Connect with us

Анализи

Денарот слави 28-ми роденден: На 26 април 1992 година Македонија монетарно се осамостои!

Објавено

на

Денес, по дваесет и осум години од монетарното осамостојување, со задоволство констатираме дека Народната банка е институција чијшто кредибилитет и интегритет постојано се потврдуваат. Одржувањето на ценовната стабилност е основна законски дефинирана цел на монетарната политика на Народната банка, а денарот е исклучително стабилна валута.

“И покрај низата шокови од надворешното и домашното окружување со коишто македонската економија се соочи во изминатите години, просечната стапка на инфлација ја одржуваме на ниво од околу 1,5%, што е многу блиску до просечната инфлација на земјите од еврозоната и ја потврдува соодветноста на монетарната поставеност во целиот овој период. Номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото се одржува на стабилно ниво, придонесувајќи за стабилни очекувања и за одржување на довербата на економските субјекти. Девизните резерви непрекинато ги одржуваме на комфорно ниво, гарантирајќи ја стабилноста на валутата и справувањето со шокови. Банкарскиот систем е поставен на целосно пазарни основи, со присуство и на реномирани меѓународни банкарски групации – стабилен, ликвиден и капитализиран. Голем придонес за ова има нашето постојано вложување да ги следиме меѓународните стандарди во областа на банкарската регулатива, како и современите супервизорските стандарди” – вели во своето обраќање гувернерката на Народната банка.

Како се случи монетарното осамостојување на Македонија?

Монетарното осамостојување на Македонија претставува процес на дефинирање на државниот суверенитет на Република Македонија во областа на монетарните финансии, вклучувајќи и создавање на национална валута.

Подготовките за спроведување на монетарното осамостојување започнуваат во најголема тајност, веднаш по прогласувањето на независноста и донесувањето на Уставот на Македонија. Во овој период, СФР Југославија беше зафатена од многу висока инфлација, предизвикана од упадот на Србија, Хрватска и Словенија во монетарниот систем, така што тоа делуваше како причина за што побрзо монетарно осамостојување на Македонија.

Но, од друга страна, овој процес беше попречен од неколку фактори:

  • присуството на ЈНА во Македонија, т.е. прашањето како би се извршувало финансиското работење на армијата во моментот на укинувањето на југословенскиот динар.
  • потребата да се финансира увозот на основните производи во услови на исклучително ниски девизи резерви.
  • прашањето за можната реакција на меѓународната заедница, особено главните странски кредитори.
  • прашањето за можната реакција на Србија и стравот од економска блокада на Македонија.

Притоа, Народната банка инстистирала да не се избрзува со монетарното осамостојување, т.е. тој чин да се одложи до моментот кога ќе се формираат доволно девизни резерви (според тогашните проценки, од 300 до 360 милиони долари) за набавка на основните животни производи (храна, лекови, нафта итн.).

За спроведување на монетарното осамостојување, во 1991 година, Владата на Република Македонија формира Комисија за монетарен систем во состав: Никола Кљусев – претседател на Владата, Методија Тошевски – министер за финансии, Борко Станоевски – гувернер на НБМ и професорите Ксенте Богоев и Љубе Трпески. На 19 декември 1991, Владата на Република Македонија носи одлука со која ја овластува Народната банка на Македонија да го организира процесот на печатење и дистрибуција на вредносни бонови како привремено платежно средство.

На 7 февруари 1992 г., во трезорите на НБРМ се депонирани 27.858.696 парчиња вредносни бонови, печатени во печатницата „11 Октомври“ од Прилеп. Боновите се издадени во апоенска вредност од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1 000 единици со унифициран дизајн и со различна боја. На предната страна на боновите се претставени тутуноберачи, а на задната страна е споменикот Македониум во Крушево, дело на вајарот Јордан Грабул. Заради ефектите на галопирачката инфлација, подоцна се печатат и вредносни бонови со апоенска вредност од 5000 и 10000 единици.

Како беше воведена македонската валута и како денарот го добил своето име?

На Велигден, 26 април 1992 година, Собранието на Република Македонија донело пакет закони со кои се поставила институционалната рамка на монетарниот систем и се воведува денарот како парична единица на Република Македонија. Денарот се дели на 100 дени, а неговиот скратен назив во платниот промет е ДЕН. Името на македонската валута – денар – е донесено на предлог на академик Петар Илиевски, како израз на историскиот континуитет на употребата на парите на територијата на Македонија од римската антика до средновековниот период. Претходно, на состаноците на Комисијата за монетарен систем биле разгледувани неколку предлози за името на македонската валута, како: македонски динар или лав. На 27 април 1992 година. започнала замената на книжните југословенски динари со вредносни бонови во однос 1:1, при што замената трае три дена. Книжните пари што гласат на југословенски динари дефинитивно престануваат да важат како платежно средство во Република Македонија на 29 април 1992, додека кованите пари со апоенска вредност од 1, 2 и од 5 југословенски динари остануваат во оптек уште една година.

