Connect with us

НБРМ

Интервју ЕМИЛИЈА НАЦЕВСКА, вицегувернерка на Народната банка: Транспонирањето на директивите и регулативите на ЕУ ќе создаде конкурентно окружување за квантитативен и квалитативен раст на платежните услуги

Објавено

на

Транспонирањето на директивите и регулативите на ЕУ ќе создаде конкурентно окружување за квантитативен и квалитативен раст на платежните услуги, вели Емилија Нацевска, вицегувернерка на Народната банка.

ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ СЕ ВО ИСКЛУЧИТЕЛНО ДОБРА КОНДИЦИЈА

Измина седмиот месец од почетокот на ковид-кризата кај нас. Народната банка соопшти дека кризата ја дочекавме со речиси рекордно ниво на девизни резерви, а потоа дека тие беа и зголемени. Во каква кондиција се девизните резерви сега и што очекувате за следниот период?

Емилија Нацевска: Сите показатели потврдуваат дека девизните резерви се во исклучително добра кондиција – на високо ниво и постојано се во сигурната зона. На крајот на октомври изнесуваат три милијарди и 540 милиони евра. Тоа е повеќе за над 450 милиони евра во споредба со крајот на февруари, пред почетокот на ковид-кризата во нашата земја. Но, не само номиналниот износ, туку и релативните, меѓународно прифатени показатели за оцена на адекватноста водат кон констатацијата дека нивото на резервите е соодветно и обезбедува заштита на девизниот курс на денарот.

Инаку, Народната банка по повеќе од две години континуиран откуп на вишокот на девизи на девизниот пазар, од март наваму, како и во претходни епизоди на криза, интервенираше со продажба на девизи. Но, за разлика од претходните кризи, кога интервенциите беа заради раст на побарувачката предизвикана од засилената евроконверзија или подигање странска готовина, што секако го имаше и во оваа криза, овој пат затворањето на земјите поради пандемијата доведе до значително намалување на понудата на девизи. Ова особено беше случај со странската готовина, бидејќи нашите иселеници вообичаено ја носат со себе при посетата на семејствата во земјата, а воедно изостана ефектот и од нивната потрошувачка.

Сепак, карактерот и должината на ковид-кризата ги поттикнаа иселениците и работниците на привремена работа во странство повеќе да ги користат формалните канали за достава на средствата за поддршка на семејствата. Тоа пак доведе до висок годишен раст на нето-приливите врз основа на банкарски дознаки за 37,6 отсто, или 32,1 милион евра и преку брзиот трансфер на средства за 50,9 отсто, или 37,1 милион евра, во првата половина од оваа година.

Од почетокот на третиот квартал наваму, трендовите на девизниот пазар во земјава постојано се подобруваат, за што придонесуваат не само сезонските фактори, туку главно и подобрите согледувања на граѓаните, кои се јавуваат со зголемена понуда на девизи. Во такви околности и девизната ликвидност на банкарскиот систем и натаму се подобрува, со што значително се намали и потребата за интервенции на Народната банка. Во септември и октомври, Народната банка беше само повремено присутна на девизниот пазар со продажба на девизи на банките-поддржувачи, при што износот на интервенциите е најнизок од почетокот на кризата наваму.

Имајќи го предвид сето ова и пред сè имајќи ги предвид показателите за адекватноста што ги следиме редовно, со сигурност можам да потврдам дека девизните резерви и натаму се сигурна потпора на девизниот курс на денарот.

Што ако пандемијата земе посилен и подолготраен замав?

Емилија Нацевска: Нема сомнение во глобални рамки дека здравствената криза ќе трае подолго отколку што се очекуваше, што создава поголема неизвесност. Впрочем, во најголема мера, на тоа се должат и надолните корекции на очекувањата на меѓународните финансиски институции, според кои побавното справување со пандемијата ќе предизвика поумерено економско закрепнување во следната година, во глобални рамки. Секако, ние сме свесни за овие ризици, ги земаме предвид и во нашите проекции и редовно го следиме нивното остварување од аспект на адекватноста на монетарната поставеност и секако од аспект на влијанието врз девизните резерви.

Во случај на поизразено влошување на состојбите во справувањето со вирусот, а со тоа и позначително влошување на економските изгледи, на краток или среден рок, би можело да дојде и до затегнување на условите на меѓународните финансиски пазари, односно зголемување на трошоците за финансирање или намалување на ликвидноста.

Во овој контекст, морам да напоменам дека со пристапот до девизна ликвидност во евра, што неодамна ни го овозможи Европската централна банка, ние располагаме и со дополнителен инструмент за реакција во случај на остварување на поголеми ризици на меѓународните финансиски пазари. Поконкретно, примената на оваа репо-линија, создадена за потребите на централните банки на земјите надвор од еврозоната, има за цел да одговори на евентуалните потреби за девизна ликвидност во евра, вклучително и на Народната банка, како резултат на евентуални пазарни нефункционалности предизвикани од засилувањето или од нов шок од пандемијата на ковид-19.

Сепак, нашите досегашни оценки не упатуваат на посериозни влијанија врз девизните резерви од тековната криза, а тие и натаму се во сигурната зона. Во тек е редовната ревизија на макроекономските проекции, во рамките на есенскиот циклус проекции на Народната банка, по кој би ги соопштиле најновите видувања и оцени за движењето на девизните резерви на среден рок.

ОД НУЛА ДО РЕКОРДНО НИВО НА ДЕВИЗНИ РЕЗЕРВИ

Повеќе од три децении сте во тимот на Народната банка – и во периодот на осамостојувањето на Македонија кога износот на девизни резерви беше 0 и сега, кога се постигнати рекордни нивоа. Транзиција, нестабилност на регионот, глобална финансиска криза, криза кај некои од соседите и редица други случувања до актуелната ковид-криза – како се успеа да се постигнат актуелните нивоа на девизни резерви?

Емилија Нацевска: Кога ќе се сетам дека осамостојувањето навистина го започнавме речиси без девизни резерви, бидејќи поделбата на девизните резерви на Југославија меѓу државите-наследнички во тоа време воопшто не беше остварлива, од оваа временска дистанца намалувањето на инфлацијата, од четирицифрено на едноцифрено ниво за само три години по монетарното осамостојување, ми изгледа невозможно. Особено беше специфична првата година по монетарното осамостојување во 1992 година. Бидејќи покрај тоа што се соочувавме со предизвиците наметнати од хиперинфлацијата и што немавме функционален девизен пазар, сè уште се градеше и просторот за воспоставување соработка со меѓународните финансиски институции за да можеме да добиеме нивна поддршка. Договорите за соработка со ММФ и Светската банка се склучија во 1993 година.

Поддршката од ММФ и Светската банка беа клучни за надминувањето на сите кризи со кои се соочи нашата земја, поради специфичните политички состојби во регионот во тоа време. При тоа, на макроекономски план, покрај тоа што успеавме за релативно кратко време да се справиме со инфлацијата, успеавме постепено да акумулираме средства и во девизните резерви. И по десет години од монетарното осамостојувањето, тие да го достигнат нивото од над четиримесечна покриеност на увозот на стоки и услуги. За да се постигне ова, покрај националните мерки за задолжително издвојување 30 отсто од девизниот прилив на извозниците и канализирањето на приливот на ефективата од менувачкиот пазар и од приватизацијата и продажбата на општествениот капитал во девизните резерви, пресудна беше кредитната поддршка од мултилатералните и билатералните кредитори. Нивната поддршка за обезбедување и одржување на ценовната и макроекономската стабилност воопшто, како услов за спроведување на реформите за заживување на економијата. Воедно тоа беше поддржано и од донации од меѓународната заедница.

За да се добие ваквата меѓународна поддршка, потребно беше да се обезбедат гаранции за независноста и професионализмот на централната банка во спроведувањето на монетарната политика и остварувањето на целите и задачите утврдени со Уставот. Таквите гаранции беа обезбедени уште со првото законско решение за Народната банка донесено од Собранието на денот на монетарното осамостојување – 26 април 1992 година.

Подоцна, во процесот на усогласување на националното со европското законодавство, спроведувајќи ги принципите за независност на централните банки во Евросистемот, независноста на Народната банка беше дополнително зајакната, обезбедувајќи истовремено услови за примена на меѓународните стандарди и најдобрите практики во централнобанкарското работење, како современа централна банка.

ЗА ШТО СЕ КОРИСТАТ ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ

На пошироката јавност, не секогаш и е јасно – што сè спаѓа во девизните резерви и за што можат или не можат тие да се користат?

Емилија Нацевска: Повеќе години најголемиот дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност, меѓу кои преовладуваат државните хартии од вредност издадени главно од земји, но и од меѓународни институции и од останати издавачи со највисок инвестиционен рејтинг, по што следат депозитите во странски банки и во монетарно злато. Конкретно, на крајот на октомври, 76,6 отсто од резервите се пласирани во хартии од вредност, средствата на тековните сметки кај странските деловни банки учествуваат со 13,3 отсто, а монетарното злато е застапено со околу 10 отсто.

Во согласност со законската рамка и со меѓународните стандарди и правила, девизните резерви на земјата претставуваат средства со кои управува исклучиво централната банка, или т.н. монетарната власт. Тие имаат клучна улога во обезбедувањето капацитет на земјата за надоместување на девизните нето-нерамнотежи во билансот на плаќања. Со тоа имаат значајна улога и при одржување на довербата во монетарната политика и политиката на девизниот курс. Особено при примена на стратегија на де факто фиксен девизен курс, како и во заштитата на економската благосостојба на земјата при надворешни шокови или национална непогода.

Оттука, поставеноста на монетарната стратегија во однос на девизниот курс, преку која Народната банка ја постигнува основната законска цел, е еден од основните мотиви за одржување соодветно ниво на девизните резерви. Во таа смисла, токму поради солидното ниво на девизни резерви, Народната банка може да има интервенции во економијата на девизниот пазар во периоди на шокови или при зголемена потреба за девизи и со тоа да придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот.

Централната банка го гради тој капацитет главно во периоди на вишок на понуда на девизи во економијата, кога вишокот на девизна ликвидност се апсорбира од Народната банка и е дел од вкупните девизни резерви на земјата. Исто така, не помалку важен е фактот што девизните резерви се користат за непречено извршување на меѓународниот платен промет на државата, вклучително и на трансакциите за отплаќање на обврските врз основа на надворешен јавен долг.

Одржувањето соодветно ниво на девизните резерви воедно создава доверба кај пазарните учесници, вклучително и кај меѓународните инвеститори за способноста на земјата за навремено сервисирање на достасаните обврски кон странство, за кредитоспособноста на економијата и следствено за постигнување подобар суверен рејтинг. Токму, подобриот рејтинг на земјата создава услови за полесен пристап до меѓународните пазари на капитал, како на државата, така и на сите економски субјекти, што, пак, во крајна мера овозможува пониски трошоци на финансирање.

Користењето на девизните резерви за други намени, вклучително и за фискални цели, во земјите со пазарна економија, веќе одамна не е дозволено, бидејќи може да доведе до нарушување на макроекономската стабилност. За таа цел, законодавството на Европската Унија е особено ригорозно и јасно, а нашата регулатива е усогласена со него.

СИГУРНОСТ, ЛИКВИДНОСТ И ПРОФИТАБИЛНОСТ

Граѓаните ги интересира и како се управува со девизните резерви, што прави Народната банка, каде се парите, како се менаџира со нив? Веројатно тие пари нешто „работат“?

Емилија Нацевска: Управувањето со девизните резерви е законски дефинирана и воедно исклучително одговорна функција на Народната банка со оглед на тоа што станува збор за управување со национални средства. Во таа смисла, нејзиното спроведување во рамките на Народната банка наметнува потреба од поставување и примена на добро изграден систем на управување и контрола, според најдобрите практики во овој домен на работењето на водечките централни банки.

При управувањето со девизните резерви, кај нас се применуваат трите основни принципи, што го дефинираат целокупниот процес: сигурност, ликвидност и профитабилност, по истиот редослед на приоритет. Имено, при управувањето со девизните резерви, највисок приоритет се дава на нивната безбедност, што се постигнува преку ограничување на кредитниот, каматниот, валутниот и оперативниот ризик. Преку ограничувањата поставени во однос на кредитниот ризик, што се однесуваат на странските деловни банки и издавачите, поставени се критериуми за пласирање на девизните резерви во финансиски инструменти, односно издавачи на тие инструменти што имаат инвестициски кредитен рејтинг, меѓу кои преовладуваат пласманите со највисок рејтинг со околу 75 проценти (AAA до AA-), по што следи учеството на останатите пласмани со инвестиционен рејтинг.

Од аспект на типовите инструменти во кои се пласирани девизните резерви, веќе споменав дека најголемиот дел се насочени кон пласмани во хартии од вредност, меѓу кои преовладуваат државните хартии и хартиите од вредност со државна гаранција, главно издадени од земјите од т.н. јадро и полујадро на еврозоната, а значително помало е учеството на хартиите од вредност издадени од регионални и локални влади, странски деловни банки и обезбедени хартии од вредност. Воедно, ваквата застапеност на хартиите од вредност, заедно со одржувањето ликвидни средства на тековните сметки кај странски централни банки придонесуваат за исполнување и на вториот принцип по важност ‒ ликвидноста на девизните резерви.

Имено, со почитувањето на принципот на ликвидноста, средствата се секогаш достапни заради исполнување на функциите на девизните резерви – интервенции на домашниот пазар, платежни трансакции за потребите на државните органи и сл., па поради тоа секогаш пласманите се насочени во ликвидни финансиски инструменти што се тргуваат на активен секундарен пазар на кој во секој момент во услови на потреба ќе можат да се продадат. На крајот, профитабилноста се постигнува преку остварување конкурентна пазарна стапка на поврат, а со остварениот приход од инвестирање на резервите едновремено се намалуваат трошоците за држење на резервите заради мотивите на претпазливост и заштита.

ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ – ГАРАНЦИЈА ЗА СТАБИЛНОСТА НА ДЕНАРОТ

Што вели Вашето долгогодишно искуство – дали девизните резерви ја гарантираат стабилноста на денарот?

Емилија Нацевска: Секако, а и изминатите неколку кризни епизоди го потврдуваат ваквиот став. Актуелното ниво на девизните резерви и нивната проектирана патека за натамошниот период цврсто ја гарантираат стабилноста на денарот. Инаку, како што повеќе пати беше нагласено во изминатиот период, Народната банка располага и со низа монетарни инструменти што се дополнителна гаранција за девизниот курс на денарот во однос на еврото. Ако е потребно, подготвена е и за нивна примена во текот на ковид-кризата, како што во изминатите две децении тоа го има направено и во други епизоди на криза. Кога станува збор за вредноста на домашната валута, нема простор ниту за дилема, ниту за компромис – денарот е и ќе остане стабилен.

ПОЗИТИВНИ ТРЕНДОВИ КАЈ ДИГИТАЛНИТЕ КАНАЛИ ЗА ПЛАЌАЊЕ

Секторот за кој сте задолжена во Народната банка ги опфаќа и плаќањата, платните системи. Податоците што ги објавивте покажуваат дека граѓаните ги менуваат навиките и повеќе ги користат дигиталните канали на плаќање. Што велат најновите податоци за плаќањата преку интернет?

Емилија Нацевска: Нема сомнение дека како во глобални рамки, така и кај нас, условите во текот на пандемијата придонесуваат за забрзано менување на навиките во однос на плаќањата. Граѓаните сè повеќе ги ползуваат придобивките од дигиталните канали за плаќање.

Притоа, особено во вториот квартал од оваа година, очигледен е високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, што изнесува 169,6 проценти. Тоа е за пет пати повисоко од годишниот раст од 32 проценти остварен во истиот квартал од минатата година. Во целото прво полугодие имаше импозантен годишен раст на плаќањата на граѓаните со платежни картички преку интернет од 122,6 проценти.

Засилувањето на интернет-трговијата од страна на граѓаните секако придонесува и за промена во стратегиите на компаниите. Односно тие тежнеат кон сè поголема вклученост во овој сегмент од деловното работење. Ова го забележуваме преку зголемениот број нови продажни места за интернет-трговија што на крајот на јуни, во споредба со крајот на декември претходната година, се зголеми за 203 нови интернет-продавници. Тоа е тројно повеќе во споредба со растот во истиот период од 2019 година кога беа регистрирани 68 нови продажни места на интернет.

Заради навремено согледување на трендовите кај плаќањата, во условите кога под влијание на пандемијата навиките забрзано се менуваат, веќе се обработуваат и податоците за платежната статистика за третиот квартал од годината. Би требало да ги објавиме наскоро, пред вообичаениот рок утврден во календарот за објавување податоци од платежната статистика, како што беше направено и со податоците од првите два квартала. Но, имајќи ги предвид податоците обработени досега, веќе можам генерално да кажам дека позитивните трендови во оваа сфера продолжуваат.

СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ПЛАЌА СО ПАМЕТНИ ТЕЛЕФОНИ

Компјутери, таблети, мобилни телефони… Плаќањата веќе можат да се остваруваат речиси преку сите дигитални комуникациски уреди. Што преферираат граѓаните што ги следат трендовите, дури некои, иако чекаат во редови, преферираат шалтер?

Емилија Нацевска: Нашиот банкарски систем во последните десетина години понуди збогатување на палетата на платежни услуги. И тоа не само преку традиционалното банкарство, туку и преку дигиталните канали, што придонесе за значително користење на услугите од страна на населението. Очигледно е дека се следат глобалните трендови на дигитализација на платежните услуги.

Така, од аспект на уредите преку кои се вршат плаќањата, очекувано, граѓаните сè уште ги претпочитаат компјутерите, односно 2 од 3 електронски кредитни трансфери се иницирани од граѓаните со користење персонален сметач. Сепак, забележлив е и силен тренд на сè почеста употреба на паметните телефони за оваа намена, што почна и пред ковид-кризата, а околностите со пандемијата придонесоа за негово забрзување. Конкретно, бројот на плаќањата извршени со паметен телефон порасна за значителни 75,1 отсто за една година. Додека минатата година, во истото тримесечие, нивниот годишен раст изнесуваше 49,1 отсто.

Транспонирањето на директивите и регулативите на ЕУ во овој домен, што се одвива забрзано, ќе создаде конкурентно окружување за квантитативен и квалитативен раст на платежните услуги. Исто така ќе ја поттикне дополнително дигиталната трансформација на каналите за плаќања, посебно во делот на т.н. отворено банкарство и ќе ја зголеми довербата поради очекуваното повисоко ниво на сигурноста при плаќањата. Истовремено, ќе се создадат услови за отворање на пазарот на платежни услуги и за нови видови небанкарски субјекти како што се платежните институции, институциите за електронски пари и различни модели на финтек компании што ќе бидат лиценцирани и супервизирани од страна на Народната банка.

Нè очекува динамичен период, како за граѓаните и економските субјекти, така и за интерното подобрување на резултатите на Народната банка во усвојувањето на стандардите за работа на централните банки на земјите членки на ЕУ и Европската централна банка.

ДИСТАНЦИРАНО БАНКАРСТВО – ПРЕДНОСТ И ЗА ПОВОЗРАСНИТЕ

Има ли потреба да се чека пред шалтерите за да се подигне плата или пензија или да се платат сметки? Што им препорачувате на повозрасните граѓани што се „плашат“ од новите начини на плаќање?

Емилија Нацевска: Банките кај нас од една страна издаваат платежни картички, што воопшто не заостануваат зад последните технолошки достигнувања и овозможуваат дистанцирано банкарство, било да е тоа преку компјутер или преку паметен телефон, а од друга страна поддржуваат бројна и технолошки напредна мрежа на банкомати и терминали за плаќање. Паралелно со сето тоа безбедносните стандарди се еднакви на стандардите на меѓународно ниво. Тоа се безмалку сите фактори за да може, со следење на препораките за плаќање, безбедно да се изврши секоја трансакција со платежна картичка, вклучително и преку интернет.

Оттука, не само што препорачувам, туку и апелирам, во рамките на можностите да се користат новите начини на плаќање – со тоа се заштедуваат ресурси, се заштедува време, се постигнува ефикасност, а во актуелните околности се штити и сопственото и јавното здравје. Секој граѓанин што има потреба од дополнителни информации за безбедно користење на современите начини на плаќање може да се обрати во својата банката, а таа треба да му ги обезбеди сите потребни информации. Веќе и Народната банка објавува едукативни материјали со информации корисни за поттикнување повисок степен на дигитална вклученост на нашата популација.

Очекувате ли дека и по пандемијата ќе се задржат навиките што ги стекнавме сега – да плаќаме електронски, од дома, од канцеларија, а не на шалтер?

Емилија Нацевска: Пандемијата поттикна помасовно да се согледаат предностите на современите дигитални канали за плаќање. Мислам дека не само кај нас, туку и во глобални рамки, по пандемијата ќе се задржат навиките за користење на овие канали, затоа што покрај заштита на здравјето, во овој период, не мал дел од граѓаните прв пат, користејќи ги дигиталните начини за плаќање, можат да ја забележат повеќекратната корист од ваквите услуги. Но, би било уште подобро ако во иднина современите канали почнат да се користат и од поголемиот дел од граѓаните што не ги користеле досега. За таа цел, потребни се и натамошни вложувања во финансиската едукација, но и натамошен поактивен однос на банките во комуникацијата со своите клиенти и во осмислувањето на своите производи. Исклучително важно е и компаниите уште повеќе да вложуваат во е-трговијата. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи, имајќи го предвид и трендот во изминатите месеци, но и тоа што и пред пандемијата, како што покажуваат податоците, се забележуваше нагорен тренд во оваа сфера.

ПОДГОТОВКА ЗА НОВИТЕ ТРЕНДОВИ ВО ПЛАЌАЊЕТО

„Амазон“ тестира плаќање со дланка, ЕЦБ ќе го тестира дигиталното евро. Ќе бидеме ли подготвени на долги патеки да ги следиме трендовите во плаќањата?

Емилија Нацевска: Верувам дека ќе бидеме. По донесување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, во нашата економија ќе се транспонира најновото европско законодавство во оваа област. Ќе се создадат услови за значајни промени во нашиот платежен пејзаж во однос на неговата засилена дигитална трансформација. Новата регулатива ќе овозможи либерализација на пазарот на платежните услуги, поттикнување на иновациите и зајакнување на конкуренцијата, како и зајакнување на правата на потрошувачите за нивно информирање од страна на давателите на платежни услуги за условите за користење на услугите. Заедно со Министерството за финансии работиме на Законот, а веќе се изготвуваат и подзаконските акти што се во надлежност на Народната банка. Ако во следните години се искористат можностите што ќе се дадат со регулативата, потоа постојано ќе бидеме во можност да ги следиме трендовите.

Изминатиов период, во јавноста беше присутна темата „Еуростандард“ и во тој контекст е споменувана Народната банка. Кој е Вашиот коментар на сето ова?

Емилија Нацевска: Како што беше истакнато повеќе пати во последниов период, Народната банка е независна институција и во своето постапување се води исклучиво од законите. Ова не е индивидуална определба, туку уставна обврска и постулат на севкупното работење на институцијата.

Оттука, и овој пат, и во свое име, и во име на тимот на институцијата, морам да нагласам дека Народната банка не смее и нема да дозволи банка да работи спротивно на законот, доведувајќи ја со тоа во прашање и стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Општо познат факт на супервизорското работење е дека секоја слаба алка во системот мора да се санира или, ако не е можно тоа, да се отстрани од системот за да нема негативни ефекти врз останатиот дел од финансискиот систем. Независноста и професионализмот на Народната банка се и ќе останат гарант за одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем, а со тоа и на севкупната финансиска стабилност.

За крај, неизбежно – што очекува Народната банка за македонската економија за следниот период?

Емилија Нацевска: Како што веќе напоменав, во тек е редовната ревизија на макроекономските проекции во рамките на есенскиот циклус проекции на Народната банка, по кој би ги имале најновите согледувања и оцени за следниот период. Во согласност со априлските проекции, за оваа година беше очекуван пад на економијата од 3,5 отсто, за кој изгледите се оценуваат како претежно надолни. Пред се, имајќи ги предвид послабите остварувања во првата половна од годината, како и пролонгираното присуство на пандемијата, како во текот на целата оваа година, така и во дел од следната година. Во услови на пад на домашната побарувачка и негативен производствен јаз, априлските проекции упатуваа на отсуство на инфлациони притисоци и стапка на инфлација од околу 0% за оваа година.

Заклучно со септември, инфлацијата изнесува 0,9 отсто, за што најголем придонес имаат факторите на страната на понудата. Во услови на очекувања за постепено закрепнување на домашната економија, и на среден рок не се очекуваат значителни инфлаторни притисоци од домашната побарувачка, со што инфлацијата и натаму би била ниска и стабилна. Од друга страна, изгледите за раст на депозитите и кредитите годинава, од 2,3% и 3%, соодветно, се изразено поповолни, имајќи го предвид нивниот досегашен солиден раст, што достигна во септември 5,4% и 7,3%, соодветно, што е над очекуваниот раст според априлските проекции. За овие поповолни остварувања секако имаат удел и мерките што ги спроведува Народната банка постојано од почетокот на кризата, заради одржување на ликвидноста на реалниот сектор и за ублажување на последиците од здравствената криза врз економијата.

На среден рок, априлските проекции упатуваа на натамошен солиден раст на депозитите и кредитите, во просек од околу 7%. Секако, штом бидат завршени октомвриските проекции, ќе и ги соопштиме на јавноста и најновите видувања за клучните макроеконски варијабли.

Автор: Бране Стефановски

Интервјуто првично е објавено во е-магазинот „Анторис“

НБРМ

Народна банка: Трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити продолжи и во октомври

Објавено

на

Трендот на месечно и годишно намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити продолжи и во октомври 2020 година. Имено, според податоците на Народната банка каматната стапка на вкупните кредити изнесува 4,68% и бележи месечен и годишен пад од 0,02 п.п. и 0,37 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на вкупните депозити се задржа на нивото од 0,98% од претходниот месец, додека на годишна основа забележа пад од 0,30 процентни поени. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Ангеловска-Бежоска: Монетарната политика ќе остане релаксирана за да го поддржи економското закрепнување

Објавено

на

Препораката за монетарната политика во глобални рамки е да остане релаксирана за да го поддржи економското закрепнување сѐ додека трае фазата на неизвесност, но и фазата во која пандемијата ќе биде ставена под контрола. И ние како централна банка ќе се водиме од ваквата препоракаама водејќи сметка и за специфичноста на нашата монетарна стратегија и одржувајќи го девизниот курс како номинално сидро. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Состанок со новиот извршен директор во ММФ, Хилберс: Професионализмот и високите стандарди во работењето на централната банка се клучни за ММФ

Објавено

на

„Претставувајќи ја Конституенцата на којашто припаѓа Северна Македонија ќе се залагам ММФ и натаму да дава силна поддршка за вашата земја, во спроведувањето на реформите и во активностите за надминување на актуелната криза којашто е глобален предизвик.“ – истакна новиот извршен директор во ММФ, Пол Хилберс –  член на Извршниот одбор на ММФ и задолжен за нашата земја, на првиот состанок со раководството на Народната банка, по започнување на неговиот мандат. (more…)

Продолжи со читање

Популарно