Connect with us

Интервјуа

Интервју БЕРНД АХАЦ: Секоја криза претставува закана, но и можност…

Објавено

на

Г-динот Бернд Ахац, Член на Управниот одбор на Винер Лајф, со својот одличен менаџерски потенцијал и долгогодишното искуство во финансиите, успеа да внесе австриски шмек во компанијата која беше основана во 2010 година и за само неколку години од неа да создаде една од најдобрите и најпрепознатливи компании за животно осигурување во Р.Северна Македонија, која во својата палета нуди широк спектар на производи кои што се достапни и прифатливи за секој граѓанин.

Поразговаравме со г-динот Бернд Ахац на тема осигурување и функционирањето на осигурителните компаниите во време на пандемија со коронавирус, активностите на Винер Лајф, влијанието на корона кризата врз свесноста на граѓаните за потребата од животно осигурување и инвестирањето во нови технологии и дигитализација на компанијата.

Банкарство: Живееме во време на една од најголемите пандемии предизвикана од вирусот Ковид-19. Штетите пред се од економски аспект се огромни, но пост пандемиските негативни ефекти ќе бидат уште посилни. Сите сектори бележат огромно намалување на активностите и профитабилноста, па не е исклучок ниту осигурителниот сектор. Какви негативни последици ќе донесе пандемијата на коронавирусот врз осигурителниот сектор генерално?

Бернд Ахац: Знаеме дека секоја криза претставува закана, но и можност. Не зборуваме за криза на поединечна компанија, зборуваме за целиот сектор, како на локално, така и на глобално ниво. Сите се наоѓаме во истиот брод. Секако за одреден период ќе забележиме намалување на нови договори, но сепак се стремиме кон приспособување на ситуацијата и се трудиме да ги воочиме потребите на клиентите. Со цел да створиме можност од моменталната ситуација, како за осигурителното друштво така и за клиентот, се трудиме да ги предвидиме идните потреби.

Банкарство: Во Македонија осигурителниот сектор, пред се животното осигурување изминатите години бележи сериозен раст. Колку оваа криза ќе влијае врз растот на животното осигурување во нашата држава или можеби преку корона кризата граѓаните дополнително ќе ја зголемат свесноста за потребата од животно осигурување?

Бернд Ахац: Според мене ова е многу добро прашање. Животното осигурување во голема мера расте поради покривањето на изложеноста на ризик на нашите клиенти што тие ја имаат во банките. Со други зборови, класично банкоосигурување кое веќе многу години им е поддршка на клиентите во Австрија. Покритието на ризик, вклучувајќи го и банкоосигурувањето покрива заеми до приближно 40% од вкупната осигурана сума во Австрија на годишно ниво. Учеството во премијата на овој вид на осигурување изнесува вкупно 8%.

Во последно време посвесно зборуваме за несреќи, тешки болести и смрт и прифаќаме или учиме да го прифатиме овој настан како дел од нашите животи, факт кој за разлика од Австрија, на Балканот во поголема мера беше сокриен и прикриван. Кога пред околу 15 години започнав да работам на Балканот смртта и несреќите претставуваа табу тема. Пред неколку години, разговарајќи со еден потенцијален клиент и добро следејќи ја неговата логика, јас одговорив – „Македонците не умираат.“ За жал, ние сите ќе умреме еден ден.

Животното осигурување не може да ја одземе болката предизвикана од загубата на сакан член во семејството, но може да спречи финансиска катастрофа на од него зависните преживеани лица. Во однос на темата осигурување од смртен случај каде е загарантирана исплата на осигурувањето, сметам дека моменталната криза ги менува нашите размислувања и нашиот став во врска со “laissez-faire” полисата која ја имаме.

Верувам дека покрај банкоосигурувањето, повеќе внимание ќе им биде повторно посветено на класичните производи за мешовито животно осигурување поради фактот што сите стануваме посвесни за важноста на нашето општо здравје и фактот што ќе ни помогне подобро да се спротивставиме на заканите од средината, да останеме здрави и да уживаме во заштедата како трет столб на нашата пензија.

Банкарство: Со оглед дека потекнувате од Австрија, а Австрија важи за една од земјите со највисок процент на полиси за животно осигурување по глава на жител, како се справува државата со оваа пандемија и какви се ефектите од корона кризата врз осигурителниот сектор во Австрија споредено со Северна Македонија?

Бернд Ахац: Во Австрија не сум бил веќе половина година, а информациите ги добивам од нашата групација и гледајќи вести. Вкупната премија од животно осигурување изнесува 5,5 мрд. евра годишно. Традиционално, Австрија има висока застапеност на животно осигурување по глава на жител. “Vienna Insurance Group” е водечка компанија на пазарот во 8 држави. Според мои сознанија, нашите австриски компании добро се справија со организирањето на работа од дома, онаму каде тоа беше можно. На јавните места се почитуваат строгите правила за социјална дистанца и хигиена. Во принцип, државата и покраините успеаја бргу да ги изолираат кластерите на заразени и значајно ја „израмнија“ кривата.

Сметам дека имам право да ја споредам Австрија со Северна Македонија поради тоа што веќе неколку години престојувам во Северна Македонија, па би сакал да разговарам за проблемите и нерешените предизвици што овде постојат веќе подолг период, но поради моменталната криза сега повторно излегуваат на површина. Разбирам дека кризата ќе помине, но сè друго може да остане со нас подолг период. За среќа истото се однесува на потенцијалите кои сеуште не се искористени.

Лично сметам дека светската популација ќе ја подигне свесноста произлезена од кризата на едно повисоко ниво, имајќи ја во предвид штетата која и ја нанесуваме на нашата животна средина. Очигледно ова нé прави поранливи кон факторите на животната средина. Тука гледаме компонента што се поврзува со Македонија. Откако започна кризата јас скоро секој ден го користам својот велосипед за да се движам низ Скопје, а за време на викендите и низ други делови на Северна Македонија. Бегам во природа за да го смирам умот, а што наоѓам? Отпад, сто или повеќе метри од патот прекриен со отпад. Дури и на Водно, толку сакано од многумина од нас како природно катче за бегство од градот каде сакаме да се одмориме, околу и во секој павиљон седиш на остатоците од својот претходник.

Сметам дека често пати со право ја критикуваме власта за несоодветно организирање на државата и погрешна намена на инвестициите, но понекогаш ние не сме само жртви туку самите се повредуваме себеси како индивидуи. Ако погледнеме други држави, може да видиме дека под површината се крие друга порака: постои нешто што може да сториме против тоа! Како единки, но и како колектив и секако како повик кон политичарите да си го одработат својот дел. Секако дека ова е полесно за луѓе со добри и редовни примања кои можат да бидат предводници, но е остварливо и потребно за секого; заедничка грижа за нашата животна средина и нашето здравје.

Да сумирам, имам чувство дека свесноста за тоа колку е важна животната средина за да живееме здраво расте со текот на времето. Така, оваа свесност ќе стигне и до политиката, имајќи на ум дека луѓето во Македонија посебно во зима, но и во текот на целата година, патат од смог и загадување. Сè ова ќе води до поголема важност на животното осигурување и здравственото осигурување, со оглед на тоа дека сè ова е поврзано меѓу себе.

Банкарство: Дали затворањето на границите Ви предизвика потешкотии при работењето со оглед дека бевте далеку од тимот со којшто работите во Македонија? Притоа, дали работата преку онлајн врска со Вашиот тим во Македонија, Ве натера да размислувате за дигитализација на процесите и подобрување на продуктивноста преку работа од дома, а воедно и заштита на Вашите вработени, пред се продажните тимови кои се изложени на секојдневен ризик од заболување од Ковид-19.

Бернд Ахац: Всушност беше обратно. Одлучив да останам во Македонија поради тоа што моето работно место е тука и сите ние заедно се соочуваме со проблемот. Нашата канцеларија работи постојано, иако беше неопходно да се грижиме за сите вработени со деца како и за бремените колешки, чија работа ја пренасочивме во домашни услови. Оддржувавме социјална дистанца и носевме маски, се сретнувавме во сали за состаноци со доволно проветрување и простор за да бидеме што е можно побезбедни. Кога станува збор за контактот со Австрија и нашиот надзорен одбор, седниците со надзорниот одбор се оддржуваат преку скајп. Воедно, воспоставувавме конференциски врски и за состаноците со нашите стручни оддели на групациско ниво. Но, ова не е ништо спектакуларно ново за нас.

Мојот проблем беше приватен. Во овој период не можев да ги посетам своите родители, а тие веќе не се толку млади, но среќен сум што се добри и со оглед на кризата – во добро расположение. Во исчекување сум повторно да ги видам штом патувањето ќе стане редовно искуство.

Банкарство: Kовид-19 ги става осигурителните компании на брза патека до усвојување на нови технологии и онлајн платформи. Дигитализацијата е неопходна во денешно време, но разговор со потенцијален клиент во четири очи е непобедлива формула за успешна продажба. Како може овие две дијаметрално спротивни работи да се спојат во еден успешен процес?

Бернд Ахац: Одлично прецизиравте. Инвестираме време, капацитети и пари за воведување на нови технологии. Моментално сме во процес на имплементација на голем проект со цел да бидеме поблиску до нашите клиенти, обидувајќи се да креираме дигитален екосистем, ако така може да се каже. Достава на информации за полисите кои нашите клиенти ги имаат во моментот, креирање на понуди и дигитално плаќање. Но, во исто време личниот контакт сеуште е „клучот“ кај животното осигурување. Животното осигурување е индустрија која во голема мера се базира на индивидуална консултација и доверба. Сепак, денес можеби личен контакт не мора во секоја смисла да означува и физички контакт. Тоа ќе го дознаеме од младите, имајќи на ум дека јас делумно сум стара школа и треба да се приспособам на ситуацијата. Со други зборови, нашата компанија веќе ја води трката во однос на имплементацијата на новите технологии. Но, ќе ја стигнам.

Банкарство: Што можеме да очекуваме од Винер Лајф до крајот на годината, какви се плановите на компанијата за надминување на оваа тешка ситуација и дали може да очекуваме некои нови иновативни производи?

Бернд Ахац: Како што споменав погоре, работиме на овозможување на полесен пристап и транспарентоност кон нашата компанија. За да го постигнеме ова моментално сме среде проект за дигитална трансформација. Целта е повисок степен на центрaлизирање на информациите за клиентите, од една страна за осознавање на потребите на клиентот, а од друга страна за подобрување на нашите начини за соработка со нашите клиенти. Отворивме оддел за грижа за корисници, кој до сега стапува во контакт со клиентите преку телефон, но во блиска иднина нашата интернет страница, како и апликациите за паметни телефони, ќе преземат дел од протокот на информации.

Постои и друг аспект кој оваа криза многу воочливо го прикажа, а тоа е дека има смисла да се разгледува и втор столб на здравственото осигурување, доколку така може да се нарече.

Во моментов секој кој може да си дозволи, се лекува во приватните институции. Животното осигурување и поврзаните дополнителни здравствени осигурувања може да ја олеснат негата во приватните болници, а редовните плаќања низ годините може да ги направат попристапни за поширока група на луѓе. Нудиме пакети на животно осигурување кои се тесно поврзани со дополнителни осигурувања за хируршки интервенции и тешки болести. Класичен пример е секако исплатата за инвалидитет по основ на несреќен случај. Исто така работиме на ново дополнително осигурување, но да зборуваме за него кога ќе биде достапно.

Уште нешто за крај за да одговорам на вашето прашање, ние сме одличен тим и постојано работиме кон подобрување на нашите услуги и најважно е дека го сакаме она што го работиме. Досега тоа не водеше на правиот пат..

Интервјуа

Како Комерцијална банка #РаботиОдДома

Објавено

на

Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Мошне интересно е да се забележи дека светските и европските банкарски корпорации се прилагодуваат на “новото нормално” и применуваат промени во работењето согласно предизвиците кои ги наложува пандемијата. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со Маја Кадиевска-Војновиќ: Финтек индустријата во Македонија и улогата на небанкарскиот финансиски сектор во Северна Македонија и проекции за натамошен раст

Објавено

на

Маја Кадиевска Војновиќ е ангажирана како предавач на Американ Колеџ – Скопје. Својата професионална кариера ја започна во 2003 година во Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во Дирекцијата за монетарна политика и истажување, кадешто држеше различни позиции, а во периодот од 2011-2018 година беше вицегувернер задолжен за Секторот на операции на финансиски пазари и платни системи. Во своето шеснаесет годишно искуство како централен банкар, на почетокот од својата кариера беше еден од основоположниците на макроекономските проекции на НБРМ. Како вицегувернер, активно беше вклучена во креирањето и спроведувањето на монетарна политика, во управувањето со девизните резерви и билансот на Централната банка. Учествуваше активно на годишните собранија на ММФ и Светска банка и при мисиите со меѓународните финансиски институции и кредит рејтинг агенции. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Роберт Тодоровски, КЛИКНИ ЈАДИ: Нарачувањето на храна во компаниите е еден вид тим-билдинг

Објавено

на

Кликни Јади е компанија чија основна дејност е достава на храна и намирници до вашиот дом или канцеларија, улога која е мошне значајна особено во периодот на пандемијата со Ковид-19 и ограничувањето на движењето на граѓаните.  (more…)

Продолжи со читање

Популарно