Connect with us

Интервјуа

Интервју КРАЈЧЕВА: Штедилница Можности опстојува на финансискиот пазар ставајќи ги секогаш во главен фокус клиентите

Објавено

на

Штедилниците во Република Северна Македонија иако опфаќаат мал сегмент од финансискиот пазар се значајни за целокупната финансиска стабилност со нивната ликвидност и солвентност. На домашниот финансиски пазар функционираат две штедилници, од кои минатиот месец Штедилница „Можности’’ прослави 21 година постоење и работа.

Преку нивната понуда на традиционални производи и услуги им овозможува на своите клиенти лесно, брзо и ефикасно менаџирање со своите финансиски средства. Нивната нова веб страна им дава модерен призор и поголема достапност за постоечките и новите клиенти, кои своите потреби можат да ги остварат и во неколкуте филијали низ земјата.

За новините, состојбата и конкуренцијата на финансискиот пазар преку призмата на штедилниците поразговаравме со г-ѓа Емилија Крајчева, Управител на Штедилница „Можности’’.

Банкарство: Појавата на голем број на финансиски друштва предизвика заживување на домашниот финансиски пазар од една страна, но и појава на конкурентен пристисок во делот на издавање на инстант кредити за население. Како гледате на оваа конкуренција и како ја оценувате состојбата на финансискиот пазар со оглед на фактот што Штедилница Можности успешно функционира веќе 21 година?

Емилија Крајчева: Штедилница Можности опстојува на финансискиот пазар следејќи ја својата мисија и ставајќи ги секогаш во главен фокус клиентите. Преку личната и директна комуникација со клиентите, изворно ги запознаваме нивните потреби, проблеми и планови и тоа ни овозможува да ги креираме заедно, најдобрите решенија за нив. На македонскиот финансискиот пазар има место за сите даватели на финансиски услуги кои се креативни, иновативни, ги слушаaт потребите на клиентите, бараат решенија и се прилагодуваат на промените како од аспект на пазарните движења, така и од аспект на регулаторните барања и стандарди. Штедилница Можности во континуитет имплементира нови продукти коишто се прилагодени за потребите на нашите клиенти и така ќе продолжиме и во иднина, паралелно прилагодувајќи се и на промените во окружувањето.

Во однос на прашањето за состојбата на финансискиот пазар, сметам дека е стабилна. Нашиот финансискиот пазар, како и Штедилница Можности која успешно функционира веќе 21 година, успеа да ги издржи и предизвиците на финансиската криза пред десетина години, а и кризата со пандемијата. Во одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем, свој придонес има одговорното работење на банкарските институции, но и регулаторот којшто придонесува кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем.

Банкарство: Имајќи ја во предвид дигиталната револуција, кои услуги и алатки што ги нуди „Штедилница Можности’’ претставуваат новина за граѓаните и каков е аспектот на нивно користење од страна на клиентите?

Емилија Крајчева: Штедилница Можности ги следи можностите за дигитализација во областа на финансискиот сектор и веќе неколку години го прилагодува своето работење на потребите и барањата на клиентите. Дигитализацијата и дигиталната трансформација во работењето е една од стратешките цели на Штедилницата и тоа не само во делот на работа со клиенти, туку и во останатите области на работењето.

Клиентите на Штедилница Можности може да ја користат услугата за електронско банкарство која им овозможува пристап до сите податоци поврзани со продуктите што ги користат во Штедилницата, им овозможува пристап и користење на други услуги, како и можност да комуницираат со вработените, да побараат информација за кредит или депозит, да постават прашање, пофалба, поплака, да споделат мислење и слично. Штедилницата наскоро ќе ја пушти во употреба и мобилната апликација, кадешто клиентите ќе може да имаат увид на податоците за продуктите што ги користат и да се информираат за истите и преку своите паметни уреди.

Банкарство: Лансиравте нова веб страна, како и можност за користење на услугата електронско банкарство и онлајн апликација за кредит. Дали сметате дека корисниците, особено по кризата со пандемијата Ковид-19 ќе ја задржат навиката да ги користат дигиталните услуги кои им ги нудите?

Емилија Крајчева: Потребата и барањата на клиентите за користење на дигитални услуги и алтернативни начини на комуникација, постои уште пред кризата со пандемијата Ковид-19. Кризата го интензивираше користењето на овие услуги и уште повеќе ја охрабри Штедилницата да вложува во развој на овој сегмент. Позитивните повратни информации од корисниците на нашите дигитални услуги, како и информациите за ефектите од новата веб страна, се уште поголем мотив да не застанеме тука.

Потребата од вакви услуги не е инцидентна, туку се повеќе станува редовен начин на работа и комуникација, како во финансискиот сектор, така и во останатите сфери во општеството.

Банкарство: Со цел надминување на последиците предизвикани од пандемијата со Ковид-19, заедно со УСАИД креиравте нов производ, односно кредит за поддршка на клиенти погодени од кризата. Кои беа причините поради кои одлучивте да го креирате овој финансиски производ, каква беше заинтересираноста за овој продукт, особено што таргет беа микро клиентите и истиот се карактеризираше со неверојатна 0% каматна стапка?

Емилија Крајчева: Овој финансиски продукт беше креиран со цел да им се помогне на нано и микро клиентите во време на пандемија, за полесно надминување на состојбата на лимитирани финансии и задржување на бројот на вработените и најважно за подобрување на ликвидноста. Со кредитна понуда која вклучува 0% каматна стапка, овозможивме поефтин извор за финансирање на потребите на корисниците на овој продукт без плаќање на каматата како цена на позајмените средства.

Нашите традиционални клиенти во голем број не беа вклучени или пак не се квалификуваа во разните економски мерки на Владата за справување со кризата предизвикана од Ковид-19 и водејќи се од нашата мисија ние го креиравме овој продукт за да им помогнеме да ги надминат предизвиците од кризата. Кредитот за поддршка беше краткорочен кредитен производ со максимален износ до 180.000 денари. Заинтересираноста беше голема и во релативно краток временски период беа поддржани околу 190 бизниси со вкупен износ на пласман од приближно 424.000 евра.

Банкарство: Прибирањето депозити од физички лица претставува примарна активност на штедилниците, па гледано врз основа на тој факт кои понуди на штедење се содржани во портфолиото на производи на „Штедилница Можности’’ и со кои каматни стапки се карактеризираат истите?

Емилија Крајчева: Прибирањето на депозити претставува една од основните финансиски активности на Штедилницата при што на клиентите им нудиме два штедни продукти: денарски депозит и отворен денарски депозит. Депозитот може да се орочи на 1 месец, 3, 6, 12, 24 или 36 месеци. Каматните стапки за штедење се фиксни и со најповолни услови на пазарот. Пример, каматните стапки за денарскиот депозит се движат од 0,05% за 1 месец до 2,10% за депозити орочени на 24 месеци и 2,30% на 36 месеци. Штедилницата нуди можност за месечно подигнување на камата и можност за трансфер на каматата на трансакциска сметка на депонентот.

Депозитите се осигурени во Фондот за осигурување на депозити, согласно со закон.

Банкарство: Активностите што ги извршуваат штедилниците како „депозитни институции’’ се многу ограничени и се сведуваат на прибирање штедни влогови и на одобрување кредити на населението. Дали сметате дека потребна е интервенција во релевантната законската регулатива, па и издвојување на штедилниците како посебни финансиски субјекти?

Емилија Крајчева: Штедилница Можности во своите 21 година постоење секогаш имала одлична соработка со Народната банка како регулатор на финансиските институции. Во однос на промени во релевантната законска регулатива, штедилницата е во постојан и директен контакт со НБРСМ на оваа тема, како и преку Македонската Банкарска Асоцијација (МБА).

Последен пример каде се очекува вклучување на штедилниците во дополнителни активности претставува најавениот нов Закон за платежни услуги и платни системи, којшто ќе и овозможи на штедилницата да нуди платежни услуги, кои согласно со постоечката регулаторна рамка не можевме да ги извршуваме. Тоа би значело и можност за нудење нови услуги и продукти за нашите клиенти и можности за промена и дополнување на бизнис моделот на штедилницата.

Согласно ова, очекуваме и во иднина, НБРСМ да го има предвид влијанието на штедилниците во банкарскиот систем и да овозможи да се вклучиме во повеќе активности, имајќи предвид дека успешно се справуваме со сите предизвици и успешно ги менаџираме сите ризици кои произлегуваат во работењето, што се покажува и преку резултатите и поддршката која Штедилница Можности ја дава на своите клиенти во делот на микрофинансирање.

Во однос на тоа дали треба да бидеме издвоени како посебни финансиски субјекти, наше мислење е дека треба да имаме рамноправен однос како и сите останати учесници во банкарскиот систем, односно да важат истите правила на игра. Со ова, регулаторот само ќе го потврди нашиот придонес во стабилноста на финансискиот систем.

Како што можете да видите, Штедилница Можности остана на својот зацртан пат, да биде целосно регулирана од НБРСМ, со цел клиентите да имаат максимална доверба во активностите кои ги вршиме и ќе ги вршиме.

Интервјуа

Интервју НИКОЛОВСКИ: Инвестиции во обновливи извори на енергија се наш приоритет

Објавено

на

Традиционалните начини на користење на електричната енергија со себе носат и последици кои се одразуваат на климатските промени, а со тоа носат и ризици оставајќи негативни последици по екосистемите, здравјето на луѓето и економијата. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Павлова: Новата кредитна линија на ЕИБ треба да помогне во економското закрепнување на компаниите

Објавено

на

Новата кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка е насочена кон економско закрепнување на малите и средните претпријатија во земјава. Таа ќе им помогне на компаниите да закрепнат, да ги задржат работните места и да обезбедат континуитет на работењето, вели заменик-претседателката на ЕИБ за Западен Балкан, Лилјана Павлова во интервју за МИА. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју СУЏУБАШИ: Со кампањата – 10 години Халкбанк на македонскиот пазар, сакаме да истакнеме дека постоиме, работиме и растеме заедно со луѓето околу нас

Објавено

на

Под слоганот „Иднината е светла’’ Халкбанк прославува 10 години постоење на македонскиот банкарски пазар. Изминатиот период создадоа препознатлив бренд, висок квалитет на услуги препознавајќи ги потребите на корисниците, воведоа нови технологии, развиваат еко свест, се приклучија во борбата против климатските промени и стекнаа голем број задоволни клиенти. Халкбанк е најбрзорастечката банка која им се приклучи на големата банкарска тројка во земјата. (more…)

Продолжи со читање


Популарно