Connect with us

Интервјуа

Како Охридска банка #РаботиОдДома

Објавено

на

Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Мошне интересно е да се забележи дека светските и европските банкарски корпорации се прилагодуваат на “новото нормално” и применуваат промени во работењето согласно предизвиците кои ги наложува пандемијата.

Од особен интерес за читателите е тие да се информираат како домашните банки и финансиски институции се справуваат со моменталната ситуација. Поради тоа, во серијал насловен “Како [банка] #РаботиОдДома ќе се обидеме да презентираме на кој начин функционираат најголем дел од банките во Северна Македонија, со какви предизвици се соочиле и какви поуки се извлечени од ова ново искуство.

Во продолжение ви го презентираме разговорот со претставници на Охридска банка АД Скопје, во врска со работата од дома во услови на оваа пандемија.

Банкарство: Дали пандемијата со Ковид-19 ги отежна условите за работа и како Вашата банка се справува со тоа?

Охридска банка АД Скопје: Глобалната пандемија несомнено предизвика промена во начинот на работа во Охридска банка АД Скопје. Првичното влијание на пандемијата беше интензивирање на работата на кризниот комитет на Банката кој во фокус го стави здравјето и заштита на вработените и на клиентите.

Со почетокот на имплементацијата на рестриктивните мерки за заштита од страна на владата, бевме соочени со реорганизирање на тековните активности така што ќе обзебедиме заштитна опрема за персоналот во експозитурите и во управните згради, како и обезбедување на соодветна дистанца меѓу вработените и крајно, водење на интерна кампања за зголемување на свеста за заштита од Корона вирусот на вработените и клиентите.

Работата во експозитурите беше организирана така што тимот беше поделен во две групи кои ротираат на две недели. Едната група работи од експозитури, а другата група служи како позадинска поддршка на активностите со работа од дома. Овој метод беше применет и во управните згради сè со цел да обезбедиме соодветна дистанца меѓу вработените, а да ја задржиме достапноста на нашите услуги за клиентите.

Работењето од дома забрзано донесе процеси на дигитализација во нашата банка што на прва создаде доста активности за ИТ дирекцијата која требаше да создаде соодветни услови за работа со почитување на сите безбедносни протоколи и заштита на информациите и комуникацијата како и непречена конекција до дигиталните алатки и ресурси на Банката за вработените.

Веќе навлеговме и во петтиот месец откако пандемијата е присутна во Македонија, но секако за нас е најважно здравјето на нашите вработени и затоа се придржуваме до принципот на работење од дома. На почетокот ситуацијата беше непозната за сите нас, но веќе по одредено време се навикнавме и продолжуваме со овој принцип на работа. Евидентно е дека се зголемува дигиталната комуникација со клиентите и пораст во користењето на дигиталните услуги што за финансискиот сектор донесе прилика да стане едукативен фактор во дигиталната финансиска писменост. Охридска банка веќе подолг период работи посветено на ова поле да овозможи брзи и непречени банкарски услуги преку своите апликации, а Ковид 19 само го забрза овој процес.

Банкарство: Како работењето од дома влијае врз ефикасноста од работењето и клиентите?

Охридска банка АД Скопје: Мора да нотираме дека пандемијата донесе неизвесност во финансиските планови на сите граѓани во државата, што беше проследено со намалена економска активност и во индивидуалниот, но и во корпоративниот сегмент. Од друга страна, бевме сведоци и дека многу компании ги реструктурираа своите бизниси за да се прилагодат на т.н. Ковид економија.

Меѓутоа, во однос на ефикасноста на работењето на Охридска банка, ние не почувствуваме промена, затоа што интерната реорганизација беше спроведена така што не се почувствува недостаток на „алки во синџирот“. Напротив, добивме благородна обврска да ги едуцираме клиентите за користење на нашите дигитални канали кои нудат редовен сет банкарски услуги, а со тоа да ги заштитиме од непотребните контакти, или метеж.

Охридска банка во 2019 година ја промовираше својата нова веб-страница која на сите наши клиенти им понуди оптимизиран процес на апликација за сите наши производи, со што се намалија чекорите во комуникација со Банката за апликација за производ. Токму оваа новина послужи како одлично средство во вршењето на банкарска работа во услови на Ковид 19. Па така, во комуникација преку сите наши канали, ги насочивме клиентите дека информативна пресметка за кредит, или апликација за нашите производи можат да достават по онлајн пат директно преку нашата веб-страница, како и да продолжат комуникација со Банката преку Контакт центарот, а доставување на документација преку меил со што се намалија посетите на експозитурите сè до финалните потписи за одобрување.

Нашата банка два ипол месеци во текот на Ковид 19 кризата понуди бесплатни трансакции преку нашата мобилна апликација Моја Банка, како и електронското банкарство, што донесе пораст во користењето на електронските сервиси, па така клиентите сè почесто почнаа да ги користат овие сервиси за да проверат состојба на својата сметка, наместо проверка на банкомат, плаќање на месечните комуналии директно преку апликациите, наместо посета на експозитурите, или наплатните пунктови на добавувачите, како и многу други поволности кои клиентите ги добиваат со користењето на нашите електронски сервиси. Нормално, за да имаме квалитетна дигитална понуда, ние вложуваме константни напори. Во 2019 година воведовме новина на нашата мобилна апликација Моја Банка, со што им овозможивме на клиентите да се регистрираат онлајн со инфо пристап, како и да добијат нови кодови за активација на апликацијата во случај на реинсталација, или инсталација на нов уред, без посета на експозитура.

Банкарство: Користите ли некакви алатки за да го поедноставите работењето од дома?

Охридска банка АД Скопје: ИТ дирекцијата на Охридска банка ја постави целосната инфраструктура за работа од дома со што нашите вработени буквално ја добија работната атмосфера од канцелариите во нивните домови. Во прва фаза, Банката набави лаптопи и заедно со постоечките преносни компјутери во Банката овозможи безбедна средина за работа почитувајќи ги безбедносните и информативните протоколи.

Во работата од дома, неизбежни алатки станаа Вибер и Zoom што до некаде ја зголеми ефикасноста и квалитетот на состаноците, координацијата и организацијата на активностите. Секако, надвор од овие алатки, комуикацијата продолжи непречено да се одвива преку службените уреди за комуникација.

Банкарство: Кои се најголемите предизвици при работа од дома во банкарскиот сектор?

Охридска банка АД Скопје: Ефектот од предизвиците на работата од дома, не само во банкарскиот сектор, туку на секаде се унифицирани. Веруваме дека работењето од дома нè направи доста поанксиозни и влијаеше на менталното здравје. Пред сè, за многу наши вработени, но и генерално за луѓето во земјата што влегуваат во ризичните групи и сите останати кои треба да бидеме одговорни и кон нивното и сопственото здравје, се почувствува оптовареност од страв кој го окупираше когнитивниот процес. Со текот на времето, стравот се амортизираше преку дневните обврски, но секако влијае на здравјето.

Главната разлика меѓу работата од дома и од канцеларија е меѓучовечката комуникација која секогаш создава дополнителна вредност, но и влијае на целокупното задоволство. Ковид 19 нè ограничи во собирите и организирањето настани како тим билдинг, или разни интерни активности кои вклучуваат повеќе луѓе. Затоа, како институција која задоволството на вработените го става на високо ниво и редовно инвестира во човечките капацитети, бевме соочени со нова ситуација.

Затоа, во соработка со повеќе служби, нашите тимови организираа интерна кампања за вработените за да се искомуницира и зајакне идејата дека „Во тимот е силата“. Преку разни активности, сакавме да го обоиме секојдневието на нашите вработени.

Една од најпозитивно прифатените активности за вработените во Охридска банка е организацијата на „HR Caffe“ која вклучува гостин – експерт од разна област кој во кафе разговор со нашите вработени елаборира на разни теми. Знаејќи дека токму ваква активност им недостасува на нашите вработени, затоа што не можеме да организираме групни собири, организиравме онлајн HR Caffe на тема „Менталното здравје во време на Covid-19“ што беше одлично прифатено.

Очигледно е дека подолг период ќе се справуваме со Covid 19 и затоа наш предизвик ќе биде и во претстојните месеци да се потрудиме да го задржиме нивото на задоволство и исполнетост меѓу нашите вработени.

Банкарство: Дали работењето од дома е применливо за сите организациони делови од банката, тука пред се мислиме на филијалите и експозитурите кои имаат персонален контакт со клиентите?

Охридска банка АД Скопје: Во одреден период, Охридска банка ја организираше работата на тимовите од експозитурите во ротација, односно еден тим во експозитура и тим кој работи од дома како „бекап“ тим. Овој принцип функционираше во реалност и доколку ситуацијата налага работа од дома, ние подготвени и со искуство ќе пристапиме кон ова прашање.

Секако за ова прашање, во фокус се клиентите за кои мораме да бидеме достапни и да понудиме сигурност, а тоа пред сè значи навремена комуникација.

Банкарство: Какви поуки извлековте додека работевте од дома?

Охридска банка АД Скопје: Најверојатно најголемата поука која ја извлековме сите од оваа ситуација е дека животот за секоја единка е непредвидлив и затоа треба да секогаш да бидеме подготвени за неочекуваното. Ние како институција сме задоволни од одговорот кон целата ситуација во поглед на интерната подготвеност и организација. Во поширока смисла ова значи континуирана работа на стратешките тимови кои во предвид ги имаат капацитети и ресурсите и кои предвидуваат разни сценарија во бизнисот, како и одговор.

Веројатно целата ситуација го издвои значењето на тимот во вакви моменти, затоа што тимски полесно се пребродува секаков вид на настан, па оттука и произлезе паролата дека во Охридска банка во тимот е силата!

Интервјуа

Како ПроКредит Банка #РаботиОдДома

Објавено

на

Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Мошне интересно е да се забележи дека светските и европските банкарски корпорации се прилагодуваат на “новото нормално” и применуваат промени во работењето согласно предизвиците кои ги наложува пандемијата. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Како Комерцијална банка #РаботиОдДома

Објавено

на

Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Мошне интересно е да се забележи дека светските и европските банкарски корпорации се прилагодуваат на “новото нормално” и применуваат промени во работењето согласно предизвиците кои ги наложува пандемијата. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со Маја Кадиевска-Војновиќ: Финтек индустријата во Македонија и улогата на небанкарскиот финансиски сектор во Северна Македонија и проекции за натамошен раст

Објавено

на

Маја Кадиевска Војновиќ е ангажирана како предавач на Американ Колеџ – Скопје. Својата професионална кариера ја започна во 2003 година во Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во Дирекцијата за монетарна политика и истажување, кадешто држеше различни позиции, а во периодот од 2011-2018 година беше вицегувернер задолжен за Секторот на операции на финансиски пазари и платни системи. Во своето шеснаесет годишно искуство како централен банкар, на почетокот од својата кариера беше еден од основоположниците на макроекономските проекции на НБРМ. Како вицегувернер, активно беше вклучена во креирањето и спроведувањето на монетарна политика, во управувањето со девизните резерви и билансот на Централната банка. Учествуваше активно на годишните собранија на ММФ и Светска банка и при мисиите со меѓународните финансиски институции и кредит рејтинг агенции. (more…)

Продолжи со читање

Популарно