен дефицит од 53.866 милиони денари. Буџетскиот дефицит во најголем дел е финансиран преку задолжување од странство, при што дел од приливите се задржани како депозити на државата кај Народната банка. Воедно, во овој период, државата дополнително се задолжи на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Остварениот буџетски дефицит за овој период на годината претставува 95,3% од дефицитот предвиден со вториот ребаланс на Буџетот за 2020 година.

Последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходните оцени. Девизните резерви и натаму се во сигурната зона.

Остварувањата заклучно со крајот на 2020 година се подобри од очекувањата, а остварувањата заклучно со јануари ја одразуваат динамиката на раздолжување на државата кон странство и сѐ уште слабата понуда на девизи поради пандемијата. Падот на економската активност во првите три квартали од 2020 година е во рамките на очекувањата од октомвриските проекции, при значително забавување на падот на бруто домашниот производ (БДП) во третиот квартал.

Расположливите високофреквентни податоци за последниот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија во споредба со претходниот квартал и на натамошно забавување на падот на БДП, согласно со очекувањата.

Во однос на инфлацијата, остварувањата во јануари 2021 година се во согласност со проектираните, при што и натаму е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно со сѐ уште неизвесните економски ефекти од пандемијата на ковид-19. Во рамките на монетарниот сектор, годишниот раст на депозитите во декември е над проектираниот за четвртиот квартал на 2020 година, со октомвриската проекција, додека годишниот раст на кредитите е во рамките на проектираното ниво.

НБРМ

Народната банка продолжува со натамошен развој на статистиката на финансиските сметки со поддршка од ЕУ

Објавено

на

Народната банка продолжува со натамошен развој на статистиката на финансиските сметки, согласно со заложбите за постојано усогласување со највисоките меѓународни и статистички стандарди на Европската Унија. Твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“ придонесува за збогатување на сетот податоци со коишто нашата централна банка тековно располага и коишто за првпат беа објавени на крајот на минатата година. Преземените активности особено се однесуваат на развојот на финансиските сметки – текови, како и на утврдувањето и поставувањето соодветни методи на пресметка и извори на податоци за изготвување на кварталните финансиски сметки – состојби и текови. Централните банки коишто ни се партнерки во овој процес се Хрватската и Романската народна банка. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Митреска: Монетарната политика и натаму ќе биде олабавена, како поддршка во процесот на закрепнување на економијата и одржување на кредитниот циклус

Објавено

на

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на панел-дискусијата нa тема „Монетарната политика во 2021 година“, организирана од реномираната инвестициска банка „Вуд и компанија“. На панел-дискусијата се разговараше за прашања поврзани со последиците од корона-кризата врз економскиот раст во изминатата година и економските изгледи за оваа година, а особено се разгледаа досегашните монетарни мерки и очекувањата за монетарната поставеност во следниот период. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

„Централ бенкинг“: Народната банка води сметка за ангажирање квалитетни кадри и постојано вложува во нивните знаења

Објавено

на

Споредбената анализа на еден од водечките информативни сервиси за централно банкарство и финансии во светски рамки, „Централ бенкинг“, открива дека нашата централна банка се вбројува меѓу централните банки коишто водат сметка за ангажирање квалитетни и посветени кадри, кои се клучен столб при изготвувањето и примената на здрави и издржани политики. (more…)

Продолжи со читање



Популарно