НБРМ
Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика – каматните стапки зголемени за дополнителни 0,25 п.п.

На 21 март 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,25 п.п. до нивото од 5,50%. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,40% и 3,45%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Со овие промени, Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, со активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.
Поместувањата во изминатиот период во сегментите релевантни за монетарната политика се во согласност со очекувањата, но ризиците и натаму опстојуваат. Годишната стапка на инфлација забавува и во февруари 2023 година, четврти месец последователно. Воедно, анкетните истражувања на Европската комисија, од ноември наваму, покажуваат очекувања на потрошувачите за одредено намалување на инфлацијата во следните дванаесет месеци. Забавување бележи и базичната инфлација, но таа и натаму е на повисоко нивo. Исто така, и покрај надолната патека, очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите и натаму се проследени со голема неизвесност. На девизниот пазар, движењата се стабилни, при забележано подобрување во сите сегменти, вклучително и кај корпоративниот сектор. Сепак, неизвесноста околу идните текови и натаму опстојува, а амбиентот за спроведување на монетарната политика дополнително се усложнува со најновите случувања во САД и Европа поврзани со проблемите во финансиската сфера. Од тие причини, неопходно е претпазливо водење на политиките заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Гледано од аспект на странската каматна стапка, како битен надворешен фактор за спроведувањето на домашната монетарна политика, на состанокот во март, ЕЦБ, според најавата, донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво подолг период од претходно очекуваниот.
Во однос на најновите показатели, растот кај домашните цени и натаму забавува во согласност со очекувањата и во февруари 2023 година се сведе на 16,7% (17,1% во јануари). Забавувањето на годишната стапка на инфлација е условено од забавениот раст на цените кај енергетската и базичната компонента на инфлацијата, при одредено стабилизирање кај прехранбената компонента. Ревизиите во однос на очекуваните движења кај надворешните влезни претпоставки за проекцијата на инфлацијата се во различни насоки, при што ризиците во однос на проектираната стапка на инфлација за 2023 година главно се урамнотежени. Притоа, и понатаму е нагласена високата неизвесност во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, при неизвесни економски ефекти од војната во Украина.
Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на февруари е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на февруари беа претежно стабилни, при што Народната банка само повремено беше присутна на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јануари 2023 година засега е малку понизок од очекувањата за првиот квартал од годината, но периодот на оцена е премногу кус за да се изведат попрецизни заклучоци. Најновите остварувања на менувачкиот пазар, заклучно со февруари, се поволни и засега се во склад со проектираните нето-приливи од приватните трансфери за првиот квартал од 2023 година. Остварувањата кај билансот на плаќања за четвртиот квартал од 2022 година упатуваат на понизок дефицит во тековната сметка во однос на октомвриската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи од очекуваните, што заедно доведе до повисок раст на девизните резерви од проектираниот.
Што се однесува до домашната економска активност, во четвртиот квартал од 2022 година реалниот раст на БДП очекувано забави, со што во просек, за целата 2022 година, економијата бележи реален раст од 2,1%, што е многу блиску до очекувањата од октомвриската проекција. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за јануари покажуваат солиден реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот пад во претходниот квартал, како и поумерени негативни движења кај индустриското производство.
Во однос на монетарните движења, заклучно со февруари 2023 година растот на кредитната активност на годишна основа и натаму забавува сведувајќи се на 7,7%, што главно е во рамките на очекуваното забавување. Притоа, кредитите на населението и натаму забавуваат, при што годишната стапка на раст во февруари изнесуваше 7,2%. Истовремено, растот кај депозитите забрза и достигна 5,9%, што е малку над очекувањата.
Општо земено, неизвесното и променливо надворешно окружување и нагласените ризици налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
НБРМ
Оваа недела ќе се одржи 48. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

На 21 септември 2023 година (четврток), со почеток во 14 часот, ќе се одржи 48. сесија на Клубот на истражувачите на Народна банка преку видеоконференциска врска на е-платформата „Вебекс“. (more…)
НБРМ
Нацевска на симпозиум на високо ниво: Приближувањето на европските мултинационални компании кон регионот – можност за поголем економски раст и интеграција на земјите од Западен Балкан кон ЕУ

Вицегувернерката Емилија Нацевска заедно со професорката Паула Субачи (Paola Subacchi) од Универзитетот Квин Мери во Лондон и истражувачот Џан Ферети (Gian Ferretti) од Брукингс центарот за макроекономски истражувања (англ. Brookings Institution) учествуваше на панелот „Подвојување на глобалниот финансиски систем – импликации за трговијата, капиталните текови и девизните курсеви” којшто беше дел од дискусиите на симпозиумот на високо ниво во организација на централната банка на Ерменија и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс. Зголемените геополитички тензии креираат ризици од фрагментација на глобалната економија и претставуваат сериозна закана за сите досегашни придобивки од високата меѓусебна поврзаност и зависност на глобалниот економски систем, што може да доведе до сериозни импликации и загуби во светската економија. Геополитичките настани во последните неколку години ја поттикнуваат фрагментацијата и во инфраструктурата за извршување на меѓународните плаќања, што дополнително може да влијае на трговските и капиталните меѓузависности на земјите и регионите и со тоа повратно да ја засили економската фрагментација. (more…)
НБРМ
Средба на гувернерката со учениците кои донесоа бронзен медал од Меѓународната економска олимпијада

„Финансиската едукација и финансиската инклузија, со особено внимание на младата популација, се значаен приоритет на Народната банка. Оттаму, Народната банка поддржува повеќе инцијативи во овој сегмент, вклучително и учеството на Меѓународната економска олимпијада, а особено радува кога младите се истакнуваат со забележителни знаења на меѓународните натпревари.“ Ова беше посочено од гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешната средба со учениците од средните училишта, овогодишните учесници на Меѓународната економска олимпијада и професорите Анета Гацовска-Барандовска и Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, кои ги координираа подготовките на тимот. (more…)
- Анализипред 2 months
АНАЛИЗА ШТЕДНИ ВЛОГОВИ: Во која банка е најповолно да ги орочите средствата на една година?
- Банкипред 1 month
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Домашни банкипред 2 months
ФАНТАСТИЧНО ПОЛУГОДИЕ ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – оствари добивка од 32,5 милиони евра за шест месеци во 2023 година
- Банкипред 1 month
УНИБанка вработува Раководител и Референт на фронт офис во експозитура во Скопје
- Платежни картичкипред 2 months
Масовен проблем со платежни картички, пос уреди и банкомати во Македонија
- Банкипред 3 weeks
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Домашни банкипред 2 months
Стопанска банка Скопје преку високо пазарно учество до профит од над 27 милиони евра за 6 месеци
- Банкипред 1 month
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје