Лични финансии
ГЛОБАЛНА НЕДЕЛА НА ПАРИТЕ: ШТО СЕ ПАРИТЕ И КАКО НАСТАНАЛЕ?

Од најраните времиња парите се препознаени како стока употребувана како средство за размена или плаќање на сите видови стоки и услуги.
Постои дефиниција за парите што вели дека поимот „пари“ е генеричко име на сите книжни и ковани пари.
За да дознаеме каде започнува приказната за парите, треба да се вратиме назад во времето на каменото доба…
КАМЕНО ВРЕМЕ
Во тоа време луѓето живееле во мали заедници. За да ги извршат своите главни активности, лов и обработка на почвата, луѓето употребувале алатки направени од камен, давајќи го името на овој период – „камено време“ или „камено доба“. Некои биле земјоделци, некои занаетчии. За да преживеат, сите извршувале по неколку активности, произведувајќи сѐ што е неопходно за живот. По некое време, луѓето сфатиле дека не се во можност да обезбедат сѐ и се одлучиле да почнат да разменуваат стоки.
Во каменото време сѐ уште не биле откриени металите. Луѓето не користеле банкноти и ковани пари за размена како што користиме ние во денешно време. На пример, ловџија и земјоделец меѓусебно си разменувале кожа и жито, или рибар и ловџија си разменувале декоративни школки и камена секира. Оваа размена на стоки се нарекува трампа.
Кога нашите предци научиле да ги обработуваат металите, размената на стоки станала полесна. Златото, среброто, калајот и железото се сметале за метали од голема вредност. Така, еден земјоделец можел да ја размени својата стока за одредена количина сребро и потоа да го употреби среброто за да ги исплати даноците. Така, вредните метали и некои други предмети станале „мерка за вредност“, „средство за размена“ и „чувар на вредност“.
ПРВИ МОНЕТИ ВО СВЕТОТ
Првите монети потекнуваат од втората половина на VII век пред н.е., од почвата на денешна Турција, од древното кралство Лидија. Тие биле направени од електрум, т.е. од природна мешавина на злато и сребро.
ПАЈОНИЈА
Почетокот на монетоковање на територијата на Република Македонија датира од крајот на VI век пред н.е., кога пајонските заедници почнале да ги издаваат своите сребрени монети, само еден век подоцна од појавата на монетите во светот.
Најстара монета во Нумизматичката збирка на Музејот на Народната банка на Република Македонија е еден триобол на пајонското племе Дерони, искован на почетокот на V век пред н.е. Прв пајонски владетел кој исковал свои пари бил Ликеј и тие биле изработени од сребро.
Последните кралеви на Пајонија, Леонт и Дропион издавале исклучиво бронзени монети, бидејќи немале услови да го продолжат сребреното монетоковање.
АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА
Историјата на македонското кралско монетоковање започнува со Александар I, кој исковал сопствени пари на кои го означил и своето име. Филип II Македонски е првиот антички македонски владетел кој во 345 година пред н.е. вовел златна монета – статер.
Монетоковањето на Александар III Македонски, син на Филип II Македонски, било едно од најбогатите и најпопуларните империјални монетоковања во историјата. Неговите пари биле изработувани не само додека бил жив туку и по неговата смрт.
АНТИЧКИ РИМ
Во периодот кога се проширила Римската Империја, римските монети биле прифатени за размена насекаде низ Европа. На територијата на Република Македонија влегол и римскиот денар. Денарот е сребрена монета која била воведена во оптек околу 211 година пред н.е. Името потекнува од лат. deni, „по десет“ што ја означувало неговата првобитна вредност од 10 аса. Името на оваа деноминација и денес е задржано во голем број држави коишто некогаш биле дел од Римската Империја, вклучително и називот на современата македонска валута – денарот.
Денешниот назив за металните пари – монети доаѓа од името на древната римска божица Јунона Монета. Во храмот на божицата Јунона Монета се наоѓала ковачница, каде што цели 400 години се ковале римски денари.
Најголем дел од монетите кои се наоѓаат во Музејот на Народната банка на Република Македонија, околу 12.000 примероци, се римски монети.
ВИЗАНТИЈА
Буквата „М“ на византиските пари го означува бројот 40. Бакарната монета (фолис) на византискиот цар Јустин II е претставена на нашата банкнота од 50 денари, како и на логото на Народната банка на Република Македонија.
Ако сакате да ги видите овие антички монети, посетете го Музејот на Народната банка на Република Македонија. Нумизматичката збирка денес има околу 22.000 примероци на пари, што биле ковани или пак биле во употреба на територијата на нашата држава почнувајќи од VI век пред н.е. и претставува најголема јавна нумизматичка збирка во Република Македонија.
КНИЖНИ ПАРИ
Употребата на монетите решила многу проблеми, но не сите. На пример, кога луѓето посакувале да купат скапа стока, им била потребна поголема количина на монети. Тие биле тешки за носење, а со тоа станувале и лесна цел на крадците.
Кинезите, кои ја измислија хартијата, се првите коишто ги вовеле книжните пари. Но, зад ова стои една важна причина – тие немале доволно средства за да направат онолку бакарни монети колку што им биле потребни.
Во единаесеттиот век, италијанските трговци наместо големи количини монети, почнале да употребуваат хартии од вредност, кои се нарекувале „записи“ или „меници за размена“. Тие имале запечатени детали за трговската размена, вклучувајќи ги и имињата на трговците во документите. Така, бидејќи трговците ги употребувале само хартиите од вредност, крадците останувале без плен.
Пет века подоцна, златарите во Обединетото Кралство почнале да издаваат хартии од вредност. Луѓето оставале како депозит златни монети на сигурни места, а златарите давале потврда со заверен износ на депозитот. Во тој период сите им верувале на златарите. Нивните потврди почнале да се употребуваат и како средство за плаќање. Луѓето знаеле дека потврдите можат лесно да се разменат кај кој било златар во соседството.
На банките им се допаднал овој метод и почнале да издаваат книжни потврди за депозитите. За возврат, луѓето во секое време можеле да добијат злато, сребро, бакар. Употребата на овие потврди како пари довела до создавање на банкнотите што ги употребуваме денес. Овие пари се викале „репрезентативни пари“.
МАКЕДОНСКИ ДЕНАР
Македонскиот денар (МКД) е национална валута на Република Македонија пуштена во оптек на 27 април 1992 година. Централната банка на државата – Народната банка на Република Македонија – е единствената институција којашто го издава денарот.
Македонските денари се емитувани во форма на банкноти, монети и ковани пари за колекционерски цели.
Од 15 декември 2016 година во оптек циркулираат македонски денари со следнава апоенска структура:
Дваесет години од воведувањето на националната парична единица за првпат е извршена интервенција преку промена на постоечката апоенска структура со воведување два нови апоена од 200 и 2.000 денари, со што всушност се изврши ребалансирање на постоечката апоенска структура на парите во оптек. Истовремено, книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари, поради нивната висока номинална вредност и ограничената застапеност при вршењето на готовинските трансакции, се повлечени од оптек.
Македонските книжни пари се изработуваат од висококвалитетна хартија составена од 100% памучни влакна.
Кованите пари со пониска апоенска вредност од 1, 2 и 5 денари (издание 1993 година) се изработени од легура од бакар (80%), цинк (17%) и никел (3%). Монетата од 1 денар, издание 2016 година е изработена од легура чиешто јадро во основата е изработено од челик обложено со двослојна легура составена од бакар и месинг.
Повисоките апоени од 10 денари и 50 денари се воведени во оптек во 2008 година. Монетите од 10 денари се изработени од легура од бакар (70%), цинк (18%) и никел (12%), а од 50 денари – бакар (62%), цинк (20%) и никел (18%).
Апоените од 1, 2 и 5 денари се пожолти, а апоените од 10 и 50 денари се побели, бидејќи содржат повеќе никел, а помалку бакар.
Извор: Народна банка
Лични финансии
Како да ги заштитите вашите банкарските податоци онлајн

