Connect with us
P2_P_MK_1600x400

Анализи

Колку милиони евра “свртеа” македонските банки за шест месеци и кој е во топ три?

Објавено

на

Осумте комерцијални банки кои се котирани на Македонска берза во првата половина од годинава бележат генерално пад на нивните добивки иако речиси сите од нив и натаму се многу профитабилни. Добар дел од банките успеале да ги задржат високите приходи во однос на првото полугодие од 2018 година, а само неколку од нив може да се пофалат со поуспешни шест месеци во однос на ланскиот период ако се земат во предвид вкупниот раст на приходите и крајни добивките.

Банките во изминатиот период се натпреваруваа со нови услуги за корисниците, воведување на дигитални трендови и раст на понудата на краткорочни и брзи кредити за потрошувачка. Пазарот го следеше мало намалување на каматните стапки, но и одредено зголемување на цените на банкарските провизиии.

Кој е во топ три на македонската банкарска сцена?

Ние ги анализиравме финансиски извештаи објавени преку Македонска берза според кои најуспешна банка според остварените оперативни приходи е Стопанска банка АД Скопје со вкупно 44,2 милиони евра иако и тие бележат пад во однос на истиот период лани од 1,2 милиони евра. Вкупната добивка на Стопанска банка АД Скопје во овој период изнесува 17,1 милион евра, но со пад од 44,91%.

„Намалениот резултат во тековниот период се должи на ефектот од решениот статус на должникот Фени Кавадарци во првиот квартал од 2018, кога СБ склучи договор за продажба на своите побарувања со што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат“ анализираше СБ.

Во топ три банки со најмногу генерирани приходи за првото полугодие од 2019 година влегуваат НЛБ Банка АД Скопје со 41,5 милиони приходи од камати и провизии, како и Комерцијална банка АД Скопје со вкупни приходи за шест месеци од 34,2 милиони евра.

НЛБ успеа да оствари добивка од 15,6 милиони евра што ја сместува на второто место според чист профит, но и тука оваа банка бележи пад споредено со првото полугодие од 2018 година од 18,9%.

Нето каматните приходи, заклучно со 30.06.2019 година се повисоки за 2,9% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 1,1%, главно поради повисоки каматни приходи од секторот население, останати финансиски институции, вложувања во хартии од вредност и наплатени претходно отпишани камати, додека расходите по камати се пониски за 7,5% главно поради пониски расходи за камата кај нефинансиски правни лица, население и останати финансиски институции што се должи на пониски каматни стапки и преструктурирање на изворите во корист на средства по видување. Во однос на планот нето каматните приходи се пониски за 4,5%“ стои во обрзаложението на НЛБ. Исто така падот на добивката е образложена со продажбата на НЛБ Нов пензиски фонд во март лани, додека пак во однос на планот на банката нето добивката во овој период е повисока за 20,1%.

Комерцијална банка во овој период бележи профит на работењето со кредити и финансиски услуги од речиси 11 милиони евра, но со голем пад од дури 48,8% споредено со ланскиот финансиски резултат за полугодието. КБ Скопје во овој период има остварено вкупни приходи од 34,2 милиони евра со нивен пад од нешто над 250 илјади евра споредено со П1 2018.

„Помалку остварениот финансиски резултат во тековниот период се должи на два настани кои имаа клучно влијание на структурата на приходите на Банката во истиот период од минатата година. Имено, во текот на првиот квартал од 2018 година беа финализирани интензивните активности на Банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци, такашто беше склучен и реализиран договор за продажба на побарувањата од ФЕНИ, со што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат. Дополнителен ефект во минатата година имаше и реализираната висока капитална добивка од продажба на преземен имот. Наспроти ова, во тековниот период доминираат приходите од редовни активности и се забележува стабилизирање на нивото на исправката на вредност на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансни изложености“ се вели во образложението кое го даде Комерцијална банка АД Скопје на финансискиот резултат.

Од „топ пет“ листата на банки според остварените приходи и профити, солиден резултат генерира Охридска банка АД Скопје со 16,6 милиони евра, од кои „чиста“ заработка се 4,5 милиони евра. Охридска банка во овој период бележи пад на добивкаа од 25,86%.

Охридска банка во наредниот период ќе биде преземена од страна на Шпаркасе банкарската групација. Понудата се однесува на сите 516.350 обични акции со право на глас издадени од Охридска банка АД Скопје. Steiermerkische Bank und Sparkassen AG од Грац по добиената дозвола од Комисијата за хартии од вредност се обврзува да ги откупи хартиите од вредност по цена од 6.298,79 денари по акција, односно за стекнување на над 75% од вкупниот број на издадени акции со право на глас во Охридска банка АД Скопје.

