Connect with us
P2_P_MK_1600x400

НБРМ

Денови на финансиска писменост – едукативни презентации во Народната банка

Објавено

на

Од 29 до 31 мај годинава ќе се одржи третото издание на Деновите на финансиска писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватните финансиски компании. Во текот на Деновите, институциите и компаниите, уште повеќе ќе ги отворат своите врати за сите заинтересирани граѓани, спроведувајќи бројни информативно-едукативни средби.

Народната банка, како еден од организаторите и учесник на Деновите на финансиска писменост, упатува

ЈАВЕН ПОВИК

до сите заинтересирани граѓани 

за присуство на едукативни презентации во Народната банка на следниве теми:

–  Платен систем и платежни услуги – 29 мај;

–  Банкарски систем – 30 мај и

–  Монетарна политика – 31 мај.

Презентациите ќе се одржуваат во просториите на Народната банка со почеток во 14 часот. Ќе бидат наменети за слушатели со основно и со понапредно ниво на знаења, односно ќе ги опфатат како основните, така и подеталните аспекти од наведените области. По секоја презентација е предвидена можност за прашања од граѓаните и дискусија со стручните лица од Народната банка.

Со цел организирање на презентациите во зависност од искажаниот интерес од граѓаните, сите заинтересирани лица треба да го најават своето присуство преку порака на:

– еадресата edukacija@nbrm.mk или

– официјалните страници на Народната банка на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Притоа, секој заинтересиран граѓанин треба да наведе за која презентација/тема најавува присуство.

За присуство на презентациите можат да се пријават и претставници/тимови на приватни компании.

Рок за пријавување: 27 мај 2019 година или до пополнување на максималниот број присутни, согласно со просторните капацитети.

Во текот на Деновите на финансиската писменост (29 – 31 мај 2019 година), во просториите на Народната банка ќе има и инфо-пулт, на кој во периодот од 10 до 13 часот, сите заинтересирани граѓани ќе можат да добијат одговор на нивните прашања од сферата на централнобанкарското работење кај нас. Заинтересираните ќе може да го посетат и Музејот на Народната банка.

НБРМ

Состанок на Конституенцата: Со реформи до поправеден систем за сите

Објавено

на

На централниот дел од Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ) којшто се одржува денес во Скопје, се дискутира за една од најважните економски теми на денешницата: „Како до поправеден систем за сите?“ Настанот започна со поздравно обраќање на премиерот Зоран Заев, по што свои излагања имаа министерот за финансии, Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, како и директорите во ММФ и Групацијата на СБ задолжени за Конституенцата, Антони де Ланој и Кун Давидсе. Во текот на првиот дел од Состанокот, своја презентација одржа и потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Состанок на Конституенцата во Скопје: истакнати меѓународни експерти ќе дискутираат за клучни економски теми

Објавено

на

Годинава ја имаме честа да бидеме домаќини на Состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ) во којашто членува нашата земја, за првпат по 2003 година, кога нашата централна банка и нашето министерство за финансии ја имаа улогата на организатори на овој значаен настан. Овој состанок претставува значајна можност да ја потврдиме подготвеноста да бидеме носители на настани коишто се на високо експертско ниво. Средбите на Конституенцата претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки на Конституенцата разменуваат мислења за економските политики и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија. Ова беше истакнато денес на средбата со новинарите во Народната банка, организирана по повод одржувањето на Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и СБ од 21 до 23 јуни во Скопје. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на Конференција на ЕЦБ

Објавено

на

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на првата од двете панел-дискусии на 8. конференција на Европската централна банка (ЕЦБ) за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Оваа панел-дискусија следеше веднаш по поздравното обраќање на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги и излагањето на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард. Со неа претседаваше потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос и таа им беше посветена на предизвиците со кои се соочуваат земјите од ЦИЈЕ во контекст на глобалните трговски тензии. Се разгледуваа клучните прашања поврзани со промените на глобалниот трговски пејзаж коишто се резултат на зголемените протекционистички мерки и влијанијата коишто тие можат да ги имаат врз економиите на земјите од овој регион, кај кои во голема мера растот е предводен од извозот и често е поддржан од нивната вклученост во глобалните синџири на производство.

„Земјите од регионот на ЦИЈЕ се мали и отворени економии со висок степен на трговска и финансиска интеграција со остатокот од светот, а пред сѐ со Европската Унија, што упатува на можност за пренос на надворешни шокови, вклучително и трговски шокови во нив. Сепак, иако ризиците се присутни и може да се остварат, досега во регионот не се забележани позначајни ефекти од забавувањето на глобалната трговија.“ – нагласи меѓу другото Ангеловска-Бежоска во своето излагање.

Во рамките на дискусијата, акцентот беше ставен и на потребните промени во моделите на економски раст, заради намалување на подложноста на економиите на шокови во надворешното окружување, како што се поголемо фокусирање кон инвестициите за подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економиите, тежнеење кон раст движен од иновациите и раст што ќе се заснова на поголема регионална трговска интеграција, којашто е особено значајна за малите економии.

Одделно внимание им беше посветено и на каналите преку кои може да се пренесат неповолните надворешни случувања во домашната економија, при што гувенерката на нашата централна банка посочи дека не е во прашање само трговскиот канал којшто може да доведе до помал извоз, туку дека неповолните ефекти може да се почувствуваат и преку каналот на намалена доверба на инвеститорите, што може да доведе и до помали капитални приливи во регионот, како и преку затегнување на условите на финансиските пазари. 

На оваа панел-дискусија на Конференцијата на ЕЦБ, покрај Ангеловска-Бежоска учествуваа и гувернерот на словенечката централна банка, Боштјан Васле, директорката на Одделот за економски прашања на Европската инвестициска банка, Дебора Револтела и главниот економист на Европската банка за обнова и развој, Сергеј Гуриев, а воведно излагање имаше генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски работи при Европската комисија, Марко Бути. Тие заеднички констатираа дека треба да се продолжи со политики за задржување на макроекономската стабилност, но и со структурните политики коишто можат да го зголемат долгорочниот потенцијал за економски раст и да ја намалат ранливоста на економиите.

Втората панел-дискусија им беше посветена на одговорите на монетарната политика во ЦИЈЕ на финансиските шокови. Со неа претседаваше Беноа Кере од Извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа гувернери на неколку централни банки и претставници на ММФ и Светската банка. 

Меѓу говорниците на ова издание на значајната традиционална конференција на ЕЦБ, Ангеловска-Бежоска беше единствениот висок претставник на централна банка на земја којашто сѐ уште не е членка на Европската Унија (ЕУ). Поканата упатена до неа за активно учество на една од двете панел-дискусии е уште една потврда дека во европската централнобанкарска заедница се препознаени и се вреднувани активностите коишто нашата централна банка ги презема чекорејќи по патот кон Европскиот систем на централни банки.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го искористи своето учество на Конференцијата, којашто се одржа вчера во Франкфурт, и за одделни средби со високи претставници на ЕЦБ и со колеги од централни банки на земји од ЕУ.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange