Connect with us

Колумни

Колумна на Игор Давков: Сидрото на финансиската стабилност

Објавено

на

Во ниту едно законодавство, барем не во оние земји од западниот свет, не е напишано дека над поединечна банка не може да се отвори стечај доколку не ги исполнува минималните законски барања. Само оваа година, во ЕУ се затворија десетина банки. Она што е важно е да не се наруши финансиската стабилност. Акционерите се одговорни за тоа дали капиталот на банката е адекватен на ризиците што банката ги презема во своето работење. Банките, како пазарни субјекти, може да одобруваат и поризични пласмани, вклучително и со послабо обезбедување, но тоа нужно бара поголем капитал.

Нашата земја е една од ретките земји во регионот која во изминатиот период од монетарното осамостојување до денес не доживеа класична банкарска криза. Макро-прудентните политики и микро-прудентините мерки кои централната банка ги преземаше во изминатите години во линија со нејзините цели и задачи дефинирани во Законот за Народната банка на Република Македонија беа и сѐ уште се сидро на стабилноста на финансискиот систем.

Во изминатите нешто повеќе од два месеци, после одлуката за одземање на дозволата за работа на една банка имаше широка дебата околу тоа дали централната банка требала да ја одземе дозволата за работа и какви ќе бидат последиците од одземањето на дозволата врз стабилноста на банкарскиот систем. Во овој контекст ќе се обидам да дадам свои видувања за улогата на централната банка пред сѐ од аспект на нејзината функција како регулатор на банкарскиот систем и значењето на нејзините активности за одржувањето на финансиската стабилност.

Одржувањето на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, покрај одржувањето на ценовната стабилност и поддршката на општата економска политика се основните цели на централната банка. Тие директно произлегуваат од Уставот. Во поширока смисла на зборот, целите на сите централни банки во светот се сконцентрирани околу овие неколку базични цели, што значи дека нашата законска рамка е усогласена со меѓународните стандарди. Во ниту едно законодавство, барем не во оние земји од западниот свет, кои живеат и работат во пазарна економија, не е напишано дека над поединечна банка не може да се отвори стечај или дека банката не може да се ликвидира доколку за тоа се исполнети условите предвидени со закон. Напротив. Она што е значајно во овој контекст е стабилноста и сигурноста на системот, односно дали со пропаѓањето на одредена банка се нарушува стабилноста и сигурноста на финансискиот систем или не?

Доколку на пример се погледне меѓународната банкарска статистика може да се види дека во САД во последните 5 години, од 2015 година па до денес, во услови на непостоење на системска криза, биле одземени дозволи за работа на 27 банки, при што вкупната проценета вредност на обештетувањето на товар на Федералната корпорација за осигурување на депозити (FDIC), односно нивниот фонд за осигурување на депозити е процената на приближно 2,5 милијарди САД долари. Очигледно е дека проценката на регулаторите во САД била дека ниту една од овие банки не е системска банка, ниту пак дека постојат услови за нивна санација, па посегнале по ултимативната мерка, одземање на дозволата за работа. Само оваа година во рамки на ЕУ се затворија десетина банки.
Ако се вратиме наназад во историјата не подолго од последните две децении ќе видиме дека глобалниот финансиски систем се соочи со неколку кризи меѓу кои најголемите беа глобалната финансиска криза и европската должничка криза. Овие кризи доведоа до пропаѓање на стотици финансиски институции, но во исто време и до масовни санации и национализација на банките за кои беше оценето дека имаат системски карактер и чие пропаѓање можеше да доведе до колапс на глобалниот финансиски систем. За да се спроведе сето ова, парламентите ширум светот мораа да донесат посебни системски закони со кои беа дадени овластувања на властите да користат јавни фондови за санација на банкарските системи. Карактерот на овие кризи и ефектите на прелевање кои за првпат во историјата беа од финансиските институции спрема реалниот сектор доведоа до тоа класичните мерки користени дотогаш да бидат нефункционални и како такви да не можат да бидат искористени во справувањето со овие кризи. Монетарните власти и регулаторите ширум светот беа принудени да прибегнат кон менување на класичните инструменти кон сосема нови дотогаш непознати инструменти.

Лекциите кои беа научени од глобалната финансиска криза доведоа до сеопфатна ревизија на регулативата за банките и финансиските институции. Имено, Базелскиот комитет го донесе т.н. „Базел 3“, односно новата ревидирана капитална спогодба со која се зајакнаа барањата за адекватноста на капиталот од банките. Се воведоа дополнителни поригорозни капитални барања за покривање на одредени циклични ризици, односно се воведе барање за т.н. противцикличен заштитен слој на капиталот, се наметнаа обврски за посеопфатни стрес-тест анализи, но и она што е можеби најважно – за првпат беа дадени појасни насоки во однос на системски важните банки и капиталот кој овие банки треба да го одржуваат со цел да не ја загрозат стабилноста и сигурноста на системот. Сето ова, во изминатата деценија, парламентите на повеќето од земјите ширум светот го транспонираа во своите национални законодавства. Исклучок од оваа не е и нашата земја.

Имено, централната банка континуирано работи на транспонирање на меѓународните стандарди и европските директиви во националната регулаторна рамка за банките, па оттука доколку внимателно се читаат извештаите на меѓународните финансиски институции и на Европската комисија може да се забележи дека националното законодавство за финансискиот сектор се оценува како високо усогласено со овие стандарди.

Следењето на регулаторните барања и одржувањето на капиталот во висина на законскиот минимум за работа на банката и исполнувањето на дополнителните капитални барања за сигурно и стабилно работење е примарна обврска на акционерите на банките. Односно, акционерите се одговорни за тоа дали капиталот на банката е адекватен на ризиците што банката ги презема во своето работење и во случај на потреба се должни да извршат дополнителна уплата на капитал. Во контекст на тоа, а со оглед на нивната фидуцијарна одговорност спрема доверителите, акционерите на банките треба да имаат контрола врз тоа кои и какви ризици презема нивната банка и дали капиталот на банката е адекватен за покривање на овие ризици, што го остваруваат преку свое или преку претставник учество во надзорниот одбор на банката. Прудентните стандарди пропишани со Законот за банките и подзаконската регулатива донесена врз основа на овој закон претставуваат рамка во која сите деловни банки треба да го вклопат својот апетит за ризик. Ова значи дека секогаш кога банките треба да донесат деловна одлука да финансираат некој проект или да вложуваат во некој финансиски инструмент треба да тргнат од тоа дали и колку слободен регулаторен капитал имаат за да ги покријат ризиците кои планираат да ги преземат (ризиците се ценат според повеќе фактори: пр. кредитната историја на кредитокорисникот, неговата финансиска можност за редовна отплата на кредитот, дали кредитот е покриен со обезбедување или не и квалитетот на обезбедувањето (паричен депозит, хипотека, меница и сл.). Притоа, одобрување на кредити со послабо обезбедување никаде во светот не е забрането, но значи поголем ризик и бара поголем капитал. Доколку банката ги следи овие правила, веројатноста истата да биде изложена на ексцесивен ризик и да стане несолвентна е релативно мала.

Централната банка, со оглед дека не може да врши ex-ante контрола на одлуките на менаџментот на банките за тоа кому и како одобруваат кредити и каде ги пласираат средствата, со регулативата поставува одредени критериуми и барања за оцена и управување со ризиците и потребното ниво на капитал и резервации соодветно на преземеното ниво на ризик, за чие спроведување врши ex-post супервизорска контрола.

Банкарската супервизија е комплексен механизам во кој се вклучени мноштво на чинители, процедури, постапки и контролни механизми, сѐ со цел да се обезбеди дека ризиците на кои се изложени банките и банкарскиот систем во целина се контролирани. Мандатот на централната банка да врши супервизија е јасно пропишан со Законот за банките, и доколку при контролата утврди дека некоја банка презема прекумерни ризици, на располагање има систем на законски мерки со кои треба да ги адресира проблемите кај банката. Интензитетот и тежината на мерките зависи од тежината, сериозноста и природата на проблемите со кои се соочува банката како резултат на преземените ризици и во никој случај нема редоследно спроведување. Сепак, успешноста на корективните мерки покрај од респонзивноста на менаџментот во банката, во најголема мера зависи од тоа дали и колку акционерите на банката се респонзивни кон тие мерки, односно колку навремено ефикасно и успешно се подготвени да ги спроведат истите бидејќи често се поврзани со дополнителна уплата на капитал.

При преземањето на корективни мерки, Законот за банките дава јасни насоки во кои услови какви мерки треба да бидат преземени од страна на централната банка. Имено, кои и какви мерки ќе бидат преземени зависи од состојбата во која се наоѓа банката, при што централната банка ги презема мерките со кои во дадениот момент цени дека најсоодветно, најбрзо и најефикасно ќе обезбеди заштита на депозитната база и имотот на банката.

Одземањето на дозволата за работа на банка секако е последниот инструмент кој му стои на располагање на регулаторот, во услови кога за тоа се исполнети условите предвидени со закон и кога на повидок нема околности кои можат да доведат до подобрување, односно до санирање на состојбите во банката. Во услови кога ќе дојде до одлука за одземање на дозволата за  работа на банка, регулаторот веќе има јасно изградена проценка дека акционерите немаат капацитет или не се подготвени да ја санираат состојбата во банката, дека на пазарот нема друг субјект (но субјект кој ги исполнува законските барања за акционер) кој би бил заинтересиран за преземање на банката којшто е подготвен да ја санира банката и да овозможи таа да ги исполнува законските барања и најважно од сѐ дека фундаментите на системот се стабилни па оттука, одземањето на дозволата за работа на банката нема да доведе до нарушување на довербата во системот.

Последниот случај со одземање на дозволата за работа на банка е еден од неколкуте случаи во македонската историја кога централната банка, како регулатор, после редица на преземени мерки на крајот била приморана да ја одземе дозволата за работа на банката. Одземањето на дозволата за работа на банка, иако тешка, е сосема нормална мерка кога инструментариумот на мерки кои му стојат на располагање на регулаторот е веќе потрошен, а во исто време адекватноста на капиталот на таа банка паднал под минимумот утврден со Законот за банките. Кога капиталот на банка паѓа под минимумот, централната банка мора да постапи на овој начин, независно кои други мерки биле претходно преземени, дури и да била преземена администрација. При ваква состојба со капиталот на банката, доколку централната банка не посегне кон одземање на дозволата за работа, постои ризик со работењето на банката не само директно да се намали масата за обештетување на доверителите, туку и опасност од прелевање на ризиците врз останатите банки во системот.

Денес, после нешто повеќе од два месеци од затворањето на Банката, сосема е јасно дека довербата во системот е одржана, дека неговите фундаменти се здрави и дека оваа одлука на централната банка немаше импликации врз стабилноста и сигурноста на системот. Централната банка и во оваа прилика покажа дека е професионална институција, којашто во своето работење ги применува меѓународните стандарди и најдобрите практики, притоа водејќи се од нејзината примарна цел како регулатор на банкарскиот систем, односно обезбедување на стабилноста на финансискиот систем.

Игор Давков е поранешен генерален директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност при Народната банка

Извор: Независен.мк

Колумни

Спортот како алатка за перење на пари

Објавено

на

Финансиската глобализација и огромната популарност на спортот ја зголемуваат ранливоста на спортската индустрија од корупција, перење на пари, затајување на данок итн. (more…)

Продолжи со читање

Колумни

Колумна на Глигор Бишев: Солидарноста и пазарната економија

Објавено

на

Банките се институции од посебно значење. Намалувањето на ризичното однесување на банките и нивното банкротирање се врши преку три механизми: а) воведување на супервизорски стандарди и супервизија над работењето на банките; б) транспарентност и пазарна дисциплина; и в) ефикасно корпоративно управување. (more…)

Продолжи со читање

Колумни

Криминалците ја користат кризата Covid-19 за финансиски криминали

Објавено

на

Пандемијата COVID-19 доведе до невидени глобални предизвици, човечко страдање и економско нарушување. Огромен број на канцелариски работници на глобално ниво може да работат од дома, вклучително и до 90% од банкарските и осигурителните работници. Повеќето од овие вработени се најавуваат на системите на нивните фирми од далечина, присуствуваат на состаноци користејќи ја технологијата, и имаат пристап до податоци кои што не се јавни преку Интернет – понекогаш преку домашни компјутери и приватни уреди. Бидејќи клиентите на повеќето финансиски институции, исто така, остануваат дома, вршењето финансиски трансакции преку Интернет станува не само погодност, туку и неопходност. (more…)

Продолжи со читање

Популарно