Connect with us

Анализи

Македонските банки со најуспешни резултати на ниво на цел регион

Објавено

на

Повеќе од успешни се резултатите од работењето на банките во земјава минатата година, како во однос на добивката, така и во однос на обемот на работа, стабилноста и одговорноста кон новонастанатата состојба. Споредбата на финансиските резултати на банките од Република Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Хрватска покажува дека македонските банки се одлично капитализирани и финансиски успешни.

Македонските банки, споредено со банките од регионот, најуспешно се справија со кризата во 2020 година предизвикана од пандемијата од вирусот Covid-19. Повеќе од импресивни се резултатите од работењето на банките во земјава минатата година, како во однос на добивката, така и во однос на обемот на работа, стабилноста и одговорноста кон новонастанатата состојба. Споредбата на финансиските резултати на банките од Република Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Хрватска покажува дека македонските банки се одлично капитализирани и финансиски успешни.

Одговорниот пристап во работењето, навремените мерки од самите банки и од централната банка и довербата на граѓаните во стабилноста на банкарскиот сектор придонесоа Covid-кризата и одземањето на лиценцата за работа на Еуростандард банка да не ги загрозат резултатите и перформансите на македонскиот банкарски систем. Оваа состојба на банките е повеќе од солидна основа за во 2021 година да успеат да се справат со предизвиците и последиците од економската криза, која добива одложено дејство бидејќи крајот на пандемијата сѐ уште не се гледа.

Но, и покрај успешните резултати и одговорното работење, менаџерските тимови во банките во земјава веќе извесен период се соочуваат со уште еден предизвик – шпекулациите за пропаѓање на банки, кои намерно се шират од одредени кругови, од само ним познати причини. Ниту резултатите на банките, ниту официјалните изјави од Народната банка, ниту долгогодишната стабилност на банкарскиот сектор не се доволен показател за да ги разубедат одредени личности во нивната намера да шират дезинформации за состојбите во банкарскиот систем. Имајќи го ова предвид, не е исклучена можноста и овие дезинформации намерно да се пласираат во јавноста, поради што се прави огромна штета врз стабилноста на целиот банкарски сектор и се предизвикува непотребна паника кај населението. 

И, за жал, ова се случува само во Северна Македонија. Иако банките во другите земји споменати погоре 2020 година ја завршија со двојно помали добивки во работењето, никој не ја доведува во прашање нивната успешност и стабилност бидејќи се очекува и се бара од банкарскиот сектор да поднесе голем дел од товарот за поддршка на националната економија во услови на силно изразена криза. Истото се очекува и од македонските банки и тие веќе ги имаат на маса деловните планови за годинава, кога треба да излезат во пресрет на потребите, пред сѐ, на компаниите за да им помогнат да ги надминат финансиските тешкотии.   

Како ја завршија 2020 година македонските, а како банките од другите земји во регионот?

Како што веќе објави НБРСМ, 14-те банки во земјава во 2020 година остварија вкупна добивка од 7,25 милијарди денари, односно околу 118 милиони евра, што е за 9,2 милиони евра повеќе отколку во 2019 година. Во другите земји во регионот добивките на банките се скоро преполовени. 

Според податоците од НБРСМ, значајно зголемување на профитот има кај средните банки, а тука влегуваат ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка Македонија, УНИБанка, Стопанска банка а.д. Битола, Централна кооперативна банка и Развојната банка на Северна Македонија. Профитабилноста на малите банки (ТТК банка, Силк Роуд банка и Капитал банка) е слична како и во претходната година, додека на петте големи банки вкупната добивка бележи намалување иако Комерцијална банка има поголемa добивка од таа во 2019. Квалитетот на кредитното портфолио, она што претставува најголема грижа на банките поради економската криза, покажува дека учеството на нефункционалните пласмани во бруто кредитите на небанкарскиот сектор на 30.09.2020 година изнесува 3,4% (2019 – 4,8%), при што кај секторот население показателот се намалил на 1,6% (2019 – 2,0%), додека кај претпријатијата се намалил на 5,3% (2019 – 7,3%). Ликвидноста на банкарскиот сектор е одржана на високо ниво.  Високоликвидната актива кај банките на 30.09.2020 изнесува 21,6% (30.09.2019 – 24%) од вкупната актива и покрива 36,2% од краткорочните обврски (30.09.2019 – 41,9%). Адекватноста на капиталот на ниво на банкарски сектор на 30.09.2020 година изнесува 16,9% (2019 – 16,3%).

КАКО РАБОТЕА БАНКИТЕ ВО РЕГИОНОТ ВО ПАНДЕМИСКАТА 2020 ГОДИНА?

Вкупната актива на банкарскиот сектор во Србија, кој го чинат 26 банки, во првите три квартали од 2020 година порасна за 10,4%, а кредитната активност продолжи да расте и покрај влијанието на пандемијата од Covid-19. Но, добивката е намалена за една третина. Во 2020 година, банките во Србија пријавија вкупна добивка пред оданочување од 390 милиони евра, а година дена пред тоа вкупната добивка изнесуваше 573 милиони евра. На списокот на банки кои работеле со профит нема изненадувања. Интеса Санпаоло ја задржа водечката позиција, втора е Уникредит, а трета Комерцијална банка Белград. Во Народната банка на Србија сметаат дека падот на профитабилноста е резултат на зголемените резервации за потенцијални кредитни загуби. 

Вкупната нето добивка на банките во Хрватска во 2020 година е за 53,1% помала отколку во 2019 и изнесува 360 милиони евра. Хрватските банки ги зголемија резервациите за очекувани загуби кои го одразуваат потенцијалното зголемување на кредитниот ризик поради пандемијата. Со намалената добивка се намалија и показателите за профитабилноста, па така приносот на актива (РОА) од 1,4% падна на 0,6%, а приносот на капитал (РОЕ) од 9,8% на 4,4%.

Кредитните институции ја задржаа добивката остварена во 2019 година, со што е создадена претпоставка за дополнително зајакнување на капиталот и зголемување на вредноста на клучните показатели на капитализираноста. Вкупната стапка на капиталот на банкарскиот систем изнесуваше 24,9%“, соопштија од Хрватската народна банка.

Истражувањето на Делојт за очекуваниот ефект на пандемијата врз банкарскиот сектор во регионот на Средна и Источна Европа покажува дека се уште владее неизвесноста околу способноста на должниците да продолжат да ги отплаќаат кредитите во 2021 година. Хрватските банкари се повнимателни од останатите и сметаат дека нивото на лоши кредити во наредните две години ќе порасне за 5% до 10%. Дел од банките во Хрватска планираат продажба на портфолиото на лоши кредити во наредните шест месеци. 

Комерцијалните банки во Црна Гора, според прелиминарните деловни резултати, оствариле профит од 22,7 милиони евра, што е двојно помалку отколку во 2019 година, кога прикажаа добивка од 48,6 милиони евра. Според Централната банка на Црна Гора, тоа е резултат на зголемените трошоци за обезбедување и намалувањето на нето приходите од провизии и надоместоци. Заклучно со крајот на 2020 година во Црна Гора работеа 12 банки. 

Според првичните месечни податоци за декември, и покрај вонредните деловни услови, банкарскиот сектор е профитабилен. Негативен финансиски резултат пријави само една мала банка, а нејзината адекватност на капиталот беше над 25%“, објаснија од Централната банка на Црна Гора.

Вкупната добивка на банките во Босна и Херцеговина во 2020 година е за 38,1% помала во однос на 2019, при што дел од банките пријавија и загуби. Агенцијата за банкарство на Федерација Бих објави дека показателот за профитабилност РОАА (добивка во однос на просечна актива) изнесува 0,7%, а добивката во однос на просечниот вкупен капитал (РОАЕ) изнесува 5,7%.  

Што велат банкарите?

Во НЛБ банка АД Скопје оценуваат дека „банкарскиот сектор во земјава се карактеризира со здрави основи и висока ликвидност во 2020 година и покрај појавата на пандемијата Ковид 19, остана стабилен и во добра кондиција, што придонесе за ублажување на шокот од корона-кризата, обезбедувајќи кредитна поддршка на економијата. Кредитниот раст и депозитната база беа позитивни во двата сегменти – и кај населението и кај претпријатијата. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити во првите три квартали од годината е намалено и постои соодветна резервираност на нефункционалните кредити за справување со кредитниот ризик. Во текот на 2020 година, Народната банка ја намали каматната стапка на благајничките записи и значително го намали понудениот износ на благајнички записи, како дел од мерките за олеснување на монетарната политика и придонес за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови. Сето ова заедно со високиот вишок на ликвидност постојано притискаше на намалување на каматните стапки, пред сè на депозитите на населението, додека кај кредитите притисокот беше поизразен кај компаниите“.

Раководството на НЛБ банка АД Скопје е задоволно од постигнатите резултати во минатата година. „И покрај тоа што 2020 година беше специфична во секој поглед, а пред сѐ под директно влијание од негативните ефекти од предизвикот Ковид 19, Банката оствари одлични резултати. Овие резултати се одговор на проактивниот пристап кој го има Банката, како и на успешното преструктуирање во услови на здравствена криза, при што беше одржан деловниот континуитет во работењето и сите активности и опслужувањето на клиентите се одвиваше без прекин. И во услови на најголемата здравствена криза досега, Банката продолжи со својата безрезервна поддршка кон своите клиенти и економијата воопшто и продолжи да ги кредитира населението и стопанството“.

Во ОТП банка Србија сметаат дека неизвесната година наметнала промислено и брзо реагирање од страна на банките, прилагодување и носење одговорни одлуки. „Пандемијата сите не стави пред разни тестови, пред сѐ на тестот на подготвеноста за кратко време да го трансформираме работењето за да го заштитиме здравјето на сите нас. Приоритет ни беше успешно да ја реализираме поддршка на стопанството и на граѓаните спроведена од Владата на Србија и да ја одржиме кредитната активност во согласност со потребите на клиентите“. 

Дефинитивно Covid-19 го тестираше квалитетот на системот за управување со ризици на банките и тоа подобро од кое било друго можно стрес-сценарио. 

Многу силната капитална адекватност од над 25% и понатаму претставува цврста основа за успешно работење и голем простор за ублажување на ефектите од можните неповолни движења во 2021 година“, сметаат во Сбербанка Србија. 

И во Загребачка банка се задоволни од капиталната и ликвидносната позиција, која им овозможува солиден потенцијал за поддршка на кредитната активност. „Во 2020 година, посебно внимание беше посветено на олеснување на редовната отплата на клиентите погодени од пандемијата. Се насочивме на развивање мерки за да им пружиме поддршка преку аранжмани за запирање на наплатата на доспеаните побарувања и мораториум, со кој беше овозможена шестмесечна пауза во отплатата на кредитите“.

Преземањето на оваа содржина не е дозволена без согласност од Редакцијата на Банкарство.мк.

Анализи

Партиска книшка или вистински квалификации – што е пресудно за вработување на високо раководни позиции?

Објавено

на

Институциите обезбедуваат услуги како за граѓаните така и за други институции и се клучна алка во успешното спроведување на реформските процеси. Тие трошат јавни (ваши) пари и последиците од нивното работење директно влијаат врз вкупниот квалитет на живеењето и развојот на заедницата. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Кои финтек компании во Македонија ќе бидат конкуренција на банките?

Објавено

на

Најизвесно е дека тоа ќе бидат телекомуникациските оператори бидејќи веќе имаат ликвидни средства и голема база на клиенти, ИТ компаниите кои нудат или поседуваат софтверски решенија за процесирање и евентуално постоечките финансиски друштва, кои агресивно го освојуваат пазарот на финансиски услуги. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Експертите советуваат: Не ги повлекувајте заштедите од банките бидејќи банкарскиот систем е стабилен, а штедните влогови се безбедни!

Објавено

на

Македонскиот банкарски систем е стабилен и сигурен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот, беа уверувањата од Народната банка и од Македонската банкарска асоцијација по укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минималните законски услови за работење на банка. (more…)

Продолжи со читање


Популарно