Connect with us

Интервјуа

Интервју Деспотовски: Стануваме иновациски и стартап центар во регионот за ново поглавје на македонската економија

Објавено

на

Преку Фондот за иновации и технолошки развој поминаа веќе 340 компании кои добија соодветни финансии за развој на нивната бизнис идеја. Директорот Јован Деспотовски за Банкарство одговара на сите клучни прашања, од тоа дали се видливи почетни ефекти од вложените средства, како се гарантираат критериумите за избор на апликациите, како ФИТР ќе ја развива стартап понудата и нивото на иновациите и дали буџетот за нови вложувања ќе расте. Деспотовски во интервјуто вели дека моделот поставен од Светска банка функционира одлично и дека странски експерти одлучуваат на кого ќе се доделат средствата. Тој посакува фондот да расте постојано и подготвен р за првата регионална мисија.

Банкарство.мк: Иако  добар дел од компаниите кои веќе добија финансии се уште е рано да се анализираат вие веќе промовиравте неколку успешни приказни. За каков вид на иновации станува збор и имаат ли потенцијал за освојување на големи пазари?

Деспотовски: Создаваме #УспешниПриказни е кампања на Фондот која токму има за цел да ги претстави успесите и резултатите на компаниите кои финансиски ги поддржуваме. Ние велиме дека имаме по една успешна приказна за секој ден од годината, бидејќи портфолиото сега веќе брои над 340 домашни, македонски компании и нивни проекти. Одбравме само дел од нашите корисници да ни бидат амбасадори и преку нивните успешни приказни да го доближиме заедничкиот успех. Меѓу нив се, на пример, компанијата „Кодвел“ која работи со примена на вештачка интелигенција и која на листата свои клиенти има интернационални компании од цел свет. Дополнително, нејзините основачи, двајца млади луѓе, се прогласени за европски претприемачи на годината од нашата земја. Понатаму, би го споменал и проектот „Импала“ кој се однесува на истражувања со невромаркетинг. Овој проект е на компанијата Стратумрид, која беше прва наша компанија претставена на меѓународниот форум во Давос. Имаме највисоки признанија за дизајн на глобален натпревар во Германија за компанијата Фејдом. Дел од проектите веќе имаат сериозни глобални клиенти, како на пример Синапсе Авиејшн во делот на авиоиндустријата. Компанијата Преплет со поддршка од Фондот веќе работи на уникатни дизајнерски производи за лица со оштетен вид, што е актуелен глобален тренд, бидејќи првенствено ги поддржува и им помаѓа на лицата со попреченост. Алкалоид работи на нов лек против болка.

Како што гледате, овие компании работат во различни области, а листата е навистина долга. Она што особено ме радува е дека успеавме да докажеме дека иновацијата не познава граници и е применлива во сите сектори. Уште поважно е дека ова се реални луѓе кои работат на реални проекти, луѓе од нашето соседство, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси.

Преку поддршката од Фондот, веќе две и пол години интензивно работиме на изградба на капацитетите на македонскиот бизнис сектор и можам да кажам дека имаме спремни фирми за кои има сериозен интерес за вложување од странски фондови и финансиери. Ние сме мала земја, но веруваме во потенцијалот на домашните компании кои веќе докажуваат дека можеме да извезуваме иновативни продукти и услуги наместо човечки капитал.

Банкарство.мк: Дали е предвидено постојано да расте фондот во обем на средства наменети за иновации и со која сума би биле задоволни за поддршка на македонските претприемачи?

Деспотовски: Ако во 2017 година, кога го преземав раководењето со Фондот, во портфолиото имаше само триесетина компании со вкупна поддршка од околу 1 милион евра, во моментов зборуваме за проекти со вредност од 63 милиони евра. 36 милиони е директна поддршка ФИТР, што значи дека таа е зголемена за над 36 пати. Она што е многу важно е дека успеавме да ги поттикнеме и самите компании да инвестираат сопствени средства во својот, а со тоа и во поширокиот економски развој, бидејќи дури 27 милиони евра се нивен влог! Овие бројки покажуваат дека направивме целосен пресврт во економската политика со фокус на домашните компании. Со Владата и со странските партнери постојано бараме начин да се зголеми обемот на средства за поддршка на домашните компании. Само за илустрација, минатата година имавме проектиран буџет од 12,5 милиони евра но истиот беше проширен на 20 милиони евра кои се искористени во целост. За годинава предвиден буџет за инструментите на Фондот е 15 милиони евра, а доколку македонските компании покажат таква потреба, можно е да се побараат и дополнителни средства. Ако мене искрено ме прашувате, очекувам дека такво нешто ќе се случи. Дали е ова доволно? Не. Секогаш може и треба да се вложува повеќе. Секој вложен денар во домашните компании е влог во иднината на оваа земја. Но, важно е што компаниите и граѓаните во нас и целокупниот владин економски тим можат и наоѓаат партнер за развој на нивните иновативнибизнис идеи. Важно е да сфатиме дека интересот од ваквите проекти и поддршка е за секој граѓанин. Заедно растеме – секој успех на домашните компании е успех за целокупната македонска економија!

