НБРМ
Истражувачка конференција на НБ: Посилни економии преку зелена и дигитална трансформација

Зелената и дигитална трансформација можат да придонесат за градењето на посилни и поотпорни економии кон шокови во иднина. Предизвиците со кои сега се соочуваат економиите во светот, најнапред здравствената, а годинава и енергетската криза и ценовните притисоци, покажуваат дека треба да се бараат нови решенија и да се размислува подолгорочно во однос на обезбедување на одржливи извори на енергија и зголемување на производството на храна. Ова беше посочено на панелот „Градење поотпорни економии во контекст на постојаните шокови“ во рамки на 8.Истражувачка меѓународна конференција на Народната банка, која беше организирана во соработка со Европската инвестициска банка.
На овој панел учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии Фатмир Бесими, гувернерoт на централнaта банка на Хрватска, Борис Вујичиќ, и потпретседателката на ЕИБ, Љиљана Павлова. Дискусиите во рамки на панелот беа насочувани од страна на извршниот директор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Марио Холцнер.
Гувернерката на Народната банка посочи декa финансискиот сектор, особено банките, покажаа висока отпорност за време на ковид-19 кризата и беа поддршка за економијата во премостување на шоковите. Значително подобрата кондиција на банкарскиот сектор во земјите од регионот во изминатите десет години, во споредба со Глобалната финансиска криза се должи пред се на регулативите кои беа донесени во насока на ликвидноста, капиталот и управувањето со ризик. Тие и понатаму остануваат потпора за економијата во надминување на предизвиците. Значајно е што банкарскиот систем дава поддршка и на зелената трансформација преку финансирање на проекти за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
Фокусот на носителите на политиките, понатаму рече гувернерката, треба да остане на спроведувањето на структурните реформи, бидејќи на долг рок само тие можат да направат промена во насока на зголемување на економскиот потенцијал. Таа истакна дека има многу фактори кои можат да влијаат во оваа насока – конкурентноста на економијата, квалитетот на човечкиот капитал, квалитетот на институциите, иновациите и технолошката подготвеност се само дел од нив. Посочи и дека дигитализацијата може да придонесе многу во насока на зголемување на продуктивноста.
Министерот Бесими посочи дека Владата има два приоритетa – справување со последиците од глобалната енергетска криза и ценовните притисоци, како и одржлив економски развој. Тој рече дека растечките цени претставуваат грижа за граѓаните и компаниите, затоа Владата презема мерки за ублажување на растот на цените и на тој начин заштита на стандардот на граѓаните. Посочи дека на 9 март Владата усвои пакет од 26 мерки во износ од 400 милиони евра со цел зачувување на животниот стандард на граѓаните и обезбедување доволна ликвидност на компаниите. Министерот додаде дека во услови на криза клучен е кризниот менаџмент и изградба на стратегија за критична инфраструктура. Во оваа насока, додаде Бесими, Владата презеде мерки во насока на ублажување на последиците од енергетската криза уште минатата година, како што е намалувањето на ДДВ за електрична енергија за домаќинствата, како и 10,6 милијарди денари поддршка на ЕСМ.
Потпретседателката на ЕИБ, Павлова, посочи дека тековниот воен конфликт, доколку потрае, дополнително ќе го попречи глобалното закрепнување од пандемијата и ќе ја намали довербата на потрошувачите, производителите и инвеститорите, погодувајќи ја инвестициската и потрошувачката активност. Таа истакна дека економиите треба да се справат со овие предизвици, без да се изгубат од вид зелените и дигитални амбиции. Павлова рече дека тековната криза ја поттикнува зелената транзиција кон практики за зелено управување и иновации погодни за климата. ЕИБ работи на составување пакет за отпорност за земјите надвор од ЕУ, одржливо земјоделство и забрзување на производството на обновлива енергија за поддршка на енергетската безбедност, посочи потпретседателката.
Гувернерот на централната банка на Хрватска, Вујичиќ, пак, истакна дека растот на дигиталната економија носи нови конкуренти на традиционалните финансиски посредници. За да се направат економиите поотпорни, важно е лидерите на јавниот и приватниот сектор да имаат широка перспектива, брзо да ги приспособуваат политиките во услови на променливост и да бараат начини да внесат отпорност во општеството во поширока смисла.
Извршниот директор на Виенскиот институт, Холцнер посочи дека пандемијата и војната во Украина ќе дејствуваат како катализатор за голем број долгорочни трендови и случувања во Централна, Источна и Југоисточна Европа. Тој истакна дека добро избалансираниот избор на економски политики е клучен за да се справиме со ризиците и предизвиците, како и да ги искористиме можностите.
НБРМ
Ангеловска-Бежоска на започнувањето на втората фаза од проектот со ИНФЕ-ОЕЦД и МФ на Холандија: Преку финансиска едукација до ползување на придобивките од финтек-секторот

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на покана на министерката за финансии на Холандија и ОЕЦД, учествуваше на настан посветен на финансиската едукација. Средбата истовремено го означи и почетокот на втората фаза на проектот финансиран од холандското министерство за финансии и ИНФЕ-ОЕЦД, насочен кон поддршка на финансиската писменост и инклузија во регионот на ЦЈЕ. Средбата ја отвори потпретседателката на Владата на Холандија и министерка за финансии, Сигрид Кааг, со обраќање кон присутните. (more…)
НБРМ
Митреска на настан на ЕБОР за младите претприемачи: Посилната вклученост на младите во бизнисот го зголемува потенцијалот на економијата

„Народната банка особено ги цени, ги вреднува и ги поддржува иницијативите коишто ја поткрепуваат посилната вклученост на младите во целокупното општество. Спојувањето на финансиите и знаењето се важни за поттикнување на младите во бизнисот, искористувањето на нивниот потенцијал и потенцијалот на економијата во целина“, истакна вицегувернерката на Народната банка, Aна Митреска на настан во организација на Европската банка за обнова и развој, на кој се презентираа наоди од процената на пазарот спроведена во рамките на програмата на ЕБОР „Младите во бизнисот“. (more…)
НБРМ
Главната економистка на Народната банка: Финансиската писменост е потреба во современиот динамичен финансиски систем

„Со активностите предвидени во рамките на Деновите на финансиската писменост, Народната банка дава натамошен придонес исполнувајќи ја потребата за финансиска едукација во современиот динамичен финансиски систем. Сведоци сме на разновидна понуда на финансиски услуги, под различни услови, преку различни канали. Дигиталните финансиски услуги носат многу предности за корисниците, но наметнуваат потреба од дополнителни знаења и нѐ соочуваат со нови предизвици и ризици. Неопходно е постојано надградување на знаењата, не само во врска со тоа како да се користат финансиските услуги, туку и како да се заштитат правата на граѓаните како потрошувачи. Како што се менува финансискиот систем, така расте потребата од нови знаења за соодветно управување со личните финансии“, истакна главниот економист на Народната банка, Анета Крстевска при гостување во програмата на Македонското радио. Говорејќи за одбележувањето на Деновите на финансиската писменост, за што Народната банка предвиде онлајн предавања во следните три дена, Крстевска посочи: „Подигнувањето на нивото на финансиската писменост е една од стратегиските цели на Народната банка. Во рамките на овие денови, Народната банка, како општествено одговорна институција, нуди можност за стекнување и подобрување на знаењата на населението од оваа област.“
Во интервјуто, главната економистка на Народната банка посочи дека заложбите за подобрување на финансиската писменост се и одговор на потребите на населението, коешто во нашата земја, во согласност со спроведената анкета, остварува 56% од максимумот при оценувањето на трите компоненти коишто се составен дел од финансиската писменост: финансиско знаење, финансиско однесување и финансиски ставови. Овој показател е блиску до просекот за ЈИЕ (58%), но понизок во однос на напредните економии на ОЕЦД од 66%. Податоците се резултат на спроведената анкета на Меѓународната мрежа за финансиска едукација ИНФЕ при ОЕЦД во 2019 година со која се изврши мерење на финансиската писменост на населението во нашата земја во рамките на регионалниот проект за финансиска едукација поддржан од Министерството за финансии на Холандија и ИНФЕ-ОЕЦД.
Деновите на финансиската писменост се одбележуваат по седми пат. Годинава се предвидени обуки за повеќе теми коишто опфаќаат знаења за монетарната политика, за избор на кредит, за новините на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за структурата на финансискиот систем и движењата во банкарскиот систем. Презентациите се наменети за сите заинтересирани граѓани, слушатели со основно и со понапредно ниво на знаења. Оваа година се предвидени и две наменски предавања за средношколците, во пресрет на нивниот интерес за финансиска едукација, како дополнение на досегашната можност што ја имаат училиштата за поднесување барање за предавање. Учеството во обуките се обезбедува преку електронско пријавување на секое заинтересирано лице. Повеќе информации за предвидените обука може да најдете на следнава врска.
- Банкипред 2 months
Оглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје
- Осигурувањепред 2 months
АСО со обуки ќе ја гради и зајакнува финансиската едукација на средношколци – математичари
- Домашни банкипред 2 months
Компании во земјава реализираат 20 „зелени“ проекти од кредитната линија на ЕБОР преку Стопанска банка
- Домашни банкипред 1 month
Данијела Јовческа, Никола Горгиевски и Марија Танаскоска се најдобрите банкарски службеници од Шпаркасе Банка во 2023 година
- Банкипред 2 months
Шпаркасе Банка АД Скопје вработува Член на Управен Одбор
- Банкипред 2 months
Оглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје
- Business Manпред 2 months
Проф. Д-р Драгољуб Арсовски се стекна со 3.003 обични акции издадени од ТТК Банка АД Скопје
- Домашни банкипред 2 months
Шпаркасе Банка го активираше порталот за тестирање на платформата за отворено банкарство