Connect with us

НБРМ

Ангеловска – Бежоска: Вториот квартал со позитивни сигнали за економска активност

Објавено

на

Во втората половина од годината може да се очекуват повисоки стапки на раст што би ги надополниле отстапувањата од почетокот на годината, но клучно за тоа, според гувернерот на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска, ќе биде дали активностите на поголемите инфраструктурни проекти ќе забрзаат и добијат на интензитет.

– Податоците за првото тримесечје покажуваат стагнација на економијата и понатамошен пад на инвестициите и овие остварувања се послаби од нашите оцени, што создава надолен ризик околу проектираниот раст за оваа година. Но, она што е исто така важно е што оваа слаба активност не е дисперзирана, туку концентрирана во градежништвото, односно инвестииците. Оттаму, сметам дека клучно ќе биде дали активностите на поголемите инфраструктурни проекти ќе забрзаат и добијат на интензитет. Доколку тоа се случи, не е исклучено во втората половина од годината да имаме и повисоки стапки на раст, со што дел од ова надолно отстапување на почетокот на годината би се надоместило, истакнува гувернерката во интервју за МИА.

Додава дека проектираниот раст на НБРМ во рамки на априлските проекции е 3,2 проценти за оваа година што се базира врз неколку клучни претпоставки – релативно поволно надворешно окружување, односно натамошно закрепување на странската побарувачка со позитивен импулс врз извозот, стабилен домашен политички амбиент, натамошен прилив на странски инвестиции, поголема искористеност на постојните странски капацитети, и особено важно, повторно отпочнување и засилување на циклусот на јавни инфраструктурни инвестиции.

Појаснува дека редовно ги следат сите висофреквентни показатели за економската активност и дека дел од нив даваат попозитивни сигнали за вториот квартал.

– На пример, падот на извршените градежни работи значително забави, прометот во трговијата бележи позабрзан раст, трговскиот дефицит се стесни, а поповолни поместувања се забележуваат и кај индикаторот за економскиот сентимент на Европската комисија. Сепак, бројот на расположливи индикатори, во овој момент е ограничен за да се направи посеопфатна процена за економската активност во вториот квратал од оваа година, вели гувернерката.

Во интервјуто истакнува дека нема промена на тековниот режим на девизниот курс и дека тој е адекватен и соодветствува со основните карактеристики на македонската економија.

– Ние сме мала и отворена економија, со висок степен на трговска и финансиска интеграција со ЕУ, висок степен на евроизација и брз пренос на промените на курсот врз домашните цени. Оттаму, стратегијата на стабилен девизен курс е оценета како оптимална стратегија, што може успешно да ја испорача ценовната стабилност, како основна монетарна цел, што, пак, е предуслов за економски раст и повисоко ниво на доход во економијата, потенцира Ангеловска-Бежоска.

Додава дека во повеќе наврати се покажало дека задржаната стабилност на девизниот курс била клучна за брзо стабилизирање на очекувањата на домашните субјекти, но и механизам што придонесува за прудентно водење на останатите макроекономски политики.

Според неа предноста од промена на режимот, вообичаено пропонентите на флексибилен курс, ја гледаат во можноста за користење на курсот како механизам за корекција на надворешната нерамнотежа, односно нерамнотежата во трговската сметка на билансот на плаќање, но, додава дека со висока увозна зависност на нашиот извозен сектор, лично не мислам дека ние би можеле да ја исползуваме оваа предност.

Во итнервјуто оценува дека банкарскиот систем на Република Македонија успешно ја одржува својата стабилност и отпорност на шокови, а значаен придонес кон тоа имаат прудентното однесување и управување во банките, како и долгогодишната практика на длабински и постојан надзор на нивното работење од страна на НБРМ.

– Во изминатиот период, банкарскиот систем помина реален стрес-тест во практиката и се покажа отпорен на негативните очекувања на јавноста што се формираа како последица на политичките случувања. Постепеното подобрување на очекувањата на економските субјекти, секако води кон подобрување на амбиентот за банките и подобрување на нивните оцени за ризиците, што, пак, би довело до подинамичен раст за депозитната и кредитната активност, вели гувернерката и додава дека потврда за ова е и заздравувањето на растот на депозитите на населението како носечки извор на финансирање на домашните банки, чијашто годишна стапка на раст достигна 8,8 проценти во мај 2018 година.

Банките, потенцира, во континуитет располагаат со адекватно ниво на ликвидност, додека солвентната позиција се одржува над законскиот пропишан минимум.

Во однос на каматните стапки вели дека цената на кредитите веќе подолг временски период постојано се намалува и дека од крајот на 2009 година досега, просечната каматна стапка на денарските кредити е пониска за над четири процентни поени и во моментов изнесува 5,8 отсто, што претставува историски минимум.

– Анкетните истражувања што ги спроведуваме, како на пример Анкетата за кредитна активност, покажуваат континуирано олеснување на кредитните услови, за населението од 2010 година, а за корпоративниот сектор од 2014 година наваму. Олабавувањето на монетарната политика, намалувањето на трошокот за финансирање преку падот на пасивните каматни стапки, релативно стабилниот амбиент, унапредувањето на управувањето со ризиците, како и растечката конкуренција се секако фактори што ја намалуваат цената на кредитите. Одредена улога веројатно имаа и нашите неконвенционални мерки во доменот на задолжителната резерва, што имаа за цел да го намалат трошокот за финансирање на дел од корпоративниот сектор. Дали и со кое темпо и интензитет, во иднина би се намалувале каматните стапки, тешко е да се каже. Евентуалните натамошни промени на активните каматни стапки би биле одраз на повеќе фактори, вклучително поставеноста на монетарната политика, перцепциите за ризиците, состојбите во реалниот сектор, конкуренцијата во банкарскиот систем, финансиската кондиција на банките и приватниот сектор и слично, истакнува гувернерот на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за МИА.