Банкарство.мк: Што направивте во поглед на поставување на вистински критериуми за доделување на средствата за кои ќе нема сомнежи за злоупотреби и како се одвива процесот на контрола над компаниите во трошењето на истите?

Деспотовски: Критериумите за аплицирање и системот на оценување на предлог проекти се поставени уште со основањето на Фондот во 2014 година и тоа од реномирана светска институција како Светската Банка. Постојано ги унапредуваме со цел поедноставена процедура и олеснет начин на апликација. Процедурите и критериумите за доделување финансиска помош од ФИТР се транспарентни и меѓу другото објавени на веб страната на Фондот каде што се аплицира. Евалуацијата е двостепена, конечната одлука ја носи Комитет за одобрување на инвестиции составен од петмина странски експерти избрани на меѓународен конкурс. Ниту јас, ниту ФИТР, ниту било кој друг освен нив имаат некакво влијание во одлучувањето. За Комитетот е важно дали еден проект е добар, оддржлив и колкав пазарен потенцијал има. Исто така воведовме уште една новина која се однесува на унапредување на двонасочната комуникација и процедури – сите компании за кои Комитетот смета дека не се подготвени за инвестирање имаат можност да се произнесат во однос на добиените коментари и препораки, пред да се донесе конечната одлука.

Наш императив бил и останува првенствено заштита на јавниот интерес и јавните пари. Па така воведовме новина и во однос на контролата на исплатата на средствата. Исплатата се врши на наменска сметка, квартално и тоа по поднесување и одобрување на тромесечниот извештај. За анализата и контрола ангажиравме две меѓународни реномирани ревизорски куќи.  Без нивно одобрување не може да се исплати ниту денар средства на Фондот.

Фактот што бројот на апликанти постојано расте, односно само во изминатите две години имаме над 1200 компании кои аплицирале на различни инструменти, е потврда за довербата во Фондот за иновации и технолошки развој, како и во стратегијата за развој, но и во системот на доделување и контрола на исплатените средства и реализација на проектите.

Банкарство.мк: Колку е важно компаниите да подготват техничка документација за претставување на нивната иновација, идеја и бизнис модел пред да аплицираат на повиците на ФИТР?

Деспотовски: За сите оние кои имаат идеја или желба да започнат сопствен бизнис, односно да го подобрат својот производ или услуга, подготвивме апликациски пакети кои се направени јасно и со конкретни насоки. Процесот на аплицирање е целосно онлајн со што се олеснува постапката за аплицирање за компаниите од целата земја, а се кратат и трошоци. За да го олесниме процесот на аплицирање, Фондот нуди и бесплатна техничка помош за потенцијалните апликанти, организираме и бројни инфо сесии низ повеќе градови, а тимот на ФИТР е секојдневно достапен за да одговори на нивните прашања.

Излегуваме во пресрет на сите барања и потреби на бизнис заедницата бидејќи нашата главна цел е да добиеме што е можно повеќе апликации и да конкурираат голем број на компании. Едноставно е – поголема конкуренција, подобар квалитет и потранспарентен процес!

Банкарство.мк: Неодамна потпишавте и Меморандум за соработка со МБА за понатамошна поддршка на компании кои нема да добијат средства во објавените повици, па како оваа активност ќе се реализира?

Деспотовски: Преку соработката со Македонската банкарска асоцијација, сакаме да ги прошириме можностите за финансирање на домашните компании, во делот на иновациите и технолошкиот развој, особено за оние чии предлог проекти поради ограничените финансиски ресурси на Фондот не се одобрени за финансирање, а имаат потенцијал. Дел од банките веќе го прифатија предизвикот и креираа посебни кредитни пакети. Ќе го дадам за почеток примерот на НЛБ банка кој веќе издготви ваков пакет. Очекувам дека и други банки ќе го следат овој пример и согласно своето работење поактивно ќе се вклучат во кофинансирање на програмите за иновации и технолошки развој. ФИТР во домашните банки гледа наши партнери во поддршка на растот на македонската економија. Фондот ќе продолжи да работи на отворање нови можности за финансирање и олеснети процедури за домашните компании бидејќи резултатите од досегашните вложувања се охрабрувачки и мотивирачки.

Банкарство.мк: Недостасува ли поголема менторска и претприемничка поддршка за младите кои сакаат да основаат стартап фирми, како тие да ги добијат соодветните вештини и квалификации за преземање ваков вид на подвизи?

Деспотовски: Со нашите меѓународни партнери како УСАИД, Швајцарската програма за развој СВИСС ЕП и УНДП континуирано работиме на спроведување програми за техничка поддршка на идните апликанти, организираме работилници и даваме менторска поддршка. Поинтензивно работиме на отворање можности за домашните стартап компании да научат од искуствата на нивни врсници кои се веќе искусни претприемачи од западните земји. Целта е условите и начинот за развивање сопствен бизнис што се нудат во развиените земји да станат достапни и за младите луѓе во нашата земја. Исто така, преку оваа соработка ќе се креираат обуки и тренинзи за поттикнување на нивните потенцијали за оформување сопствен бизнис, со цел да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање на нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење. Фондот поддржува и три акцелераторски програми – Деловно-технолошки акцелератор „УКИМ“ , „СЕАВУС“- едукативен и развоен центар и Икс Фактор, кои нудат менторска и финансиска поддршка за развој за стартап компании. Нашите бројки велат дека дел од младите луѓе веќе гледаат партнер во државата во реализација на својот бизнис. Фондот во моментов поддржува над 170 стартап компании, што говори дека сме успеале да ја придвижиме македонската стартап заедница и полека да ја менуваме свеста во земјава, особено кај младите, дека можат да бидат успешни деловни луѓе. Имаме многу паметни деца и млади луѓе на кои конечно мора да им се даде шанса овде, дома.

Банкарство.мк: Кога може да очекуваме една студија за досегашните ефекти од доделените средства во компаниите, колку од нив бележат раст или реализација на иновацијата и врз основа на тоа да се планираат и пласираат мерките во иднина?

Деспотовски: Фондот континуирано работи на анализи на ефектите од вложувањето. Иако реално 80% од проектите се започнати во последните 15 месеци, првичните анализи покажуваат охрабрувачки резултати. Вложените пари се враќаат во буџетот по неколку основи. За дел од компаниите кои почнаа порано со реализација, околу педесетина, анализата покажува дека приходите растат со 50% во просек годишно во однос на периодот пред инвестицијата. Добивката расте со 60%, а регистриран е и просечен пораст на платите од 40%. Во тек е анализата на ефектите од работењето на уште поширока група компании од микро до големи кои работеле под договор со Фондот во 2019 година. Анализата ќе ја објавиме јавно наскоро, но од она што ми беше презентирано може да очекуваме исклучително добри резултати. Овие бројки покажуваат дека токму инвестициите и мерките кои ги презема Владата со Планот за економски раст даваат реален придонес во економскиот напредок на земјава кој веќе го гледаме.

Мислам дека покажавме кога една институција ќе се вложи со искрени намери во остварување на нејзините стратешки цели, ползата не е само за корисниците, туку таа има позитивен домино ефект врз целото општество.

Банкарство.мк: Може ли Северна Македонија да се претвори во оаза на иновациите на Балканот, кои странски искуства најмногу сакате да ги примените и кои се домашните карактеристики кои треба да се негуваат во развој на оваа цел?

Деспотовски: Фондот за иновации и технолошки развој е препознаен како успешен пример во студијата изготвена од Светскиот економски форум со предлог да се преслика и во другите земји од регионот. Анализата во која се идентификуваат можностите и приоритети за идната Платформа за конкурентност и иновации на Западен Балкан беше претставена неодамна на лидерска средба во Тирана.

Таму, заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска, покренавме иницијатива за основање регионален фонд што ќе работи токму по примерот на ФИТР и би имал седиште во нашата земја. Целта е да се искористи потенцијалот на целиот регион со пазар од 17 милиони луѓе. Со ваков пристап, како регион, со сигурност ќе привлечеме голем број светски фондови кои се во потрага по сериозни инвестиции.

Но, додека ја чекаме реализацијата на оваа иницијатива, веќе одиме уште еден чекор напред. Го објавуваме првиот јавен повик во кој посебен акцент е биде ставен на вклучување на стартапи од целиот регион. Нашата визија е оваа земја да стане иновациски и стартап центар во регионот со што ќе се отвори едно ново поглавје во македонската економија и иновациите.

Едноставно мора да почнеме да ги уриваме бариерите и границите, да му се спротивставме на општествениот конзервативизам и да покажеме дека може и поинаку и подобро. Тоа понекогаш значи да се преземе и ризик, но ризикот во исто време е и шанса која треба да се искористи.

Интервјуа

Роберт Тодоровски, КЛИКНИ ЈАДИ: Нарачувањето на храна во компаниите е еден вид тим-билдинг

Објавено

на

Кликни Јади е компанија чија основна дејност е достава на храна и намирници до вашиот дом или канцеларија, улога која е мошне значајна особено во периодот на пандемијата со Ковид-19 и ограничувањето на движењето на граѓаните.  (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју НИКОЛА ЈОШЕВСКИ: Финансиските друштва – како банкарството од сенка ќе бидат финансика поддршка за населението во пост-Ковид кризната иднина

Објавено

на

Со појавата на небанкарските институции во 2011 година во Македонија започна примената на финансиската инклузија, за која развиениот свет одамна знае и ја применува, а на овој терен таа либерализација беше неопходна со една единствена цел – унапредување на финансиското работење на пазарот во целина, бидејќи на клиентите им стојат на располагање повеќе опции за задоволување на нивните финансиски потреби од различен карактер.  (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју СУАТ ИНАН: Нашата цел е Халк Осигурување да биде дел од водечките осигурителни компании

Објавено

на

Халк Осигурување АД Скопје како компанија за неживотно осигурување е присутна на македонскиот пазар од 2007 година. Во 2019 година, компанијата по преземањето на сопственоста од Халкбанк АД Скопје се ребрендираше во Халк Осигурување и одтогаш се позабележливо е нејзиното присуство на осигурителниот пазар во земјава. (more…)

Продолжи со читање

Популарно