Connect with us

НБРМ

Народна банка: Основната каматна стапка и понудата на благајнички записи се непроменети

Објавено

на

На 11 август 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на БЗ, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, кога сѐ уште постојат ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

На седницата беа разгледани и најновите економски показатели во домашната економија. По забавувањето на растот во првиот квартал на 2020 година, тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од годината упатуваат на понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, во согласност и со очекувањата. Тие се видливи преку двоцифрениот пад на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото. Сепак, гледано по месеци, поголем дел од надолното приспособување е сконцентрирано во април и мај, додека во јуни се забележуваат знаци на закрепнување.

Во однос на ценовните промени, стапката на инфлација во јули изнесуваше 1,3%, на годишна основа и 0,6%, збирно за првите седум месеци од годината, главно под влијание на повисоките цени на храната. Ваквите поместувања претставуваат нагорно отстапување во однос на очекуваната стапка на инфлација за 2020 година. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, постои одредена неизвесност околу проекцијата на инфлацијата за 2020 година.

Нивото на девизните резерви на крајот на јули, според сите показатели за адекватноста, и натаму е во сигурната зона. Во текот на јули, главните фактори коишто придонесоа за промената на девизните резерви се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство, а помал придонес имаа и извршените интервенции на Народната банка на девизниот пазар. Надворешната позиција на економијата, во второто тримесечје, е малку поповолна од очекуваната, при понизок трговски дефицит во однос на проектираниот. Притоа, извозните остварувања се подобри од очекувањата, во услови на значително подобрување на активноста на дел од компаниите ориентирани кон извоз во текот на јуни. Расположливите податоци од надворешниот сектор за третото тримесечје од годината се ограничени.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јули покажуваат нивен понатамошен солиден годишен раст, малку повисок во однос на проекцијата за вториот квартал од годината.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидносната позиција на банкарскиот систем во домашна валута беше на релативно високо и солидно ниво, што придонесе за многу ниска и повремена потреба на банките за задолжување на пазарите на пари. Показателите за домашните финансиски пазари за јули 2020 година упатуваат на сезонски раст на понудата на девизи, главно предизвикан од физичките лица на менувачкиот пазар. Со ова дојде до подобрување на движењата на девизниот пазар на банките со нивните клиенти и натамошно зголемување на девизната ликвидност на банкарскиот систем, што ја намали потребата  за интервенции за продажба на девизи на Народната банка. Релативно поволните трендови на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на август.

Во јули, сигналите за закрепнување на економскиот раст во еврозоната и Кина, информациите за развој на вакцина против вирусот ковид-19 и натамошната монетарна и фискална поддршка на најголемите економии создадоа оптимизам кај инвеститорите на меѓународните финансиски пазари, што се одрази со нагорна динамика на берзанските индекси во глобални рамки. Овие случувања беа изразени сѐ до втората половина на месецот, кога поради загриженост на инвеститорите поврзана со појавата на втор бран заразени од корона-вирусот на глобално ниво и зголемените политички тензии помеѓу САД и Кина, расположението на инвеститорите се промени и предизвика пад на приносите на државните обврзници во еврозоната и САД.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на монетарната политика, доколку тоа е потребно.

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на започнувањето на втората фаза од проектот со ИНФЕ-ОЕЦД и МФ на Холандија: Преку финансиска едукација до ползување на придобивките од финтек-секторот

Објавено

на

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на покана на министерката за финансии на Холандија и ОЕЦД, учествуваше на настан посветен на финансиската едукација. Средбата истовремено го означи и почетокот на втората фаза на проектот финансиран од холандското министерство за финансии и ИНФЕ-ОЕЦД, насочен кон поддршка на финансиската писменост и инклузија во регионот на ЦЈЕ. Средбата ја отвори потпретседателката на Владата на Холандија и министерка за финансии, Сигрид Кааг, со обраќање кон присутните. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Митреска на настан на ЕБОР за младите претприемачи: Посилната вклученост на младите во бизнисот го зголемува потенцијалот на економијата

Објавено

на

„Народната банка особено ги цени, ги вреднува и ги поддржува иницијативите коишто ја поткрепуваат посилната вклученост на младите во целокупното општество. Спојувањето на финансиите и знаењето се важни за поттикнување на младите во бизнисот, искористувањето на нивниот потенцијал и потенцијалот на економијата во целина“,  истакна вицегувернерката на Народната банка, Aна Митреска на настан во организација на Европската банка за обнова и развој, на кој се презентираа наоди од процената на пазарот спроведена во рамките на програмата на ЕБОР „Младите во бизнисот“. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Главната економистка на Народната банка: Финансиската писменост е потреба во современиот динамичен финансиски систем

Објавено

на

„Со активностите предвидени во рамките на Деновите на финансиската писменост, Народната банка дава натамошен придонес исполнувајќи ја потребата за финансиска едукација во современиот динамичен финансиски систем. Сведоци сме на разновидна понуда на финансиски услуги, под различни услови, преку различни канали. Дигиталните финансиски услуги носат многу предности за корисниците, но наметнуваат потреба од дополнителни знаења и нѐ соочуваат со нови предизвици и ризици. Неопходно е постојано надградување на знаењата, не само во врска со тоа како да се користат финансиските услуги, туку и како да се заштитат правата на граѓаните како потрошувачи. Како што се менува финансискиот систем, така расте потребата од нови знаења за соодветно управување со личните финансии“, истакна главниот економист на Народната банка, Анета Крстевска при гостување во програмата на Македонското радио. Говорејќи за одбележувањето на Деновите на финансиската писменост, за што Народната банка предвиде онлајн предавања во следните три дена, Крстевска посочи: „Подигнувањето на нивото на финансиската писменост е една од стратегиските цели на Народната банка. Во рамките на овие денови, Народната банка, како општествено одговорна институција, нуди можност за стекнување и подобрување на знаењата на населението од оваа област.“

Во интервјуто, главната економистка на Народната банка посочи дека заложбите за подобрување на финансиската писменост се и одговор на потребите на населението, коешто во нашата земја, во согласност со спроведената анкета, остварува 56% од максимумот при оценувањето на трите компоненти коишто се составен дел од финансиската писменост: финансиско знаење, финансиско однесување и финансиски ставови. Овој показател е блиску до просекот за ЈИЕ (58%), но понизок во однос на напредните економии на ОЕЦД од 66%. Податоците се резултат на спроведената анкета на Меѓународната мрежа за финансиска едукација ИНФЕ при ОЕЦД во 2019 година со која се изврши мерење на финансиската писменост на населението во нашата земја во рамките на регионалниот проект за финансиска едукација поддржан од Министерството за финансии на Холандија и ИНФЕ-ОЕЦД.

Деновите на финансиската писменост се одбележуваат по седми пат. Годинава се предвидени обуки за повеќе теми коишто опфаќаат знаења за монетарната политика, за избор на кредит, за новините на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за структурата на финансискиот систем и движењата во банкарскиот систем. Презентациите се наменети за сите заинтересирани граѓани, слушатели со основно и со понапредно ниво на знаења. Оваа година се предвидени и две наменски предавања за средношколците, во пресрет на нивниот интерес за финансиска едукација, како дополнение на досегашната можност што ја имаат училиштата за поднесување барање за предавање. Учеството во обуките се обезбедува преку електронско пријавување на секое заинтересирано лице. Повеќе информации за предвидените обука може да најдете на следнава врска.

Продолжи со читање

Популарно