Connect with us

Интервјуа

Интервју ГЛИГОРОВА: Супервизорите не управуваат со банките, туку ги оценуваат ризиците преземени од нив

Објавено

на

Супервизијата на работењето на банките и начинот на кој таа се спроведува секогаш е интересна тема во јавноста. Таа станува особено актуелна во кризни времиња, како што е пандемијата, кога банките имаат значајна улога во обезбедување кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, но и во случаите на затворање одредени банки коишто не ги исполнуваат условите за работа.

Токму тоа беше и основниот повод за разговор со директорката на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова, во којшто ги отвораме токму овие прашања.

Банкарство: За почеток да ни појасните како се спроведува супервизија и што е нејзината улога точно? Се стекнува впечаток дека во јавноста тоа не е доволно јасно. На пример, дали супервизорите можат да влијаат врз одобрување поединечни кредити на банките?

Викторија Глигорова: Од информациите и одредени изјави во јавноста, можеме да забележиме дека кај дел од неа има погрешна перцепција за задачите на супервизијата. Во неколку наврати, а и во оваа прилика, би сакала да појаснам дека супервизорите и воопшто централните банки не управуваат со банките, не одобруваат кредити и не носат одлуки поврзани со секојдневното работење на банките.

Тоа е задача и одговорност на органите на банките, поконкретно на нивните кредитни, управни и надзорни одбори, во кои секако има претставници и на акционерите, односно на сопствениците на банките. Овие органи се задолжени да управуваат со банките, да донесуваат одлуки и да ги добиваат заслугите за позитивните остварувања на банките, но нивна е и одговорноста за управување со преземениот ризик што произлегува од одобрувањето конкретни кредити и нивната наплата, како и за справување и надминување на евентуалните негативни ефекти од донесените одлуки. Токму овие органи одлучуваат за конкретните услови под кои се одобруваат кредитите.

Народната банка, како и сите супервизори ширум светот, преку теренско и вонтеренско следење на банките, екс пост, односно откако кредитите се одобрени, врши оцена на ризикот што го презеле банките со одлуките коишто ги донесле. Оценката се врши пред сè преку теренски контроли, коишто согласно со вообичаената меѓународна практика, се спроведуваат на период од една и пол до две години, а во одредени случаи, доколку е потребно и почесто. Притоа, се избира примерок, односно дел од портфолиото на банката којшто детално се прегледува од страна на супервизорските тимови и се оценува преземениот ризик.

Доколку при контролата се утврди дека некоја банка презела преголем ризик, тогаш Народната банка, преку мерките коишто ги изрекува, бара подобро управување со ризикот и клучно, повисок капитал. Дали мерките ќе дадат резултат зависи од тоа дали тие се почитуваат од органите на управување и акционерите на банката.

Банкарство: Кога сме кај одлуките за поединечните кредити, во јавноста имаше доста дискусии околу одобрувањето кредити со послабо обезбедување. Дали е дозволено тоа согласно со законите и дали централните банки можат да го забранат?

Викторија Глигорова: Како што веќе споменав, за конкретните услови под кои се одобруваат кредитите, вклучително и за висината и типот на обезбедувањето одлучуваат соодветните органи на банките. Притоа, никаде во светот не е забрането одобрување кредити со послабо обезбедување, но самото по себе тоа значи преземање поголем ризик и бара поголем капитал и подобро управување со преземениот ризик од страна на банките. Впрочем, овој тип кредитирање обезбедува неопходна поддршка за новите компании, мали и средни компании или т.н. стартап-проекти, што од страна на меѓународните институции и експерти се истакнува како еден од клучните фактори за подобра и поефикасна финансиска инклузија на ваквите компании.

Банкарство: Дали причината за пропаѓањето на некоја банка може да се поврзува со неуспешна супервизија на нејзиното работење?

Викторија Глигорова: Ако опстанокот на поединечни банки зависеше од супервизијата, верувам дека никаде во светот, па ни кај нас немаше да се затвори банка. Една од целите на банкарската супервизија е одржувањето на сигурноста и стабилноста на банкарскиот систем. Но, тоа во никој случај не смее да значи дека по секоја цена во системот треба да се толерира и банка којашто не ги исполнува законските услови за работа. Да не заборавиме дека една од целите на Народната банка е да придонесува кон одржување стабилен, но истовремено и конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем. Преку законската и подзаконската регулатива се поставуваат правилата за функционирање на банките. Правилата се строги, построги во однос на другите компании коишто не се банки, но тие се исти за сите и во никој случај не смее и нема да се дозволи во системот да функционираат банки коишто не ги исполнуваат минималните услови за работа.

Напротив, во еден конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, со затворањето на банка којашто не е одржлива се придонесува за поголема ефикасност и подобро работење на остатокот од системот. Доколку не е така, доколку не се затвори банка што не ги исполнува условите за работа, кој би бил мотивот за останатите играчи да ги почитуваат правилата? А, тоа би било погубно не само за нив, туку и за целата економија, за компаниите и за граѓаните.

Банкарство: Дали минатата година имаше затворање банки и во други земји?

Викторија Глигорова: Одземањето дозвола за работа на банка за жал е исто така една од задачите на централните банки, и тоа со сигурност можам да кажам една од најтешките. Тоа се потврдува со примерите во многу поразвиени економии од нашата, како на пример во ЕУ во која само во изминатата година се затворија повеќе од 20 банки.

Она што е клучно е дека затворањето банка не значи дека системот ќе престане да функционира. Напротив, секаде, вклучително и кај нас банкарските системи и по одземањето дозволи на банки продолжуваат уште поуспешно да ги извршуваат своите основни функции. Впрочем, со затворањето несолвентна банка стабилноста на целокупниот систем се зајакнува, бидејќи ризиците коишто произлегувале од работењето на таа банка веќе не можат да се прелеат и во остатокот од системот.

Банкарство: Во повеќе наврати е утврдена и нагласена високата усогласеност на нашата супервизија со меѓународните стандарди на супервизијата. Но, кој ја контролира супервизијата и кој го оценува нејзиниот квалитет?

Викторија Глигорова: Начинот на којшто е воспоставена и се спроведува супервизорската функција обезбедува високо ниво на ефикасност и квалитет на активностите. Прво, овие активности се остваруваат согласно со пишани супервизорски процедури и практики, коишто се усогласени со најдобрите меѓународни стандарди, со што Народната банка при вршењето на супервизорската функција применува конзистентен пристап којшто е подеднаков кон сите банки. Следно, ниту една активност не може и не се спроведува од страна на еден човек, напротив супервизијата подразбира тимска работа. Тоа овозможува високо ниво на експертиза од различни области, но и контрола во однос на оправданоста, издржаноста и соодветноста на супервизорските одлуки. И крајно, сите одлуки минуваат низ неколку нивоа на анализа, контрола и одлучување, почнувајќи од тимовите во стручните служби, преку менаџментот на соодветните дирекции, стручното супервизорско тело или Комитетот за супервизија, помошно тело составено од вицегувернерите во НБ, па сè до гувернерот на Народната банка.

Сакам да истакнам дека покрај редовните контроли коишто се спроведуваат од страна на внатрешната ревизија, начинот на вршењето на супервизијата и банкарската регулатива кај нас беа предмет на детална проверка од страна на ММФ и Светската банка. Детално се анализираше начинот на постапување на супервизијата и конкретните супервизорски активности и одлуки – преку разгледување конкретни случаи, документи, одлуки, супервизорска документација, секако со почитување на законската рамка. Со задоволство можам да истакнам дека како резултат на ваквите проверки беше потврдена високата оценка за ефикасноста на банкарската супервизија и нејзината значајна усогласеност со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија, како меѓународен стандард во оваа област.

Банкарство: Наспроти оценките од Народната банка дека банкарскиот систем е стабилен, во досегашниот тек на кризата, се појавија одредени шпекулации во јавноста за наводни проблеми во некои банки и за банкарскиот систем. Како ги коментирате ваквите шпекулации, предизвикаа ли тие несакани ефекти?

Викторија Глигорова: Точно е тоа дека во јавноста, од време на време, се појавуваат неточни, непроверени, па дури и паушални и шпекулативни изјави и информации, како за поединечни банки, така и за банкарскиот систем.

Веќе, во повеќе наврати, сме зборувале околу тоа колку можат да бидат штетни, па и погубни ефектите од вакво неодговорно ширење непроверени, пред сè неточни информации. Но, она што е битно, е дека ваквите шпекулации во досегашниот период немаа материјални ефекти врз остварувањата на банкарскиот систем и довербата во него се задржа.

Наспроти тенденциозните и злонамерни појави на ширење шпекулации, коишто можат да им нанесат сериозна штета на граѓаните и компаниите, на економијата и на општеството во целина, се остварувањата на банкарскиот систем во првиот квартал од оваа година, коишто уште еднаш потврдуваат дека тој е носечкиот столб на макроекономската стабилност – стабилен и најрегулиран, клучен сегмент на македонската економија.

Би сакала да потсетам и дека Народната банка редовно, на својата интернет-страница, објавува податоци и информации за остварувањата на банкарскиот систем, достапни за сите заинтересирани страни. Покрај тоа, Народната банка е отворена за комуникација и појаснување на сите објавени информации и податоци.

Банкарство: Дали Народната банка може да информира за состојбата на поединечни банки?

Викторија Глигорова: Би сакала да појаснам дека секаде во светот, супервизорските информации за поединечен ентитет се третираат како доверливи и постојат законски одредби и ограничувања коишто го регулираат начинот на за нивно објавување.

Сепак, самите банки смеат, па дури и се обврзани да објавуваат низа податоци и информации од кои сите заинтересирани страни можат да стекнат сознание за нивното работење. На своите интернет-страници банките редовно објавуваат податоци и информации за остварените резултати од работењето, за капиталот, вкупното кредитно портфолио, за својата акционерска структура, органите на управување и надзор и низа други информации.

Барањето да се објавуваат сите клучни информации за работењето на секоја банка е еден од столбовите на супервизијата којшто е вграден во регулативата и треба да им овозможи на клиентите на банките да носат издржани одлуки кога го воспоставуваат својот деловен однос со одредена банка. Впрочем, ако внимателно и редовно се следат информациите што редовно ги објавува Народната банка за состојбите во банкарскиот систем, како и оние што ги објавуваат поединечно банките за своето работење, уште еднаш ќе се увиди невистинитоста на шпекулациите коишто во изминатиот период на различни начини се шират во јавноста.

Банкарство: Постојаното унапредување на банкарската регулатива, во согласност со најновите и највисоките стандарди и професионалната и посветена супервизија според најдобрите меѓународни практики во голема мера придонесуваат за стабилноста на банкарскиот систем. Кои се новините во супервизијата, остварени и во рамките на неодамна завршениот проект со централните банки од ЕУ?

Викторија Глигорова: Современата супервизија е „подвижна мета“ и супервизорскиот капацитет и знаење постојано мора да се развиваат и да се надградуваат. Постојано вложуваме во неговото јакнење, вклучително и преку поддршката од нашите колеги од Европскиот систем на централни банки.

Во една од компонентите на проектот што заврши неодамна, се работеше на јакнење на банкарската супервизија и регулативата, пред сè во сферата на управувањето со кредитниот и ликвидносниот ризик, два од основните/традиционалните ризици кај банките. Дел од активностите се однесуваа на супервизорската оцена на процесот на утврдување на интерната ликвидност на банките, со што се очекува крајно да се унапреди и управувањето со ликвидносниот ризик од страна на банките. Сите овие проектни активности ги остваривме во соработка со своите колеги од централните банки на Германија, Холандија и Хрватска.

Банкарство: За крај, колку, според вашата оцена, е запознаена јавноста со функциите на супервизијата? Дали сметате дека и се неопходни повеќе информации за нејзината улога и задачи?

Викторија Глигорова:  Сметам дека на јавноста секогаш ѝ се потребни повеќе информации за работата, начинот на функционирање и надлежностите на институциите, а во тие рамки и на супервизијата. Затоа ние одлучивме во наредниот период да им посветиме внимание на неколку активности чија цел ќе биде приближување до јавноста на супервизијата, начинот на кој таа се спроведува, за нејзината улога, функција и задачи. Една од првичните активности се однесува на организирањето работилница на оваа тема за новинарите, на чие осмислување и подготовка работевме во изминатиот период.

Исто така, на интернет-страницата на Народната банка, како и преку нашите канали на социјалните мрежи, наскоро ќе започнеме и со објавување едукативни материјали за супервизијата, коишто ќе се потрудиме да бидат разбирливи за сите граѓани. Со овие активности би сакале „тајните на супервизијата“, односно суштината на супервизорските задачи да ги доближиме и до пошироката јавност.

Интервјуа

Интервју СУЏУБАШИ: Со кампањата – 10 години Халкбанк на македонскиот пазар, сакаме да истакнеме дека постоиме, работиме и растеме заедно со луѓето околу нас

Објавено

на

Под слоганот „Иднината е светла’’ Халкбанк прославува 10 години постоење на македонскиот банкарски пазар. Изминатиот период создадоа препознатлив бренд, висок квалитет на услуги препознавајќи ги потребите на корисниците, воведоа нови технологии, развиваат еко свест, се приклучија во борбата против климатските промени и стекнаа голем број задоволни клиенти. Халкбанк е најбрзорастечката банка која им се приклучи на големата банкарска тројка во земјата. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Митреска: Транспарентноста, финансиската едукација и придонесот за зелените финансии за првпат се одделни стратегиски цели во новиот Стратегиски план на Народната банк

Објавено

на

Оваа година направивме одредени промени во стратегиските цели на Народната банка, со оглед на тоа што во последниот период се случуваат динамични глобални промени, коишто имаат одраз и врз нас како централна банка. Главните процеси што ја дефинираат нашата нова стратегија се: глобализацијата, технолошкиот напредок и иновациите, финтек-индустријата и надворешните шокови – сите овие процеси се вградени во одделни аспекти на поединечните цели во Стратегискиот план на Народната банка. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју ВЕЛИЧКОВСКИ: Со Законот за платежни услуги и платни системи ќе се отвори пазарот за нови играчи од финтек-секторот

Објавено

на

Нацрт Закон за платежни услуги и платни системи од неодамна е објавен на порталот ЕНЕР, кој е изработен во согласност со практиките и стандардите на ЕУ. Со имплементација на новото законско решение се предвидува зголемена дигитализација кај сите учесници на платниот промет, воведување на нови платежни инструменти, нови начини на електронско плаќање, поголема заштита на правата на потрошувачите и поголема транспарентност при објава на податоците. (more…)

Продолжи со читање


Популарно