Connect with us

Интервјуа

Интервју ВЕЛИЧКОВСКИ: Со Законот за платежни услуги и платни системи ќе се отвори пазарот за нови играчи од финтек-секторот

Објавено

на

Нацрт Закон за платежни услуги и платни системи од неодамна е објавен на порталот ЕНЕР, кој е изработен во согласност со практиките и стандардите на ЕУ. Со имплементација на новото законско решение се предвидува зголемена дигитализација кај сите учесници на платниот промет, воведување на нови платежни инструменти, нови начини на електронско плаќање, поголема заштита на правата на потрошувачите и поголема транспарентност при објава на податоците.

Еден од органите надлежен за спроведување на овој закон покрај Министерство за финансии и Управа за јавни приходи е и Народната Банка чии активностите продолжуваат да бидат насочени кон одржување на финансиската стабилност во земјата и следење на новите трендови кои ги наметнува брзиот развој на технологијата.

Повеќе околу новиот Закон за платежни услуги и платни системи, што ќе биде неопходно да исполнат постоечките и новите играчи на пазарот, како ќе се регулираат заменските надоместоци кои банките ги наплаќаат од клиентите, развојот на национална дигитална валута и можностите за влез на „Пејпал“ на домашниот пазар за комерцијална наплата на производи и услуги разговараме со Игор Величковски, директор во Дирекција за платни системи на Народната банка на Република Северна Македонија.

Банкарство: Новиот закон за платежни услуги и платни системи е поставен на ЕНЕР и достапен за увид и коментари од страна на засегнатите страни. Кога се очекува новиот закон да стапи на сила и кои се најголемите промени во однос на постоечкиот закон?

Игор Величковски: Народната банка и Министерството за финансии подолг временски период работеа заеднички на новата регулативна рамка во платежната сфера со експертска поддршка од Европската Унија. Министерството за финансии неодамна го објави Нацрт-законот за платежни услуги и платни системи на системот ЕНЕР заради поширока консултација на засегнатите страни. Примената на Законот ќе зависи од неговото донесување, со тоа што поставената динамика во Нацрт-законот согласно со планот на Министерството за финансии би овозможила примена најрано на почетокот на следната година, а одредени делови од Законот коишто наметнуваат значителни измени во информациските системи кај давателите на платежни услуги би започнале да се применуваат подоцна со цел да се остави доволен временски простор за нивно успешно спроведување.

Во Нацрт-законот за платежни услуги и платни системи се транспонираат голем број директиви и регулативи на Европската Унија во сферата на плаќањата, со што очекуваме дека ќе настанат значајни промени во однос на проширувањето на листата на даватели на платежни услуги и сетот платежни услуги, како и во однос на подеталното уредување на релациите помеѓу давателите и корисниците на платежни услуги. Поконкретно, овој закон го отвора пазарот на платежни услуги за нови играчи, а особено за оние од финтек-секторот, од кои очекуваме дека ќе понудат иновативни решенија за извршување плаќања коишто ќе бидат побрзи, поевтини и полесни за користење. Понатаму, во него подетално се уредуваат прашањата коишто треба да бидат опфатени со рамковен договор помеѓу давателите и корисниците на платежни услуги заради постигнување повисок степен на заштита на потрошувачите. Во тој контекст, се зголемуваат барањата кон давателите на платежни услуги за информирање на корисниците на платежни услуги пред склучување рамковен договор, како и пред и по извршувањето на платежните трансакции, за сите релевантни информации поврзани со користењето на платежните услуги.

За поголема финансиска вклученост, се предвидува можност за граѓаните за отворање платежна сметка со основни функции преку која ќе може да извршуваат платежни трансакции за намирување на нивните вообичаени обврски (сметки за вода, електрична енергија, греење, интернет и сл.) или трансфер на парични средства на друго лице, без користење дозволено пречекорување. За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци којашто не смее да биде повисока од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци (27 денари според последно расположливите податоци за просечна месечна нето-плата во претходните 12 месеци), додека граѓаните кои се корисници на одредени законски права ќе може овие услуги да ги добиваат без надоместок. Минималниот број трансакции коишто треба да ги обезбедат банките по оваа цена за граѓаните изнесува најмалку 5 трансакции месечно, при што во овој број ќе се вклучуваат само плаќањата насочени кон други правни и физички лица коишто се клиенти на истата банка. 

Исто така, за поттикнување на конкуренцијата се охрабрува премин од еден кај друг давател на платежни услуги којшто нуди поповолни услови за извршување платежни услуги преку полесна преносливост на сите релевантни информации поврзани со платежната сметка. Поконкретно, откако потрошувачот ќе го избере новиот давател на платежни услуги кај кој сака да ја пренесе платежната сметка, овој давател ќе ги преземе потребните активности за да овозможи натамошно извршување на трајните налози или директните задолжувања, како и пристигнување на редовните приливи врз основа на плата, пензија и сл., поставени кај претходниот давател на платежни услуги.

Банкарство: Во Македонија конечно се отвора можност за нови играчи на пазарот на плаќања, односно влез на финтек-компании коишто ќе понудат нови начини на плаќање. Што се менува во Законот за платежни услуги и платни системи со цел да се овозможи влез (лиценцирање) на нови компании коишто ќе даваат платежни услуги и што би требало да исполнат тие со цел да бидат лиценцирани? 

Игор Величковски: Покрај постоечките даватели на платежни услуги (претежно, банките), во иднина платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците, но и сосема нови учесници – платежни институции и институции за електронски пари. Притоа, платежните институции и институциите за електронски пари, за да добијат дозвола за давање платежни услуги и издавање електронски пари, ќе треба да исполнат соодветни услови пропишани со законот и подзаконските акти. Меѓу другото, во зависност од видот на платежните услуги коишто ќе ги даваат, капиталните барања за платежните институции се движат од 1,3 милиони денари до 7,8 милиони денари, додека за институциите за електронски пари капиталните барања изнесуваат 21,7 милиони денари. За олеснување на влезот на новите учесници на пазарот на платежни услуги, предвидено е на почетокот капиталните барања да бидат значително пониски, и тоа 1,3 милиони денари за платежните институции, односно 3,62 милиона денари за институциите за електронски пари сѐ додека не надминат одреден праг на вредност на платежните трансакции, односно вредност на издадените електронски пари дефинирани со Предлог-законот, кога ќе треба да се усогласат целосно со повисоките капитални барања. 

Банкарство: Регулирање на заменските надоместоци (interchange fee) кај плаќањата со парични картички за намалување на трошоците коишто се наплатуваат од граѓаните и компаниите е еден од новитетите во новиот закон за платежни услуги и платни системи. Кога е крајниот рок за намалување на овие надоместоци и на кое ниво би биле поставени? 

Игор Величковски: Заменските надоместоци коишто давателите на платежни услуги што прифаќаат платежни картички им ги плаќаат на издавачите на платежните картички влијаат врз висината на надоместокот што се наплатува од трговците. Имено, заменските надоместоци се составен дел на надоместокот (трошокот) којшто му го плаќа трговецот на давателот на платежни услуги којшто поставил уреди за наплата со платежни картички кај трговецот. Согласно со последно расположливите податоци за 2020 година коишто ги објавува Народната банка, просечниот надоместок којшто давателите на платежни услуги го наплатиле од трговците изнесува 1,21%, при што тој варира во зависност од дејноста и големината на трговецот и се движи во распон од просечни 0,77% за информатичка технологија и бела техника до 2,71% за електронска трговија. Трговците понатаму им ги пренесуваат овие трошоци на потрошувачите преку повисоки цени на производите и услугите. Заради намалување на овие трошоци, предвидено е висината на заменските надоместоци да се ограничи на 1,00% од вредноста на платежната трансакција во средината на 2022 година и постепено да се намалува и да се сведе на почетокот на 2025 година на 0,2% и 0,3% од вредноста на платежните трансакции извршени со дебитни, односно кредитни картички, како што се тековно поставени во земјите од Европската Унија. 

Банкарство: Регистарот на сметки од КИБС со новиот закон преминува во Народната банка. Можете ли да ни кажете дали станува збор за истиот регистар ЕРТС којшто до сега се користеше или станува збор за целосно нов, подобрен регистар на сметки којшто ќе се развива во периодот што следи? 

Игор Величковски: Станува збор за нов регистар на сметки со проширена содржина којшто покрај платежните (трансакциски) сметки во денари коишто се содржани во постојниот регистар, ќе ги опфати и девизните платежни сметки, депозитите во денари и девизи, како и сефовите. Би сакал да напоменам дека Единствениот регистар на сметки ќе содржи податоци само за видовите сметки и нивните иматели, односно тој нема да содржи податоци за состојби на сметките. Податоци во единствениот регистар на сметки ќе доставуваат банките, штедилниците, платежните институции и институциите за електронски пари. Притоа, предвидено е единствениот регистар на сметки да се воспостави заради ефикасно извршување платежни трансакции, отворање платежни сметки со основни функции, следење на неактивните сметки, спроведување на платните налози за присилна наплата, спроведување на активностите за спречување перење пари и финансирање тероризам и извршување статистички и супервизорски задачи, како и добивање пристап до информациите и податоците во овој регистар заради непречено и непрекинато извршување на активностите на надлежните органи во рамките на нивните надлежности утврдени со закон.  

Банкарство: Заради потполна транспарентност, Народната банка ќе изработи листа со најрепрезентативни услуги на банките коишто споредбено ќе бидат прикажувани на веб-страницата на регулаторот. Кои услуги ќе бидат дел од оваа листа и што сакате да постигнете со нејзиното воведување?  

Игор Величковски: Народната банка тековно работи на дефинирање на листата на најрепрезентативни услуги поврзани со платежните сметки што ги користат граѓаните. Во изминатиот период направивме анкета на банките за честотата на користењето на поединечните платежни услуги и висината на надоместоците коишто ги наплатуваат. Врз основа на резултатите од Анкетата, ќе се направи избор на најчесто користени услуги (најрепрезентативни услуги) поврзани со платежна сметка за кои ќе обезбедиме стандардизирани термини и дефиниции. Потоа, давателите на платежни услуги ќе треба да ги користат овие термини и дефиниции во своите тарифници кога ги презентираат надоместоците за своите услуги пред граѓаните. Исто така, давателите ќе доставуваат податоци до Народната банка за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежна сметка. Народната банка редовно ќе ги објавува на својата интернет-страница овие надоместоци по поединечен давател на платежни услуги во компаративен контекст. На овој начин, потрошувачите ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат за тоа од кој давател да користат платежни услуги. Така, преку зголемената транспарентност и олеснета споредливост на надоместоците, ќе се создадат услови за поповолни цени за користење платежни услуги од граѓаните.

Банкарство: Го засега ли новиот закон за платни системи делот со крипто-валутите и дали во иднина од Народната банка можеме да очекуваме развој на национална дигитална валута, во услови на значаен технолошки развој и се поголема дигитализација на користењето на платежни услуги? 

Игор Величковски: Крипто-средствата не претставуваат пари бидејќи не ги задоволуваат суштинските карактеристики на парите коишто секојдневно ги употребуваме за извршување плаќања, за штедење или за изразување на цените на добрата и услугите. Во таа смисла, крипто-средствата не треба да се поистоветуваат или директно да се поврзуваат со суверените валути коишто ги издаваат централните банки во форма на книжни, ковани или жирални пари, а во иднина потенцијално и како дигитални пари. Имајќи го ова предвид, крипто-средствата не се предмет на регулирање на актите коишто се однесуваат на плаќањата, односно не се предмет ни на конкретниот Нацрт-закон за платежни услуги и платни системи. 

Сепак, заради интересот на јавноста, прашањата во врска со крипто-средствата ги следиме и ги разгледуваме преку Портата за иновации. Притоа, како што веќе сме известиле таму, би сакал да нагласам дека, како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата. Во ваков контекст, колку и да изгледа привлечно вложувањето во крипто-средствата за граѓаните, сепак во реалноста може да се соочат со високи ризици. Поконкретно, сведоци сме на исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата за краток временски период. Исто така, постои можноста за т.н. хакерски напади и губење на имотот во форма на крипто-средства или едноставно недостапност на платформата еден ден. И основно, вложувањата во крипто-средства не се гарантирани и не постои начин за обесштетување на имателите на овие средства.

