Connect with us

Интервјуа

ИНТЕРВЈУ со АТИЛА СЕЛИМ, Директор на алтернативни канали на дистрибуција и картично работење, Маркетинг во Халкбанк АД Скопје

Објавено

на

Свесноста кај населението во земјава за користењето на дигиталните трендови до пред почетокот на здравствената криза беше на скромно ниво. Меѓутоа, пандемијата со Ковид-19 на некој начин ги „натера“ граѓаните да почнат повеќе да користат електронско и мобилно банкарство и да ги користат картичките на продажните места и на банкоматите. За моменталните трендови во користењето дигитални канали, за новите иновативни услуги и очекувањата во која насока ќе се движи банкарството, зборуваме со г-дин Атила Селим – Директор на алтернативни канали на дистрибуција и картично работење, Маркетинг во Халкбанк АД Скопје.

Банкарство: Кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19 и сите ограничувања кои беа направени во земјава, како во работењето на продажните места, така и во ограничувањето на движењето, придонесоа за зголемување на користењето на дигиталните канали. Колку ваквиот тренд го почувствувавте во Халкбанк?

Атила Селим: Во земјава свесноста кај населението за користење на дигиталните трендови до пред почетокот на здравствената криза беше на скромно ниво. Ние имаме параметри што мерат колку се користи класичното банкарство, а колку дигиталното, и навистина се гледаше дека процентот на дигиталното е низок, споредено со другите развиени држави.

Меѓутоа, пандемијата целосно ја смени перцепцијата на корисниците на банкарските услуги за дигиталните канали. Впрочем, тоа го покажуваат и неодамна објавените податоци од Народна Банка според кои бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во третиот квартал се зголемил за 35,4% на годишна основа, што е речиси трипати повеќе во споредба со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година кога изнесувал 12,8%.

Односно, кај кредитните трансфери иницирани по електронски пат има раст од 28% во текот на сите три квартали од 2020 година. Халкбанк АД Скопје може слободно да се пофали со континуирано зголемување на корисниците на електронско и мобилно банкарство. Од почетокот на годината имаме над 20%  раст и над 9.000 нови корисници на електронско банкарство кои секојдневно ги завршуваат брзо и лесно своите плаќања.

Сé поголем е и трендот на направени трансакции преку алтернативните канали, и моментално 64% од трансакциите се направени на овој начин, што значи речиси двојно повеќе во споредба со трансакциите направени во филијала. Очекувано е клиентите во време на пандемија да најдат побезбеден и сигурен начин за извршување на трансакции и доколку направиме споредба помеѓу трансакциите направени во филијала и електронското банкарство може да видиме дека 55% се направени преку веб или мобилна верзија на електронско банкарство.

Банкарство: Што се користи повеќе, компјутер или мобилен телефон за извршување на трансакции?

Атила Селим: Ние во Халкбанк од досегашниот развој и направена паралела и споредба на корисниците на електронско банкарство дојдовме до заклучок дека во целина клиентите повеќе преферираат плаќање преку компјутер и веб верзија на електронското банкарство. На почетокот на годината 92% од трансакциите се извршени преку персонален компјутер.

Последните месеци забележан е тренд на сé поголемо користење на мобилната апликација за електронско банкарство каде се достигнува процент од 15%, а на веб верзијата од 85%.

Притоа, населението значително повеќе ја користи мобилната апликација и ја надмина веб верзијата на електронско банкарство, така што 63% од направените трансакции кај овој сегмент се направени преку мобилен уред. Ова е впрочем тренд и на ниво на целиот банкарски сектор.

Централната банка деновиве објави, многу порано од вообичаено, што се должи веројатно токму на драстичниот раст на користење алтернативни канали, дека бројот на плаќања извршени со мобилен телефон пораснал во третиот квартал за дури 84,2% на годишна основа. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е исто така многу повисок од годишниот раст остварен во третиот квартал од минатата година, којшто изнесуваше 49,3%. Истовремено, во третиот квартал од годинава продолжил и трендот на голема употреба на компјутерите за извршување плаќања во земјата од страна на граѓаните. Поконкретно, кај овие плаќања, во третиот квартал од оваа година се забележува висок годишен раст од 20,1%, кој е повисок за четирипати од годишниот раст во третиот квартал од минатата година, којшто изнесуваше 4,7%.

Банкарство: Во овој период има огромен пораст на користењето на платежни картички. Евидентно е дека сé повеќе граѓаните ги користат на продажните места, но и на банкоматите. Какви се показателите на Халкбанк?

