Connect with us

Интервјуа

Интервју СОЊА ПАНЕВСКА: Банкоосигурувањето претставува „win-win“ стратегија за банките и за осигурителните компании

Објавено

на

Банкоосигурувањето има потекло од францускиот збор Banque (банка) и Assurance (осигурување), во англиската терминологија е прифатена како Bancassurance.

Друштвата за осигурување ги продаваат своите осигурителни производи преку својата директна продажна мрежа или преку дистрибутивни канали од кои традиционално најзначајни се осигурителните брокери и застапници. Со вклучувањето на банките во продажбата на осигурителните производи започнува развојот на банкоосигурувањето и оттогаш сè повеќе се распространува низ светот.

Во најтесна смисла, банкоосигурување подразбира продажба на осигурителни производи преку банка, додека во поширока смисла се дефинира како заеднички зафат на банките и на друштвата за осигурување со цел да овозможат осигурителните производи да допрат до корисниците на банкарските услуги.

Халкбанк во своето деловно работење е во партнерски однос со две осигурителни компании, и тоа Кроација Осигурување Живот АД Скопје за животно осигурување и Уника Неживот АД Скопје за неживотно осигурување.

На тема банкоосигурување, разговаравме со Соња Паневска, Заменик – директор на Дирекција за маркетинг на население во Халкбанк АД Скопје.

Банкарство: Што точно претставува банкоосигурувањето?

Соња Паневска: Во една општа дефиниција, банкоосигурувањето претставува поврзување на банка и осигурителна компанија во насока на заедничка продажба на комплементарни производи. Главниот концепт што стои зад поимот банкоосигурување е максимално користење на каналите на продажба на двете финансиски институции, со истовремена заштеда на трошоците и зголемување на бенефитите за крајните корисници – клиентите.

Зачетокот на банкоосигурувањето е дел од релативно поновата историја, бележејќи ги 80-тите години од минатиот век, но за краток период прераснува во глобален светски тренд што во последните десетина години претставува моќна алатка на банките и на осигурителните компании насочена кон обезбедување повисок стандард на услугите за клиентите.

Во суштина, банкоосигурувањето претставува добитна комбинација за сите партнери во деловниот однос: банката ја збогатува понудата на финансиски услуги за своите клиенти, а со тоа предничи пред конкуренцијата, истовремено генерирајќи нов извор приходи; осигурителната компанија се здобива со пристап до значително поголема потенцијална база на клиенти; додека, пак, клиентите, како корисници на услугите, ја уживаат привилегијата да го заштедат своето време и истовремено да купат финансиски и осигурителни услуги на едно место. Секоја банка се стреми да ги опслужи клиентите со колку што е можно поширока палета производи и да развие долгорочен однос, што е во корелација со начинот на функционирање на осигурителните компании.

Банкарство: Зошто ваквите партнерства се важни и за банките и за осигурителните компании, и како влијаат врз целокупниот финансиски сектор? 

Соња Паневска: Во фокусот на банкоосигурувањето се клиентите, каде што основната цел на поврзувањето на банкарските и осигурителните продукти е обезбедување повисок стандард на услуги за клиентите на едно место.

Следствено на ова, како банка што секогаш на примарно место ги става своите клиенти, ги препознавме трендот и нивните потреби, и од март оваа година ја проширивме нашата понуда и со осигурителни производи.

Лиценциравме 57 вработени во сите филијали низ Македонија што се обучени за продажба на осигурителни производи, а во моментов ги чекаме резултатите од новата група вработени, кои се надградуваа на оваа тема, и се надеваме дека годината ќе ја завршиме со вкупно осумдесетина продавачи стручни за оваа област.

Како лиценциран застапник, банката е во партнерски однос со две осигурителни компании одделно во сегментот животно и неживотно осигурување, а во својата понуда ги има полисите за осигурување во сите типови од палетата на Кроација Осигурување Живот АД Скопје и Уника Неживот АД Скопје.

Партнерските осигурителни компании во Македонија долги години се одлично позиционирани на пазарот на осигурување и подготвени се да го споделат нивното знаење и искуство со нас, водејќи нè низ процесот на продажба како нов играч на теренот.

Заемна е свесноста дека банкоосигурувањето претставува стратегија „win-win“ и за банките и за осигурителните компании, бидејќи како модел ги намалува ризиците, истовремено носејќи дополнителен приход, а со ваквиот начин на развивање на соработката и развивање на финансискиот пазар во Македонија значително може да се влијае и врз развојот на целата економија воопшто.

Банкарство: Каква придобивка имаат клиентите при подигнување кредит во банка? 

Соња Паневска: Подолгите рокови, намалените трошоци за апликација, фиксните каматни стапки за одреден период се дел од придобивките за клиентите. Најважното при подигнување кредит со животно осигурување е сигурноста што ја добива фамилијата на кредитокорисникот при немил настан. Живееме во динамично време во кое трката со времето, обврските и стресот, за жал, оставаат последици и несакани изненадувања, кои би можеле да се ублажат со овој тип обезбедување.

Производите со животно осигурување, кои моментално се во нашата понуда, ги имаат следниве карактеристики:

Релакс потрошувачкиот кредит има ниска каматна стапка од 5,9%, фиксна за првите две години и поволната каматна стапка за останатиот период, која е варијабилна и во моментот изнесува 7,15%, без надоместок за обработка на барањето и рок на отплата до 10 години;

Комфор + станбениот кредит има фиксна каматна стапка до 5 години од: 3,4% за првите три години и 4,4% за следните две години, со рок на отплата на кредитот до 30 години, без надоместок за обработка на барањето и трошоци за ликвидирање на изложеноста од сопствени средства;

Хипотекарниот кредит со животно осигурување има рок на отплата на кредитот до 20 години и намален трошок за обработка од 0,5% од износот на кредитот, при каматна стапка што е варијабилна и во моментот изнесува 6% номинално годишно, кој може да се искористи за широки потреби на клиентите, како и за ликвидирање на целата кредитна изложеност.

При подигнување станбен или хипотекарен кредит, задолжително е имотот што се заложува да биде осигурен. Оваа услуга Халкбанк ја нуди преку партнерската компанија Уника осигурување неживот и по најповолна цена на клиентите им нуди заштеда на време и комплетно завршување на обврските во нашите филијали.

Банкарство: Како реагираат клиентите на дополнителниот трошок за осигурување на кредитниот пласман со полиса за животно осигурување? Дали се свесни за придобивките што ги нуди животното осигурување, имајќи предвид дека клиентите во Македонија се ценовно сензитивни и реагираат на секое зголемување на трошоците?

Соња Паневска: Најважното што се трудиме да го постигнеме при продажба на производите поврзани со осигурување е на клиентите да им го објасниме бенефитот од животната полиса. Запознавањето на клиентите со оваа материја е нешто на што сме фокусирани при презентација на производите, имајќи го предвид фактот дека станува збор за производи присутни на пазарот последниве неколку години.

Досега сме задоволни од респонзивноста од страна на нашите клиенти на оваа тема. Кога математички ќе ги споредиме и ќе ги пресметаме, од една страна, каматата, апликативните трошоци што се сведени на минимум, подолгите рокови, максималниот износот и бенефитот од сигурноста кај кредитите со животно осигурување, наспроти кредитите без животно осигурување, од друга страна, задоволни сме од свесноста кај клиентите и решението да подигнат кредит со животна полиса, што го потврдува фактот дека речиси 70% од потрошувачките кредити пласирани оваа година имаат животно осигурување.

Банкарство: Кои типови осигурителни полиси може да се купат во филијалите на Халкбанк што не се поврзани за кредитен производ и од кои осигурителни компании?

Соња Паневска: Паралелно со кредитните производи поврзани со осигурување, во филијалите на Халкбанк може да се купат сите типови полиси од палетата на осигурителните компании што се во слободна продажба под исти услови како во осигурителните компании.

Во делот на животно осигурување, покрај полисите ризико, во понудата се и производите на Кроација осигурување живот: индивидуалното осигурување, ексклузив осигурувањето и детското штедно осигурување КОКО.

Во делот на неживотно осигурување може да се купат сите видови полиси од Уника осигурување неживот, како што се: автоодговорност, зелен картон, каско, домаќинско осигурување имот, патничко осигурување, индивидуално и колективно осигурување од траен инвалидитет итн.

Услугата активно ја промовираме кај сите наши постојни и нови клиенти, како физички, така и правни лица, и веќе имаме успешни примери на продажба на полиси што не се поврзани со кредитен производ.

Банкарство: Во моментов клиентите може да се осигурат при подигнување на Релакс потрошувачкиот кредит, Комфор станбениот кредит и Хипотекарниот кредит. Дали во иднина таа соработка може да се прошири и кај останатите кредитни производи, како што се кредитни картички, дозволено пречекорување итн.?

Соња Паневска: До крајот на оваа година ќе бидеме фокусирани на производите што во моментот ни се во портфолиото, а кои се карактеризираат со многу поволни услови.

За следната година планираме многу нови проекти, нови производи, унапредување на процесите и алтернативна продажба преку експлоатација на дигиталните канали на банката.

За овие неполни 9 месеци откако сме активни на ова поле, со задоволство можам да кажам дека ги надминавме сите проекции од аспект на број на изготвени полиси и износ на премија, паралелно успевајќи да ги надминеме сите проблеми и предизвици со кои се соочивме со новововедената активност.

Годината што доаѓа ќе ја пречекаме спремни за нови идеи и за остварување нови цели, чувствувајќи се сигурни во знаењето и комотни со поддршката од партнерските осигурителни компании Кроација осигурување живот и Уника осигурување неживот.

Банкарство: Дали Халкбанк размислува за воведување производ поврзан со полиса за животно осигурување, кој освен што ќе служи како обезбедување, ќе има и штедна компонента? 

Соња Паневска: Да, овој производ е еден од листата нови проекти за 2019 година, за кој треба да се воведе системско решение и приспособување на постојните процеси кај двете компании. Во оваа прва година сакавме да се фокусираме на полисите Ризико и да ги научиме комплетно сите детали околу процесот, со цел да создадеме здрава основа за надградба во иднина.

Банкарство: Колкав е степенот на развиеност на банкоосигурувањето во светот и дали банкоосигурувањето во Р. Македонија се движи во таа насока?

Соња Паневска: Во светот веќе е проверена практиката од заедничкиот настап на финансискиот пазар на банките и осигурителните компании. Ретки се банките што во своето портфолио не ги вклучуваат осигурителните производи паралелно со своите примарни банкарски производи. Банките и осигурителните компании во Македонија се стабилни финансиски институции што можат да ги следат трендовите и во блиска иднина се надевам дека ќе се зголемува конкуренцијата, што ќе нè донесе до ниво на кое ќе треба да нудиме сè поквалитетни и посовремени услуги кон крајните корисници – клиентите.

Последниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурувањето за содржината и обемот на работа на друштвата за осигурување ги објави податоците за резултатите остварени во првото полугодие од 2018 година, во кое бруто-полисираната премија забележува раст од 6%, споредбено со истиот период минатата година.

Во делот на остварувањата на друштвата за застапување во осигурувањето, вклучувајќи ги и банките, во првото полугодие од 2018 година остварена е бруто-полисирана премија од 606 милиони денари, во која, споредбено со истиот период минатата година кога бруто-полисираната премија изнесувала 541 милиони денари, се забележува раст од 12%.

Ова нè носи до заклучок дека пазарот на осигурување е во постојан раст, што отвора можност за нови осигурителни застапници и брокери, унапредување производи, квалитетна услуга и задоволни клиенти.

Со сигурност можам да ветам дека Халкбанк ќе го следи пазарот и ќе вложува во унапредувањето на своите процеси, услуги и знаења од областа на осигурувањето.

Водени од успесите што ги нижеме во изминатиот период, ќе се трудиме да постигнеме сè позначаен процент од растот на бруто-полисираната премија и бројот на склучени договори за осигурување.

Интервјуа

ИНТЕРВЈУ Букет Геречџи: Халкбанк е лидер во воведувањето нови технологии на банкарскиот пазар во Македонија

Објавено

на

На почетокот на тековната 2019 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

ИНТЕРВЈУ со проф. д-р. Драгољуб Арсовски, Претседател на Управен Одбор на ТТК Банка АД Скопје

Објавено

на

На почетокот на тековната 2019 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Груевски ќе работи во Унгарската народна банка?

Објавено

на

Избеганиот експремиер и пратеник, сегашен азилант Никола Груевски во Будимпешта даде ексклузивно интервју за телевизија Сител, кое го водеше новинарката Славица Арсова. (more…)

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange