Connect with us

Осигурување

Животното осигурување во Македонија со двоцифрен раст и во 2017 година!

Објавено

на

Резултатите за 2017 година се релативно успешни, капиталот на осигурителниот сектор е 4,34 пати над потребното ниво на маргината на солвентност, а дигитализацијата на процесите и на каналите на комуникација е еден од најважните и најнеизбежните предизвици со коишто се соочува осигурителната индустрија во Република Македонија.

-Минатата 2017 година беше релативно успешна за осигурителната индустрија во Република Македонија. Осигурителниот сектор забележа раст во однос на бруто полисираната премија (БПП) и бројот на продадени договори за осигурување, и покрај тоа што растот беше поумерен во однос на претходната година, што се должи пред се` на се`уште присутното влијание на ризици од неекономска природа во текот на 2017 година,  истакна д-р Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија за резултатите и предизвиците на  осигурителниот сектор во земјата (26.02.2018 година).

Д-р Климе Попоски образложи дека позитивниот тренд е забележан во однос на порастот на капиталот, пораст на активата и на финансиските вложувања како дел од активата. Од друга страна, друштвата на агрегатна основа забележуваат пад на остварената добивка од работењето, иако поединечните резултати се премногу хетерогени за да се извлече заклучок за општ пад на профитабилноста.

Во 16-те друштва за осигурување вработени се 1.930 лица, што е речиси непроменет број во однос на 2016 година (2016 година: 1.933 вработени).

Во 2017 година е остварена БПП во вкупен износ од 8,99 милијарди денари, што претставува пораст на приходите од 3,10% во однос на остварените од 2016 година (2016 година: 8,72 милијарди денари).

Во текот на 2017 година друштвата за осигурување склучиле 1.385.676 договори при што се забележува пораст од 7,19% во однос на 2016 година кога беа склучени 1.292.749 договори. Од вкупниот број склучени договори, 1.368.439 полиси се во рамките на неживотно осигурување, што претставува пораст за 7,65% во однос на бројот на полисите во 2016 година, додека 17.183 се полиси за осигурување на живот, односно зголемување од 25,12% во споредба со 2016 година (2016 година: 13.733 полиси).

Во структурата на БПП, најзначајна категорија е задолжителното осигурување од автоодговорност (АО) со учество од 45,24%. БПП за оваа класа на осигурување изнесува 4,07 милијарди денари (2016 година: 3,86 милијарди денари) и во споредба со 2016 година бележи пораст од 5,47%.

Втора поголема категорија во структурата на БПП претставува осигурувањето на имот со 15,97% учество. Кај оваа класа на осигурување се забележува пад од 7,65% со БПП 1,44 милијарди денари (2016 година: 1,56 милијарди денари), при истовремен пораст на бројот на склучени договори од 11,33% што е показател за изразената ценовна конкуренција помеѓу друштвата за осигурување што доведува зголемениот број на продадени полиси да биде реализиран со пониски цени во однос на претходната година.

Кај земјоделското осигурување, како посебен сегмент од класата на осигурувањето на имот, се забележува пад од 10,49% на остварената БПП која изнесува 157,26 милиони денари (2016: БПП од 175,69 милиони денари), како и во бројот на склучени договори во 2017 година – 2.243, односно пад од 44,26% во однос на претходната година кога биле склучени 4.024 договори. Вкупното намалување се должи пред сe` на пад на осигурувањето на посеви и плодови од 32%, додека од друга страна е присутен изразен пораст на осигурување на добиток за 646%.

Трето по големина неживотно осигурување претставува доброволното осигурувањето на патнички возила (каско) кое учествува со 8,41% во вкупната БПП. Во овој сегмент, во 2017 година се забележува пад од 0,28% со БПП од 756,34 милиони денари (2016 година: 758,47 милиони денари).

Осигурувањето од незгода бележи речиси непроменета состојба, со пораст од 0,58% со БПП од 669,05 милиони денари (2016 година: 665,18 милиони денари), а учеството на оваа класа на осигурување во вкупната БПП изнесува 7,44%.

Во минатата година, се забележува подем во продажбата на здравственото осигурување. Во 2017 година се склучени 1.752 договори за здравствено осигурување со вкупна БПП од 58,09 милиони денари, во споредба со 2016 година кога биле склучени 1.256 договори со вкупна БПП од 45,21 милиони денари.

Кај осигурувањето на живот се забележува пораст на приходите од 11,95% во однос на претходната година со остварена БПП од 1,45 милијарди денари (2016 година: 1,29 милијарди денари со што продолжува трендот на двоцифрена стапка на пораст на приходите, иако евидентно е забавување на порастот бидејќи последните години порастот изнесуваше над 20%. Најголемо учество во осигурувањето на живот зазема традиционалното осигурување на живот (мешаното осигурување) со учество од 66,67%, потоа следува ризико осигурување со 9,78%, осигурување на живот во случај на доживување со 9,07%, осигурувањето на живот кога инвестициониот ризик е на товар на осигуреникот со 6,95% и дополнителното осигурување на живот со 7,53%.

Во 2017 година поголем замав забележува осигурувањето на живот кога инвестициониот ризик е на товар на осигуреникот, меѓународно познато како unit linked осигурување, со склучени 1.599 договори во 2017 година што претставува пораст од 9,07% (2016 година: 1.599  договори) со вкупна БПП од 100,49 милиони денари, односно пораст од 74,90% во однос на претходната година (2016 година: 57,46 милиони денари) .

Друштвата за осигурување во 2017 година исплатиле бруто – износ на штети од 3,58 милијарди денари. Во споредба со 2016 година бруто исплатените штети бележат пад од 0,79% (2016 година: 3,61 милијарди денари).

Во структурата на каналите на продажба најголемо учество зазема директната продажба со 50,62%, потоа следи продажбата преку осигурително брокерски друштва со 26,47%, продажбата преку агенти – физички лица со 11,02%, продажба преку друштва за застапување во осигурување со 9,22%, банките со 2,15% и 0,52% преку останати дистрибутивни канали.

На крајот на 2017 година вкупниот капитал на друштвата за осигурување изнесува 6,03 милијарди денари. Маргината на солвентност како главен индикатор за проценка на стабилноста на осигурителниот сектор изнесува 1,39 милијарди денари (кај неживотното осигурување 1,12 милијарди  денари, а кај осигурувањето на живот 270 милиони денари),  со што капиталот на осигурителниот сектор е 4,34 пати над потребното ниво на маргината на солвентност.

Во периодот 1.01-31.12.2017 година осигурителниот сектор оствари добивка по оданочување во износ од 485,17 милиони денари. Кај друштвата за неживотно осигурување, 9 друштва остварија добивка во износ од 472,38 милиони денари, а додека пак 2 друштва остварија загуба во износ од 81,11 милиони денари. Кај друштвата за осигурување на живот, друштвата остварија добивка во износ од 93,90 милиони денари, и тоа 4 друштва остварија добивка од 104,18 милиони денари, а 1 друштво прикажа загуба во износ од 10,28 милиони денари.

Вкупните вложувања на друштвата за осигурување, кои произлегуваат од вложувања што ги покриваат техничките резерви, математичката резерва и капиталот, на крајот на 2017 година изнесуваат 15,49 милијарди денари, односно бележат пораст од 9,69% (2016 година: 14,08 милијарди денари).

-Kако и секоја друга индустрија, така и осигурителната се соочува со многу предизвици, но и можности, бидејќи станува збор за пазар којшто се развива и има голем потенцијал. Инвестираме во нови, иновативни производи и услуги, коишто обезбедуваат додадена вредност на постојните производи. Дигитализацијата на процесите и на каналите на комуникација секако е еден од најважните и најнеизбежните предизвици со коишто се соочуваме. Таа денес е предуслов, имајќи го предвид животниот стил на луѓето. Почнуваме да нудиме електронска обнова на полиси за осигурување од автоодговорност, а наскоро секако ќе понудиме и многу други дигитални решенија. Еден од најзначајните сегменти во осигурувањето е доброволното приватно здравствено осигурување, за коешто осигурениците се` уште немаат доволно познавања и токму поради тоа, во нашиот фокус е информирање на јавноста за предностите што ги нуди, – истакна Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија и главен извршен директор на „Триглав Осигурување“.

-На нашиот пазар и натаму доминира задолжителното осигурување од автоодговорност. За да го реализираме големиот потенцијал на незадолжителните класи, каде што треба да биде нашиот фокус, неопходно е токму ние, осигурителните компании, да го едуцираме пазарот. Од нас зависи колку ќе успееме да ги приближиме осигурителните производи до јавноста и до потенцијалните клиенти, колку ќе успееме да придонесеме да се надминат одредени ставови за осигурувањето. Предрасудите дека осигурувањето е скапо, како и дека не е неопходно, многу често ги оставаат граѓаните незаштитени и наша должност е да придонесеме ваквите предрасуди да се надминат. За таа цел, Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија планира активности за финансиска едукација на јавноста, како и поддршка на активностите на Агенцијата за супервизија на осигурување за финансиска едукација на младите.

Воедно, поднесовме и иницијатива за одредени измени на Нацрт-законот за јавни набавки, меѓу кои се и предлозите поврзани со гаранции на понудата, имајќи ги предвид компаративните законски решенија на некои земји од соседството, кои се членки на Европската унија, со цел да овозможиме што подобри услови за развој на осигурителната индустрија, – заклучи Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето.

Целата прес конференција можете да ја погледнете на следниот линк.

Текстот е преземен од osigurajse.net

Осигурување

Групацијата Триглав на крајот од третото тромесечие ја потврдува прогнозата за планираната годишна добивка

Објавено

на

Во првите девет месеци од оваа година Групацијата Триглав реализираше 69,9 милиони евра добивка пред оданочување, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Имајќи ги во вид предвидените можности до крајот на годината, ја потврдува прогнозата за планираниот годишен резултат. Во однос на истиот период од минатата година, во дејноста осигурување остварен е раст на премија на сите пазари и во сите сегменти на осигурување (неживотни, животни и здравствени осигурувања), а зголемен е и опсегот на средства на клиентите со кои се управува. Во 2018-та година Групацијата продолжува со спроведување на својата стратегија на раст и развој, со што се поврзани и активностите кои Групацијата ги превзеде оваа година. Надзорниот одбор на друштвото, на  Андреј Слапар, Претседател на Управата, му довери петогодишен мандат и ги потврди мандатите на членовите на Управата, Урош Иванц и Тадеј Чороли. Триглав Осигурување Скопје, членка на групацијата Триглав, третиот квартал оваа година го заврши со 11% повисока бруто полисирана премија (18,5 милиони евра) во споредба со истиот период минатата година. (more…)

Продолжи со читање

Осигурување

Осигурување МАКЕДОНИЈА а.д. Скопје со добивка од над 1 милион евра за периодот јануари-септември 2018

Објавено

на

Осигурување МАКЕДОНИЈА а.д. Скопје – Виена Иншуренс Груп заклучно со 30,09,2018 година има остварено добивка пред оданочување во износ од 68,4 милиони денари. Во истиот период 2017 година Друштвото оствари добивка пред оданочување во износ од 56,4 милиони денари. (more…)

Продолжи со читање

Осигурување

Се воведува данок на осигурување

Објавено

на

Под доход од осигурување се подразбира премијата за осигурување на живот уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, премијата за неживотно осигурување уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, придонеси во доброволен пензиски фонд уплатени од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, исплатената осигурана сума, освен надоместокот на штета,  исплатениот пензиски надоместок од доброволно капитално финансирано осигурување и освен пензискиот надоместок исплатен преку програмирани повлекувања. (more…)

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange