Connect with us

НБРМ

ЕФСЕ ја посочи Народната банка како лидер во регионот во поддршката на развојот на финтек-секторот

Објавено

на

Народната банка е лидер во регионот на Западен Балкан во активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот. Северна Македонија е единствената земја од регионот чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот. Другите земји од регионот се во фаза на почетни активности – на ниво на обуки и работилници, измени и поставување финтек-регулатива. Северна Македонија е единствената земја во којашто централната банка веќе иницира подготовка на конкретна национална Стратегија за поддршка на финтек-секторот.

Ова се дел од констатациите изнесени на виртуелниот настан на којшто беа презентирани резултатите од Анкетата и Студијата за остварливост за развојот на финтек-секторот, коишто ги оствари Народната банка, со поддршка од ЕФСЕ. На настанот учествуваа гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка, претставници на ЕФСЕ, надворешниот соработник кој ја подготви Студијата за остварливост и дел од испитаниците од Анкетата. Во Анкетата зедоа учество претставници на банки, компании коишто нудат финансиски услуги, компании за алтернативно финансирање, инкубатори, акцелератори и партнери за поддршка на малите бизниси, регулатори, државни институции и министерства.

Финтек-секторот може да донесе бројни придобивки за економијата, сметаат близу 90% од 220 испитаници. Анкетата покажува дека традиционалните финансиски институции, односно банките и останатите финансиски, небанкарски институции, веќе преземаат иницијативи за финансиска трансформација. Од традиционалните финансиски институции коишто учествуваа во Анкетата, малку повеќе од половината (58%) се изјасниле дека веќе развиваат финтек-производи или услуги, а слична е и состојбата кај компаниите за алтернативно финансирање коишто зедоа учество во Анкетата, при што 52% од нив одговориле дека веќе вовеле финтек-решенија.

Кога станува збор за испитаниците од групата регулатори, поголемиот дел од нив, или солидни 76%, сметаат дека тековната регулатива треба да се приспособи кон новите иновативни компании, а 71% од испитаниците од групата инкубатори, акцелератори и потенцијални инвеститори сметаат дека државата треба да ги поттикне инвестициите во потенцијални финтек-компании.

Во своето обраќање, гувернерката на Народната банка посочи дека примената на иновативни решенија во финансиската сфера може да донесе огромни придобивки за граѓаните и компаниите, финансискиот систем и целокупната економија. Финтек-решенијата би овозможиле влез на нови учесници и деловни модели на пазарот, раст на конкуренцијата, раст на ефикасноста и трансформација на финансиските услуги.

„Во периодот што претстои, нашата енергија ќе ја насочиме кон активности за повеќе прашања поврзани со финтек-секторот, преку координација со сите засегнати страни во екосистемот. Исто така, планираме да му посветиме посебно внимание на развивањето ефективна регулатива за заштита на потрошувачите во областа на финансиските услуги. Истовремено, ќе работиме и на поставувањето критериуми за процесот на лиценцирање за новите учесници на пазарот. Ќе ја разгледаме можноста за обезбедување регулаторен простор за да можат компаниите да ги тестираат новите иновативни решенија во безбедно контролиран простор (англ. Regulatory Sandbox). Оваа регулаторна алатка има значителен потенцијал за поттикнување финансиско вклучување и за испраќање сигнал до учесниците во финтек-индустријата дека регулаторот е отворен за иновации. Сите овие прашања ќе бидат дел од првата Национална стратегија за финтек-секторот, како една од нашите стратешки цели во наредниот период”, истакна гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска.

Како што беше истакнато на настанот, ЕФСЕ има значителен придонес во развојот на финансиите во Северна Македонија, преку обезбедување заеми за развојни финансии во износ од 110 милиони евра и 36 остварени проекти за техничка помош. Уште од самиот почеток на соработката, ЕФСЕ нагласи дека развојот на финтек-секторот во нашата земја бара создавање побарувачка преку подигнување на свеста за примената на иновативни технологии во областа на финансиите, поддршка на иновациите, на претприемачите и иноваторите, напори за координација на сите засегнати страни и отстранување на пречките за развој преку регулаторни олеснувања.

На настанот беа презентирани и активностите на Работната група за финтек-секторот во рамките на Народната банка, со која се воспостави т.н. Порта за иновации, како платформа за комуникација на Народната банка со иновативната бизнис-заедница (финтек-секторот) и други релевантни институции. Засега, најголемиот дел од барањата за консултација испратени до Портата за иновации се од компании од земјата со иновативни деловни модели, односно бизнис-идеи, а има интерес и од физичките лица. Малку повеќе од 30% од субјектите коишто се имаат обратено до Народната банка преку Портата за иновации се од странство, што укажува на интерес на меѓународниот финтек-сектор за потенцијални странски вложувања во нашата економија. Според активностите, повеќе од третина од прашањата и предлозите упатени до Портата за иновации се однесуваат на иновативните, односно алтернативните плаќања, по што следат прашањата од криптосферата, како и прашања во врска со регулативата, е-трговијата, дигиталните валути на централните банки итн.