Што се однесува до технолошкиот развој и дигитализацијата, Народната банка преку Портата за иновации исто така активно ги следи можностите за нивна примена во плаќањата и воопшто во обезбедувањето на финансиските услуги во целина. Новата регулативна рамка во сферата на плаќањата ќе ја отвори вратата за нови даватели на платежни услуги коишто ги ползуваат технолошките придобивки преку развој на иновативни решенија за извршување на плаќањата коишто во иднина ќе може да им ги понудат на граѓаните и на компаниите во земјата. 

Најпосле, во однос на дигиталните валути издадени од централните банки, Народната банка ги следи активностите на светско ниво, а особено на Европската централна банка и во тој контекст ги анализира и ги согледува потенцијалните предности, но и ризици од евентуалното издавање суверени дигитални валути, вклучително и дигитален денар во иднина. 

Банкарство: Со почетокот на пандемијата со ковид-19, значително порасна бројот на е-плаќања, но сѐ уште немаме достапни сервиси како „Пејпал“. Кои се причините поради кои граѓаните во Македонија не се во можност да ги користат услугите за наплаќање преку системот на „Пејпал“? 

Игор Величковски: Навистина, во услови на ограничено движење заради пандемијата, менувањето на навиките на граѓаните беше забележително и придонесе за висок годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 145%, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 31%, во текот на целата 2020 година. Ако во 2019 година еден од четири платни налози се иницирал по електронски пат, а останатите три налози биле иницирани на хартија од страна на граѓаните, веќе во 2020 година се забележува значителна промена во корист на налозите иницирани по електронски пат, кога секој трет налог е инициран на овој начин.

Во ваков контекст кога нашите граѓани сѐ повеќе ги ползуваат дигиталните канали за извршување платежни трансакции во земјата, важно е да имаат можност за непречено извршување и на своите прекугранични плаќања. Заради поддршка на овие трендови, Народната банка уште во средината на 2019 година направи приспособување на соодветниот подзаконски акт со кој се уредува под кои услови граѓаните и компаниите можат да отвораат и да имаат сметки во странство. Со измените се овозможи граѓаните и компаниите да отвораат и да имаат сметки, покрај кај „Пејпал“, и кај сите останати странски електронски сервиси за платежни трансакции што ќе ги овозможат своите услуги за резидентите од нашата земја. Тие можат да ги користат овие сметки исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и/или за продавање стоки и услуги по електронски пат. Народната банка ги направи овие подзаконски приспособувања заради поголема промоција и поддршка на електронската трговија и залагање за користење на предностите од финансиските технологии, односно за создавање услови стоките и услугите коишто ги нудат нашите резиденти преку електронската трговија да бидат подостапни на меѓународниот пазар. Сепак, дали и кога граѓаните и компаниите ќе отворат сметка кај одреден електронски сервис и какви услуги ќе можат да користат (дали само за плаќање или и за наплата), одлучува секој од сервисите, при што деловната одлука ја носи врз основа на сопствени анализи и оцени. 

 

Интервјуа

Интервју НИКОЛОВСКИ: Инвестиции во обновливи извори на енергија се наш приоритет

Објавено

на

Традиционалните начини на користење на електричната енергија со себе носат и последици кои се одразуваат на климатските промени, а со тоа носат и ризици оставајќи негативни последици по екосистемите, здравјето на луѓето и економијата. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Павлова: Новата кредитна линија на ЕИБ треба да помогне во економското закрепнување на компаниите

Објавено

на

Новата кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка е насочена кон економско закрепнување на малите и средните претпријатија во земјава. Таа ќе им помогне на компаниите да закрепнат, да ги задржат работните места и да обезбедат континуитет на работењето, вели заменик-претседателката на ЕИБ за Западен Балкан, Лилјана Павлова во интервју за МИА. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју КРАЈЧЕВА: Штедилница Можности опстојува на финансискиот пазар ставајќи ги секогаш во главен фокус клиентите

Објавено

на

Штедилниците во Република Северна Македонија иако опфаќаат мал сегмент од финансискиот пазар се значајни за целокупната финансиска стабилност со нивната ликвидност и солвентност. На домашниот финансиски пазар функционираат две штедилници, од кои минатиот месец Штедилница „Можности’’ прослави 21 година постоење и работа. (more…)

Продолжи со читање



Популарно