Connect with us
P2_P_MK_1600x400

Интервјуа

ИНТЕРВЈУ Букет Геречџи: Халкбанк е лидер во воведувањето нови технологии на банкарскиот пазар во Македонија

Објавено

на

На почетокот на тековната 2019 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на г-ѓа Букет Геречџи, Член на Управен Одбор на Халкбанк АД Скопје.

Банкарство: Кои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2019 година?

Букет Геречџи, член на Управен Одбор на Халкбанк: Веќе неколку години Халкбанк е лидер во воведувањето нови технологии на банкарскиот пазар во Македонија. Како прва банка што воведе бесконтактни платежни картички и комплетна бесконтактна инфраструктура во делот на ПОС-терминали, сопствен процесинг-центар, мобилно банкарство за правни лица, подигнување готовина од банкомат без картичка, други технолошки иновации, таа и натаму се стреми да биде предводник на ова поле.

Банката планира да ги прошири услугите што ги нуди преку алтернативните канали со воведување онлајн кредити и депозити, мобилни плаќања и најсовремен контакт-центар, што ќе значи полесна и побрза услуга за нашите клиенти за сите производи на Банката.

Најсовремените трендови во банкарството се концентрираат на подобрување на корисничкото искуство на клиентите на банките. Од една страна, се воведуваат повеќе начини преку кои клиентот ќе ги користи услугите на Банката со цел тој да избере кој начин е најсоодветен за него, а од друга страна, се подобруваат системите за поддршка на клиентите со воведување нови технолошко-комуникациски решенија што содржат компоненти на вештачка интелигенција.

Банкарство: Во последно време сè повеќе слушаме за дигитализација во банкарството. Постои ли стратегија за дигитализација во Вашата институција и доколку постои, кои сегменти се опфатени со неа? Дали имате формирано посебно одделение или работна група што ќе биде одговорна за спроведување дигитализација во секојдневното работење?

Букет Геречџи, член на Управен Одбор на Халкбанк: Финансискиот сектор на глобално ниво е исклучително динамичен. Сведоци сме на време во кое дигитализацијата сè повеќе станува актуелна, се прошируваат каналите за дистрибуција преку електронско, односно мобилно банкарство, се нуди самопослужување преку автоматизирани банкарски пултови, гледаме дури и виртуелни услужни перформанси од страна на банкарска роботика итн. Но, персонализацијата е во секој случај поддржана и од човечкиот фактор. Се обрнува големо внимание и на личниот однос, човек кон човек. Банките се водат од стратегии за промена на начинот на вршење на банкарската услуга, ставајќи акцент на зголемување на квалитетот на услугата и на задоволството од клиентот.

Земајќи го предвид сето ова, стратегијата што се воспоставува е во насока на исполнување и следење на модерните трендови, истовремено на преден план поставувајќи го задоволството на клиентите.

Новите генерации се тие што ќе очекуваат дигитални решенија и брз пристап до банкарството за што веќе банката воспостави добра основа во таа насока, која оваа година ќе се надополни со мобилни плаќања, како и можност за аплицирање за депозити и кредити. Истовремено, со цел унапредување на задоволството и директниот контакт со клиентите, постојниот CALL CENTER ќе биде проширен и заменет со модерен Контакт Центар со цел подобро опслужување на сè поголемиот број клиенти.

Дефинирани се стручни лица од ИТ и Маркетинг секторот што припремата на производите и новите решенија ги дефинираат според барањата и искуствата од пазарот што мислам дека се одговор на многу барања и потреби.

Свесни сме дека работиме за високоинформирано население. Луѓето знаат што треба да очекуваат од една услужна компанија и знаат колку клиентот впрочем е важен за компаниите.

Можам со задоволство и со гордост да тврдам дека Халкбанк како банка веќе работи според новите трендови. Континуирано вложуваме во услугата, во персоналот и во процесите. Ги следиме иновативните решенија што доаѓаат однадвор, но се трудиме и самите да ги креираме. Благодарејќи на ваквите ангажмани, важиме за една од најпионерските банки во повеќе сегменти на пазарот.

Банкарство: НБРМ во неколку наврати ја намали референтната каматна стапка на благајнички записи, која во моментов изнесува 2,50%. Кои се вашите очекувања од аспект на движењето на каматните стапки кај кредитите и депозитите во периодот што следува?

Букет Геречџи, член на Управен Одбор на Халкбанк: Да, во текот на 2018 година, НБРМ на неколку пати ја намали референтната каматна стапка, прво во март, потоа во август и повторно во декември за 0,25 процентни поени. Намалувањето на каматната стапка на благајничките записи беше резултат на процената дека економските и финансиските услови во земјата се стабилни, дека има мал производствен јаз, умерена инфлација, поволни движења на девизниот пазар и дека постои простор за олабавување на монетарната политика. Сепак, овие одлуки имаа цел и дополнително да ја поттикнат економската активност во земјата со намера остварување на проекциите за економски раст.

Дополнително, доколку се анализираат податоците за движењата на каматните стапки во банкарскиот сектор во текот на 2018 година, може да се согледа дека се јавува тренд на намалување и кај вкупните кредити, како и кај вкупните депозити. Во однос, пак, на новоодобрените кредити и во првите два квартали од годината имаше благ пораст, а потоа намалување на каматните стапки. Од друга страна, пак, кај новопримените депозити во текот на 2018 година имаше раст на каматните стапки, кој беше поизразен во втората половина на годината, што е евидентно од месечните информации за движењето на каматните стапки што ги објавува НБРМ.

Согласно достапните информации, во текот на идниот период не очекувам драстични промени во однос на споменатите трендови во движењата на каматните стапки и на кредитите и на депозитите. И во наредниот период банките ќе останат главен поддржувач на инвестициските активности на стопанството и, согласно тоа, може да се очекува намалување на каматните стапки на кредитите, особено во корпоративниот сегмент.

Банкарство: Што да очекуваме од Халкбанк во 2019 година?

Букет Геречџи, член на Управен Одбор на Халкбанк: Како што веќе ја започнавме годината, интензивно, со воведување новини, така планираме и да ја продолжиме. Имено, уште на самиот старт на годината се одлучивме за инвестиција во осигурителниот пазар, со откупување 100% од акциите на Нова Осигурување. Ваквиот чекор укажува на нашата подготвеност и посветеност на внесување промени и иновации во целокупното работење. Нашиот менаџмент тим има доволно искуство и знаење, но и силна желба да ги примени и да ги пренесе и во осигурителниот пазар во земјата.

Покрај тоа, во текот на наредниот период остануваме посветени на развојот на нашите стандардни производи со помош на технолошките иновации. Ние станавме препознатливи по нашата претприемливост и способност да ги предвидиме и да им излеземе во пресрет на потребите на клиентите: први воведовме можност за повлекување готовина од автомат без користење картичка, имаме сопствен центар за процесирање на картичките и од 2016 година е воведен највисоко рангираниот меѓународен стандард за информатичка сигурност во процесирањето на платежните картички, со што јасно е дека силно се инвестира во нивната безбедност. Во текот на 2019 година очекуваме и воведување нови производи со помош на технолошките иновации, како што е, на пример, проектот во делот на „iBanking“ за воведување опција за онлајн депозити што веќе го најавивме, зголемување на разновидноста на услугите, како и поддршка на заедницата во која дејствуваме преку нашите програми за корпоративна одговорност.

Луѓето се во фокусот на нашето работење, почнувајќи од нашите вработени, кои се заслужни за успехот на оваа банка, нашите клиенти, како и пошироката заедница каде што се трудиме да дадеме значаен придонес во насока на нејзиното унапредување, а оваа посветеност кон одржување на ваквите резултати ќе продолжи и во иднина.

Заклучно, може да се каже дека во текот на 2019 година се очекува остварување раст на кредитното и депозитното портфолио, воведување новини и повторување на одличните резултати од претходната година. Нашата Банка посветено работи на развојот во сите области на работењето, а клиентите ги добиваат најголемите придобивки од остварувањето на нашите напори, затоа што ние искрено веруваме дека луѓето се важни.

Интервјуа

Интервју МАРИЈА ТОМЕСКА: Иднината е извесна за Еуролинк, фокус кон атрактивна онлајн понуда!

Објавено

на

Еуролинк осигурување е предводено од желбата за придонес кон економскиот развој на Република Северна Македонија, таа се стреми кон континуиран и долгорочен раст и паралелно градење поинакво осигурување за целосно задоволување на потребите на клиентите. Разговараме со претседателот на УО, г-ѓа Марија Томеска за понатамошните подвизи на Еуролинк осигурување. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Јасмина Кузманова: Најголемата придобивка на Винер Лајф се задоволните клиенти

Објавено

на

Групацијата Vienna Insurance Group во 2010 година ја основа осигурителната компанија за животно осигурување Winner Life и со тоа го продолжи успешното работење на македонскиот пазар под брендот Winner. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со Димитар и Антонио од When in Krusevo

Објавено

на

Адреналинскиот настан познат под името When in Krusevo продолжува и оваа година! Третото летно издание на outdoor дружбата ќе се одржи од 21. – 23. јуни 2019, на веќе добро познатата локација на Крушевското езеро.  (more…)

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange