Connect with us

Домашни банки

Дали почетните добивки им гарантираат на банките уште една успешна година?

Објавено

на

Грчот со кој влегоа банките во 2021 година поради продолжениот притисок од Ковид-кризата можеби малку олабави по сумирањето на финансиските резултати за првите три месеци. Но, се уште се далеку од моментот на олабавување бидејќи економската криза воопшто не губи на интензитет и заканите од влошување на кредитното портфлио остануваат. На овој ризик треба да се додаде и каматниот поради континуираниот пад на висината на каматните стапки.

Судејќи по кварталните, повеќе од солдини, финансиски резултати што ги остварија банките во земјава, се чини дека на банкарите малку им олесна. Грчот со кој влегоа во 2021 година поради продолжениот притисок од Ковид-кризата, која започна минатата година, можеби малку олабави. Но, се уште се далеку од моментот на олабавување бидејќи економската криза воопшто не губи на интензитет и заканите од влошување на кредитното портфлио остануваат. Затоа банките веќе вршат повисока исправка на вредноста за кредитното портфолио и тоа ги подјадува профитите.

На овој ризик треба да се додаде и каматниот поради континуираниот пад на висината на каматните стапки, што веќе се гледа и во намалените приходи од камати. Од друга страна, имаат зголемен наплив на штедни влогови од граѓаните, што ги зголемува обврските на банките и покрај рекордно ниските каматни стапки за штедење.  

Каков прв квартал имаа банките во земјава?

– Со добивката се држат одлично;

-Приходите од камати бележат значителен пад;

-Приходите од провизии растат;

-Кредитирањето е благо стагнирачко;

-Се полнат со депозити.

Досега објавените неревидирани финансиски извештаи на банките за првиот квартал од 2021 година преку Македонската берза за хартии од вредност покажуваат позитивни резултати. Но, кога тие ќе се споредат со истиот период од претходните две години, се гледа дека Ковид-кризата сепак си го зема својот данок. Кај повеќе банки има намалување на добивките во споредба со 2019 година и драстично намалување на приходите од камати. Дел од намалените приходи се компензираат со зголемени приходи од провизии и други надоместоци, кои пак не можат во недоглед да растат со оглед на форсирањето поевтини дигитални услуги и потенцијалната закана од конкурентните финтек компании, кои ќе произлезат од новиот закон за платежни услуги.  

Најголема добивка во првите три месеци годинава пријави Стопанска банка Скопје, во висина од 8,3 милиони евра. Следни се НЛБ банка со 8,1 милион евра и Комерцијална банка со 5,9 милиони евра. Но, добивката на Стопанска банка Скопје е помала споредено со истиот период во 2020 и 2019 година. Комерцијална банка е подобра од лани, но полоша од 2019. Единствено НЛБ бележи континуиран раст. 

И покрај големите предизвици што пандемијата на ковид-19 веќе подолго од една година им ги наметнува на сите економски фактори и многу пошироко, финансиските резултати на Стопанска банка АД Скопје за првите три месеци од оваа година претставуваат континуитет на долгогодишното успешно работење на банката како резултат на здравите фундаменти врз кои е поставена, заедно со успешниот бизнисмодел, кој ефикасно се остварува во секојдневното работење“, стои во коментарот на финансиските извештаи на Стопанска банка Скопје, објавен на Македонската берза.

Банката ја има зголемено за 35% исправката на вредноста на финансиските средства поради прудентниот пристап во однос на исправката на вредноста за кредитното портфолио со цел натамошно засилување на капиталната позиција.

Комерцијална банка, во однос на истиот период минатата година, бележи за 8,2% поголема добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето „Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на нето-приходите од провизии, зголемување на приходите од нето тргувања и повисоките останати приходи од дејноста, во чии рамки се зголемени капиталните добивки од продажба на преземен имот“.

Во НЛБ банка сметаат дека остварените позитивни резултати во првиот квартал од 2021 година се последица на „зголемувањето и подобрувањето на понудата за клиентите со продукти и платни сервиси. Во овој период, Банката продолжи со имплементација на стратешките иницијативи во инвестиции за дигитализација и нови технологии со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како поедноставни, поевтини и побезбедни начини на извршување на банкарските трансакции“.

Кај средните банки, Охридска и УНИ банка, исто така, имаат намалени профити во однос на претходните две години. Во УНИ банка оценуваат дека позитивните финансиски резултати се остварени поради „зголемување и подобрување на понудата за клиентите со нови атрактивни продукти од областа на платните сервиси. 

Малите банки, пак, се држат многу добро во однос на претходниот период иако висината на остварените добивки е релативно мала. Стопанска банка Битола и ТТК банка годинава можат да бидат особено задоволни од остварената добивка бидејќи истиот период лани го завршија со загуба. Стопанска банка Битола објасни дека позитивните финансиски резултати во првиот квартал се последица на „задржаниот фокус кон остварување на клучните стратешки цели, дејствувајќи во насока на наплата на дел од нефункционалните побарувања, а истовремено продолжувајќи со кредитна поддршка на правните субјекти и на домаќинствата“.

Менаџментот на ТТК банка оценува дека профитот во првите три месеци годинава „најмногу е резултат на ефектите од редовните приходи на Банката и е со квалитет што ја зацврстува стабилностa на Банката и перспективата за здрав раст во наредниот период“.

Намалените приходи од камати ги загрозуваат профитите

Голем проблем на банките им прават намалените приходи од камати, кои се основна компонента во формирањето на вкупните приходи. Кај Стопанска банка Скопје се незначително намалени за 1%, а нето-приходите од провизии се зголемени за 9%. Кај Комерцијална банка нето-приходите од камата бележат намалување од 5,7%, а нето приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 6,9%. НЛБ бележи пад на нето каматните приходи од 1,9%, а раст на нето приходите од провизии од 5,7%. 

Во Охридска банка, нето-приходите од камати се на исто ниво како и во првиот квартал лани. Приходите од камати во УНИ банка се намалени за 9,72%, а приходите од провизии бележат значителен пораст од дури 22% како резултат на зголемено користење на дигиталните банкарските услуги и продукти. Во ТТК банка нето-приходите од камати бележат пад од 2,5%, а нето-приходите од провизии се зголемени за дури 38,6%. Во Централна кооперативна банка приходите од камати се намалени за 4,7%, а од провизии се зголемени за 36,5%. За разлика од другите банки, Стопанска банка Битола бележи раст од 11,28% на нето-приходите од камати и на нето-приходите од провизии и надоместоци од 11,5% споредено со претходната година.

Кај кредитните активности се забележува многу мало зголемување. Кредитите и побарувањата од други комитенти во Стопанска банка Скопје бележат раст од 1%, кај Комерцијална банка од 0,5%, а кај НЛБ од само 0,1%.

Забележливо е дека Ковид-кризата го зголеми штедењето. Вкупните депозити во Стопанска банка бележат раст од 4,6%. Кај Комерцијална банка пораснаа за 2,5% и достигнаа рекордно ниво од 1,9 милијарди евра (најголем обем на депозити во споредба со сите банки). НЛБ регистрира раст на вкупните депозити од 2,1%, главно поради зголемување на депозитите на нови клиенти, но и поради зголемен прилив на сметките на постојните клиенти. Кај помалите банки нема толку изразено зголемено штедење, но сепак има раст на вкупните депозити, со ислучок на Охридска банка, каде што има пад. 

Какви се очекувањата на банките за годинава?

Умерено-воздржани со доза на оптимизам. Комерцијална банка во следниот период ќе биде фокусирана, пред се, на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија за барањата на клиентите кои ќе бидат најзасегнати од здравствената и економската криза. Стопанска банка Скопје, како банка со најголемо кредитно портфолио во земјата, очекува да го зголеми пазарното учество во корпоративниот сектор, да го задржи водечкото пазарно учество во секторот на население и да ги задржи конкурентните услови во понудата на депозити. 

Во НЛБ банка истакнуваат дека постојано го следат развојот на кризата и нејзиното влијание врз банкарските финансиски позиции и проактивно ги прилагодуваат своите деловни операции. „Банката ќе се стреми кон одржувањето или зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор, во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста“, објави НЛБ банка на Берзата.

И УНИ банка цели кон поголем пазарен удел и покрај отежнатите околности поради пандемијата. Стопанска банка Битола во идниот период „ќе дејствува во согласност со целите, мерките и активностите поставени во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на банката“. Фокусот на банката ќе биде и понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вкупната актива. 

ТТК банка очекува да го продолжи растот на кредитната активност преку работа со население и со мали и средни претпријатија, а ќе се фокусира и на одржување на квалитетот на портфолиото со ниска стапка на ненаплатливи кредити. Централна кооперативна банка „ќе остане максимално претпазлива при преземањето нов кредитен ризик и ќе ги следи движењата и сигналите од пазарот и од НБРСМ“. 

Домашни банки

ТТК Банка АД Скопје се стекна со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“

Објавено

на

На денешен ден, ТТК Банка АД Скопје се стекна со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ што го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија на доброволна основа. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

Халкбанк се стекна со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите”

Објавено

на

На денешен ден, Халкбанк се стекна со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ кој го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија врз доброволна основа. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

Комерцијална банка спонзор на концертот на Камерниот оркестар „Скопски солисти“

Објавено

на

Во правец на својата посветеност за поддршка на вистинските вредности, Комерцијална банка преку уште едно спонзорство застана на страната на вистинската уметност.

(more…)

Продолжи со читање


Популарно