НБРМ

НБРМ: Раст на потрошувачките и станбените кредити, пад на автомобилските

Објавено

на

Централна Банка

Во јуни кај вкупните кредити на домаќинствата е забележан раст на месечна и годишна основа од 1,0% и 9,7%, соодветно. Од аспект на валутната структура, зголеменото кредитирање на домаќинствата во поголем дел е резултат на растот на кредитите одобрени во денари (68,6% и 62,4%, соодветно).

Во јуни, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 1,3% и 1,2%, соодветно, којшто на годишно ниво изнесува 11,1% и 14,9%, соодветно. Автомобилските кредити и негативните салда на тековните сметки забележаа месечен пад од 2,0% и 0,5%, соодветно, додека на годишна основа тие остварија раст од 0,2% и 4,8%, соодветно. Овој месец, кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети на месечна основа, додека на годишна основа бележат намалување од 0,8%. Во јуни кај кредитите одобрени врз други основи е остварен месечен раст од 0,6%, при годишно намалување од 0,8%.

Вкупните депозити на домаќинствата во јуни остварија месечен раст од 0,3% којшто се должи на депозитите во странска валута, при минимален пад на денарските депозити. Анализирано на годишна основа, растот изнесува 7,9%, со речиси подеднакво учество на депозитите во денари и депозитите во странска валута.

Кај корпоративниот сектор, кредитите  во јуни бележат раст од 0,8% на месечна основа, во услови на речиси подеднаков придонес кон растот на кредитирањето во денари и во странска валута.  На годишна основа е забележан раст на кредитнатa активност од 2,9%, што во услови на намалено кредитирање во странска валута, целосно е резултат на зголеменото денарско кредитирање.

Вкупните кредити во Македонија во јуни годинава се зголемиле за 0,9% на месечно ниво, што се должи на зголеменото кредитирање и во корпоративниот сектор и кај домаќинстава, кои имаат речиси подеднакво учество во месечната промена. На годишна основа кредитниот раст изнесува 6,2%, во поголем дел од зголемено кредитирање на секторот домаќинство кое учествува со 74,2% во растот.

Продолжи со читање

НБРМ

НБРМ: монетарна и финансиска усогласеност со најновите меѓународни и европски стандарди

Објавено

на

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека во текот на јули и август 2018 година, ќе објави податоци од монетарната статистика, статистиката на останатите финансиски институции и статистиката на каматните стапки, по нова методологија. Методолошките промени се направени заради усогласување со препораките од новообјавениот Прирачник и упатство за монетарна и финансиска статистика на Меѓународниот монетарен фонд од 2016 година (MFSMCG – IMF, 2016) и Техничката мисија на ММФ од областа на монетарната и финансиската статистика во НБРМ од 2015 година и придонесуваат за обезбедување квалитетни и конзистентни статистички податоци усогласени со највисоките меѓународни и европски статистички стандарди.

Податоците за одделните статистики ќе бидат објавени во согласност со утврдениот Календар на објавување, а истовремено заради обезбедување конзистентност, ќе бидат објавени и ревидирани временски серии податоци. Динамиката на објавување, по одделни статистики, е следнава:

  • Монетарна статистика: на 20 јули 2018 година, со објавување на податоците за јуни 2018 година, ќе се објави и ревидирана серија податоци за периодот од јануари 2009 година до мај 2018 година;
  • Статистика на каматните стапки: на 31 јули 2018 година, со објавување на податоците за јуни 2018 година, ќе се објави и ревидирана серија на податоци за периодот од 2005 година до мај 2018 година;
  • Статистика на останатите финансиски институции: на 31 август 2018 година, со објавување на податоците за вториот квартал на 2018 година, ќе се објави и ревизија на податоците за првиот квартал на 2018 година;
  • Биланси и прегледи на финансиските институции: на 31 август 2018 година, со објавување на податоците за вториот квартал на 2018 година, ќе се објават и ревидирани податоци за депозитните институции за периодот од првиот квартал од 2012 година до првиот квартал од 2018 година и за останатите финансиски институции за првиот квартал од 2018 година.

НБРМ, покрај податоците, ќе објави и информација за клучните методолошки промени, како и нови методолошки објаснувања.

Продолжи со читање

НБРМ

Нов работен материјал во издание на НБРМ

Објавено

на

„Влијанието на политиката на квантитативно олеснување на ЕЦБ врз капиталните текови во регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа“ од гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, м-р Ана Митреска и д-р Султанија Бојчева-Терзијан.

Овој материјал е обид за емпириска оцена на ефектите од политиката на квантитативното олеснување на ЕЦБ врз капиталните приливи во земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Со оглед на трговската и финансиската поврзаност на овие земји со еврозоната, би се очекувало дека креираната ликвидност од страна на ЕЦБ ќе предизвика и зголемување на обемот на нивните капитални приливи. Оваа хипотеза, авторките на работниот материјал, емпириски ја тестираат преку оцена на ефектите од промените во билансот на ЕЦБ врз одделните видови капитални приливи во избраната група земји.

Наспроти првичните очекувања, резултатите презентирани во материјалот, не ја потврдуваат оваа врска, но покажуваат значително влијание на одредени фундаментални фактори, како што се доходот и каматните стапки, врз капиталните приливи во регионот. Воедно, оцените упатуваат на негативно влијание од глобалната криза врз приливите на капитал, што веројатно и оневозможува поголем ефект од монетарното олеснување на ЕЦБ. Единствен исклучок е надворешното задолжување на државата, што се совпаѓа со контрацикличната фискална политика и растот на јавниот долг по избувнувањето на глобалната криза.

Повеќе информации може да најдете тука.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange