Connect with us

Интервјуа

Интервју СУЏУБАШИ: Со кампањата – 10 години Халкбанк на македонскиот пазар, сакаме да истакнеме дека постоиме, работиме и растеме заедно со луѓето околу нас

Објавено

на

Под слоганот „Иднината е светла’’ Халкбанк прославува 10 години постоење на македонскиот банкарски пазар. Изминатиот период создадоа препознатлив бренд, висок квалитет на услуги препознавајќи ги потребите на корисниците, воведоа нови технологии, развиваат еко свест, се приклучија во борбата против климатските промени и стекнаа голем број задоволни клиенти. Халкбанк е најбрзорастечката банка која им се приклучи на големата банкарска тројка во земјата.

За тоа колку се иновативнини говорат и неколкуте хумористични епизоди на HalkTalk во кои се проткаени финансиските навики на обичниот човек, а по повод 10 годишната успешна приказна, во 10 кратки серијали ќе ни прикажат успешни приказни на 10 лица, секој херој во својата област.

Со др. Билал Суџубаши, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје зборуваме за постигнатите успеси, проектите и предизвиците кои ги обележаа 10-те години постоење на маакедонскиот банкарски пазар.

Банкарство: Халкбанк од доаѓањето на банкарскиот пазар во Македонија континуирано продолжува да ги става луѓето во јадрото на своето работење и да го подобрува начинот на живот. Тоа е и пораката што ја пренесувате во кампањата по повод 10-годишниот јубилеј на Македонскиот пазар преку 10-те централни ликови, сите успешни во својата област. Коj беше поттикот за да дојдете до оваа идеја, 10-те години постоење да ги прославите низ успешни и иновативни приказни?

Д-р Билал Суџубаши: Да, уште од првиот ден кога Халкбанк АД Скопје дојде на македонскиот пазар пред 10 години, во центарот на своето работење ги ставивме луѓето како основно јадро во целокупното наше дејствување. Нашето мото „Важни се луѓето“ кое е и основа на нашето работење, подразбира грижа за вработените, грижа за нашите клиенти и деловни партнери и грижа за заедницата во која работиме.

Токму затоа, во годината во која го одбележуваме овој значаен јубилеј, наместо да се осврнуваме кон тоа што сè направивме, развивме и постигнавме во изминатите години, ние фокусот за јубилејот го насочивме кон славење на луѓето и нивните достигнувања. Овојпат претставени преку десет херои од нашето општество што со својот ентузијазам, мотивација, храброст, дејствување, успех и верба во себе успешно чекорат по патот кон остварувањето на своите соништа. Избравме десетмина вистински херои, кои доаѓаат од различни области значајни за нашето општество: спортот, екологијата, културата, иновациите, општествениот активизам, претприемништвото и едукацијата, а кои на некој начин се репрезент и за нашето дејствување и за вредностите што ги одржуваме во корпоративната култура.

Кампањата со која банката го прославува својот роденден на македонскиот пазар како носечка порака ја има довербата во луѓето и во иднината, изразени преку охрабрувачкиот слоган „Иднината е светла“ и промовирањето и поддршката на 10-те централни ликови во кампањата. Марко, Илина, Фејми, Лина, Александра, Ката, Јована, Софија, Горјан и Дрита се главните протагонисти што во оваа пригода ја раскажуваат својата приказна. Тие, всушност, симболично ги претставуваат и вредностите и верувањата зад кои стои Халкбанк како бренд.

Со кампањата сакаме да истакнеме дека постоиме, работиме и растеме заедно со луѓето околу нас. Кампањата го сублимира сето она зад кое стоиме уште од почетокот на нашето дејствување во Македонија – ние сме финансиска институција водена од луѓе за луѓето, институција што во средиштето на своето работење нè има сите нас, нашите потреби и желби, како и добросостојбата на опкружувањето и општеството во кое живееме. Само така може да обезбедиме одржлива иднина за нас и за средината во која дејствуваме.

Банкарство: Во соработка со Мастеркард неодамна ја објавивте новата акција на Priceless Planet и учество во заложбата за засадување на 100 милиони дрвја ширум светот во наредните 5 години. Ова претставува глобален предизвик за кој се потребни и глобални решенија, а тоа што сте дел од овој проект прави да бидете опшествено одговорна компанија и да нé поттикнувате сите нас на еко свест и зачувување на животната средина. Халкбанк во банкарскиот сектор па и пошироко, е една од институциите која инвестира во општествена одговорност, оттука ве прашуваме колку ваквите моменти се битни кога луѓето го прават изборот на Банка која ќе се грижи за нивните пари? Дали луѓето препознаваат што им нуди Халкбанк?

Д-р Билал Суџубаши: Одржливиот развој, како глобален концепт има единствена цел да обезбеди континуиран напредок на квалитетот на животот и благосостојбата на сегашните генерации, без да се загрози можноста за задоволување на потребите на идните генерации. Кај нас во Халкбанк одржливоста е длабоко вкоренета во нашата корпоративна култура. Нашата стратегија за одржливост е изградена врз четири столба: успешна компанија и професионална извонредност, луѓе, животна средина и заедница. Оваа стратегија ги води нашите амбиции и нѝ помага да додадеме одржлива вредност на општеството. Токму затоа можам да кажам дека Халкбанк е општествено одговорна компанија која е посветена кон подобрување на условите во културата и спортот, зачувување на животната средина и воопшто кон зголемување на општото добро за луѓето. И токму затоа несебично помага во реализација на најразлични проекти од овие сфери.

Посебен акцент во нашите активности имаат зелените практики, преку поддршка на компании со еколошки проекти како обновлива енергија, енергетска ефикасност, намалување отпад и други кои придонесуваат за заштита на природата, преку поддршка на ЕКО проекти за заедницата, но и директно со наши активности кои се одвиваат преку платформата HalkEco. Оттаму беше и сосема логично заедно со Mastercard да станеме дел од Priceless Planet, платформата која ги обединува корпоративните заложби за поздрава планета и овозможува значајни инвестиции за заштита и подобрување на животната средина.

Мисијата на оваа коалиција е „Добро работење преку правење добри дела“. Во глобалната мрежа Priceless Planet учествуваат светски познати банки и компании и ова е една од нашите најзначајни кампањи за општествена одговорност.  Клучно за компаниите е да се вклучат во заложбата за еколошко работење со користење на обновливи извори на енергија, намалување на емисиите на јаглерод како и преку инвестирање во енергетски ефикасни работни места и операции.

На прашањето дали луѓето ги препознаваат зелените практики, би го посочил истражувањето за одржливоста, нарачано од нашиот партнер Mastercard, кое покажа дека како резултат на КОВИД-19 се бележи зголемување на заинтересираноста на клиентите за заштита на животната средина. Повеќе од две петтини од жителите на Европа што учествувале во истражувањето (48 %) сметаат дека намалувањето на нивното влијание врз емисиите на јаглероден диоксид е далеку поважно сега во споредба со ситуацијата пред пандемијата. Всушност, повеќе од половина жители на Европа (52 %) сега се многу посвесни за начинот на кој нивните дејства влијаат врз животната средина, а притоа, припадниците од генерацијата З и милениумците (58 %) се најподготвени да преземат нешто. Притоа, речиси три од пет лица (58 %) сметаат дека компаниите треба да работат на поодржлив и поеколошки начин по појавата на КОВИД-19. Жителите на Европа, исто така, откриваат дека покрај справувањето со пандемијата, намалувањето на отпадот (39 %), решавањето на проблемот со пластичниот отпад од пакувања и производи (38 %) и намалувањето на загадувањето на воздухот и водата (35 %) ги сметаат за трите најважни проблеми на кои би сакале да се посветат компаниите и брендовите.

