Connect with us

Домашни банки

МОЌЕН РЕЗУЛТАТ НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ВО ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ – зголемување на добивката за фантастични 36%

Објавено

на

Во периодот од 01.01-30.06.2022 година Комерцијална банка АД Скопје од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.127,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 828,3 милиони денари што претставува зголемување за 36,1%. Планираната бруто-добивка за првото полугодие е остварена со 95,9%.

Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,4% помала во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од помал износ на приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот и помалку наплатени претходно отпишани побарувања, додека приходите од редовно работење (нето приходи од камати, нето приходи од провизии и нето курсни разлики) бележат пораст. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на сеуште присутни ризици поврзани со идниот тек на пандемијата, зголемена инфлација која поттикна затегнување на монетaрната политика, енергетска криза и воен конфликт помеѓу Русија и Украина, кои се очекува да имаат изразено неповолни ефекти врз глобалната економија.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.500,6 милиони денари и бележат зголемување од 3,4% во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2022 година истите бележат зголемување од 12,6% во однос на истиот период од минатата година главно како резултат на зголемувањето на приходите од камата од кредити дадени на нефинансиски друштва, држава и домаќинства, како резултат на зголемено кредитирање. Планот за анализираниот период е остварен со 103,0%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2022 година изнесуваат 513,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 4,8%. Планот за анализираниот период е остварен со 101,9%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2022 година изнесуваат 133,0 милиони денари и бележат зголемување од 62,2%, главно како резултат на поголемиот промет со клиенти правни и физички лица на девизниот пазар. Планот за анализираниот период е остварен со 158,3%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2022 година изнесуваат 530,7 милиони денари и бележат намалување од 19% во најголем дел како резултат на помалиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот и помалку наплатени претходно отпишани побарувања. Планот е остварен со 92%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2022 година изнесуваат 990,5 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 11,6% како резултат на зголемени материјални трошоци поради зголемена цена на електричната енергија, зголемена амортизација и донации во спортот по принцип на ваучери, како и зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот за 5% од почетокот на годината и зголемени премии за осигурување на депозитите. Планот е остварен со 105,7%.

Во периодот од 01.01-30.06.2022 година Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 6,9 милиони денари.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 375,9 милиони денари, наспроти 700,5 милиони денари во истиот период минатата година, што претставува намалување за 46,3%. Намалувањето на нето-исправката на вредност на финансиските средства се должи на повисоката споредбена основа во истиот период минатата година, кога Банката издвои поголем износ на резервации за корпоративното портфолио. Банката внимателно ги следи состојбите во домашната економија и во тек е изработка на проценки за очекуваниот квалитет на кредитното портфолио до крајот на годината и неговото влијание врз финансискиот резултат.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката на 30.06.2022 година достигна износ од 148.595,5 милиони денари и бележи минимален пораст во однос на декември 2021 година. Планот е остварен со 98,5%.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 11,9%, главно заради намалената состојба на пласираните депозити преку ноќ во НБРСМ, а со цел обезбедување попрофитабилни пласмани. Планот е остварен со 86,5%.

Средствата за тргување бележат зголемување за 14% како резултат на поголем износ на купени од продадени акции во извештајниот период. Планот е исполнет со 113,8%.

Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 352,4 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 36,2%, кое се должи главно на одобрени кредити за ликвидност на домашни банки. Покрај тоа, во оваа позиција зголемување бележат и пласманите во странски банки над 3 месеци, што се должи на позитивните придвижувања на каматните стапки кај странските банки во услови на зголемени референтни стапки од страна на ФЕД. Планот е исполнет со 135%.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 8,4% како резултат на зголемено кредитирање на секторите нефинансиски друштва и домаќинства, поради отпочнатото економско заздравување од крајот на минатата година. Планот е остварен со 106,8%.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 4,1% главно како резултат на запишани државни записи во денари и со валутна клаузула, како и македонски еврообврзници. Планот е остварен со 102,9%.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 2,1% и имаат минимално учество во вкупната актива.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 131.361,8 милиони денари и бележат зголемување од 0,2%. Планот е остварен со 98,7%.