Замена на боновите со банкноти – конечно воведување на денарот

По пуштањето во оптек на вредносните бонови, НБРМ започнува со подготовките за издавање на првата стандардизирана емисија на македонски денари (банкноти во апоени од 10, 20, 50, 100 и од 500 денари и монети со вредност од 50 дени и од 1, 2 и од 5 денари). Така, на седницата на Советот на НБРМ, одржана на 10 декември 1992, е донесена одлука за распишување конкурс за изработка на новите пари. Истовремено, формирана е жири-комисија за избор на најдобрите понуди, во состав: академик Ксенте Богоев, Љубе Трпески, Александар Никољски, Димитар Кондовски, Александар Цветковски и Томе Неновски. Во конкурсот, од авторите е побарано да достават идејни решенија за шест апоени, и тоа во две варијанти: една, со ликови до историјата на Македонија и втора, со симболи на државноста, историјата, културата, природата и општествените одлики на Македонија. На конкурсот пристигнуваат осум понуди, од кои четири не ги задоволуваат техничките и формалните барања, а понудата на Билјана Унковска (под шифрата „Дориан“) едногласно ја добива првата награда на конкурсот. Притоа, во однос на изгледот на македонските пари, НБРМ и претседателот на државата заземаат став да се прифати варијантата со симболите на македонската државност, култура и природа, со цел да се избегнат јавната полемика и реакцијата на малцинствата околу тоа кои историски личности да се стават на парите. На тој начин, останале нереализирани ликовните решенија на парите со ликовите на Гоце Делчев, браќата Миладиновци, Св. Климент Охридски итн.

Првата емисија на денарите е печатена во печатницата „11 Октомври“ од Прилеп, а металните пари се изработени во фабриката “Сувенир” од Самоков. Печатењето и ковањето започнува во есента 1992 г. и трае до април 1993 г. Дизајнот на првата емисија на книжни пари е дело на графичкиот уметник Борче Николоски, а банкнотите носат ликовни решенија од македонското културно наследство (старата зграда на НБМ во Скопје, црквите св. Софија и св. Јован Канео во Охрид, црквата св. Пантелејмон во с. Нерези, Даут-пашиниот амам во Скопје, саат-кулата во Прилеп, куќата на Робевци во Охрид итн.). Дизајнот на металните пари ги изразува најзначајните претставници на биодиверзититетот во Република Македонија (охридската пастрмка, шарпланинското куче, пелистерскиот рис и дојранскиот галеб). Замената на вредносните бонови со денарски банкноти трае од 10 мајдо 31 декември 1993 г. Притоа, на 7 мај 1993 г. е извршена законска деноминација на денарот со која еден денар вреди 100 дотогашни вредносни бонови.

Сегашното издание на македонски банкноти е пуштено во оптек на 8 септември 1996 година и се состои од книжни пари во апоени од 10, 50, 100, 1 000 и од 5 000 денари, кои се дело на ликовниот уметник Билјана Унковска. Банкнотите носат ликовни решенија кои го изразуваат богатото културно-историско наследство на Република Македонија (статуа на божицата Изида пронајдена во Охрид, детал од мозаикот на базиликата во Стоби, детал од фреска од црквата св. Ѓорѓи од с. Курбиново, таванска розета од албанска куќа од Дебар, златната маска пронајдена во с. Требениште, икона од црквата Мали св. Врачи од Охрид, бронзена фигура на Менада пронајдена во Тетово итн.).

 

Од 15 декември 2016 година, апоенската структура на книжните пари во оптек е збогатена со воведување два нови апоена – 200 и 2000 денари. Творец на идејните и ликовно-графичките решенија за изгледот на овие книжни пари е графичкиот дизајнер Ласко Џуровски. Истовремено, книжните пари со апоенска вредност од 5000 денари се повлечени од оптек.

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 200 денари е репрезентативната христијанска теракотна икона, односно релјефот со претстави на старозаветните воини Јошуа (Исус Навин) и Калеб, којашто е датирана во 6-7 век и припаѓа на познатaта група винички теракотни икони како едни од најзначајните археолошки откритија од територијата на Република Северна Македонија. Носечки мотив на задната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 200 денари е архитектонско-ликовен елемент од челната фасада на Шарена (Алаџа) Џамија во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Република Северна Македонија, за којшто се смета дека бил изграден во XV век. Тој е надополнет со флорални елементи преземени од декорацијата на мермерните подни плочи на познатата Исак Џамија во Битола, изградена на самиот почеток на XVI век.

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 2000 денари е претстава на македонска невестинска носија од Прилепско поле како впечатлива рефлексија на богатството на фолклорната ризница на Република Северна Македонија. На истата страна во централното лево поле е претставен приврзок во форма на афионова чашка којшто е откриен во Сува Река, Гевгелија и претставува артефакт датиран во VII век пр.н.е што му припаѓа на познатата група пајонско-македонски бронзи. Носечки мотив на задната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 2000 денари e декорацијата на внатрешната страна на позлатен сад, којшто потекнува од XVI век и во чиешто централно поле се прикажани два афронтирани пауна (рајски птици) покрај “изворот на животот” обиколени со раскошна флорална декорација

На 15 мај 2018 година се пуштени во оптек првите полимерни пари на Република Северна Македонија, со апоенска вредност од 10 и 50 денари.

На предната страна на парата од 10 денари е претставено мермерно торзо на египетската божица Изида (2 век п.н.е.) коешто е откриено во Охрид, во една од култните градби посветени на божицата Изида. Изида била божица на плодноста и на мајчинството, а била заштитничка на природата и на магијата. Таа била обожувана и почитувана и надвор од границите на Египет, дури и на македонската почва, за што сведочат и бројните култни места, меѓу кои и храмот во древниот град Стоби којшто ѝ е посветен нејзе.

На левата половина од парата од 10 денари е вметната претстава на златна обетка во чунеста форма, која датира од 4 век п.н.е. Таа е откриена во гроб на млада принцеза, пронајден кај с. Беранци, Битолско и претставува врвно дело на тогашното златарство.

Во левиот горен дел е претставен еден дел од јонски капител од раниот 6 век, додека во левиот долен дел е илустрирана мермерна биста на Тит Флавиј Филоксен (2 век), добротвор и правосвештеник на градот Хераклеја Линкестидска (Битола).

Паунот, кој е главниот мотив на задната страна на парата, претставува детаљ од подниот мозаик на крстилницата на Епископската базилика во античкиот град Стоби (4 – 5 век). Оваа базилика всушност е и најстариот христијански храм во Северна Македонија. Пауните ги симболизираат воскресението, бесмртноста и вечниот живот.

Основниот мотив на предната страна на парата од 50 денари е монета којашто била кована во времето на Јустин II. Јустин II го наследил византискиот престол по смртта на Јустинијан I во 565 година. Неговите пари се чест наод на локалитетите во Северна Македонија. Монетата е урамена во декоративна арка, која е преземена од црквата Св. Пантелејмон (1164 година), с. Горно Нерези, Скопје и претставува еден од најубавите примери за камена резба.

На левата половина на парата од 50 денари е претставен триаголен бронзен приврзок, кој датира од 7-6 век п.н.е. кој е пронајден на локалитетот Сува Река – Парагон, Гевгелија.

Во левиот горен дел од парата е претставен Архангел Гаврил, додека во левиот долен дел се поставени две преплетени крилести змии, кои претставуваат детаљ од двокрилната плитко резбана врата од црквата Св. Јован Претеча (16 век), с. Слепче, Демир Хисар.

На задната страна на парата е претставен Архангел Гаврил, детаљ преземен од олтарната фреска Богородица со Исус Христос на престол, од црквата Св. Ѓорѓи (1911 година), с. Курбиново, Ресен. Целосната слика се состои од приказ на Богородица на престол со разиграниот Исус во рацете. Лево од нив е Архангел Гаврил, а десно, Архангел Михаил. Фрескосликарството во црквата Св. Ѓорѓи претставува ремек-дело на византиската уметност на Комнените во Северна Македонија.

Нашата земја располага со 5 активни монети (1, 2, 5, 10 и 50 денари), како и 50 дени кои се повлечени од употреба.

Изданијата на монетите од 50 дени, 1 денар, 2 денари и 5 денари се од 1993 година, додека монетите од 10 денари и 50 денари од 2008 година.

Анализи

„Finance Think”: Сивата економија во 2020 година намалена во однос на 2006 година

Објавено

на

Сивата економија во 2020 година е намалена во однос на 2006 година, а најголемите намалувања се случиле за време на финансиската криза во 2009 година и по воведувањето на минималната плата во 2012 година, покажува најновото истражување направено од Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think”. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Кои се петте најпрофитабилни македонски компании во 2021 година!?

Објавено

на

Македонскиот приватен сектор полека, но сигурно се опорави од пандемијата на Covid-19 вирусот, а доказ за тоа е зголемената профитабилност на компаниите за претходната 2021 година. Македонските компании ја зголемиле добивката за 22,64 проценти во однос на истиот период од претходната година. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

АНАЛИЗА: Паѓаат каматите за депозитите и за кредитите – зголемена внимателност од нови задолжувања!

Објавено

на

Банкарската 2022 година започна со пад на каматите и за депозитите и за кредитите. Каматите за штедење остануват под 1%. Во првите два месеци од оваа година на месечно ниво депозитите се намалиле додека кај кредитирањето има раст од 0,9% во февруари, пишува „Порталб”. Податоците покажуваат дека граѓаните и фирмите се задолжуваат со зголемена внимателност – потврда и од банкарите дека во првиот квартал од годинава очекуваат намалување на побарувачката за кредити од страна на фирмите. (more…)

Продолжи со читање


Популарно