Connect with us

Анализи

Запознајте ја банкарската фела во Македонија (трет дел)

Објавено

на

Со цел подобро запознавање со водечките банкари во државата, Банкарство.мк спроведе истражување на тема „Банкарската фела во Македонија”.

Ова истражувањето има за цел да ги претстави највлијателните банкари во нашата држава кои раководат со комерцијалните банки, како и нивниот регулатор Народната банка на Република Северна Македонија.

Од истражувањето на Банкарство.мк во вкупно 15 банки во земјава, дојдовме до податок дека Управните одбори на банките се составени од најмалку два члена, а најмногу од 4 членови.

Најмногуброен Управен одбор имаат Стопанска банка АД – Скопје, НЛБ Банка и Халкбанк АД Скопје чиишто состав брои по четири членови, за кои подетално пишувавме во првиот дел од анализата.

По три членови во Управниот одбор имаат Комерцијална банка АД Скопје, УНИБанка, ПроКредит Банка, Стопанска банка а.д. Битола и Централна кооперативна банка, за кои подетално пишувавме во вториот дел од анализата.

Само по два члена во Управниот одбор имаат Шпаркасе Банка Македонија, Охридска банка АД Скопје, ТТК Банка, Силк Роуд Банка, Капитал Банка и Развојната банка на Северна Македонија.

Кај регулаторот, Советот на Народната банка на Република Северна Македонија е составен од четири извршни членови и два неизвршни членови.

Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје го сочинуваат:

  • Глигор Бишев – Генерален Извршен Директор и Претседател на Управен Одбор;
  • Алвин Аличевиќ – Член на Управен Одбор;

Д-р Глигор Бишев е назначен на функцијата претседател на Управниот одбор и генерален извршен директор на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје” од 6.6.2013 година. Тој волонтерски ја извршува и улогата на потпретседател во Стопанската комора на Македонија.

Својата кариера ја започна во 1984 година во Народната банка на РМ, најпрво како помлад економист, а подоцна во 1993 година како генерален директор, за во 1994 година да биде назначен за вицегувернер и во периодот од 1997 до 2000 за Заменик гувернер на Народната банка на Македонија. Од 2000 година, Д-р Бишев ја извршуваше функцијата главен извршен директор и претседател на Управниот одбор во Стопанска банка АД Скопје.

Покрај професионалниот ангажман, д-р Бишев е активен и во областа на економските науки, како вонреден професор на Економскиот факултет – Прилеп и професор на постдипломски студии на Економскиот факултет – Скопје.

Тој учествувал во монетарното осамостојување и реформите во Република Македонија. Учествувал во повеќе истражувачки проекти во областите на банкарството и монетарната теорија и политика, применетата економија, економскиот развој, политики на девизниот курс, платниот биланс, меѓународните финансиски институции, тековите на капитал, корпоративното финансирање, инвестициите и финансиските пазари.

Една од позначајните функции што ги извршувал во својата досегашна кариера е копретседавач на Втората работна маса за економска обнова и развој на Пактот за стабилност (јануари – јуни 2000).

Д-р Глигор Бишев, како претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка”, е надлежен за поставување на стратегијата на Банката и за продажните активности – работењето со физички лица, за управувањето со средства (ликвидност), за маркетинг и комуникации, за човечки ресурси, за сметководство и контрола, и за координација на Кабинетот на Управниот одбор, ОСИС и Внатрешната ревизија.

М-р Алвин Аличевиќ е назначен за член на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје” на 24.11.2017 година.

Својата кариера ја започнува со работа во „Штаермеркише Банка и Шпаркасе АГ”, Грац, Австрија, во рамките на меѓународната програма за обука на АИЕСЕК во 2007 година. Тој продолжува со својата кариера на позицијата менаџер за управување со ризици во „Шпаркасе банка Д.Д. Сараево”, Босна и Херцеговина од јануари, 2008 година. Обемот на должности и одговорности во неговата функција вклучувал имплементација на адекватна структура за управување со ризици во согласност со локалните и со групациските барања.

Својата кариера во рамките на Групацијата ја продолжува на работната позиција сениор менаџер за управување со ризици за ЈИЕ во „Штаермеркише Шпаркасе” во Грац од мај 2011 година, па сѐ до неговото назначување за член на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје”.

М-р Алвин Аличевиќ, како член на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје” е надлежен за управувањето со ризиците, за организација и ИТ, за правни работи, за заднинските активности (процесирање) и за координација на контрола на усогласеноста на работењето на Банката со прописите, вклучително и спречување на перењето пари, како и за сите аспекти во делокругот на управувањето со ризиците кај заднинските активности (middle и back office) и за управувањето со средствата и со обврските.

Управниот одбор на Охридска Банка АД Скопје го сочинуваат:

  • Нина Неданоска – Генерален Извршен Директор и Претседател на Управен Одбор;
  • Никола Миткоски – Член на Управен Одбор;

Нина Неданоска е именувана на функцијата Претседател на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје од 7.11.2019 година. Претходно, од 18-ти април 2018 година стана член на Управниот одбор на Банката.

Таа е најмлад претседател на Управен одбор на банка во земјава, но ниту тоа, ниту фактот што е жена во претежно машкиот банкарски свет, не и пречат во кариерата. Искуството кое 17 години го стекнувала во Охридска банка, како и посветеноста, и помогнале да го изоди целиот кариерен пат, почнувајќи од благајник, и стигнувајќи до врвот во Охридска банка.

Никола Миткоски e назначен за член на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје од 7.11.2019 година. Тој и претходно беше дел од Управниот одбор на Банката, додека Охридска банка беше членка на Сосиете Женерал Групацијата. Никола Миткоски е дел од Управниот одбор на Охридска Банка АД Скопје од декември 2016 година.

Слично како и Нина Неданоски и Никола Миткоски е дел од Охридска банка повеќе од 17 години. На почетокот бил Раководител на Секторот за кредитирање, а подоцна во 2007 година станал Раководител на Секторот за кредитен ризик. Во 2015 година напредувал во Директор на Секторот за кредитен ризик, за кон крајот на 2016 година да стане член на Управниот одбор на Банката.

Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје го сочинуваат:

  • Драгољуб Арсовски – Претседател на Управен Одбор;
  • Наталија Алексова – Член на Управен Одбор;

Драгољуб Арсовски е назначен на функцијата Претседател на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје од Март 2009 година.

По образование е Доктор на економски науки и стекнат акдемски степен Редовен универзитетски професор, од областите поврзани со финансиите поточно макро и микро економијата, монетарната економија, сметководството и ревизијата, јавните финансии, менаџментот, банкарството и осигурувањето. 

Во овие области го поминува и своето досегашно 35 годишно работно искуство и постепено ја гради неговата научна, стручна и порфесионална менаџерска кариера, од неговите почетоци, поврзани со ревизијата, потоа во  Владата на РМ, Министерството за Финансии, Државниот завод за ревизија и во повеќе банки и една осигурителна компанија на разни раководни позиции.

Како Претседател на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје, надлежен е за целокупното работење на Банката, со посебен акцент на поставување на нејзината деловна стратегија и развој. Притоа, согласно законските одредби, интерните акти Банката и организационата шема, функцијата Претседател на Управниот одбор директно поблиску ги координира работите на Секторот Комерцијално банкарство, кој го покрива работењето со правни и физички лица, управувањето со средства и ликвидност, маркетингот и развој на нови производи, Секторот за правни работи и проблематични пласмани, Дирекцијата за човечки ресурси, организација и поддршка, Одделот за контрола на усогласеноста на работењето на Банката со прописите и спречување на перење пари и финансирање тероризам, како и Одделот за обезбедување на сигурноста на информативниот систем, а индирекно и со останатите сектори и оддели од организационата шема на Банката.

Наталија Алексова е назначена на функцијата Член на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје од март 2012 година. 

Богатото 24 годишно искуство во банкарството го стекнува во ТТК Банка АД Скопје и во нејзините правни претходници Тетекс-Кредитна Банка АД Скопје и Тетекс Банка АД Скопје. 

Својата кариера ја започнува во Тетекс Банка АД Скопје во 1997 година како Референт за средства и ликвидност. Во јули 2001 година, во периодот на трансформација на платниот промет од ЗПП во Банките, добива одговорна функција во Тетекс-Кредитна Банка АД Скопје во областа на денарскиот платен промет, средства и ликвидност, а во август 2004 година е назначена на позицијата Раководител на Сектор за домашен платен промет. Во ТТК Банка АД Скопје од август 2006 година е именувана за Директор на Дирекција за пазарен и оперативен ризик, а од февруари 2009 година за Директор на Сектор финансии. Од 2009 година до 2012 година ја извршува функцијата Директор на Сектор за стратешко банкарство.

Како Член на Управниот Одбор на ТТК Банка АД Скопје надлежна е за управувањето со ризиците, контролинг и стратешко планирање, сметководство, кредитна анализа, ИТ и сите аспекти од позадински работи. 

Управниот одбор на Силк Роуд Банка АД Скопје го сочинуваат:

  • Игор Димитров – Претседател на Управен Одбор;
  • Емил Бухов – Член на Управен Одбор;

Претседателот на Управниот Одбор на Силк Роуд Банка АД Скопје, Игор Димитров на оваа позиција доаѓа во месец јули 2020 година, а член на Управниот одбор е од септември 2019 година. Во тимот на Силк Роуд Банка се приклучува од март 2019 година како Директор на службата за правни работи, усогласување со прописи и спречување перење пари. Пред доаѓањето во Силк Роуд Банка, работел во Владата на Р. Македонија во периодот од 2006 до 2009 година во областа на економските политики и регулаторните реформи, а кон средината на 2009 година својата кариера ја продолжува во Министерството за финансии. Бил раководител на Секторот за правни работи, Државен советник за правни прашања, а од септември 2014 до средината на 2017 година ја извршувал функцијата Државен секретар. Во овој период бил член на Надзорниот одбор на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), а последователно и член на Управниот одбор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско и инвалидско осигурување (МАПАС). Во периодот од 2017 година до приклучувањето во Банката својот ангажман го посветил во адвокатурата.

Емил Бухов се приклучува како член на Управниот одбор на Банката од 2020 година. Својата кариера ја започнува во Тетекс Банка АД Скопје во 1996 година како Референт за корпоративно кредитирање. Во 1998 заминува на позицијата Директор на Револвинг кредитен фонд –ИФАД, во рамките на Инвестбанка АД Скопје, а од 2006 ја обавува функцијата Директор на Секторот ризици, во Шпаркасе Банка АД Скопје. Од 2014 до 2019 ја обавува функцијата Финансов Директор во Сардич МЦ Дооел Скопје гринфилд инвестиција во областа на рударството.

Управниот Одбор нема поделени надлежности по сектори, односно заеднички управува со работењето на Банката.

Управниот одбор на Капитал Банка АД Скопје го сочинуваат:

  • Цветан Петринин – Претседател на Управен Одбор;
  • Ирена Николовска – Член на Управен Одбор;
  • Д-р Александар Николовски – Советник на Управен одбор;

Цветан Петринин е назначен на функцијата претседател на Управниот одбор на Капитал Банка АД Скопје од почетокот на 2018 година.

Своето образование г-дин Петринин го има стекнато на Бугарскиот Универзитет за домашна и светска економија, каде се здобил со титулата магистер по меѓународни економски односи, а потоа се  дообразовал на реномираниот светски Универзитет за бизнис INSEAD во Франција, Сингапур и УАЕ.

Г-дин Петринин има долгогодишо искуство во банкарскиот сектор. Пред да дојде на чело на Капитал Банка АД Скопје, тој ја извршувал функцијата на Генерален извршен директор и Претседател на Управниот одбор на TBI Bank, каде што за период од 5 годишно раководење направил пораст од 20 милиони евра односно успеал од негативно салдо од 4 милиони евра да обезбеди профит од 16 милиони евра.

Д-р Александар Николовски е советник на Управниот одбор на Капитал Банка АД Скопје од јули 2019 година. Претходно, има долгогодишно искуство во осигурителниот сектор во Винер осигурување – ВИГ, а краток период бил Генерален директор и на брокерското друштво Мобилити брокер.

Управниот одбор на Развојна банка на Северна Македонија го сочинуваат:

  • Кире Наумов – Главен Извршен Директор;
  • Фарук Исмаили – Главен Оперативен Директор;

M-р Кире Наумов е назначен на функцијата Главен Извршен Директор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје од 16.12.2019 година. Наумов повеќе од 20 години е вклучен во економските прашања поврзани со јавниот долг и јавните финансии, предизвиците на приватниот сектор и јавните политики.

Кире Наумов има искуство од повеќе од 7 години во советување на креаторите на јавните политики со силна волја да допринесе кон поефикасен, транспарентен и одговорен јавен финансиски сектор. Голем критичар на јавни политики кои резултираат во непродуктивно трошење и пораст на јавниот долг, како и воопшто нетранспарентни јавни процеси. Човек што доживотно сака да учи и ужива да чита посебно теми од политика, јавни политики, историја и индикатори на економски развој.

Фарук Исмаили ја извршува должноста главен оперативен директор и член на Управен одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје oд 16.12.2019 година.

Дипломирал на економскиот факултет при Универзитетот ЕГЕ во Измир, Турција, а својата професионална кариера ја започна во општина Тетово како референт за локален економски развој. Во текот на својата кариера работи како референт за кредитирање на правни лица во Стопанска банка, раководител на експозитура Тетово во Охридска банка и регионален раководител на експозитурите Тетово и Гостивар во Охридска банка.

Анализи

Кои се петте најпрофитабилни македонски компании заклучно со третиот квартал од 2021 година!?

Објавено

на

Македонскиот приватен сектор полека, но сигурно се опоравува од пандемијата на коронавирусот, а доказ за тоа е профитабилноста на компаниите. Заклучно со третиот квартал од годинава, македонските компании ја зголемиле добивката за 52,30 проценти во однос на истиот период од претходната година. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Досегашниот развој на EOS Matrix испраќа силна порака

Објавено

на

EOS Групацијата и покрај падот на приходите од 7,1% сепак успешно ја комплетираше фискалната 2020/21 година. Заработката пред оданочување е поставена на охрабрувачко ниво во целина. На 534,3 милиони евра инвестициски обем во побарувања, се забележува намалување на откупувањето во однос на претходната година (651,3 милиони евра), на ниво помало од планираното како резултат на пандемијата, но од групна перспектива постојаното високо ниво продолжува и понатаму. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

АНАЛИЗА: За девет месеци од годинава македонските банки заработиле исто колку лани за цела година

Објавено

на

Македонските банки се алфа и омега во споредба со сите останати компании кога е во прашање профитабилноста. Додека кризата навлезе во сите сфери на општеството и целиот бизнис сектор се соочува со намалени приходи и стопени профити, банките и понатаму од година во година рушат рекорди по заработка. (more…)

Продолжи со читање



Популарно