Во горниот дел од табелата се пласираше и УНИ Банка АД Скопје со 11,2 милиони евра. Оваа банка е една од ретките која успеала во првите шест месеци за 2019 година да оствари раст на приходи. Во споредба со претходната година УНИ Банка АД Скопје има на контото 1,5 милиони денари повеќе остварени приходи од камати и провизии. Сепак, и покрај растот на приходите, растеле и расходите на банката, па така вкупната добивка е помала за 19,6%. Интересно е што крајната добивка на УНИ банка за овој период изнесува 100 милиони денари или околу 1,6 милиони евра.

„Остварените расходи во првата половина од 2019 година изнесуваат 617,2 милиони денари и бележат пораст од 24.3% во однос на истиот период од 2018 година. Порастот на расходите на банката пред се, се должи на расходите од камати, како резултат на зголемување на депозитната база, согласно поголемиот интерес на депонентите за новите депозитни продукти на банката. Зголемените расходи на банката произлегуваат и од порастот на административните расходи, предизвикани од исплата на награда на вработените и исплата на еднократна договорна испратнина, како и заради зголемување на износот на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити“ стои во анализата на УНИ Банка.

Бум на добивката гледаме кај ТТК банка АД Скопје со раст од импресивни 77,27% што се должи пред се на намалување на вкупните расходи на оваа финансиска институција. Добивката на ТТК Банка изнесува речиси 1 милион евра, додека пак приходите кои паднале за незначител процент во првото полугодие од годинава изнесуваат речиси 4 милиони евра.

„Финансискиот резултат за периодот јануари – јуни 2019 година е позитивен и изнесува 56,7 милиони денари, што е за 77,3% повисок од добивката од истиот период минатата година. Зголемениот резултат се должи пред сè на успешното редовно работење и управување со активата и пасивата на Банката, спроведувањето на целите зацртани со деловната политика, контролата на оперативните трошоци и ефикасното управување“ анализира ТТК за остварените резултати.

Со тежок период се соочува Стопанска банка АД Битола каде добивката е десеткувана и има пад од 92,47%. Оваа банка генерирала речиси 5 милиони евра, односно за 200 илјади евра помалку од ланскиот период. Добивката на Стопанска банка АД Битола во овие шест месеци изнесува одвај 55 илјади евра.

„Нето-приходите од камати за периодот 1.1. – 30.6.2019 година изнесуваат 152,02 милиони денари, што претставува остварување на планот за првиот квартал со 96,14%. Засилените активности за наплата на кредитното портфолио, воведувањето конкурентни депозитни производи, а со тоа и зголемениот обем на депозити доведоа до намалување на нето-каматниот приход, кој е понизок за 12,91% во однос на остварувањето за истиот период од минатата година“ велат од СТБ. Инаку во поглед на останатите нето приходи од дејноста од СТБ велат дека има пад во однос остварени поголеми вонредни приходи и капитални добивки од продажба на преземен имот во периодот 01.01-30.06 2018 година.

Најслаб резултат бележи Централна кооперативна банка АД Скопје која е единствена банка на оваа листа која првите шест месеци од годинава ги заврши со негативен финансиски резултат, односно со загуба од нешто над 200 илјади евра. ЦКБ во овој период има благ раст на приходите кои достигнале до нешто над 4 милиони евра, но како што споменавме банката е во загуба за разлика од првите шест месеци во 2018 година кога работеле во „плус“.

„Најголемо влијание на финансискиот резултат имаше издвојувањето дополнителна исправка на вредност и посебна резерва за одделни кредитни изложености во сегменотот корпоративно банкарство. Следствено, позицијата Исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа бележи зголемување за 2,3 пати повеќе од планираното за известувачкиот период“ стои во анализата на работењето на ЦКБ.

Вкупно во овие осум банки за првото полугодие од годинава се „свртеле“ 7,1 милијарда денари или вкупно 116,7 милиони евра. Од нив топ трите банки учествуваат со дури 5 милијарди денари, односно 82,7 милиони евра или речиси 75% од вкупниот колач. Во просек кај најуспешните банки нето профитната маржа се движи околу 30%.

Анализи

Ова се најпрофитабилните акции во последните 20 години

Објавено

на

Цените на берзата растат и паѓаат секој ден, но најдобрите компании им носат вредност на своите акционери на долг рок. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Како функционира и што нуди новата алатка Отворени финансии?

Објавено

на

Министерството за финансии со новата дигитална алатка “Отворени финансии” на увид на јавноста ги стави сите трансфери од буџетот на државата, како по извршените трансакции кон корисниците на буџетските сметки односно државните институции, така и кон економските оператори од приватниот и јавниот сектор за набавените стоки и услуги. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Finance Think: Зголемувањето на минималната плата и пензиите може да има негативни последици

Објавено

на

По спроведената мисија со цел консултации за подготовка на Членот IV, Меѓународниот Монетарен Фонд ги оцени економските реформи во Северна Македонија со солиден потенцијал за справување со долгорочните предизвици. И покрај релативно позитивната оценка на економскиот раст, потезите во социјалната, даночната и пензиската сфера, заклучоците укажуваат на неколку економски и социјални политики, кои подолго време се дискутираат во македонската експертска јавност. (more…)

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange