Connect with us

Интервјуа

Интервју БОШКОВСКА ЈАНКОВСКИ: Развојот и дигитализацијата во Централен регистар – од витално значење за деловната клима, задоволството на корисниците и понатаму е наш приоритет!

Објавено

на

Информациите се клучни за донесување одлуки, особено кога се засноваат на точни и навремени податоци. Централен регистар е единствена централна информативна база на правни и други релевантни податоци кои се внесуваат, со цел развивање на регистри, чии податоци се споделуваат и се достапни за сите заинтересирани корисници.

Централниот регистар покрај тоа што обезбедува најдобри можни услуги на корисниците, нуди и можност за истражување и развој на институциите, кој имаат интерес да се стекнат со точни и релевантни податоци за бизнис климата во Македонија. Изминатиот период актуелни се со нов модернизиран веб портал на кој граѓаните можат да ги најдат услугите што ги нуди Централниот регистар, како и статистички билтен, платформа за отворени финансии, прирачник – сакам да основам бизнис.

Повеќе околу начинот на функционирање на Централниот регистар, олеснителните околности при регистрација на правен субјект, Регистарот на вистински сопственици и идните планови разговараме со Марија Бошковска Јанковски, директор на Централен Регистар на Република Северна Македонија.

Банкарство: Од неодамна го промовиравте прирачникот на Централен регистар – Сакам да основам бизнис. За кого е наменет овој прирачник и што содржи истиот?

Марија Бошковска Јанковски: Со Прирачникот – “Сакам да основам бизнис” даваме можност на сите граѓани да се информираат за услугите и информациите кои можат да ги добијат од оваа институција, за чекорите кои треба да се следат во основањето и градењето бизнис, како и други релевантни насоки за сите постоечки и идни претприемачи, како за упис, така и за начинот на дистрибуција на информациите за правните субјекти, кои се јавни и достапни за сите заинтересирани страни, а кои им се потребни во текот на нивното работење. Најважно е што најголемиот дел од услугите на Централен регистар се достапни електронски, а потврдите се формално валидни, односно потпишани со дигитален сертификат. Начинот на дистрибуција го одбира корисникот, односно со креирање на кориснички налог, информациите за правните субјекти се достапни преку системот за е-потврди, дистрибутивниот систем, развиен за професионалните корисници, како што се адвокатите, сметководителите, нотарите, а во посебни случаи на барање на корисниците, развиваме и веб сервиси за размена на податоци преку xml датотеки, за директно користење во нивните системи. 

Како значаен учесник во креирањето на подобра бизнис клима во Републиката, промотор на странски инвестиции и општествено одговорна Институција, Централен регистар директно влијае на развојот на националната економија. Прирачникот е уште еден начин да ги приближиме нашите услуги кон корисниците, но и да добиеме повратна информација за нивните потреби.  . 

Ова е прв кориснички Прирачник за услугите на оваа институција, но не и последен. Се разбира дека следејќи ја програмата и акциските планови, подготвени од секторите и одделенијата вклучени во процесите за грижа на корисници, за секоја забележана потреба од дополнителна помош, ќе ги користиме сите соодветни алатки, за да ја оправдаме позицијата на транспарентна и кориснички достапна институција. 

Банкарство: Постои и можност за самостојна регистрација на правен субјект преку електронскиот систем на Централен регистар е-поднеси сам. Како ја оценувате реакцијата на корисниците од истиот и колкаво е учеството на електронски регистрирани субјекти во однос на вкупниот број за измината година?

Многу често го истакнувам фактот дека Централниот Регистар како институција се определи за целосна дигитализација уште пред самата пандемија, и во тој поглед претставува пример за јавниот сектор, а предизвик на младите и идни генерации кои ќе тргнат во реализација на своите бизнис идеи. Самиот процес на започнување сопствен бизнис е комплексен процес кој вклучува активности поврзани и со други институции, со цел да се задоволат сите законски барања и субјектот да биде активен во правниот промет. Доколку го занемариме фактот дека идните генерации ќе имаат потреба од сè побрза услуга, тогаш ние како институции не можеме да изградиме здрава визија и да поставиме цели чие исполнување ќе го води општеството во развој. 

Конкретно, самостојната регистрација на субјект е законска можност којa ја имаат граѓаните, односно со Закон е утврдена можноста, секое физичко или правно лице, самостојно (без посредство на Регистрационен агент) да поднесе пријава за основање на нов субјект кај поедноставните форми на правни лица (ДОО, ДООЕЛ и ТП). Самостојната регистрација  ја издвоивме како посебна услуга со точно прецизирани чекори, документација и контакт форми како можност за техничка помош. Новиот портал на Централниот регистар (www.crm.com.mk) нуди интуитивен прирачник кој чекор по чекор ги води корисниците низ постапката и потребните документи за кои се изготвени урнеци за пополнување. Предуслов за електронска самостојна регистрација е корисникот да поседува дигитален сертификат и да креира кориснички налог на нашиот систем.

Она што треба да се истакне е дека со новите функционалности на системот за е-регистрација, покрај постојните услуги (регистрација на субјект, регистрација на даночен обврзник во УЈП, резервација на сметка), може да се регистрира и

1. Доброволна регистрација на субјектите (трговски друштва) како ДДВ обврзници при Управата за јавни приходи. По поднесеното електронско барање, Управата за јавни приходи во рок од 15 дена ќе донесе Решение за ДДВ број.  

2. Поврзување на системот за е-регистрација со Агенција за вработување. 

Оваа дополнителна функционалност овозможува електронско пријавување на управителот на правниот субјект во системот на Агенцијата за вработување при самата регистрација на правниот субјект без потреба за посебно или дополнително пријавување во канцелариите на Агенцијата за вработување. Доколку на странката и е потребен М1 образецот во хартиена форма, истиот ќе треба да го извади на вообичаениот начин со посета на Агенцијата за вработување.

Регистрационите агенти пак, како професионални групи и со овластувања за упис во системот за е-регистрација, се од суштинска важност за институциите и значаен дел од процесите на стопанството, со нивна помош се завршуваат сите покомплексни процеси поврзани со тн посложени облици на правни субјекти.

Банкарство: Колкав е вкупниот број на регистирани субјекти минатата година и каков тренд очекувате за оваа година?

Марија Бошковска Јанковски: Изминатата 2020 година регистрирани се 7077 уписи на основање на правни субјекти и со тоа бројот на субјекти во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица на крајот од годината 2020 година беше 114430, што е во благ пораст од 2019 година. Иако е неблагодарно да се прогнозира во услови на пандемија, нашите очекувања се дека ќе се задржи истиот тренд од минатата година. 

Банкарство: Во соработка со Управата за финансиско разузнавање, а во рамките на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, воспоставен е Регистар за вистински сопственици, кој има за цел на транспарентен начин, точно да ја прикаже сопственичката структура на правните субјекти во Македонија. На кој начин правните субјекти можат да го сторат тоа и кој е крајниот рок за поднесување пријава по однос на вистински сопственици?

Марија Бошковска Јанковски: Органите на истрагата и на прогонот потребно е да имаат можност за јасна идентификација на сторителите на кривични дела, за да имаат моќ во процесот на нивното гонење и изведување пред правдата, сè со цел разбивање на финансиските криминални шеми. Токму во овој контекст, една од главните алатки за справување со овој ризик е овозможување на транспарентност на ниво на вистински сопственици на правните лица. Тоа подразбира идентификување на физичките лица кои директно или индиректно остваруваат управувачка или контролна улога во едно правно лице, односно на било каков начин имаат крајно и ефективно влијание во работењето и управувањето на истото.

Воспоставувањето на Регистарот на вистински сопственици за нас беше огромен предизвик, а со неговото пуштање во употреба и Централниот регистар се вклучува во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам.

Со усогласување на националната легислатива со правото на ЕУ како важен предуслов во нашиот евро-интеграциски процес, активно работиме и на изнаоѓање можности за прекугранична интероперабилност на регистрите на вистински сопственици со земјите од Западен Балкан, што ќе не подготви за целосна размена на податоци со земјите од Европската Унија.

Особено сме благодарни на канцеларијата на Германското друштво за меѓународна соработка, со чија финансиска, експертска и организациска поддршка добивме едно врвно технолошко решение на располагање на правните субјекти во државата и на државните органи.

Од 27.01.2021 година, започна и официјално да тече рокот од 90 дена за пријавување на податоците за вистинските сопственици во Регистарот на вистински сопственици. Уписот во законскиот рок е без надомест. Во Регистарот се внесуваат податоци за сите постоечки субјекти иницијално, како и за сите настанати промени во сопственичката структура на субјектите. Сите уписи кои ќе се спроведуваат во законските рокови се спроведуваат без надомест (8 дена од денот на основањето на субјектот и 8 дена од денот на промената на вистинскиот сопственик), при што таква можност за сите постоечки субјекти ќе се обезбеди и во рок од три месеци од моментот на воспоставувањето на Регистарот. За секое постапување вон законските рокови, предвидени се глоби, кои се утврдени со тарифата на Централен регистар.

Изземени од обврската да впишат Вистински сопственик се:

      Трговец поединец – ТП и самостојни вршители на дејност (за вистински сопственик се смета физичкото лице регистрирано за вршење на дејноста и единствено овластено лице)

      Буџетски корисник (за вистински сопственик се смета раководител на буџетски корисник)

      Правно лице во државна сопственост (за вистински сопственик се смета лицето кое управува или раководи со органот на управување)

      Правно лице во постапка на стечај или ликвидација (за вистински сопственик се смета стечајниот управник или ликвидаторот)

Банкарство: Дали се предвидени санкции за оние субјекти кои нема да поднесат пријава?

Марија Бошковска Јанковски: За секое постапување вон законските рокови во регистарот на вистиснки сопственици, предвидени се глоби, кои се утврдени со тарифата на Централен регистар, а ненавремениот упис на Вистински сопственик за правните лица ќе значи проблеми при воспоставување клиентски однос на правните субјекти со банките и неможност за извршување на трансакции во правниот и платниот промет. 

Затоа, упатуваме апел до сите правни субјекти да постапат во законските рокови при уписот на вистински сопственици, односно сите постоечки субјекти, регистрирани во Централен регистар, да извршат упис во регистарот, без надомест, најдоцна до 27.04.2021 година. Секој новооснован субјект има законски рок од 8 дена од денот на основањето на субјектот и 8 дена од денот на промената на вистинскиот сопственик да изврши упис без надомест и по истекот на овие 90 дена од пуштање на софтверското решение во функција.

Банкарство: Тековната состојба е еден од документите кои има можност да се генерира онлајн со користење на дигитален сертификат, од страна на нотари, банки и останати институции со кои веќе имате дефиниран тек на соработката. Планирате ли во иднина да го зголемите бројот на институции кои можат да генерираат Тековна состојба со крајна цел правните субјекти самостојно преку одреден портал и соодветна идентификација да можат во реално време да го генерираат овој документ?

Марија Бошковска Јанковски: Дистрибуцијата на информации, е исто така, покрај уписот на податоци, втор најважен аспект на кој сме комплетно посветени. Како и на уписите, така и на обработката на податоци и излезните информации работат цели организациони единици, со цел информациите да стигнат до заинтересираните страни на најбрз начин. Во време и во услови на светска пандемија, исклучително е важно за една институција да оформи ефикасен систем преку кој потврдите кои им се неопходни на правните субјекти во правниот промет, но и информациите кои можат да бидат од клучно значење во анализата на бизнис тековите на правните лица, да стигнат по електронски пат, а притоа да се формално валидни документи.

Централен регистар има развиено различни решенија за да ја постигне таа цел и навистина ме радува фактот што преку 24/7 достапните и функционални системи, корисниците непречено успеваат да дојдат до потребните и што е најважно релевантни ажурни информации во реално време. 

Не само тековната состојба, речиси сите останати потврди од регистрите се електронски достапни и како формални дигитално потпишани документи, и секој регистриран корисник може истите да ги користи. 

Дополнително, со пуштањето на продукција на BIFIDEX Регионалниот портал (Business Financial Data Exchange) кој го креиравме заедно со Српската агенција за деловни регистри, создадовме место за информирање на бизнисмените и инвеститорите, обезбедувајќи пристап до ажурирани информации од националните агенции за бизнис регистри од регионот сите достапни од едно место. Србија и Северна Македонија се првите земји од регионот кои се приклучија на оваа иницијатива. Порталот е поддржан е од ЕБОР и Фондот на Владата на Велика Британија кои стојат зад иницијативите за натамошно проширување на проектот и за поттикнување на интеграцијата на останатите бизнис регистри на земјите од регионот.

Базата на податоци вклучува над стотици илјади компании и нуди информации за сопственикот на компанијата, нејзиното управување, финансиските извештаи, измените во организацијата и слично. На овој начин, на сите заинтересираните страни, ќе им се овозможи да пребаруваат информации за активните компаниите во определен сектор, географска локација или други критериуми.

Новиот официјален портал пак, на Централниот регистар www.crm.com.mk е дизајниран да обезбеди  структурирани и стандардизирани информативни податоци за услугите на институцијата, а развиени се и функционалности согласно проектот Отвореното владино партнерство, преку кои се нудат палета на отворени податоци како што се „основен профил на регистриран субјект“, „Статистички билтен“ и други.

Банкарство: Што можеме да очекуваме во периодот што следи од Централниот регистар кога е во прашање развојот на тековни и идни проекти или понатамошна дигитализација на процесите кои се под директна одговорност на Централниот регистар?

Марија Бошковска Јанковски: Во периодот пред нас, продолжуваме со интензивна работа на понатамошна дигитализација. Во фокус на Централниот Регистар секогаш се подобрувањето на деловната клима и потребите задоволството на нашите корисници. 

Па така, ќе следува надградба на Едношалтерскиот систем со дополнителни сервиси со Царинската Управа и Управата за Јавни Приходи во функција на олеснување на прибирањето на потврди при влез во бизнисот во државата по електронски пат.

Развиваме и цела нова палета на електронски услуги кои би се пласирале преку дистрибутивниот систем и системот за електронски потврди. 

Посебно би сакала да го истакнам и предлог проектот за активирање на банкарската сметка, при иницијална регистрација на правно лице. Тоа е проект за кој дискутираме со Македонската Банкарска Асоцијација и со Клириншката Куќа. Секако за овој комплексен проект битни се два момента и тоа дигиталната идентификација на корисникот и регулаторниот аспект (KYC/AML – односно запознај го својот клиент и регулативата по однос на спречување на перење на пари).

Инициравме и проект за централизација на евиденцијата за лиценци и дозволи кои ги стекнуваат правните лица и интеграција на овие информации во Тековната состојба на правните лица, со што би се зголемила транспарентноста на процесот на издавање и одржување на лиценци и дозволи, но и би се збогатиле информациите по однос на самите правни лица и нивните потенцијални деловни партнери. 

За крај би сакала да го споменам и предлог проектот за модернизација на регистрите за залог и лизинг и нивно подведување под режимот на обезбедени трансакции, преку кој би се олеснил пристапот до кредитирање на малите и средни претпријатија, кои се и најпогодени од пандемијата.

Интервјуа

Интервју со КУПИ НА РАТИ: Битолска компанија која направи купувањето на рати да биде уште полесно

Објавено

на

Онлајн купувањето го револуционизира начинот на кој купуваме. Поради бројните предности, изминатиов период се повеќе се преферира купување онлајн, преку интернет, во замена за традиционалното купување по физички продавници. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со Никола Јошевски: СН финансиско друштво – секогаш за спортот

Објавено

на

За спонзорирање во спортот на глобално ниво се трошат 62,8 милијарди американски долари, а таа цифра постојано расте. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со ИГОР ДАВКОВ, Извршен директор на Скопје Ист Гејт и неговиот тим: Креираме вредност за закупците и посетителите

Објавено

на

На одлична локација во главниот град Скопје се развива модерен концепт на домување, богато шопинг искуство и пријатна бизнис околина. Зад проектот Скопје East Gate се потпишува Групацијата Balfin со седиште во Албанија, која е неприкосновен инвеститор на едни од најиновативните градби на Балканот. (more…)

Продолжи со читање




Популарно