И во земјава последниве години расте свеста за потребата за заштита на природата, и особено за потребата да се дише чист воздух. Загадувањето секако е еден од горливите проблеми на многу градови во Северна Македонија и секоја акција за намалување на испуштање штетни емисии и за зголемување на зеленилото насекаде наидува на позитивен ефект.

Приклучувањето на Халкбанк на глобалната акција беше сосема нормален след на работите бидејќи нашата платформа HalkEco која ја започнавме пред речиси две години е со иста цел –промовирање и негување здрави животни навики и зачувување на животната средина. Во средиштето на платформата Halk Eco е истоимената апликација која ги поттикнува корисниците да практикуваат здрав животен стил, да ја намалат емисијата на штетни гасови CO2 и да се вклучат во заштита на зеленилото.  За секоја активност: трчање, пешачење или возење велосипед, секој кој ја користи апликацијата собира HalkCoins за кои, во зависност од бројот, освојува подароци и други бенефиции. Истовремено, на овој начин обезбедува и дрвја за кои Халкбанк презема обврска да ги засади, со што корисниците заедно со Банката придонесуваат за почиста и поздрава околина.

Нашата банка во изминативе две години донираше над 25.000 садници ширум земјава. Врз база на собраните HalkCoins од корисниците на апликацијата HalkEco, засадени се стотици дрвја во училишни дворови ширум земјава, извршено е пошумување со 6000 садници на падините над езерото Младост кај Велес кои претходно беа зафатени со пожар, а 2.800 садници се засадени во реонот меѓу Битола и Демир Хисар. Дополнително, со средствата собрани од котизациите на учесниците во велосипедската хронометар трка Halk Velo, уплатени се 8.000 дрвја за пошумување во Свети Николе.  Во последната акција за пошумување во која учествуваа вработените на Халкбанк минатиот месец беа посадени 9 200 дрвца во околината на Куманово.

Дополнително, како дел од коалицијата Priceless Planet сите клиенти на Халкбанк кои се корисници на Мастеркард картичките добиваат можност да се приклучат кон оваа глобална акција со тоа што со секоја направена трансакција со Мастеркард картичките даваат поддршка на целите на коалицијата, како што е засадувањето 100 милиони дрвја на планетата во текот на следните пет години.

Секако, нашата банка ќе продолжи и во иднина со своите активности во светло на заедничките принципи и ќе бидеме катализатор на промени кој ќе настојува да ја искористи својата моќ за заедно да го направиме светот подобро, поодржливо и позелено место.

Банкарство: Големиот број на промени што развојот на технологија ги донесе со себе во банкарскиот сектор највидливи се во достапноста на голем број дигитални услуги. Во таа насока, ја развивте Халкбанк мобилната апликација, Халкбанк паричникот, мобилно банкарство, опциите smart cash и smart send, е-касичка како модерен начин на штедење и уште ред други иновативни услуги. Статистички гледно, колку зголемиот обем на дигитални услуги влијае врз зголемувањето на бројот на клиенти и нивото на задоволство од соработката?

Д-р Билал Суџубаши: Светот многу брзо се менува поради технолошкиот развој и дигитализација. Ние сме дел од тие промени. Промените, пак, носат иновации кои создаваат нова конкуренција за банкарскиот сектор. За клиентот сега е важно да добива многу услуги, но да бидат поевтини и секако максимално безбедни. Сé поголема е употребата на електронско и мобилно банкарство. Младата популација не се плаши од дигитализацијата како процес, бидејќи е дел од неа. Но сепак треба да се вложи во комуникација на бенефитите на овие услуги бидејќи се едноставни и безбедни.

Во земјава инаку свесноста кај населението за користење на дигиталните трендови до пред почетокот на здравствената криза беше на скромно ниво. Ние имаме параметри што мерат колку се користи класичното банкарство, а колку дигиталното, и навистина се гледаше дека процентот на дигиталното е низок, споредено со другите развиени држави. Меѓутоа, пандемијата целосно ја смени перцепцијата на корисниците на банкарските услуги за дигиталните канали.

Халкбанк деловните активности сите овие години ги воспоставуваше согласно потребите на пазарот, ставајќи ги луѓето во преден план. Препознатливоста во иновативниот дел се темели на благовременото согледување на трендовите на дигитализацијата кои што во секој случај беа во корелација со усовршување на услугата каде што брзината и времето на извршување е клучно за клиентот. Ние како банка сме еден вид промотор на овие технологии во Северна Македонија. Ја поставивме основата за создавање услуги кои се дел од потребите на клиентите. Ги антиципираме нивните потреби и реагираме соодветно со понуда на нови услуги. Во Халкбанк, покрај електронските и мобилни услуги, имаме нови и надградени ПОС терминали и АТМ каде е овозможена и опцијата за депонирање средства на својата сметка и сопствен центар за процесирање на картичките. За првпат на македонскиот пазар понудивме можност за бесконтактно плаќање, потоа бонус програма за кредитните картички, како и опцијата „Smart Cash“ за повлекување готовина од автомат без користење картичка, како и споделување на код преку СМС кој што овозможува повлекување на средства на било кој од нашите АТМ-и со овој код . Тука би ја спомнал и апликацијата HalkPay со која мобилниот телефон станува паричник или GarminPay, со која може едноставно и брзо да се плаќа со Garmin часовник.

Сево ова се рефлектира и врз нашето работење. Имено можам да кажам дека Халкбанк минатата година годината доби над 9.000 нови корисници и обезбеди над 20% раст на електронското банкарство.

Дигитализацијата моментално е веќе во фокусот на банките и мислам дека во иднина ќе биде еден од клучните сегменти во банкарството каде што новите конкурентски предности ќе се компарираат. Живееме во време на глобализација, каде што клиентите имаат пристап и можност да ги согледаат сите искуства. Во денешно време многу лесно со деловните комуникации со странство, деловните патувања и секако можноста за едукација преку интернет, се согледуваат меѓународните искуства. Затоа, следењето нови трендови во банкарското работење е многу важно бидејќи клиентите ова го препознаваат. Дополнително, со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој е во фаза на донесување, покрај банките како даватели на платежни услуги, ќе може да се јават и други ентитети кои претходно добиле лиценца за тоа, со што сметам дека ќе дојде до раздвижување и нови конкурентски предности во е-трговијата. Тоа секако ќе води до многу иновации и поголема конкуренција која во крајна инстанца ќе води кон воведување нови услуги. Ова секако ќе биде и во фокусот на работењето на Халкбанк.

Банкарство: Престижното британско списание Глобал бренд ја прогласи Халкбанк АД Скопје за најдобар финансиски бренд во Северна Македонија за 2021 година. Секоја награда е одговорност и поттик за во иднина. Посветено работите на иновации, нови решенија, подобрување на услугите, креирање нови производи. Што за Вас и Вашиот тим претставува оваа награда? Кој проект на Халкбанк Ве прави особено горди?

Д-р Билал Суџубаши: Морам да кажам дека професионалната извонредност е основа на нашето работење, преку производите кои ги креираме, начинот на работа и односот на нашите вработени. Халкбанк како модерна финансиска институција е една од предводниците на прифаќањето и имплементацијата на нови технолошки и информатички трендови во своето работење, обезбедувајќи им на тој начин на клиентите најбрзи, најсовремени и најсигурни услуги. Ние промовираме, едуцираме и ја поддржуваме употребата на алтернативните канали за банкарско работење преку разни механизми. Удобноста, достапноста, ефикасноста и брзината при користењето на електронските и мобилните платформи се самите по себе доволни поттикнувачи за насочување на клиентите и кон дигиталното банкарство. Тоа истовремено е и пат кон постигнување на една од целите кон која треба да се стремиме, за „нула отпад“. Во Халкбанк перманентно се негува и политика на посветеност кон клиентите. И тоа се препознава како од самите клиенти, така и пошироко.

Токму затоа прогласувањето за најдобар бренд од страна на престижното списание Глобал брендс секако претставува потврда за ова лидерство во воведување нови технологии и услуги, како и за квалитетната и посветена работа и настојување да се обезбеди висок квалитет на услугите, што е препознаено и од клиентите. Ова и овозможи Банката, која годинава одбележува 10 години успешна работа на македонскиот финансиски пазар, да израсне во силен банкарски бренд и да стане најбрзорастечка банка и една од четирите најголеми банки во земјава. Списанието „Глобал брендс“ кое е инаку водечко меѓународно списание за брендови, како што е наведено, ја има препознаено Халкбанк како најдобар финансиски бренд токму поради исклучителната посветеност кон иновации, квалитет, активности за брендирање, услуги на клиенти и перформанси.

На прашањето на кој проект сум исклучително горд, иако одговорот е секако тежок бидејќи секој наш проект е иновативен и носи бенефити и за клиентите и за банката, сепак ќе ја издвојам целата платформа  на ЕКО пристап и Halkeco апликација која наиде на одличен прием кај граѓаните, но и кај компаниите. Оваа платформа ја отсликува нашата корпоративна политика на грижа за природата преку која даваме поддршка на проекти на заедницата и на спортот кои се во насока на заштита на животната средина и негување здрави животни навики.

Банкарство: Луѓето ги создаваат компаниите и банките. Луѓето се лицето на компаниите. Во своето работење многу пати ќе кажете дека фокусот го ставате на луѓето, на развој на кадарот кој ќе биде потребен и во иднина, на градење квалитетно окружување на работното место кое овозможува раст и развој на вработените, подобрување на квалитетот на живот, промоција на вистинските вредност. Со кои предизвици се соочувате при изборот на вистинскиот банкар? Кои карактеристики треба да ги поседуваат Вашите вработени?

Д-р Билал Суџубаши: Како прво, сакам да истакнам дека сум задоволен што сум на чело на една банка во која има позитивна енергија, слога и дружба меѓу вработените, што и овозможува да се реализираат нашите проекти и да се движиме во насока на јакнење на брендот Халкбанк во земјава. Нашиот корпоративен слоган Важни се луѓето е силно инкорпориран во политиките, практиките на човечки ресурси и активности поврзани со сите вработени во Халкбанк АД Скопје. Приказна за успехот позади брзата и стабилна експанзија на пазарот на Халкбанк и постојаното подобрување на резултатите од година во година е врз основа на едноставниот факт дека само мотивирани и задоволни вработени може да придонесуваат, правилно да им служат и да ги задоволуваат клиентите. Токму затоа банката вложува во инвестиции во човечки капитал и условите за работа.

Нашата банка перманентно ја зголемува својата работна сила со високо калентирани и мотивирани лица, регрутирани и избрани со користење на најдобри и најнови можни практики за избор на нови членови на тимот. Создавање на внатрешна базен за таленти е клучна за развој на стабилна и квалификувано јадро на банкарски професионалци што ќе се справи со сите предизвици што произлегуваат од секојдневното работно опкружување и ќе ги задоволи потребите на клиентот на ефективен и квалитетен начин.

Внатрешната промоција и развој на раководни вештини постојано создава високо способни лидери кои придонесуваат во голема мера за постигнување на зададените цели на ниво на тим и исто така и на компанијата како целина. Практиките за управување се постојано присутни во секојдневните работни процеси на одделот за човечки ресурси и се поставени на компетенции, искуството и преференциите на вработените кои заедно можат да придонесат за да се имаат ефективни тимови и ангажирани членови на тимот. Во исто време, преку овие практики, се создаваат многу вештини поврзани со работата на вработените евалуирани и понатаму развиени преку разни обуки или програми за менторство прилагодени според Банката и потребите на тимот.

Организациската култура и вредностите вградени во внатрешната средина и структурите на Банката се и причина што некои од најдобрите банкарски професионалци во секторот одлучија да ја развијат својата кариера тука и да се приклучат на нашиот тим. Одржувањето на високо квалификуван и компетентен персонал е врвен приоритет на Банката и Одделот за човечки ресурси. Како резултат на тоа, можам да кажам дека стапката на флуктуација на вработените во Халкбанк е една од најниските меѓу другите компании и дека многу веќе основани професионалци од други банки одлучија да нѝ се придружат. Секој вработен во Банката е подеднакво важен за целата организација и сите идеи што можат да ги подобрат нашите работни процеси и услугата кон клиентите е секогаш добредојдени преку отворени врати и пристап до сите повисоки членови на управата во Банката. Сакам да го споменам и тоа дека Халкбанк ја покажува својата свесност за социјалната одговорност преку наше широко отворање врати за студентите за да ги развиваат потребните работни навики и вештини што ќе се бараат подоцна од нив како вработените, со извршување на пракса во нашата банка.

Исто така, многу од сегашните најспособни и посветени вработените се дипломирани студенти од истата програма за стажирање, што помогна нашата организација да ги идентификува и да ги задржи најдобрите таленти од најраните фази.

Банкарство: Го прославувате овој мошне значаен јубилеј веројатно во еден од најтешките периоди, кога човештвото се соочува со глобалната пандемија и последиците од Ковид-19 се чувстуваат буквално на секое поле. Да претпоставиме дека ситуацијата наското ќе се стабилизира и полека ќе се вратиме на нормалниот живот. Можете ли да ни кажете кои беа основните лекции на кои не научи пандемијата, кои размислувања најмногу се променија и во која насока ќе се развива банкарскиот сектор во блиска иднина?

Д-р Билал Суџубаши: Годинава што изминува поради пандемијата со Ковид-19 беше многу тешка за сите, за граѓаните, за компаниите, за државата. Во годината што измина се уверивме дека пред сé е најважно здравјето. Дека е важен секој човек, секоја единка, дека е важна взаемната поддршка, и секако, дека е многу важно да имаме силни компании и силна држава кои можат да издржат и вакви тешки времиња какви што ги донесе пандемијата.

Ние како Банка и претходно, пред пандемијата, не размислуваме само за создавање профит, туку работите ги гледавме и пошироко – да имаме задоволни вработени, задоволни акционери и задоволни клиенти кои банката ќе ја чувстуваат како партнер. Но и држава која е задоволна што има силни банки и стабилен банкарски систем на кој може да се потпре и во добри, но и во лоши времиња. Токму затоа и со самиот старт на кризата излеговме со низа мерки за помош на државата, компаниите и граѓаните.

Мислам дека со кризата во преден план излезе и потребата да се негуваат вистинските вредности и потребата заеднички да посветиме поголема грижа за природата од која зависиме сите.

Би споменал дека и Анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците од работењето во 2021 година и од Анкетата за оцена на ризиците врз финансиската стабилност, коишто ги спроведе Народната банка во текот на првиот квартал од годината, покажа дека повеќе од половината од домашните банки имаат преземено активности за одобрување „зелени кредити“ на домаќинствата и на корпоративниот сектор, при што дел имаат развиено и систем за идентификување еколошки одржливи проекти. Истотака, Анкетата укажа на зголемување на степенот на автоматизација и дигитализација на процесите, унапредување на системите за управување со ризиците и зголемени вложувања во нови технологии, а дел од нив понудиле нови иновативни производи и услуги. Сметам дека ова ќе бидат и идните насоки на работењето на банкарскиот сектор во земјава.

Банкарство: Веќе сте присутни 10 години на домашниот банкарски пазар, период во кој успеавте да се позиционирате како стабилна и иновативна банка. Доколку погледнете назад и ги анализирате изминатите 10 години, што е она што би го промениле во следните 10 години со цел да успеете да станете “банка од соништата” во 2031 година?

Д-р Билал Суџубаши: Да бидам искрен, јас сум исклучително задоволен од резултатите кои ги постигнавме во изминативе 10 години. Благодарејќи на посветеноста, напорната работа и практикувањето на одлична корпоративна култура, нашиот тим успеа да стане еден од најдобрите на пазарот во однос на понуда на услуги и исполнување на барањата на клиентите, што, заедно со иновативните понуди кои постојано ги креираме според потребите на клиентите, се ефектурира преку одличните финансиски резултати и перманентен раст од година во година.

Почнувајќи со работа во 2011 година под брендот Халкбанк со актива од 151 милион евра, банката веќе следната година ја удвои активата, зголемувајќи ги и кредитирањето и депозитната база. Со ваквото темпо продолживме и во сите следни години, надминувајќи го проектираното. Во 2019 година, на пример, остваривме раст на активата за 166,5 милиони евра, најголем во однос не само на големата банкарска петорка, туку и во однос на сите банки во земјава и забележавме и зголемување на кредитното портфолио за 66,5 милиони евра што беше исто така најголем раст на износ на кредитирање во конкуренција на сите 15 банки кои во таа година егзистираа на македонскиот пазар.

Година дена подоцна, односно ланската кризната 2020 година, Халкбанк ја заврши со актива од 1085,9 милиони евра, од кои речиси 139 милиони евра сопствен капитал. Но и со пласирани околу 717 милиони евра кај граѓаните и стопанството, дури за 101,2 милиони евра повеќе од претходната година и со депозитна база од над 698 милиони евра. Притоа, стапката на нефункционални кредити кај нас изнесува 1%, што е далаку под просекот на ниво на државата кој лани изнесуваше 3,4% и беше на рекордно најниско ниво.

Остварените резултати се најдобра потврда за успешноста во работењето и остварувањето на целта поставена со влезот на македонскиот пазар – да биде една од најголемите банки во земјава. И затоа и ништо не би менувал. Туку можам да кажам дека наша цел и во иднина ќе биде да го продолжиме растот со засилено темпо, да нудиме висок квалитет на услугите и нови производи креирани според потребите на клиентите, да го јакнеме брендот Халкбанк во земјава, да продолжиме да спроведуваме општествено одговорни практики, да бидеме тука и да дадеме поддршка.

Интервјуа

Интервју НИКОЛОВСКИ: Инвестиции во обновливи извори на енергија се наш приоритет

Објавено

на

Традиционалните начини на користење на електричната енергија со себе носат и последици кои се одразуваат на климатските промени, а со тоа носат и ризици оставајќи негативни последици по екосистемите, здравјето на луѓето и економијата. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Павлова: Новата кредитна линија на ЕИБ треба да помогне во економското закрепнување на компаниите

Објавено

на

Новата кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка е насочена кон економско закрепнување на малите и средните претпријатија во земјава. Таа ќе им помогне на компаниите да закрепнат, да ги задржат работните места и да обезбедат континуитет на работењето, вели заменик-претседателката на ЕИБ за Западен Балкан, Лилјана Павлова во интервју за МИА. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју КРАЈЧЕВА: Штедилница Можности опстојува на финансискиот пазар ставајќи ги секогаш во главен фокус клиентите

Објавено

на

Штедилниците во Република Северна Македонија иако опфаќаат мал сегмент од финансискиот пазар се значајни за целокупната финансиска стабилност со нивната ликвидност и солвентност. На домашниот финансиски пазар функционираат две штедилници, од кои минатиот месец Штедилница „Можности’’ прослави 21 година постоење и работа. (more…)

Продолжи со читање



Популарно