Врз состојбата на вкупните депозити во текот на првото полугодие влијание имаат следните настани:
– одливите на средства од сметките на енергетските компании на почетокот на годината заради зголемените цени на електричната енергија,
– распределбата на остатокот од стечајната маса на Еуростандард банка АД во стечај,
– повлекување на штедните влогови на домаќинствата во март како психолошка реакција на отпочнувањето на воениот конфликт во Укарина,
– стабилизирање на состојбите во текот на мај и јуни и враќање на депозитите на домаќинствата на патеката на стабилен раст, што придонесе и за раст на вкупните депозити.

Обврските по кредити достигнаа износ од 747,9 милиони денари и се зголемени во однос на декември 2021 година за 4,8%. Планот е остварен со 107,4%.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2022 година достигнаа износ од 14.543,6 милиони денари и бележат намалување од 2%, како резултат на нето-ефектот од зголемување на резервите на Банката согласно Одлука од Собранието на акционери, евидентирана зголемена тековна добивка, зголемена задржана добивка и исплата на дивиденда на акционерите на Банката во април. Планот е реализиран со 95,0%.

Очекувања за претстојниот период

Покрај натамошното неповолно влијание на здравствената криза и ризиците поврзани со истата, макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност до крајот на 2022 година се исто така условени и од геополитичките состојби – особено кризата во Украина и нејзините ефекти врз економијата на ЕУ, како и состојбата со достапноста и цената на енергенсите и храната. Ваквите тековни состојби се очекува да имаат изразено неповолни ефекти врз глобалната економија и би се прелеале соодветно и во домашната економија. Од друга страна, отпочнувањето на евроинтеграциските процеси на Државата се очекува да има позитивни ефекти врз економската активност.

Високото ниво на неизвесност во домашната економија и на меѓународен план упатуваат на потребата од поконзервативен пристап во обликувањето на очекувањата за 2022 година. По остварениот раст од 4,0% во текот на 2021 година, се очекува домашната економска активност умерено да забави, додека инфлаторните притисоци се очекува да продолжат до крајот на годината, а забавување на инфлацијата би било можно во текот на 2023 година.

Се очекува да биде одржана макроекономската стабилност во Република С. Македонија преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Банките ќе ги следат сигналите на Централната банка во однос на затегнувањето на монетарната политика и соодветно ќе ги корегираат каматните стапки на депозитите и кредитите.

Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со зголемените трошоци, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа.

Домашни банки

Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 2 јуни 2023 година

Објавено

на

Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 2 јуни (петок) 2023 година заради празнување на Духовден. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

Финансиска поддршка од Комерцијална банка за ново издание на турнирот во мал фудбал „Тоше Проески“

Објавено

на

Меѓународниот турнир во мал фудбал „Тоше Проески“ во Крушево и годинава, со финансиска поддршка од Комерцијална банка, собра на едно место спортски екипи од повеќе држави во чест и спомен на музичката легенда. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

Комерцијална банка ја врачи престижната награда „Роман на годината“ на академик Влада Урошевиќ

Објавено

на

Сo сечено врачување на наградата „Славко Јаневски“ на академик Влада Урошевиќ, Комерцијална банка како Генерален покровител одбележа уште едно престижно издание на „Роман на годината“.

Наградата под покровителство на Комерцијална банка се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150 илјади денари, а годинава ја доби романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ, во издание на „Арс Либрис“. Традиционално наградата ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“.

Академик Урошевиќ е особено горд на наградата и на своето дело, кое докажува дека „македонскиот јазик може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него и дека на планот на книжевните идеи имаме што да му покажеме на светот“.

Банката обезбедува и 183.000 денари за паричен надоместок на членовите на жири-комисијата, кои годинава одлучуваа за победникот во конкуренција на 35 романи.

„Комерцијална банка е горда што е поддржувач на оваа значајна манифестација, во која препознава искрена желба и длабока волја за негување на македонскиот пишан збор и за создавање богато наследство за идните генерации. Секогаш е полесно заедно да успееме во оваа благородна цел“, порача Андреј Јовковски, директор на Самостојната дирекција за маркетинг во Комерцијална банка, при врачувањето на наградата.

Со поддршката на „Роман на годината“, како и со целокупната своја поддршка на домашната литература, Комерцијална банка дава долгорочен и исклучително значаен придонес за унапредување на литературното творештво во земјава.

Продолжи со читање

Популарно