Connect with us

Анализи

Како се движеше пазарот на животно осигурување во годината која ја одбележа корона кризата?

Објавено

на

Животното осигурување изминатите години во нашата држава забележуваше двоцифрени стапки на раст. Без двоумење може да кажеме дека беше едно од ретките сектори кои се развиваа со ваква динамика и сето тоа влеваше голем оптимизам дека овој вид на осигурување ќе го заземе местото на едно од примарните избори за осигурување на нашите граѓани.

Но, иако можеше да се очекува дека животното осигурување во годината одбележана со корона криза ќе доживее значителен пад, поради неговата поврзаност пред се со економскиот и животен стандард, истото го одбележа пораст во премијата кај три од вкупно петте компании за животно осигурување во земјава.

Согласно податоците објавени на страницата на Националното Биро за осигурување со 31.12.2020 година, но и оние на Агенцијата за супервизија на осигурување со 30.09.2020 и 31.12.2019 година, најголем релативен раст остави најмладата компанија на пазарот, Триглав Осигурување Живот, со 170% раст на премијата, што е значителен резултат за пофалба имајќи во предвид дека оваа компанија е релативно нова на пазарот и нејзината премиска база од претходните години е сеуште ниска. Но, фактот дека и
апсолутниот раст на премијата на Триглав Осигурување Живот е второрангиран, зборува за фактот дека оваа млада компанија остварила навистина одлични резултати во специфична година. Очигледно е дека соработката со ТТК Банка АД Скопје на оваа компанија која започна минатата година како и динамичките организациски промени и донесе позитивно поместување во резултатот. Пред крајот на годината, Триглав Осигурување Живот објави и промена на менаџментот, а на кормилото добија искусна и докажана личност во сферата на животното осигурување во името на Вилма Учета Дузлевска. Токму последниот квартал од минатата година, оваа кадровска промена му донесе на Триглав Осигурување Живот двојно зголемување на премијата во апсолутен износ, за многу краток период, покажуваат податоците од неколку споредбени периоди.

Позитивно поместување во премијата со раст од 24% и најголем апсолутен раст на пазарот забележува Уника Лајф. Оваа
компанија веќе неколку години има ексклузивна соработка со Стопанска Банка АД – Скопје и исклучително добри резултати во банкоосигурувањето. Гледајќи ги податоците од изминатите периоди, забележително е дека Уника Лајф отскокнува со премијата токму во годината во која ја започнува соработката со една од најголемите македонски банки. Сето ова зборува за силината на банките во поттикнување на развојот на животното осигурување, но и за една успешна конекција на банкарскиот и осигурителниот
сектор која тек допрва ќе добива на поголемо значење, ако ги следиме европските искуства.

Винер Лајф измината година ја заврши со успешен раст на премијата од 4,8% и апсолутен пораст од околу 14 мил.денари. Оваа компанија ја одликува органски раст од нивните почетоци, солидно етаблирање меѓу македонските граѓани низ еден перманентен процес на градење на доверба. Согласно изјавите на челните луѓе на Винер Лајф, на крајот на 2020 година, благодарение на континуираниот процес на оптимизација на трошоците и остварените добри резултати, компанијата има зголемување на вкупните вложувања над една милијарда денари.

Оваа компанија во континуитет има стратешка соработка со Шпаркасе Банка Македонија, што секако и обезбедува солидни резултати и во домен на банкоосигурувањето. Не помалку значајно е што компанијата е предводник во продажбата на унит линк производот, инвестициско вложување во комбинација со ризико животно осигурување кое се повеќе станува актуелен производ во рамките на животно осигурување.

Иако растот на овие три компании за животно осигурување минатата година е значителен и во апсолутни износи изнесува над 75 мил. денари, сепак намалувањето на премијата, пред се, кај пазарниот лидер, Кроациа Осигурување – Живот довело до пад на вкупниот пазар од 4,9%.

Граве Осигурување Живот забележува незначителен пад на премијата од 2,5%, иако релативно го зголемила својот пазарен удел за 0,8% во однос на 2019 година. Оваа компанија неколку години по ред ја одржува својата пазарна позиција како второрангирана, иако забележливо е дека постепено се намалува нејзиниот удел. Компанија која се одликува со долгорочна традиција и големо интернационално искуство во животно осигурување, традиционално остварува најдобар финансиски резултат во доменот на животно осигурување.

Граве Осигурување како бренд го одликува и силна инвестициона политика на македонскиот осигурителен пазар со што јасно се покажува дека идните намери на компанијата за раст и развој на пазарот се сериозни и стратешки.

Најголем пад на пазарот на животно осигурување доаѓа од падот на пазарниот лидер, Кроациа Осигурување – Живот. Оваа компанија, со најголема премиска база, како прва компанија за животно осигурување на пазарот, бележи пад од 18,8% и губиток на премијата од над 150 милиони денари. Падот на уделот на пазарот од 44% на 37,6 % на Кроациа Осигурување – Живот е значителен и може да го оцениме како главна причина за падот на вкупниот пазар на животно осигурување изминатата година.

И покрај падот на резултатите во 2020 година, челните луѓе на компанијата ги гледаат како импресивни, а тоа го темелат на зголемувањето на капиталната база на компанијата, која сепак е резултат и на работењето на оваа компанија во минатите години. Компанија и натаму ја држи лидерската позиција на пазарот и остварува висока профитабилност, како резултат на солидно изградената база во изминатите години.

Неколку години по ред има стратешка соработка со НЛБ Банка и Халкбанк, а од пред две години Кроациа Осигурување – Живот работи и со УНИБанка во домен на банкоосигурувањето.

Наведените движења покажуваат позитивни трендови на пазарот на животно осигурување. Она што може да се заклучи е дека животното осигурување останало имуно на последиците од корона кризата и дека ново формираните компании за животно осигурување ќе имаат значајна улога како предводници на растот и развојот на пазарот на животно осигурување во идниот период.

Радува фактот дека пазарот на животно осигурување, речиси 15-на година, се развива успешно, вложените средства на осигурениците се сигурни и законски заштитени на посебни сметки за управување со математичката резерва на секоја од компаниите. Не е занемарлива улогата на регулаторната агенција, под чиј домен е регулирана дејноста осигурување, која направи низа значителни чекори во насока на усогласување на законската и под-законската регулатива за заштита на правата на осигурениците на пазарот, но секако за почитување е и одговорноста која секоја од компаниите за животно осигурување ја применува во својата работа, со што го направија овој домен на секторот еден од најсигурните за инвестирање во подобро утре на корисниците на полисите за животно осигурување.

Анализи

Македонските банки со најуспешни резултати на ниво на цел регион

Објавено

на

Повеќе од успешни се резултатите од работењето на банките во земјава минатата година, како во однос на добивката, така и во однос на обемот на работа, стабилноста и одговорноста кон новонастанатата состојба. Споредбата на финансиските резултати на банките од Република Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Хрватска покажува дека македонските банки се одлично капитализирани и финансиски успешни. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Експертите советуваат: Не ги повлекувајте заштедите од банките бидејќи банкарскиот систем е стабилен, а штедните влогови се безбедни!

Објавено

на

Македонскиот банкарски систем е стабилен и сигурен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот, беа уверувањата од Народната банка и од Македонската банкарска асоцијација по укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минималните законски услови за работење на банка. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Финансиските друштва и под предизвикувачки услови дадоа поддршка во надминување на ефектите предизвикани од Ковид – кризата, продолжуваат со отвореност за развој на финтек индустријата

Објавено

на

Според статистиката на Народната банка на Северна Македонија, во рамките на финансискиот систем на Северна Македонија, вкупните средства на останатите (небанкарски) финансиски институции во 2020 година бележат годишен раст од 12,8%. (more…)

Продолжи со читање




Популарно