Атила Селим: Точно е тоа дека пандемијата на некој начин ги „натера“ граѓаните да почнат повеќе да ги користат платежните картички. Ова особено се однесува на постарата популација која порано повеќе преферираше да располага и да плаќа со готовина.

Со пандемијата, поради ограничувањата на движење кои беа на сила еден период и рестрикциите во работата на банките, многу граѓани конечно почнаа да ги користат своите платежни картички и на продажните места, но и на АТМ. Централната банка веќе објави дека е забележан висок годишен раст на користењето на платежните картички на физичките места на продажба кој во третиот квартал од годинава изнесува 36,8%, додека во истиот квартал од минатата година тој изнесувал 22,3%. Особено има голем раст и на плаќањата преку интернет во земјава. Порано имаше перманентен раст на плаќања преку интернет, но најмногу кон странство.

Сега, состојбата се промени и според НБРСМ, бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет е дури петкратно зголемен. Имено, растот во третиот квартал од оваа година изнесувал 175%, додека во истиот квартал од минатата година бил 37,7%. Во време на најголемите рестрикции, многу граѓани своите нарачки за храна и други потреби ги вршеа онлајн, за многу луѓе кои беа или се во изолација тоа беше најсигурен начин за обезбедување на потребните намирници, а овој тренд очигледно продолжи и понатаму иако ги нема веќе ограничувањата во движење кои ги имавме. Слични трендови се забележани и кај нас во Халкбанк, а она што особено нé радува е што имаме тренд на пораст од 20% на употребата на новоиздадени платежни картички. Со акцијата „Купувај домашно“ еден дел од корисниците предвидената помош од државата ја добија преку картички издадени од Халкбанк. Тие немаа обврска истата, односно новоотворената трансакциска сметка (доколку до тогаш не биле клиенти на Халкбанк) да ја користат, но ете решиле да продолжат да бидат наши клиенти.

Одличен одѕив имаше и нашата кампања која ја нарековме На наша сметка, со која за секоја отворена нова сметка или за постојните клиенти за отворена нова услуга добиваа ваучер кој можеа да го искористат во некои угостителски објекти. Ова беше и наша помош на угостителскиот сектор кој е еден од најпогодените од кризава. Секако, значителен е и бројот на граѓани кои едноставно процениле дека Халкбанк треба да биде нивен партнер.

Банкарство: Иако нивото на користење на дигиталните канали пред кризата беше мал, сепак, Халкбанк постојано инвестираше во воведување нови технологии, што сега очигледно се покажа како вистински потег. На што се должи ваквата политика?

Атила Селим: Иновативноста во процесите и услугите е една од најсилните карактеристики на нашата банка, која преку употреба на прилагодени стратегии воведува иновативни производи.

Халкбанк како модерна финансиска институција е една од предводниците на прифаќањето и имплементацијата на нови технолошки и информатички трендови во своето работење обезбедувајќи им на тој начин на клиентите најбрзи, најсовремени и најсигурни услуги. Иако степенот на користење дигитални канали во земјата беше мал, сепак, ние верувавме дека состојбата брзо ќе се смени од причина што младата популација е максимално насочена кон користење нови технологии. И дека за нив ќе стане сосема нормално и банкарските услуги да ги завршуваат преку својот компјутер, лаптоп, мобилен телефон или да плаќаат во движење преку својот Garmin часовник. Сето ова се покажа дека била исправна политика и веруваме дека и кога ќе помине кризата, огромен број од нашите корисници, но и воопшто корисници на банкарски услуги во земјава, ќе продолжи да ги користи дигиталните канали бидејќи имаа можност да се уверат дека сите банкарски услуги можат да го завршат брзо и лесно од својот компјутер или мобилен телефон и дека секој може на овој начин целосно да менаџира со своите сметки.

Секој корисник на електронско и мобилно банкарство на Халкбанк преку услугите i-banking и mobile banking може да изврши проверка на состојбите на сметките, на кредитните картички, да изврши уплата на средства, нивно префрлање на друга сметка, да врши плаќање комунални услуги, кредити и други дневни трансакции – денарски и девизни, како и креирање шаблони. Со SmartCash да подигнува готовина со мобилен и да праќа код на други потенцијални клиенти да може да подигнат средства од банкоматите на Халкбанк. На овој начин може да се врши и продажба и откуп на девизи, креирање персонални буџети, потсетници за плаќања, но и да се отвора орочен депозит, како и за скоро да може да се аплицира за кредит.

Банкарство: Вообичаено досега слабото користење на дигиталните канали кај нас се должеше најмногу на недовербата во сигурноста на овој вид трансакции – како на електронското и мобилно банкарство, така и на користењето на платежните картички во трговијата, па дури и на банкомати. Колку е сигурно ваквото користење на картичките и какви безбедносни мерки преземате за да се оневозможат злоупотреби?

Атила Селим: Обезбедената сигурност за клиентите придонесува и за подигнување на свеста во користењето на дигиталните производи, што е и наша стратешка цел. Пазарот кај нас, токму благодарејќи на Халкбанк, за прв пат се запозна и со NFC и Contactless технологијата, која овозможува бесконтактно и брзо плаќање со нашите Contactless картички која сега станува особено популарна и се движи со забрзан интензитет.

Инвестициите во делот на POS терминалите и картичните производи директно придонесоа за тоа како и за будење на CashBack концептот преку нашата бонус програма која се нуди кај нашите картички и за нашите клиенти. Како пионери во имплементацијата на е-трговијата како услуга, а за дополнителна сигурност и зголемување на оnline плаќањата преку удобно вршење на online трансакциите, нашите клиенти позитивно ја прифатија 3D secure платформата која позитивно влијаеше во овој дел и впечатоците за сигурно и безбедно плаќање.

Брзиот пристап до нашите производи и услуги го овозможи и особено големиот раст и ширење на АТМ мрежата која нуди низа услуги за клиентите преку можност за правење трансакции кои се уникатни на пазарот, од вршење на трансфери на средства, плаќање на долг на картичка, користење на кредитна картичка како дебитна при подигнување на средства, до вадење на мали изводи, итн. Бројот на корисници на овие услуги расте, како резултат на поголемата свесност за предностите при користењето на овие услуги, поддршката и едукацијата која Банката постојано им ја нуди на своите клиенти преку различни канали (видео упатства за користење, достапноста на Банката 24/7 преку Хелп 24 Контакт Центарот, секојдневната помош од страна на вработените и слично), иновативноста, како и конкурентните цени кои ги прават овие услуги лесно достапни за секого.

Банкарство: Халкбанк нуди широк спектар алтернативни услуги кои се замена за класичните банкарски операции кои секојдневно се извршуваат во филијалите. Дебитни и кредитни картички од брендовите Mastercard и Visa, СМС Инфо, електронско и мобилно банкарство, развиена мрежа на ПОС уреди, напредна e-commerce понуда, онлајн аплицирање за производи, Смарт кеш, се само дел од производите што ги нудите. Најнови производи кој го понудивте на пазарот се HalkPay и Garmin Pay. Колку ваквите иновативни производи се прифатени од клиентите?

Атила Селим: Халкбанк деловните активности сите овие години ги воспоставуваше согласно потребите на пазарот, ставајќи ги луѓето во преден план. Препознатливоста во иновативниот дел се темели на благовременото согледување на трендовите на дигитализацијата кои што во секој случај беа во корелација со усовршување на услугата каде што брзината и времето на извршување е клучно за клиентот. Со оглед дека има перманентен раст на корисниците на дигиталните банкарски услуги, за нас како банка која е предводник во воведување вакви услуги, сосема е нормално да работиме на нудење иновативни производи.

Можеби, како што е вообичаено за сé што е ново, постои потреба од време некоја новина да влезе во масовна употреба. Но, тоа сепак се случува. Како што веќе споменав, Халкбанк беше прва која на пазарот понуди Contactless картички. И, ако во старт можеби корисниците стравуваа дека на овој начин нивните средства можат да бидат злоупотребени, денес токму ваквиот начин на плаќање е омилен бидејќи ја поедноставува процедурата на пазарување.

HalkPay мобилната апликација која ја креиравме во соработка со Mastercard на пазарот ја пуштивме во месец јули и таа овозможува најбрзо и најбезбедно плаќање со мобилен телефон без употреба на картичка. Со неа практично мобилниот телефон станува паричник. Со цел да ги увериме корисниците во предностите од секојдневната употреба на овој вид бесконтактно плаќање, што е особено добредојдено во сегашниот период кога сите сме внимателни и избегнуваме физички контакти, покрај неколкуте минати активации со направени трансакции со апликацијата HalkPay, како мотив плус ја создадовме и наградната игра „Шопинг победа“ која е во тек и со која се надеваме дека дополнително ќе ги поттикнеме нашите корисници да се приклучат на она што е светски тренд во вршење трансакции. Веќе имаме евидентирано дека бројот на дигитализираните картички и направените трансакции преку оваа мобилна апликација секојдневно се зголемува и веруваме дека овој тренд ќе продолжи.

Подржувајќи го спортскиот дух, препознатливи со нашиот ЕКО пристап, на пазарот овозможивме и плаќање со часовник со промоцијата на Garmin Pay, која e единствена функционалност во овој регион.

Банкарство: Халкбанк веќе подолг период е вклучена во нудење услуга е-комерц, односно овозможување отворање електронски продавници преку кои може на легален начин електронски да се продаваат најразлични производи. Ова исто така стана тренд во време на кризата?

Атила Селим: Како промотор на технолошките промени ја имаме и најдобрата платформа е-комерц за плаќања на пазарот со која, во услови на развој на технологијата и брзината на современото живеење, се олеснува работењето и се овозможува потребите на клиентите да се исполнуваат на брз и едноставен начин. Платформата е-комерц придонесува да се зголеми приходот бидејќи преку неа може да се продава 24/7 и исто така дава можност да се нуди поширока палета на производи. Кризата секако го зголеми бројот на нарачки преку интернет на домашниот пазар, а со тоа доведе и до раст на бројот на е продавници.

На крајот на минатата година учеството на пазарот во однос на виртуелни продавници беше околу 20%, а сега тој процент се зголемува со оглед на новите трговци кои се отворија изминатиот период. Практично, со стартот на кризата интересот за барања беше 4 пати поголем во однос на истиот период (март/април) минатата година што е навистина драстично зголемување.

Заедно со третиот квартал, ние опфативме околу 40% од новиот наплив на барања на пазарот кој броеше над 300 нови е-трговци. Воедно процесиравме скоро 25% од вкупниот број на трансакции. Притоа, палетата на веб продавници е најразлична односно содржи речиси секаков вид категорија – од оние кои нудат плаќање на сметки, комунални услуги до продавници за храна, играчки, книги, подароци, облека и производи за домот. Најразлични се и услугите, од хостинг до едукативни, осигурителни услуги, хотелски резервации, достава на пица до купување на карти. Со сите производи и услуги кои се продаваат online се олеснува денешниот начин на живот.

Банкарство: Дали дигитализацијата е иднина на банкарскиот сектор?

Атила Селим: Дигитализацијата моментално е веќе во фокусот на банките и мислам дека во иднина ќе биде еден од клучните сегменти во банкарството каде што новите конкурентски предности ќе се компарираат. Сепак, усовршувањето, како и пристапот во креирањето на новите продукти започнува првенствено од соодветните анализи и потреби на пазарот. Живееме во време на глобализација, каде што клиентите имаат пристап и можност да ги согледаат сите искуства во денешно време многу лесно со деловните комуникации со странство, деловните патувања и секако можноста за едукација преку интернет согледувајќи ги меѓународните искуства. Затоа, следењето нови трендови во банкарското работење е многу важно бидејќи клиентите ова го препознаваат.

Во наредниот период ова ќе дојде уште повеќе до израз поради очекуваните промени во платниот систем на кои Народната Банка веќе активно работи. Со имплементацијата на новиот Закон за платен промет, покрај банките како даватели на платежни услуги, ќе може да се јават и други ентитети кои претходно добиле лиценца за тоа со што сметам дека ќе дојде до раздвижување и нови конкурентски предности во е-трговијата.

Банките следејќи ги тие промени ќе пристапат и кон отворање на дел од своите податоци прилагодувајќи се на PSD 2 директивата, каде што веќе други потенцијални FinTech компании ќе може да понудат услуги црпејќи информации од банките, а воедно базирајќи се на довербата која ќе биде клучна од аспект на безбедност на клиентите. Тоа ќе води до многу иновации и поголема конкуренција која во крајна инстанца ќе води до раст и позитивни промени во е-трговијата, подржана во исто време со поголем маркетинг.

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на ОХРИДСКА БАНКА АД СКОПЈЕ за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на Стопанска банка а.д. Битола за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

ИНТЕРВЈУ Славчо Таушанов: Халк Осигурување успешно чекори кон целта да биде една од најголемите и најуспешни осигурителни компании на домашниот пазар

Објавено

на

Пандемијата  со Ковид-19 ги измени навиките на луѓето и силно удри врз економијата, оставајќи големи последици по многу стопански гранки. За последиците од кризата по осигурителниот сектор, за тоа што во годинава што изминува беше приоритет за граѓаните и компаниите, како и за постигнатите резултати, зборуваме со Славчо Таушанов, извршен директор во Халк Осигурување, компанија која од минатата година е дел од Групацијата Халкбанк. (more…)

Продолжи со читање

Популарно