Како што беше посочено на настанот, дел од експертите на Работната група за финтек-секторот во Народната банка од неодамна се вклучени и во работните групи за финансиски иновации формирани од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), со што нашата централна банка ги следи и учествува во оформувањето на најновите меѓународни согледувања и регулативи за финтек-секторот.

НБРМ

Во соработка со ИНФЕ-ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија се засилуваат активностите за спроведување на националната Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија

Објавено

на

Спроведувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија засилено напредува. Оттука, вчера и денес, финансиските регулатори од земјава предводени од Народната банка во рамките на Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, заедно со Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ-ОЕЦД) во соработка со Министерството за финансии на Холандија, организираат работилница, во рамките на програмата на Конституенцата и програмата „Манивајс“ (Money Wise).

Првиот ден на работилницата беше посветен на успешно спроведување на Стратегијата – „Координирани напори за зајакнување на финансиската писменост во Северна Македонија“. Во текот на вториот ден ќе се разгледуваат предизвиците во доменот на финансиската писменост во однос на дигиталните финансиски услуги, како и прашања за ползувањето на дигитализацијата во финансиската едукација.

Покрај финансиските регулатори, на настанот учествуваат и банките, штедилниците, пензиските друштва, друштвата за осигурување, посредниците во осигурувањето, друштвата за управување со инвестициските фондови, брокерските куќи, берзата, централниот депозитар за хартии од вредност, финансиските друштва и најважно, учествуваат претставници на граѓанскиот сектор – на сите асоцијации и здруженија коишто досега имаат искажано интерес за спроведување активности во сферата на финансиската едукација и заштитата на потрошувачите.

Имајќи ја предвид важноста на финансиската едукација во динамичниот и иновативен финансиски систем, постои реална потреба од системски пристап во спроведувањето на усвоената Стратегија за финансиска едукацијата и финансиска инклузија. Централната банка заедно со другите финансиски регулаторни органи имаат водечка улога во овој процес. Според резултатите од последната анкета за финансиската писменост на возрасното население во Југоисточна Европа, спроведена од ОЕЦД, Народната банка се издвојува како централна банка од регионот во којашто локалното население има најголема доверба како институција којашто овозможува финансиска едукација. Но, активното учество и на другите засегнати страни, од приватниот и граѓанскиот сектор, е особено важно за да се постигнат целите и мисијата коишто ги имаме поставено пред нас.“ – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање со коешто го отвори настанот.

На отворањето се обрати и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски.

Пандемијата во изминатите две години постави нови цели пред нас. Инвестициите во образованието несомнено треба да бидат од најголем интерес за општеството. Доколку сакаме да постигнеме инклузивен раст, мора да инвестираме во човечки капитал, образование и подобрување на квалификациите. Инвестициите во човечки капитал придонесуваат за подобри вештини, зголемена продуктивност и забрзан економски раст, како и намалување на сиромаштијата и нееднаквоста.“ – нагласи заменик-министерот, Ковачевски и додаде дека единствено со заеднички напори можеме да придонесеме за создавање пообразовано општество.

Длабоко верувам дека, доколку потенцијалните потрошувачи на осигурителни услуги се добро едуцирани и можат јасно да ги утврдат и да ги изразат своите потреби за осигурување, просторот за недоречености во понудата на осигурителни услуги ќе биде значително стеснет, а оттука и незадоволството и бројот на жалби и претставки значително ќе се намалат. Едукацијата за побарувачката, односно за потрошувачката за осигурителни услуги треба да ја прават сите пазарни, односно општествени чинители.“ – истакна претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски.

Современиот свет на финансии – глобализиран, иновативен и полн со информации, нуди различни формални начини за индивидуално финансиско образование. Сепак, подобри  резултати може да се постигнат со институционален пристап. Така, на општествата им треба координиран и активен пристап и за повисоки нивоа на финансиска писменост. Новиот Кодекс за добри практики за финансиска едукација ги насочува програмите и активностите за финансиска едукација што ќе бидат осмислени и применети како алатки за зголемување на финансиската писменост и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги. Ова се прави со очекување дека таквите програми и активности ќе го олеснат носењето подобри одлуки за користење и управување со финансиските услуги и справување со ризиците, а со тоа ќе ги ублажат потенцијалните негативни ефекти. Кодексот ќе ги воспостави сите принципи што ќе се применуваат со спроведувањето на националната Стратегија за финансиска едукација на населението во нашата земја од страна на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор коишто ќе се вклучат во оваа активност.“ – посочи Кирил Јовановски, комисионер во Комисијата за хартии од вредност.

Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), на отворањето на работилницата се обрати Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС.

Во новите економски текови, кога финтек-услугите сѐ повеќе се дел од нашата реалност, сѐ поголема е потребата од трансформирање на системите и нивно дигитализирање, со што повисокото ниво на финансиска писменост ќе биде основен предуслов за зголемување на разбирањето на пензискиот систем и пензиските производи. Сето ова, подразбира и потреба од наша поголема посветеност кон активностите за заштита на потрошувачите. Како финансиски регулатор активно сме  вклучени во целокупниот процес, особено во делот за заштитата на сегашните и идните членови на пензискиот систем и анализите на потребата од надградба на постојната регулатива и нејзино усогласување со европските стандарди во оваа област. Во тој домен, посебен предизвик за нас е воспоставувањето супервизија на деловните практики на пензиските субјекти со јасна насоченост кон заштитата на правата на членовите на пензиските фондови преку зголемување на транспарентноста на системот, навременост и точност во прикажувањето на резултатите на системот, односно обезбедување најдобра услуга и производ за клиентот.“ – нагласи Саздов.

Од Министерството за финансии на Холандија нагласија дека пандемијата повторно докажа колку е важна финансиската издржливост за граѓаните.

Оние кои се финансиски ранливи се првите што ќе бидат погодени од економските последици од пандемијата. Финансиската едукација е еден од најважните елементи за подобрување на финансиската издржливост на домаќинствата. Најважно е да се соработува со цел навистина да им се помогне особено на финансиски ранливите граѓани. Можеме многу да постигнеме заедно и да учиме едни од други. Како Министерство за финансии на Холандија, имаме привилегија да бидеме домаќини на платформата „Манивајс“. Оваа платформа е единствена соработка помеѓу многу различни засегнати страни што имаат за цел да ја подобрат финансиската способност на холандските граѓани. Министерството, исто така, воспостави програма за техничка соработка со земјите од нашата Конституенца во ММФ, Светската банка и ЕБОР. Во нашиот проект со ОЕЦД, „Манивајс“ и Програмата за Конституенцата на Министерството за финансии се здружија за да ги поддржат земјите од Конституенцата во зајакнувањето на финансиската писменост, како што денес ни покажуваат засегнатите страни во Северна Македонија.“ – беше истакнато на настанот од претставниците на холандското министерство.

Според ОЕЦД, на земјава треба да ѝ се честита за усвојувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија и на Кодексот на добри практики за финансиска едукација.

ОЕЦД со задоволство го поддржа развојот на овие важни иницијативи, коишто сведочат за долгорочната посветеност кон финансиската едукација и финансиската вклученост на сите национални засегнати страни, а особено на Народната банка.“ – беше нагласено на отворањето.

На работилницата веќе се презентираа резултатите од најновата анкета за финансиската писменост на возрасното население во Југоисточна Европа (2020), спроведена од ИНФЕ-ОЕЦД, при што акцентот беше ставен на резултатите за нашата земја. Тие укажуваат на сферите во коишто во следниот период ќе се засилат активностите за унапредување на финансиската писменост на населението, при што ќе се применуваат релевантните пристапи и современите методи коишто ги препорачува и ОЕЦД. Во рамките на настанот, се спроведе и е-анкета за сите учесници, за степенот на нивната подготвеност и потребите за вклучување во финансиската едукација во земјата.

Во текот на вчерашниот ден, една сесија му беше посветена на клучниот аспект на вклученоста на приватниот и граѓанскиот сектор во активностите за финансиска едукација, при што се разговараше за препораките и насоките на ИНФЕ-ОЕЦД во оваа сфера и нивното применување приспособено на локалниот контекст, во рамките на Кодексот на добри практики, којшто неодамна беше усвоен од финансиските регулатори во земјава.

Финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите ќе бидат обработувани во текот на денешниот ден. Притоа, ќе се зборува за заштитата на финансиските потрошувачи во дигиталната ера, преку презентирање на насоките за политиките на ИНФЕ-ОЕЦД, при што ќе бидат нагласени очекувањата од финансиските регулатори. Учесниците на работилницата ќе разговараат и за трендовите забележани за време на пандемијата на ковид-19, коишто го забрзаа процесот на дигитализација. Понатаму, ќе се разгледа улогата на дигиталната финансиска писменост во поддршката на корисниците на финансиските услуги и производи и на добрите практики за финансиска едукација на населението за дигитални финансиски услуги.

Разменетите искуства и ставови, со активно учество на експерти од ИНФЕ-ОЕЦД и од Холандија ќе придонесат за успешното спроведување на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто беше донесена во јули годинава, а беше изработена во рамките на регионален проект координиран од ИНФЕ-ОЕЦД, со голема поддршка од Министерството за финансии на Холандија. Нејзиното спроведување веќе е започнато, при што меѓу другото неодамна беше усвоен и првиот Кодекс на добри практики за финансиска едукација.

Продолжи со читање

НБРМ

Митреска: Монетарната политика е еден од столбовите на закрепнувањето на економијата

Објавено

на

Mерките и политиките спроведени од страна на Народната банка, како и централните банки воопшто, ги дадоа посакуваните резултати во ублажувањето на ефектите од корона-кризата. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Средба на гувернерката, Ангеловска-Бежоска со шпанскиот амбасадор, Сера: Транспарентноста на НБ е основа за кредибилност на политиките и макроекономската стабилност

Објавено

на

Активностите за поголема транспарентност, коишто постојано се преземаат од Народната банка, придонесуваат за кредибилитетот на политиките коишто ги води Народната банка, како и за стабилноста на финансискиот систем. Ова беше оценето на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера. (more…)

Продолжи со читање



Популарно