Connect with us

НБРМ

Конкурс за доделување годишна награда на Народната банка на Република Македонија за 2019 година

Објавено

на

Заради стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банки и банкарски системи, како и афирмација на млади и стручни кадри, Народната банка на Република Македонија (во натамошниот текст: Народната банка) доделува Годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банки и банкарски системи.

Годишната награда на Народната банка изнесува 100.000,00 денари, нето.

Право за учество на Конкурсот имаат државјани на Република Македонија на возраст до 35 години. Работниците на Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.

Трудовите се поднесуваат на македонски или на англиски јазик. Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:

– апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардна класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
– осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
– опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
– анализа;
– заклучни согледувања и
– библиографија.

Еден автор има право да поднесе само еден труд.

На Конкурсот за избор на најдобар труд авторите имаат право да конкурираат и со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2017 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Македонија“, по електронски пат, во формат „word”, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, којшто се состои од тројца членови, од кои најмалку еден е лице кое не е вработено во Народната банка. Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, преку вреднување на трудовите влезени во потесна конкуренција според следниве критериуми:

1. Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
2. Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
3. Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
4. Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Македонија);
5. Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
6. Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
7. Заклучоци и препораки и нивна соодветност.

Одборот за оценување може да додели награда за второрангираниот труд на Конкурсот во износ од 50.000,00 денари, нето.

Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2019 година.

Годишната награда на Народната банка ќе се додели на настан организиран по повод Денот на монетарното осамостојување на Република Македонија.

 

НБРМ

НБРМ и ММФ: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем и натаму е здрав

Објавено

на

Централна Банка

На завршниот состанок со тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој престојуваше во земјата заради спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија, присуствуваa гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска и тим на Министерството за финансии,предводен од министерот, д-р Драган Тевдовски. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Доделени наградите на учениците со најдобри творби за меѓународните денови на штедењето и осигурувањето

Објавено

на

Финансиската едукација треба да започне уште од основно училиште. Треба да се вложува во унапредување на финансиската писменост, бидејќи таа придонесува за подобри финансиски одлуки и здрава економија. Ова беше истакнато денеска на јавното доделување на наградите за учениците од основното и средното образование од конкурсот за најдобри литературни и ликовни творби по повод меѓународните денови на штедењето и осигурувањето. Доделувањето се одржа во Министерството за финансии, а на него присуствуваа министерот за финансии, Драган Тевдовски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

НБРМ ja задржа каматната стапка на благајничките записи на 2,75%

Објавено

на

На 13 ноември 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и состојбите и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По олабавувањето на монетарната политика во август 2018 година, Комитетот на ноемвриската седница оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75%. На седницата, исто така, беше одлучено на аукцијата на 14 ноември понудата на благајнички записи да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите октомвриски макроекономски проекции, при што повторно ги потврди согледувањата дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата, видливо преку стабилните инфлациски остварувања и натамошните поволни движења на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата и натаму упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања. Воедно, ризиците за економијата од неизвесното домашно и надворешно окружување и понатаму се присутни.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по растот на економијата од 1,6% во првата половина на годината, високофреквентните показатели за економската активност расположливи досега, општо земено, упатуваат на заклучокот дека движењата се слични како во вториот квартал од годината. На ваквиот заклучок посочуваат податоците за растот на индустријата и трговијата, при сè уште негативни остварувања кај градежната активност.

Податоците за инфлацијата за октомври упатуваат на континуитет на досегашните движења, при што просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени во периодот јануари-октомври изнесува 1,5%, движена во најголем дел од базичната инфлација и цените на енергијата. Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а податоците расположливи досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања во најголем дел се одраз на растот на корпоративните депозити, а позитивен, но помал придонес има и штедењето на домаќинствата. Во октомври продолжи месечниот раст на кредитите, но со поумерено темпо, при што најголем дел од растот произлегува од кредитирањето на домаќинствата.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот се задржа поволната ликвидносна состојба во банкарскиот систем, пред сѐ заради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи во вкупен износ од 50,2 милиона евра во октомври. Присуството на НБРМ со откуп на вишокот девизни средства на девизниот пазар е поврзано со стабилната девизна ликвидност на банките, којашто и натаму е солидна и овозможува целосно задоволување на нето-продажбите на девизи за потребите на клиентите.

Дополнително влијание за зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот пазар имаше и приспособувањето на девизните позиции на банките во услови на зголемување на нивните инвестиции во финансиски инструменти со валутна компонента. Поволните движења на меѓубанкарскиот девизен пазар се одржуваат и на почетокот на ноември, така што НБРМ продолжи да интервенира со откуп на вишокот девизи. Со оглед на ваквите остварувања, кумулативниот откуп на девизи на НБРМ од почетокот на годината заклучно со 12 ноември изнесува 298,1 милион евра. 

Банките ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на октомври на пазарите на пари, а вишокот денарски средства го пласираа во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ. Со тоа, се овозможува флексибилно управување со средствата и нивна расположливост за брза мобилизација заради зголемена кредитна поддршка на економските субјекти.

Во октомври, на меѓународните финансиски пазари беа забележани променливи движења при зголемена одбивност за преземање ризик од страна на инвеститорите, во услови на неизвесен исход во однос на активностите поврзани со буџетската политика во Италија, како и умерено понеповолните макроекономски показатели за еврозоната. Покрај тоа, оцените за поумерен глобален раст во наредниот период од страна на Меѓународниот монетарен фонд, како и надолното приспособување на проекциите од страна на Европската комисија упатија на можно забавување на економската активност во еврозоната и во наредната година. Во такви околности, беше забележано намалување на светските берзи на акции, а при зголемена побарувачка за безбедни инструменти, цените на европските државни должнички хартии од вредност се зголемија. Очекувањата на инвеститорите за одржување на понудата на нафта на релативно високо ниво, и покрај санкциите на САД врз извозот на Иран, условија надолно движење на цената на нафтата којашто се сведе на најниското ниво во последните два месеци.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели генерално се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија и надворешното окружување во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange