Connect with us

НБРМ

Мажите имаат полесен пристап до финансиите од жените!?

Објавено

на

Машката популација има полесен пристап до финансиите. Четириесет и пет отсто од вкупниот број индивидуални кредитокорисници се жени, додека 55 отсто се мажи, а во однос на обемот на кредити само 38 отсто од вкупно одобрените заеми отпаѓаат на жени.

Ова, како што соопшти Народната банка, го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во видеоразговорот за „Еуромани”, со кој започнаа активностите од програмата на големиот Глобален форум на позајмувачи и инвеститори во обврзници, а на кој порача дека поголемата финансиска вклученост воопшто, особено поголемата финансиска вклученост на жените, несомнено може да донесе голем број економски придобивки за целото општество.

„Во однос на пристапот до кредити, жените сочинуваат 45 отсто од вкупниот број индивидуални кредитокорисници, во споредба со 55 отсто мажи, а во однос на обемот на кредити, уште помалку, односно само 38 отсто од вкупните одобрени заеми отпаѓаат на жени. Во однос на динамиката, има подобрување за три процентни поени во последните 10 години, односно учеството на жените во вкупните кредити се зголеми од 35 отсто на 38 отсто. Сепак, податоците укажуваат дека машката популација има полесен пристап до финансиите“, рече гувернерката.

Таа наведе дека достапните студии и податоци на глобално ниво, како што е Анкетата на ММФ за финансискиот пристап, укажуваат на релативно широк јаз меѓу половите во пристапот до финансии и дека тоа е сложен феномен што треба да се реши на холистички начин, со политики коишто се вон работата на централните банки, но оти централни банкари може и треба да преземат некои чекори во таа насока.

Во разговорот Ангеловска-Бежоска посочи на два аспекта на коишто треба да бидат фокусирани централните банки во справувањето со јазот на финансиската вклученост на мажите и жените.

„Прво, можеме да создадеме регулаторно окружување што би довело до поголема конкуренција и нови, поевтини и подобри финансиски производи согласно со потребите на клиентите – пример за тоа се финтек-производите. Тие може да обезбедат полесен пристап до финансии и за жените и за другите групи кои традиционално се помалку вклучени во формалниот финансиски систем. Во овој контекст, ние како централна банка сме во завршната фаза од изготвувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи што промовира поголема конкурентност, транспарентност, како и поголема заштита на потрошувачите, што сметаме дека ќе го намали и родовиот јаз во пристапот до финансии. Една од главните предности на оваа нова законска рамка ќе биде воведувањето сметка за плаќање со основни функции, што ќе биде бесплатна за поранливите категории“, истакна гувернерката во разговорот.

Таа додаде дека вториот аспект е вложувањето во финансиската едукација, односно дека повисокото ниво на финансиска писменост ќе го олесни и пристапот до финансии на граѓаните. Анкета на ОЕЦД, како што рече гувернерката, јасно покажува дека се потребни дополнителни напори за натамошно зголемување на нивото на финансиска писменост во регионот на ЈЕИ, вклучително и кај нас.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на прашања за родовата рамноправност во централните банки и за предизвиците во овој сегмент, коишто на глобално ниво ги донесе пандемијата на ковид-19.

Големиот Глобален форум на позајмувачи и инвеститори во обврзници е еден од најзначајните меѓународни настани во организација на „Еуромани”. Разговорот со „Еуромани” беше посветен на прашања за вклученоста на жените во економските текови, особено во контекст и на предизвиците од актуелната корона-криза.

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на конференција на ММФ и ХНБ: Структурни реформи и пристап до меѓународно финансирање за поддршка на растот на регионот

Објавено

на

Според последниот извештај на Светскиот економски форум, ризикот од фрагментација на глобалната економија (деглобализација) е еден од трите најголеми глобални ризици, заедно со кризата на трошоците на животот и климатските ризици. Процесот на деглобализација може особено неповолно да делува на малите економии коишто по својата природа се повеќе зависни од надворешна трговија и пристап до надворешно финансирање. Ова беше дел од дискусијата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на тркалезната маса којашто ја водеше директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, во рамките на конференцијата под наслов „Водење политики во немирни води: Јакнење на отпорноста на Централна, Источна и Југоисточна Европа“, во организација на Хрватската народна банка (ХНБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Конференцијата ја отвори директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, заедно со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на конференција од висок профил во Хрватска во организација на ХНБ и ММФ

Објавено

на

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествува на конференција во организација на Хрватската народна банка (ХНБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која се одржува од 2 до 3 јуни во Дубровник, Хрватска. Конференцијата насловена „Водење политики во немирни води: Јакнење на отпорноста на Централна, Источна и Југоисточна Европа“, е настан од висок профил, кој традиционално обединува гувернери, министри за финансии од регионот на ЦИЈЕ и високи претставници на меѓународни финансиски организации, а оваа година учество ќе земе и претседателката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Народната банка им ги пренесува искуствата за изготвување статистика на финансиските сметки на другите централни банки

Објавено

на

Народната банка, покрај тоа што е посветена на развојот на институционалниот капацитет на своите вработени, ги пренесува и своите знаења, професионално искуство и најдобри практики во областите коишто се предизвик за другите институции во земјите од Југоисточна Европа и пошироко. Директорката на Дирекцијата за статистика при Народната банка, Снежана Јанеска-Поповска, учествуваше како предавач на Работилницата за финансиската статистика, во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), меѓународна организација којашто функционира како центар за размена на знаења и соработка во нашата конституенца. Темите што се обработуваа на Работилницата се однесуваа на различните практични и концептуални аспекти на составувањето на статистиката на финансиските сметки, со осврт на секторите и финансиските инструменти, конзистентноста на националните секторски сметки, изворите на статистички податоци, изготвувањето податоци за состојбите и тековите, преку искуствата на неколку европски централни банки, ЕЦБ и ММФ. (more…)

Продолжи со читање

Популарно