Интервјуа
Интервју со ИГОР ДАВКОВ, Извршен директор на Скопје Ист Гејт и неговиот тим: Креираме вредност за закупците и посетителите

На одлична локација во главниот град Скопје се развива модерен концепт на домување, богато шопинг искуство и пријатна бизнис околина. Зад проектот Скопје East Gate се потпишува Групацијата Balfin со седиште во Албанија, која е неприкосновен инвеститор на едни од најиновативните градби на Балканот.
Со влез на македонскиот пазар ќе овозможат унапредување на градежната индустрија, подобрување на квалитетот на живот на македонските граѓани како и вработување на нова работна сила, што е од големо значење за македонската економија особено во услови на економска и здравствена криза предизвикана од пандемијата со вирусот КОВИД-19. Фокусот на Скопје East Gate e да ги препознае потребите на граѓаните и да одговори на нивните барања.
На тема Скопје East Gate разговаравме со Игор Давков – Извршен директор, Билјана Северинова – Маркетинг менаџер, Сузана Ристова Величковска – Главен финансиски директор и Наташа Апостолов – Лизинг менаџер во Скопје East Gate, сите поранешни вработени во банкарскиот сектор во Македонија.

Игор Давков – Извршен директор на Скопје Ист Гејт
Банкарство: Од 2018 година сте назначен за Генерален извршен директор на Скопје Ист Гејт. Дали Вашето досегашно искуство стекнато низ годините во банкарскиот како и во приватниот сектор Ви помогна лесно да се прилагодите на новиот професионален ангажман?
ИГОР ДАВКОВ, Извршен директор: Во Скопје Ист Гејт се обидувам да го внесуам целото мое знаење и искуство од досегашната 23 годинишна кариера во различни сектори од економијата. На овој проект менаџирам тим од 30 врвни професионалци и заедно управуваме редица на комплексни процеси поврзани како со изградбата на трговскиот центар, така и со неговата комерцијализација. Во проектот, ,,Скопје Ист Гејт” бев вклучен од самиот почеток, уште од првите анализи, и врз база на претходното искуство во банкарски сектор ги предводев најголемите стратешки трансакции и административни постапки поврзани со купувањето на земјиштето, како и процесот за синдициран кредит кој траеше повеќе од една година. Инаку, ова е втор голем проект на кој работам во рамките на Групата после успешната приказна со програмата за лојалност на Нептун Македонија и ,,Happy” кобрендираната кредитна картичката проект на Нептун Македонија во партнерство со НЛБ Банка АД Скопје.
Ова е навистина уникатен проект за еден ваков мал пазар, и претставува голем професионален предизвик за мене лично, а се разбира и за тимот кој рамо до рамо работи на проектот заедно со мене.
Банкарство: Минатата година беше потпишан договор за најголемиот заем за банакраско финансирање во приватниот сектор помеѓу Скопје East Gate и конзорциум од домашни и странски банки, со кој ќе се финализира изградбата на трговскиот центар. Покрај тоа, кои други извори на финансирање се користат за изградба на целокупниот проект?
ИГОР ДАВКОВ, Извршен директор: Проектот се реализира со финансиска поддршка од конзорциум на пет банки кои финансиски застанаа зад проектот со 72 милиони евра синдициран кредит, и ова е најголемата трансакција од ваков тип склучена на македонскиот пазар.
Зад Скопје Ист Гејт стои силна акционерска структура. Акционерите имаат големо искуство во индустријата поврзана со комерцијални недвижнини. До денес во целиот проектот акционерите има вложено над 50 милиони евра капитал од сопствени средства, со што оваа инвестиција слободно може да се класифицира како една од најголемите странски директни инвестиции.
Банкарство: Која беше причината поради која во финансиската конструкција се вклучија и странски банки. Дали станува збор за банки кои веќе имаат искуство со финансирање на слични проекти или можеби ризикот за домашните банки беше преголем за самостојно да се впуштат во ваков тип на финансирање?
ИГОР ДАВКОВ, Извршен директор: Банкарскиот систем во Македонија е добро капитализиран, традиционален и конзервативен, со што обезбедува стабилност и сигурност. Големите банки поддржуваат проектно финансирање со сопствена експертиза, апетит за ризик и максимален износ според интерните лимити и она што како рамка го дава Законот за банките.
За кредитната трансакција на Ист Гејт Мол, со оглед на износот од вкупно 72 милиони евра се креираше синдикат кој ќе може да ја финансира трансакцијата под идентични услови, врз основа на дефинирана рамка на финансиски, оперативни и правни спогодби и предуслови кои ние како кредитобарател требаше да ги исполниме за да биде одобрено финансирањето. Инаку договорот за финансирање и целата трансакција е структирана согласно меѓународно прифатениот ЛМА (Лондон Маркет Асоцијација) стандард за финансирање на проекти во комерцијални недвижнини.
Синдицираното финансирање, посебно во услови кога се работи за проектно финансирање во комерцијални недвижнини со значајна финансиска вредност, е меѓународно прифатен и вообичаен инструмент кој овозможува банките да финансираат проекти кои, поради регулаторни лимити или пак поради апетитот за ризик, не би биле во состојба да ги финансираат самостојно.
Една од странските банки е традиционален партнер на Групата, додека другата странска банка е матична банка на една од локалните банки која во исто време беше и аранжер на синдицираниот заем.
Банкарство: Кои фактори беа клучни за да се донесе одлука за започнување на ваков грандиозен проект токму во Македонија? Кои се предностите што ги нуди македонскиот пазар во однос на останатите земји од регионот?

Сузана Ристова Величковска – Главен финансиски директор на Скопје Ист Гејт
СУЗАНА РИСТОВА ВЕЛИЧКОВСКА, Главен финансиски директор: Групацијата Балфин инвестира секаде онаму каде што ќе оцени дека има прифатлива стапка на поврат на инвестицијата во корелација со ризиците поврзани со инвестицијата. Во Скопје постоеше можност да се направи инвестицијата со купување на земјиштето, чија локација, големина и погодност за натамошен развој се вклопуваа со деловната стратегија на Групацијата, и врз база на тоа се донесе одлука да се инвестира во проектот.
Со оглед дека над 80% од капиталот на „Скопје Ист Гејт“ е странски капитал, се работи за една од најголемите странски директни инвестиции надвор од економските зони во државава.
Инаку Скопје Ист Гејт е само една во повеќето инвестиции на Групата во регионот на Западен Балкан.
Банкарство: Кажете ни повеќе детали околу функционалноста на целиот проект? Како ќе изгледа просторот на некогашниот Скопски саем по комплетирање на проектот и кога се очекува да биде тоа?

Билјана Северинова – Маркетинг Менаџер на Скопје Ист Гејт
БИЛЈАНА СЕВЕРИНОВА, Маркетинг Менаџер: Ист Гејт ќе биде центар на сите случувања. Веќе е место кое сите граѓани го очекуваат со нетрпение.
Просторот ќе изгледа модерно, современо и урбано, и ќе биде еден од првите комплекси со мешана употреба, кој на едно место ќе има содржина на центар и организиран резиденцијален и деловен простор.
Проектот Скопје Ист Гејт, започна со реализација во 2019 година, и планира да развие вкупна бруто површина од 500.000м2 за што според проценките се потребни вкупно 10 години, а сега од оваа временска перспектива се останати уште 5-7 години за комплетирање на целиот комплекс. Ќе биде еден од првите комплекси со мешовита употреба и еден од првите проекти со ,,потпис на светски aрхитект” на трговски центар и организиран станбен и деловен простор.
Ист Гејт Мол се отвора наесен. Со својата големина од 57.000 м2 бруто површина за изнајмување и повеќе од 250 закупци, се вбројува во најголемите трговски центри во регионот, како според број на трговски единици така и според содржините кои ќе бидат понудени. Со овие параметри Ист Гејт Мол се позиционира како регионален центар кој има т.н. ,,catchment area” (област на привлекување) на растојание од приближно 1.30 до 2 часа.
Банкарство: Што е разликата на Ист Гејт Мол во однос на постоечката понуда?
БИЛЈАНА СЕВЕРИНОВА, Маркетинг Менаџер: Кога го претставуваме Ист Гејт Мол не го дефинираме само како уште еден трговски центар, туку како модерен повеќенаменски комплекс, кој завзема облик на забавен центар за социјализирање и поминување на слободното време за сите генерации, каде што повеќе од 20% од вкупната закупена површина е наменета за забавни активности.
За да понудиме нешто различно од постоечкиот избор, во еден иновативен центар како Ист Гејт Мол инкорпорираме елементи кои додаваат вредност и со тоа правиме обид да го позиционираме молот како ,,новиот центар на случувања” кој ќе вклучува и културна сцена со забава, кино, мини концерти, изложби, фитнес сала и тематски саеми. Овие услуги овозможуваат активности за квалитетно поминување на слободно време , кои неможат да се конзумираат онлајн.
Исто така, понудата на 7 ресторани со богата гастрономија и календарот на настани, се овозможува поголема посетеност на центарот и со таа понуда тој станува нов хаб за локалната заедница – место каде ќе поминуваат квалитетно време со пријателите и семејството. Во Америка и Европа, трендот на внесување на забавни содржини во моловите е поголем отколку кај нас. Соодносот на површините за изнајмување на трговска роба / во однос на просторот за забава се движи од постоечките 70/30 до 60/40, и стига до 50/50. Кога ова се случува, јавниот простор треба да се планира и програмира за целата година, и центарот ја превзема улогата на галерија или забавен центар. Центрите во иднина ќе преземаат улога на медиум, не само на недвижност. Приходите на центрите кои го имаат овој сегмент, се движат во нагорна линија, според истражувањата на консултантската компанија MeкКинси, и на тој начин се дава поголема вредност на закупците да бидат дел од мол.
Банкарство: Дали Ист Гејт Мол ќе понуди различни формати на простор за закуп?

Наташа Апостолов – Лизинг менаџер на Скопје Ист Гејт
НАТАША АПОСТОЛОВ, Лизинг менаџер: Од гледна точка на миксот на закупци, Ист Гејт Мол со особено внимание го креираше форматот на продавниците, кој од една страна одговара на барањата на Закуците а воедно е и атрактивен за посетителите. Анкорите, кои во Ист Гејт Мол се околу десетина, се добро познати реномирани интернационали ритеил синџири и тие се клучни затоа што ја привлекуваат најголемата фрекфенција на посетители. Секако имаме и поразличен формат на помали продавници, кои ја освежуваат содржината и носат новости во понудата, како ,,pop up store”, ,,showroom”, ,,flagship”, киосци и острови како модел на простор кој е флексибилен за адаптација според потребите на закупците. На овој начин го надминуваме проблемот на истоветност, и нудиме диверзификација на содржината во просторот кој се фокусира на специфичен сегмент на потрошувачи и создаваме специфични зони во центарот кои одговараат на различни потреби за побрза или сегментирана услуга.
Така на пример, ,,Central Boulevard” e главното шеталиште со убави продавници и различни брендови која ја наговестува широката понуда во молот, потоа “Fashion Avenue” е уличка која е посветена на добро селектирани премиум трговски марки за висока мода за мажи и жени, ,,Central Square” пак нуди супермаркет, придружни услуги и продавници за декор за домот и технологија – и со оваа сегментација им се нуди на посетителите поголема прегледност на содржините кои се од нивен интерес.
На првиот кат се одделуваат продавници во сегменти за спортска гардероба и спортска опрема, обувки и аксесоари, детска гардероба, книги и играчки, тинејџ мода за новите миленијалци, со што целните групи ќе можат лесно да го пронајдат нивното катче.
Банкарство: Низ медиумите периодов проструија информации околу можни брендови кои може да ги очекуваме со свои продажни места во трговскиот центар. Дали може ексклузивно за Банкарство да ни откриете дел од нив?
НАТАША АПОСТОЛОВ, Лизинг менаџер: Најголемата конкурентска предност на „Ист гејт мол“ е во портфолиото на закупци, разновидноста на содржините и понудата на топ брендови за сечиј вкус и буџет, кои за прв пат доаѓаат во земјава или отвораат први продавници во Ист Гејт, или пак ќе бидат достапни само овде, како и монобрендови и мултибренд продавници.
Поради модерниот изглед на центарот, добар дел од брендовите ќе настапат со тн. ,,flagship units” што би значело врвно уредени продавници по декор и одбрано портфолио, а дел од брендовите ќе се претстави со унапредени формати кои користат технологија ,,generation 4.0“ како и последни ентериерни решенија, во архитектурата дефинирани како ,,edition 2021“.
Како ги потпишуваме договорите со закупците, така и ја информираме јавноста преку социјалните мрежи на @EastGateMall. Во неколку наврати ги соопштуваме новите брендови кои се добро познати на јавноста, и за Банкарство дополнително можеме да кажеме дека следниве брендови имаат свој ,,debut”- деби настап во Ист Гејт Мол како пете бренда на LPP, The Athlete’s Foot, Mango Man, Mango Kids, Papa’s Café, Illy Еspresso store, a единствено место на постоење ќе имаат Zara Home, Oyscho, Kiko Milano, Маdame Coco, и уште многу други имиња кои допрва следат и за кои јавноста ќе биде информирана благовремено.
…и дали ЛИДЛ ќе биде дел од Скопје East Gate?
Лидл не работи во трговски центри и нема да биде дел од Ист Гејт Мол.
Хипермаркетот е единствениот маркет во Ист Гејт Мол и тој простор го закупува македонска компанија со долгогодишно искуство во индустријата.
Склучивме договор со компанијата ТИНЕКС која ќе настапи со комбиниран формат на Супер Тинекс и сегментот на Тинекс Деликатесен со одбран асортиман. Хипермаркетот кој ќе го оперира Тинекс, се простира на површина од 2.000м2 и се вбројува во таканаречените ,,анкори” закупци кои се реномирани на пазарот и привлекуваат голем број на купувачи.
Банкарство: Имајќи ја предвид атрактивноста на трговскиот центар и близината до централното градско подрачје, се очекува станбениот простор да биде исклучително атрактивен за физичките лица. Кога очекувате да започне изградбата на овој дел и со колку станбени единици за продажба ќе располага објектот?
ИГОР ДАВКОВ, Извршен директор: Ист Гејт Ливинг ќе биде модерен станбен комплекс од 10 згради со автентичен дизајн со потпис на светски дизајнер. Четири згради ќе се градат во првата фаза со 672 стана и ќе треба да се завршат за 2 години. Со Ист Гејт Ливинг сакаме да поставиме нови стандарди домување во полузатворен комплекс, во згради кои се поставени нарастојание од 50 метри, зградите ќе располагаат со сопствени зелени паркови и детски игралишта со што идните станари ќе може да живеат во една урбана но пред се хумана животна средина, налик на урбаните станбени населби кои во Скопје се градеа во 70-тите и 80-тите години од минатиот век.
Сите единици во Скопје Ист Гејт се одликуваат со пространост, автентичен изглед, невообичаеност и оригиналност. Резиденциите се дел од повеќенаменскиот комплекс, и во непосредна близина на Ист Гејт Мол кој ќе претставува новиот центар на градот, а таквиот имот секогаш има поголема вредност која расте низ годините. И заради сите овие параметри, интересот е огромен.
Изградбата почнува во текот на оваа пролет.
Интервјуа
Интервју | Д-р КАТЕРИНА БОШЕВСКА: Професионалното управување со побарувањата игра клучна улога за секоја економија

Банките и компаниите треба да продолжат да го доверуваат управувањето со побарувањата на надворешен партнер како што е ЕОЅ, бидејќи преку услугите за наплата и откуп на побарувања се дава значителна поддршка за компаниите и за економскиот систем. Преку оваа поддршка, тие ја враќаат ликвидноста, а истовремено помагаат граѓаните да се интегрираат повторно во системот овојпат ослободени од нивните задолжувања.
Покрај услугите за наплата и откуп на побарувања, компанијата ЕОЅ нуди услуги за меѓународна наплата на побарувањата исто така се’ повеќе наоѓаат своја успешна примена. Компаниите се свесни дека управувањето со побарувањата е една комплексна област, а особено кога нивните задоцнети и заостанати побарувања се наоѓаат кај субјекти кои се наоѓаат во странство. Мрежата на компании и партнери на ЕОЅ во 180 земји околу светот и експертизата на нивните вработени овозможува решавање на 99% од предметите без започнување на правна постапка, што значи помалку трошоци и побрзо разрешување на проблемот за компаниите. (more…)
Интервјуа
Чадиковски за АЕТМ: Комерцијална банка докажа дека е пионер во воведувањето напредни и клучни дигитални решенија

Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја, вели во интервју за АЕТМ, Киро Чадиковски, Директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка. (more…)
Интервјуа
Очекувања 2023 година | САНЕЛ КУСТУРИЦА, ШПАРКАСЕ БАНКА АД СКОПЈЕ

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)
- Осигурувањепред 2 months
АСО со обуки ќе ја гради и зајакнува финансиската едукација на средношколци – математичари
- Банкипред 2 months
Оглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје
- Домашни банкипред 2 months
Компании во земјава реализираат 20 „зелени“ проекти од кредитната линија на ЕБОР преку Стопанска банка
- Домашни банкипред 1 month
Данијела Јовческа, Никола Горгиевски и Марија Танаскоска се најдобрите банкарски службеници од Шпаркасе Банка во 2023 година
- Банкипред 2 months
Шпаркасе Банка АД Скопје вработува Член на Управен Одбор
- Business Manпред 2 months
Проф. Д-р Драгољуб Арсовски се стекна со 3.003 обични акции издадени од ТТК Банка АД Скопје
- Домашни банкипред 2 months
Граѓанската обврзница може да се купи во сите филијали и експозитури на Комерцијална банка
- Анализипред 2 weeks
АНАЛИЗА: Македонските банки со рекордни профити, но далеку зад банките во регионот