Секоја онлајн активност со себе носи ризици и потенцијални закани, кои најчесто ги таргетираат вашите лични податоци. А ризикот не престанува ако го исклучите компјутерот или го оставите вашиот телефон на масата, тој е присутен постојано додека сте приклучени на интернет. Голема паника ни предизвикува помислата дека некои од профилите на социјалните мрежи може да ни бидат хакирани или злоупотребени, а само замислете какви можат да бидат последиците ако нешто им се случи на вашите банкарски податоци. (more…)
Лични финансии
Дали знаењето или дисциплината е поважна за управување со парите?

Знаењето (во некои случаи може да се користи и зборот „талент“) е важен предуслов за успех на кое било поле од животот. (more…)
Лични финансии
Четири чекори кои водат до стабилни лични финансии

Четирите чекори кои водат до стабилни лични финансии можеби изгледаат како „чекор од седум милји“, но во реалноста не е толку тешко да се постигнат. (more…)
- Домашни банкипред 2 months
Халкбанк со тројца нови членови на Управниот одбор – Беркан Имери, Александар Иљов и Мухамед Хаџипази
- Банкипред 2 months
Оглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје
- Осигурувањепред 2 months
АСО со обуки ќе ја гради и зајакнува финансиската едукација на средношколци – математичари
- Домашни банкипред 1 month
Компании во земјава реализираат 20 „зелени“ проекти од кредитната линија на ЕБОР преку Стопанска банка
- Домашни банкипред 4 weeks
Данијела Јовческа, Никола Горгиевски и Марија Танаскоска се најдобрите банкарски службеници од Шпаркасе Банка во 2023 година
- Банкипред 2 months
Шпаркасе Банка АД Скопје вработува Член на Управен Одбор
- Business Manпред 2 months
Проф. Д-р Драгољуб Арсовски се стекна со 3.003 обични акции издадени од ТТК Банка АД Скопје
- Домашни банкипред 2 months
Шпаркасе Банка го активираше порталот за тестирање на платформата за отворено банкарство