Connect with us

Анализи

Даночна евазија, непроменета нееднаквост и лош тајминг – Што го замрзна „праведниот” данок?

Објавено

на

Бурните реакции кои не стивнуваа изминатата година доведоа до замрзнување на прогресивниот данок или како што беше наречен од неговите имплементатори „праведен“ данок, алудирајќи дека со прогресивните стапки на оданочување ќе се постигне поголема еднаквост на доходовната страна, односно ќе има подобра распределба на доходот како еден од основните постулати на левичарските политички идеологии. Прогресивниот данок на доход е вратен таму каде што почна оваа Влада, односно на рамната и фиксна стапка од 10% за сите видови на доход.

Дали најбогатите 1% на страната на доходот се извлекоа?

Еден од главните аргументи за примена на прогресивни стапки на оданочување е состојбата со голема нееднаквост на доходовна страна како што веќе наведовме. Според податоците на МФ 1% од тие со најголеми примања учествуваат со 14% од вкупниот доход. Во однос на платите најбогатите 1% добиваат 9% од вкупната плата, но соодносот кај доходите од капитал се многу драстични, односно најдоходовните 1% од населението имаат дури 90% од доходот на капитал.

Сепак, оваа даночна реформа не придонесе кон воочување на таков вид на разлики, туку се перципираше како еден вид на казна за успешните, квалитетните и професионалните кадри и поединци кои и да заработуваат над 16.000 евра годишно не може да се сметаат за „ултра“ богати.

Сега Министерството за финансии привремено се откажа од идејата да го подели данокот на доход, или тоа што претходно беше нарекувано данок на личен приход на две основи. Доход од труд, односно се што е плата, хонорар и заработка од остварена работа, и доход од капитал, односно секој вид на приход од парични средства. Така првата категорија беше предвидено да се оданочи со 10% до 1 милион денари, плус 18% на остатокот од сумата која ја надминуваа оваа граница. Втората категорија на оданочување имаше предвидена стапка од 15% вклучувајќи го и доходот од индустриска сопственост, доходот од закуп, доходите од капитал, од осигурување и итн. Во оваа категорија направен беше исклучок за капиталните добивки од каматите на депозитите и од хартиите од вредност кои требаше да се спроведат од почетокот на следната година. Тука стапката изнесуваше исто така 15%, но како и целосната даночна форма и таа е „замрзнати“.

Ресорот предводен од Нина Ангеловска во анализата на досегашните ефекти од прогресивното оданочување, наведе неколку клучни поенти кои ја оправдуваат одложената примена на „праведниот“ данок, најрано за 2021 година.

Имено, МФ смета дека даночната реформа најпрво била донесена во атмосфера на недоволни консултации и дијалог со бизнис секторот кој пак сметал дека се создава неизвесност од што може да трпат инвестициите и долгорочното планирање.

„Стручната јавност упати повеќе предупредувања во врска со начинот и тајмингот на носењето на даночната реформа. Дел од предочувањата беа дека е направено без консултации со коморите и бизнис заедницата – компаниите предочуваа за непредвидливоста, односно неможноста да се планира навреме новото оптоварување, што посебно може да влијае и на странските инвестиции. Исто така имаше предочувања дека ќе има избегнување особено заради можноста за лесно движење на капиталот во соседните земји како и префрлање на дел од доходот на други лица со искористување на легални можности“ се вели во анализата.

Каде затаи праведниот данок?

Ако се тргнат на страна сите идеолошки дилеми, различни концепти и перцепции за тоа што е праведно оданочување или, треба да се погледнат и конкретните бројки од фискалната политика, а тоа е колку прогресивниот данок ја наполни буџетската каса, колку влијаеше во намалување на нееднаквоста и какви ефекти предизвика директно или индиректно врз самата економија.

„Прогресивниот данок на доход од вработување благо и незначително ја подобрил распределбата на платите. Таа се подобрила за помалку од еден процентен поени (п.п.). Притоа, проектираното подобрување на распределбата изнесува 0.63 п.п, додека оствареното изнесува 0.9 п.п. Прибраните и проектираните приходи се разликуваат само за 0.2%. Двата наоди укажуваат дека кај доходот од плати ефектот е во голема мера во линија со очекуваниот ефект, иако тој е многу мал“ анализира Министерството за финансии.

Затоа се донесува заклучок дека нееднаквоста на доходот не е базирана на износот на платите, туку кај останатите приходи, како што се авторски договори, договорни услуги и други лични примања од плата (бонуси и бенефиции). Во изминатата година утврдено е дека дошло до даночна евазија, и префрлање на средствата најпрво помеѓу лица на легален начин за да не го надминат прагот од 1 милион денари, а потоа одлевање на средства во други даночни системи, особено во соседните земји каде има многу пониски даночни стапки на доход од 10%.

„Префрлањето на доходот во други даночни системи или на сметки на други лица придонело распределбата да изгледа фиктивно подобра, иако буџетскиот ефект е значајно послаб. Севкупно, по овие три основи (други лични примања од плата, договорни услуги, авторски услуги) се изгубени 3.5 милиони евра даночни приходи кои можеле да се приберат, но не се прибрале бидејќи даночните обврзници го промениле своето однесување“, пишува во анализата на МФ.

Даночна евазија имало и кај даноците кои требало да се платат од приходите од закупнини и врз оваа основа изгубени се 700 илјади евра.

Што понатаму со прогресивните стапки?

Министерството за финансии и во самите заклучоци вели дека прогресивниот данок е праведен данок, но тој мора да се донесе во услови на широки консултации со сите засегнати страни, со зајакнати механизми на спречување на сивата економија и нелојалната конкуренција, намалување на административните товари и секако подигнување на довербата во институциите.

Токму дилемите како се трошат нашите пари во буџетот од страна на државните органи, особено доколку постои корупција, партизираност и нетранспарентност ќе предизвика немотивираност на даночните обврзници да издвојат повеќе средства за нивниот придонес во заедничката каса.

Затоа прогресивниот и повисок данок на личен доход се става во мирување во следните 36 месеци.

Анализи

Топ 5 плати во Македонија: Банкарите помалце платени од ИТ индустријата и фармацевтите

Објавено

на

Државниот завод за статистика објави дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули 2020 година изнесува 27 231 денари, а на прво место гледано по дејности останува секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности со просек од 68.557 денари. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Осумте банки заинтересирани за соработка со Пошта до крајот на месецот треба да достават понуди

Објавено

на

До крајот на месецот банките кои изразија интерес да го вршат платниот промет во единиците на Пошта АД треба да одговорат на писмото што го испрати Пошта до нив за условите што ги нудат, по што процесот ќе продолжи со состаноци меѓу двете страни и избор на оној што ќе го преземе платниот промет во поштенските единици што претходно го имаше Еуростандард банка. (more…)

Продолжи со читање

Анализи

Инвеститорскиот ден ги однесе акциите на Македонска берза во зелена зона

Објавено

на

Кризата предизвикана од вирусот Ковид-19 полека но сигурно се наминува, а за Македонската берза може да се каже дека таа е веќе минато. Акциите кои котираат на берзата ја стабилизираа својата вредност, по високиот пад што го бележеа додека коронавирусот енормно ги рушеше сите светски берзи, вклучително и нашата. (more…)

Продолжи со читање

Популарно